Многу поздрави до Редакцијата и нека ви е среќна Новата година, со многу повеќе продадени примероци.
Имам прашање во врска со засилувачот за сабвуфер од ЕМИТЕР 9/03 - дали може да се стави трансформатор од 32 V и 300 VA за 4-омски звучник? Што ќе се добие, а што ќе се изгуби со тоа? (имам значително голем ладилник, добро ладен исто така). Дали може да се вклучи во кола на 12 V DC? Ве молам да ми кажете каде може да се најде трансформатор од 25 V до 30 V и од 150 VA до 200 VA?
А сега во врска со телескопот од ЕМИТЕР 12/2003 – каде е тој Бувљак и тие евтини фотоапарати? Благодарам однапред.
Дејан Маликовски, преку e-mail
Ви благодариме на убавите желби.
Ако ставите трансформатор од 32 V, ќе добиете изгорен чип TDA 7294 (можеби и изгорен звучник), а ќе изгубите 400 денари (или повеќе). Во текстот во ЕМИТЕР 9/2003 убаво пишува дека трансформаторот треба да биде со секундар од 2x22 Vac или 2x24 Vac, не некој друг напон! Зошто едноставно не го послушате авторот на проектот?
Понатаму, во текстот воопшто не е спомната некоја варијанта за работа на засилувачот на 12 Vdc напон од автомобил – ако засилувачот можел да работи на 12 Vdc, авторот сигурно ќе го напишел тоа. Заклучок: ако филтер-засилувачот се приклучи на 12 Vdc, нема да свири, а постои реална опасност бас-звучникот да се оштети.
Трансформатори од 2x24 Vac и 150 VA (може и од 125 VA) се продаваат во продавниците за електроника.
Проектот "Филтер-засилувач за сабвуфер" е наменет само за електроничари кои имаат некакво практично искуство. Според прашањата кои ги поставувате, јасно е дека вие штотуку зачекорувате во светот на електрониката, па затоа Ви препорачувам да започнете со некои поедноставни проекти од ЕМИТЕР. И за тие проекти потполно држете се до упатствата од авторот!
Неофицијалниот пазар за стари и исфрлени предмети ("болвји пазар") во Скопје (за другите градови – не знам) се наоѓа точно отспротива градскиот стадион, од левата страна на реката Вардар, после полигонот за полагање возачки испит, кај малиот пешачки мост. "Работи" во вторник и петок од 9 до 15 часот.
Владимир Филевски
Почитуван Емитер,
Најпрво еден голем поздрав до вас и сакам да ги пофалам вашата креативност и умешност кои ги вложувате во изработка на најразлични уреди од сите области на науката и техниката. Имам неколку прашања до господинот Владимир Филевски во врска со телескопот од ЕМИТЕР 12/2003. Во списанието пишува дека вкупната должина на пластичната цевка (заедно со делот кај окуларот) треба да биде 1 метар. Јас успеав да најдам хартиена цевка но таа е со внатрешен дијаметар од 250 mm и должина од 800 mm. Дали внатрешниот дијаметар ќе претставува проблем бидејќи е за 4 mm поголем од потребниот? Дали можам фокусот на објективот да го поместам поназад со тоа што ќе ставам леќа со некој поголем или помал диоптер, а притоа да не влијаам на квалитетот на сликата?
Успеав да најдам објектив од стар фотоапарат од марката "Ломо", но со објективот успеав да го извадам и винтот на кој што тој беше навртен. Дали е потребно овој винт да го сместам во цевката и со тоа да добијам некое попрецизно нагодување на сликата?
Со почит,
Александар Спасов
Големината на внатрешниот дијаметар на цевката воопшто не е битна – стандарден дијаметар на леќата за очила е 65 mm. Како што веќе напишав во текстот, потребно е да ја однесете цевката кај оптичар, кој ќе ја обработи (избруси) леќата од очила на потребниот дијаметар (50 mm во овој случај), за да може таа леќа да се монтира внатре во цевката. Треба многу да се внимава објективот да биде монтиран точно нормално во однос на оската на цевката. Тоа е многу поедноставно да се постигне ако ја монтирате целата леќа директно однадвор на отворот на цевката. Во тој случај нема потреба да се обработува леќата, но тогаш треба да внимавате да не ја скршите леќата при манипулации со телескопот, бидејќи леќата ќе биде премногу изложена. Бидејќи вкупната должина на двете цевки треба да биде околу 1 метар, потребните должини можете да ги добиете со една цевка од 800 mm и една цевка од 200 mm.
Слободно можете да се обидете со подолг фокус на објективот: на пример, леќа со 0,75 диоптер има фокусна должина еднаква на 1333 mm. Леќа со 0,5 диоптер веќе не е практична, бидејќи фокусната должина е дури 2 метри! Квалитетот на сликата и во двата случаи ќе биде подобар во однос на леќа со диоптер еднаков на 1 (т.е. фокус од 1 метар).
Нема потреба од некои прецизни нагодувања на окуларот – поместувањето (лизгањето) на цевките е сосема доволно за прецизно фокусирање.
Владимир Филевски
Почитувани,
Ви ја честитам Новата година и ви посакувам барем двојно поголем тираж. Во декемврискиот број објавивте проект за дигитален термостат кој сакам да го изработам и да го употребам како термостат на термопечката. Ме интересира како да го поврзам со оглед на тоа што постоечкиот термостат со термопечката е поврзан со трожилен кабел.
Горан Аврамоски,
преку e-mail
Како што може да забележите од шематскиот приказ на уредот за негова работа потребно е да доведете наизменичен мрежен напон на конекторот Ј1, додека контактите на управувачкиот релеј се однесуваат како класичен прекинувач. Вас ве збунува поголемот број на жици кај термопечките. Оваа дополнителна жица се користи за одредување на брзината на вртење на вентилаторот во неа. Така фазата која оди кон вентилаторот се прекинува со помош на биметалