Проблеми со стробоскопот со неонка (Емитер 3/2006)

Ви се обраќам поради еден проблем. Одлучив да го изработам проектот стробоскоп со неонка од бројот 2/2004. Плочката функционира одлично, меѓутоа неонката не трепка, а и не свети воопшто, а светилката која е поставена во колото трепка. Најпрво употребив две трафоа од по 6V, а потоа и купив симетричен со 2x6V и еден електроничар го направи да биде трафо со две посебни намотки од по 6V, меѓутоа стробоскопот пак не работи. Дали би требало да има стартер и доколку треба каде треба да се поврзе во шемата.
П.С. Доколку има исправки во некој од наредните броеви ве молам да ме известите, бидејќи немам проверено.
Бобан Кметовски

Дали ќе употребите еден трансформатор со две намотки или два посебни трансформатори и не е воопшто важно, важно е да се доведе независен напон од по 6 волти на двата грејачи од неонката кој служи за паравилно функционирање на истата. Тоа што светилката за ограничување на струјата во колото трепка во ритамот на тактот што значи дека целото коло функционира исправно, а проблемот е или во самата неонка или, пак, во споменатиот напон од 6 волти, се разбира, доколку сè правилно е поврзано.
Јовица Благојевски


Поддршка (Емитер 3/2006)

Почитувани!
Се јавувам да ви дадам голема поддршка за вашите написи и проекти. Особено ми е драго кога ќе видам проекти од областа на електрониката и особено аудиотехниката, затоа што сум аудиофил и единствениот активен радиоаматер во етерот во Кичево. Имам многубројни самоградби кои работат перфектно, а често работам и на нивното подобрување.
Во оваа прилика сакам да изразам една голема благодарност и поддршка до Вашиот стручен соработник господинот Владимир Филевски, за сета негова несебична и голема помош околу моите звучници, и сите негови стручни совети.
Немам критики за вас, но би сакал повеќе аудиопроекти или, што би било најдобро, оформување на едно списание кое би објавувало исклучиво тестови, проекти и новости од областа на аудиотехниката, што би ги задоволило во целост аудиофилите во Македонија. Но, со оглед на тоа што сте единствено списание во Македонија што покрива повеќе научни и стручни области, целосно ве поддржувам, со желба за уште поголем успех.
Најискрени поздрави до целиот тим на ЕМИТЕР и до сите читатели.
Зоран Микески - Z37HWX

Ви благодариме на поддршката и се надеваме дека и понатаму ќе се занимавате со електрониката и со радиоаматерските активности. Што се однесува до идејата за формирање на ново списание специјализирано за аудиотехника, мораме да ве разочараме – во Македонија има многу малку аудиофирми кои со своите реклами би го поддржале таквото списание, а во исто време премногу е мал бројот на аудиофили во Македонија кои би сакале да купуваат такво тесноспецијализирано списание. Фактите се поразителни - на прсти се брои тиражот на продадените странски hi-fi списанија во Македонија (овој податок е од сигурни извори!). Тиражот на некое слично домашно списание за аудиотехника сигурно би бил неколкукратно помал од сегашниот тираж на ЕМИТЕР, а исто така и приходот од реклами, што значи дека такво списание не ќе може да заживее.
Владимир Филевски


Стабилизираниот извор ми дава помал напон (Емитер 3/2006)

Почитувана Редакцијо, голем поздрав до вас.
Имам едно прашање во врска со стабилизираниот извор за напојување од 0-30V/0-3A објавен во ЕМИТЕР бр. 3/05. При изработката на уредот го употребив точно определениот материјал што е наведен во текстот. Уредот функционира, но на неговиот излез дава промена на напонот од 0 до 14,5V, без значително загревање на транзисторот T3. Дали тоа е максималниот напон што може да го даде и дали овој напон може да се зголеми? Во врска со овој извор, ме интересира и дали располагате со електрична, монтажна шема и готова ППК на дигитален волтметар со мерен опсег 0-40Vdc и амперметар од 0-3Adc.
Однапред ви благодарам.
Николче Пачовски,
с. Крклино - Битола

Стабилизираниот извор за напојување како што е назначено во проектот го регулира напонот од 0 до 30V, а тоа што кај вашиот уред е до 14,5V кажува дека во него има некој проблем. За да го откриете проблемот, најнапред проверете дали напонот на секундарот од трансформаторот е 24Vac (под услов моќноста на трансформаторот да е min 100VA). Ако тоа е во ред, измерете го напонот после насочувачкиот мост, тој треба да биде околу 32Vdc. Ако и тој е во ред, измерете го напонот на извод 6 на IC2 кој треба да биде околу 11,2Vdc, ако не е, проблемот е во IC2 (проверете дали е правилно поставено во подножјето или заменете го со ново). Ако напонот ја има оваа вредност, проверете ги отпорниците R15=27k, R21=56k (на цртежот на ППК по грешка отпорникот R21 е означен како R12) и потенциометарот P1 (треба да е линеарен и правилно поврзан) дали ги имаат соодветните вредности (извадете ги и измерете ги со инструмент). Ако е сè во ред, остануваат да се проверат IC3 и излезните транзистори T2 и T3 дали се исправни, ако не се, заменете ги со исправни.
Во врска со второто прашање, одговорот, Вие, како и други читатели кои го поставија истото прашање, ќе го најдете во проектот објавен во ЕМИТЕР бр. 1, 2 и 3/99 во кој ќе најдете сè (електрична шема, ППК и детално упатство) за дигитален волтметар и амперметар. Овие броеви можете да ги набавите од Редакцијата (видете во рубриката "Претходни броеви").
Славко Стојковски


AMD Athlon 64 или Intel Pentium 4 (Емитер 3/2006)

Здраво ЕМИТЕР.
Наскоро треба да си купам компјутер и сега сум во дилема каков процесор да земам. Имам намера да земам: AMD Athlon 64 3200+ 939 или Pentium 4, 3 GHz. Kој од овие два процесори е подобар? Компјутерот ќе го користам за сè, значи за игри и други програми.
Трајче Кедеров, преку e-mail.

Сосема е нормално да се наоѓате во таква дилема. Но, бидејќи не располагам со информации за тоа каква компјутерска конфигурација би сакале да купите (колку пари би издвоиле за хардверот) и што прецизно би сакале да работите на него, можам само да ви ги предочам следните работи: Доколку сакате да ја искусите моќта на 64-битното процесирање, ова подразбира и користење на 64 битни апликации, тогаш AMD Athlon 3200+ е вашиот потесен избор, засега. За сето останато би можеле да размислите за Intel-ов процесор. И обата типа на процесори си имаат свои предности и мани, но во целина и двата се навистина стабилни и солидни во смисла на перформанси. Интеловиот P4 3GHz (Prescott) се одликува со 1MB L2 cache меморија, за разлика од AMD Athlon 3200 кај кого таа е преполовена, што тој факт за мене, до некаде, би бил и пресуден. Но, сепак би ви препорачал, да направите неколку истражувања на Интернет, споредете ги перформасите на двата процесора, посетете неколку форуми, и на крај во зависност од вашите кориснички потреби оценете кој процесор најмногу би ви одговарал. Доколку барате индувидуално размислување од некого за тоа кој процесор е подобар, никогаш нема да го добиете вистинскиот одговор, бидејќи секогаш постои група на приврзаници на AMD и друга група на приврзаници на Intel. ;-) Среќно.
Драган Јованоски

Проверете ја следнава веб-локација http://www.anandtech.com/printarticle.aspx?i=2249, каде што е дадено тестирање на AMD и Интеловите процесори на различни софтверски пакети. Ова можеби ќе ви помогне да се одлучите. Имам слушнато една лоша информација за AMD процесорите којашто треба да се провери.
Тоа е дека ако по некоја сучајност, откаже кулерот којшто го лади AMD процесорот, тој се загрева, при што доколку корисникот не реагира навреме, AMD процесорот достигнува некоја критична температура на којашто може да дојде до оштетување на самиот чип (AMD). Повторувам оваа информација треба да се провери што значи ова е само "рекла-кажала". Гореспоменатиот проблем кај Интеловите процесори е решен, така што доколку настане прекин на работата на кулерот и процесорот почне да се загрева премногу, тој ќе ја рестартира целата машина (сака да се лади, одбранбен механизам:))
Ова го кажувам и од лично искуство. Да не бил овој заштитен механизам досега барем двапати ќе менував процесор:))
И двата процесори се добри.
Одлуката е ваша,
Петар Димоски


Како до симетричен напон од две батерии (Емитер 3/2006)

Здраво,
Ова е писмо од еден ваш долгогодишен читател (дури од вашиот прв број од август 1995 год.). Како електроничар-аматер при изработката на многу уреди не сум наишол на некои проблеми, но сепак удрила и на мене некоја клетва и еве ти проблем. Се работи за фуз-ефект за гитара, статија објавена во ЕМИТЕР 6/2002. Проблемот е во тоа што не е воопшто објаснет делот околу напојувањето, односно во статијата не се објаснува како треба плочката да се поврзе со две батерии, ако ја одбереме таа опција (иако јас сметам дека и за напојувањето, добиено преку трансформатор, не е доволно објаснето). Сакам да се консултирам со вас за тоа дали тоа што го мислам е точно - двете батерии треба да се врзат во серија така што двата останати краја да се врзат со плусот и минусот на плочката, а нулата да се врзе помеѓу плусот и минусот на двете батерии, односно делот каде што се врзуваат во серија. Во атачментот има приказ на шема како тоа сум го замислил.
Однапред благодарам,
Стефан Мартински.

П.С. Сакам да ви посочам дека главни читататели на ЕМИТЕР беа и ќе бидат електроничарите, па не ги заборавајте. И само уште една работа: правите доста добри статии, како, на пример, засилувачот во ЕМИТЕР од јануари 2006, само што според мене тајмингот ви беше лош, односно требаше да го издадете во ноември или декември кога сите се подготвуваат за Нова година (прават звучници, засилувачи, осветлување...).

Најпрво еве го одговорот на Вашето прашање: вашата шема за поврзување на батериите за да се добие симетрично напојување во основа е точна, единствено што батериите треба да се поставени обратно, (долгата линија во симболот за батерија е "плусот"), види слика.
А што се однесува до вашата забелешка дека во проектот "Фуз ефект за гитара" од ЕМИТЕР 6/02 не е објаснето како да се изведе напојувањето, ви обрнувам внимание на следниве работи:
1. Тој проект е наменет за поискусни електроничари кои би требало да знаат како се прави извор на симетричен напон со две батерии, или со насочувач и интегрирани стабилизатори.
2. Ако некому не му е познато како се прави тоа, тоа може да го види од некои други написи во ЕМИТЕР (тие работи повеќе пати досега биле прикажани во списанието).
3. Не е можно во секој напис да се кажат сите работи - едноставно некои работи се претпоставува дека читателот ги знае или може да ги дознае од други написи во списанието или од други книги и списанија.
Со други зборови, не е потребно, а не е ни можно во секој проект за самоградба на некој електронски уред да ги напишеме сите работи кои би можеле да бидат непознати за некои читатели. Некому можеби не му е јасно како се поврзуваат батериите, некому може да не му е јасно како се читаат отпорниците, некому може да не му се јасни ни симболите во шемата... па ако тргнеме со таа претпоставка, тогаш текстот ќе го зафати целото списание, а можеби и повеќе, а тоа сигурно нема да им се допадне на повеќето читатели :-)))). Затоа, она што не ви е јасно во некој напис потрудете се да си го разјасните со помош на некои други написи.
Инаку, како што можете да забележите од сите броеви на ЕМИТЕР, ние воопшто не забораваме на нашите читатели-електроничари. Во секој број има многу написи и тоа од различни области на електрониката и тоа за различни групи на електроничари - од почетници до професионалци. Дури имаме и поплаки од другите читатели дека електрониката е премногу застапена во ЕМИТЕР. Патем, верувале или не, бројот на страници наменети за електроника и сродните дисциплини во новиот ЕМИТЕР, како што напишав уште во уводникот во бројот 9/03, е приближно еднаков, а честопати и поголем во однос на стариот ЕМИТЕР! Проверете! Со новиот ЕМИТЕР го добивате во целост стариот ЕМИТЕР, плус многу други интересни статии од мноштво научни дисциплини.
А 200-ватниот засилувач од врвна класа воопшто не е наменет за озвучување на журки и веселби, па да може да се каже дека е "утнат" тајмингот на неговото објавување. Тој засилувач е наменет само за аудиофили и е премногу скап и премногу квалитетен за да се користи за некоја друга намена. Затоа, оној на кој му бил потребен засилувач за журки и веселби можел да направи некој поевтин моќен засилувач според проектите од претходните броеви - такви проекти во ЕМИТЕР сме објавиле којзнае колку пати.
Слободан Таневски


Предлози за "Школа за електроника" (Емитер 3/2006)

Почитувани,
Јас сум ваш редовен читател последниве 4 години, откако ЕМИТЕР стана списание за наука и техника. Иако сум во зрели години, во последно време почнав да се интересирам и за електрониката (иако сум тотален лаик). Затоа многу ме израдува вашата нова серија написи "Школа за електроника", па би сакал да предложам некои теми, како што и самите барате.
За почеток, би сакал да напишете нешто повеќе за електролитските кондензатори. Знам дека имаат плус и минус, но зошто е тоа така? Исто така, имам прочитано дека не се многу квалитетни, ама зошто тогаш ги има во речиси секоја шема?
Второ, што ме интересира се дарлингтон транзисторите – зошто служат; како да се препознаат; како да се испитаат..?
Третата тема што ја предлагам е: "Изработка на печатени плочки во аматерски услови".
Се надевам дека наскоро ќе објавите статии за овие теми во рубриката "Школа за електроника".
Сè најдобро,
Димитар Величковски

Вашите предлози ќе бидат реализирани во најскоро време. Дали некој друг има други предлози?
Слободан Таневски


Прашања, прашања... (Емитер 4/2006)

Почитувана Редакцијо,
Голем поздрав од ваш редовен читател. Имам неколку прашања од областа на електрониката.
1. Дали може Step up конверторот од ЕМИТЕР број 1/04 да го искористам како самополнач на акумулатор и доколку не може ме интересира кој од операциските засилувачи би одговарал на место постоечкиот, затоа што за IC1 (KA34063A) стои дека може да работи од 100Hz до 100 KHz, а за полначот мислам дека треба да е 50 Hz.
2. Дали може намотка на звучник која е намотана во два реда (еден врз друг) со жица со дебелина од 0,2mm да ја намотаме со 0,35mm во еден ред, со тоа што на влезот или на излезот ќе ја надоместиме отпорноста со отпорник.
3. Ме интересира дали во проектот метал-детектор од ЕМИТЕР број 10/96 во осцилаторно коло наместо BC560C можам да ставам дарлингтон транзистор BC516, со што би добил поголема снага на истиот.
4. Пред неколку денови ви испратив писмо со проект за транзисторски метал-детектор. Се надевам дека во некој од наредните Емитери ќе биде објавен, а заедно со него и ППК што ќе можеме да ја купиме, а со тоа и да го реализираме проектот.
Однапред ви благодарам,
Гоце од Струга.

1. Пред да одговорам на прашањето би сакал да обрнам внимание на сите читатели кои поставуваат прашања околу проектите од електроника во ЕМИТЕР. Најчесто одговорот на поставените прашања се наоѓа во самиот текст и описот на проектот, а читателите поради недоволно проучување на проектите, не го согледале одговорот. Многу од прашањата произлегуваат од недоволните познавања од областа на електрониката, а читателите со помало искуство се зафаќаат со изградба на проекти кои се пресложени за нивното знаење и практично искуство од електрониката. Затоа прашањата некогаш знаат да бидат нелогични, да не речам и смешни.
Сепак, ќе одговорам на ова малку нелогично прашање околу step up конверторот:
Која е смислата еден вака релативно сложен уред, претворувач на напон, да се користи како полнач на акумулатор? Зошто еден напон би се подигнувал за да биде искористен како извор на напон за полнење на акумулатор, кога за тоа постојат други поедноставни решенија? Опишаната верзија на конвертор нема решение ниту цел за полнење на акумулатори или друг вид на батерии. За тоа постојат специјализирани и за тц:аа цел наменети уреди, повеќепати објавувани на страниците на Емитер.
Интегрираното коло употребено во проектот не претставува операциски засилувач, што може да се дознае со внимателно читање на текстот од проектот. Тоа е специјализирано коло кое во себе содржи повеќе функционални единици: компаратор, осцилатор, контролна логика, излезни транзистори итн.
Работната фреквенција на осцилаторот на колото има влијание во степенот на искористување, при евентуалната работа на колото како полнач. Од каде идејата дека за да функционира еден полнач треба да има работна фреквенција од 50Hz (можеби асоцијација со фреквенцијата на мрежниот трансформатор)? Напонот на полначот за полнење на акумулатор треба да биде еднонасочен, а не наизменичен со фреквенција од 50Hz.
Резиме: Step up конверторот нема намена да се користи како полнач на акумулатори. Неговата примена во ваква цел сепак не е исклучена - тој може да ги полни батериите на еден лап-топ кој го напојува. Директното вклучување на конверторот како полнач на батерии не е дозволено, поради непостоење на електронско коло за соодветно струјно и напонско ограничување и исклучување на наполнетата батерија. Интегрираното коло IC1 не може да се замени со ниту еден вид на операциски засилувач.
Петар Аврамовски

2. Ова што го предлагате не би ве советувал да го направите, освен ако не се работи за некој експеримент или слично. Која било измена во намотката на звучникот би значела промена на сите клучни параметри, вклучувајќи ја ефикасноста и, се разбира, номиналната импеданса. Вметнувањето на сериски отпорник како "замена" за изгубената импеданса само дополнително ќе ги влоши работите. Затоа, ако сакате да ги задржите колку толку истите параметри на звучникот, премотувањето на намотката треба да биде со иста жица како и оригиналната. Освен тоа, бројот на навивки, бројот на слоеви и начинот на кој истите се мотани мора да биде идентичен. Ако го сторите сето она што е наведено во писмото, многу е извесно дека по премотувањето, нема да можете да го препознаете вашиот звучник.
3. Што се однесува до ова прашање работите стојат малку поинаку. Во моментов, не би можел со сигурност да ви кажам дали со замената на оригиналниот транзистор со некој дарлингтон ќе се добие нешто во поглед на осетливоста или моќноста на детекторот. Но, сепак едно е сигурно. Замената нема значително да го поремети принципот на работа на колото. Затоа, слободно направете ја замената, а за добиените резултати и стекнатите искуства ве поканувам да нe известите и нас и останатите читатели.
Дејан Трпески

4. Шемата што сте ни ја испратиле е тотално нечитлива, а прикажаното решение за метал-детектор е застарено, така што вашиот предлог нема да го реализираме. Но, како што веќе имаме најавено, ние подготвуваме неколку проекти за современи метал-детектори и тие ќе бидат објавени во следните броеви. Тогаш ќе можете да си изработите некој од предложените модели, за кои секако дека ќе обезбедиме плочки преку нашиот ППК сервис.
Слободан Таневски


Помоќен теслин трансформатор (Емитер 4/2006)

Здраво Емитер!
Се одлучив да го изработам Теслиниот трансформатор. Ме интересира кој напон се добива на секундарот на трансформаторот и дали тој може да се зголеми. Би сакал да направам трансформатор со поголема моќност и напон и ме интересираат пресметките за истиот. Дали може да се зголеми напонот на секундарот со зголемување на фреквенцијата на осцилаторот?
Однапред благодарам,
Заре Костадиновски, преку e-mail.

На секундарниот дел на трансформаторот, според должината на продуцираниот волтин лак (околу 5 cm) емитуван од антената, се проценува дека напонот изнесува најмалку околу 50 илјади волти. Продуцирањето на повисоки напони на овој принцип е лимитирано од неколку фактори. Во прв ред е температурната дисипација (загревање на платинските контакти) на искричарот. Оваа дисипација во нашиот проект е на граница на прифатливото, па за досег до повисок напон се отвора проблем за конструкција на поголем искричар со дополнителен систем за ладење на контактите. Потоа следи проблемот за обезбедување високонапонски кондензатор, надвор од стандардните кои можат да се набават во малопродажната трговија и уште неколку други проблеми, кои сметаме се надвор од можностите на аматерската практика и поради тоа не се впуштаме во тоа подрачје. На крај, фреквенцијата (околу 150 kHz) на која работи Теслиниот трансформатор е оптимална, гледано од аспект на нужното време за целосно полнење и празнење на кондензаторот во примарниот дел, па зголемување на фреквенцијата над оптималната вредност води кон намалување на амплитудата на напонот на секундарниот дел.
Сметаме дека предложените два мини-модела на Теслиниот трансформатор, сепак, импресионираат со својот ефект и се доволен предизвик за секој конструктор.
Петар Лагудин


Шема за MIDI кабел (Емитер 4/2006)

Здраво Емитер,
Пак јас, но сега со поинакво прашање!
Ми треба шема која многу долго ја барам и на крај решив да се обратам кај вас.
Се работи за MIDI кабел (поточно на едната страна 1 или 2 петполни DIN-џекови, а на другата, не сум баш најсигурен ама мислам дека беше 12-пински конектор (или нешто сл.) за влез во звучна карта на PC за приклучување на џојстик или некои слични периферни уреди.
Потребен ми е начинот на поврзување на пиновите, па ако може да ми пратите таква шема. Барав ваков кабел и најдов во Логинг електроникс, но само од 2 метра, а мене ми треба нешто подолг, па сакам сам да го направам со ваша помош.
Однапред ви благодарам,
Влатко Попоски преку e-mail

За поврзување на MIDI (Musical Instrument Digital Interface) со 15-пински game-порт на компјутер може да се искористи шемата прикажана на слика 1. За жал, до сега не сум имал потреба да направам ваков кабел и не би можел да ви пренесам практични детали за тоа. Ако сакате да дознате повеќе работи околу оваа проблематика ви ја препорачувам веб-адресата
http://www.midi.org/ , односно
http://www.midi.org/about-midi/electrical.shtml.
Ако немате големо практично искуство во изработка на вакви кабли и работа со вакви електронски елементи, можеби сепак ќе ви биде подобро да набавите готов кабел. Распрашајте се во Логинг електроникс, бидејќи таму ги изработуваат сите видови кабли по желба на корисникот, сигурно ќе можат да одговорат и на ова ваше барање. Ако најдете кабел со поволна цена, но со недоволна должина, размислете како варијанта да ги преместите компјутерот и MIDI уредот поблиску еден до друг.
Објаснување за сликата:
1. За оптоизолатор се препорачува 6N137. Системот би функционирал и со 6N138, но би работел побавно.
2. Отпорниците се со толеранција од 5%.
3. Инверторите можат да бидат направени со IC или транзистор.
4. Важно е да не се заземјува пинот 2 на MIDI IN конекторот. Ова може да предизвика внесување на шум во системот. Пинот 2 од MIDI OUT конекторот се заземјува. Оклопот на MIDI кабелот се заземјува само од една страна, по желба.
Дарко Мајстороски


Нови предлози и стари планови тешки за реализација (Емитер 4/2006)

Здраво почитувана Редакцијо,
Најубави зборови за списанието ЕМИТЕР кое го следам од првите броеви како студент на ЕТФ, па и ден денес како професор по Електроника во ДЕМАУ "Ѓошо Викентиев" – Кочани.
Имено, сакам да предложам во наредните броеви да објавите нови серии написи, како што беше серијата "Сервисирање на ТВ-приемници", која потоа ја купив и како книга - навистина е нешто драгоцено, и често ја користам при изведувањето на наставата како дополнителна литература. Би предложил да продолжи оваа пракса со следниве теми: Програмирање на PIC16F84 и слични; Влегување во сервисен мод на работа на ТВ и ДВД и слично (како што имам сретнато во некои списанија од Србија); Декодирање на мобилни телефони и авто-радиокасетофони; Програмирање на EEPROM-и; Инсталација на сателитски интернет; Сервисирање на печатачи; Изработка на ППК со фотопостапка. За крај, морам да ве пофалам, бидејќи веќе ме израдувавте со серијалот за дизајнирање на ППК со Eagle 4.12.
Со надеж дека моите предлози ќе бидат сериозно разгледани и прифатени со некоја динамика, однапред ви се заблагодарувам и ви пожелувам и понатамошна успешна работа.
Поздрав,
Горан Манасиев од Кочани

Почитуван колега Манасиев,
Ви благодарам за пофалбите. Предлозите кои ги давате одамна се дел од плановите на Редакцијата, ама, за жал, некои од нашите планови тешко се остваруваат. Таков беше и случајот со серијалот и книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање". План за издавање на таква серија написи и книга имавме уште во 1997-98, ама успеавме да ја реализираме дури сега. Еден од главните проблеми зошто некои теми не се застапени во ЕМИТЕР е немањето соработници, кои, од една страна, добро ја владеат таа материја, а, од друга страна, би имале желба тоа да го објават во ЕМИТЕР или во некоја книга или брошура во наше издание. Втора поголема причина е презафатеноста на нашите сегашни соработници, така што и областите и темите кои тие добро ги владеат често пати не стигнуваат да ги подготват за објавување. Такви примери се долго планираните серијали или брошури за звучници, микроконтролери и програмот Протел, кои којзнае кога ќе го видат светлото на денот.
Сите овие проблеми драстично би се намалиле кога поголем број на инженери повремено би соработувале со ЕМИТЕР, нешто што е доста раширена пракса секаде во светот, па и кај нашите соседи во Србија. Затоа во нивните списанија има секакви теми од електрониката, дури и за некои тесноспецијализирани области од електрониката. Кај нас, електроинженерите редовно ни даваат само предлози што би сакале да читаат во ЕМИТЕР, а речиси никој не сака да ја прифати нашата понуда да напише некој напис за она што самиот добро го владее. Простата математика кажува дека кога секој електроинженер само еднаш во својот живот би објавил само еден стручен напис од областа која добро ја владее, тогаш ЕМИТЕР ќе успее да ги "покрие" сите области на електрониката и тоа со квалитетни и интересни написи. Значи, секој инженер треба нешто и да даде од своето знаење, а не само да очекува некој друг да му го даде знаењето што во тој момент му е потребно. Ако се очекува сите теми од електрониката да излезат од нас неколкумина во ЕМИТЕР, тогаш секогаш ќе има области и теми кои ќе останат необјавени.
Сепак, ова не значи дека ние се откажуваме од нашите планови и дека нема да се потрудиме да ги "покриеме" сите предлози од читателите, туку само е информација на какви проблеми наидуваме и зошто некои теми не се доволно застапени во ЕМИТЕР.
А сега малку конкретно: најголеми шанси во скоро време да објавиме напис за некои од вашите предлози имаат темите: Влегување во сервисен мод на ТВ (колегата Зоран Тасиќ веќе го подготвува написот) и Сервисирање на печатачи, додека за изработка на ППК со фотопостапка ве упатувам на написот во ЕМИТЕР 4/98. Другите теми којзнае кога би дошле на ред, во зависност од причините за кои погоре зборував.
На крај, како и до секој инженер кој се јавил кај нас, и вам ќе ви го упатам повикот да објавите напис за некоја тема од електрониката која вие добро ја познавате. Дајте нешто од своето знаење за и другите да ви дадат :-).
Поздрав,
Слободан Таневски

Почитуван г-не Таневски,
Еве, во знак на добра волја веднаш ќе подготвам еден напис од областа на "Програмирање на сериски EPROM-и и декодирање на авто-радиокасетофони", па ве молам да ми објасните во кој формат истиот да биде подготвен и, се разбира, доколку го објавите колку изнесува хонорарот за вложениот труд.
Многу поздрави и со надеж дека ќе соработуваме,
Горан Манасиев од Кочани.

Ова, навистина е за пофалба :-). Сите информации во врска со соработката со ЕМИТЕР ќе ги најдете во упатството кое ви го испраќам во прилог на ова писмо. Ви стојам на располагање за натамошни консултации околу подготовката на написите.
Се надевам дека успешно ќе соработуваме и дека вашиот пример ќе го следат и други инженери.
Поздрав,
Слободан Таневски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.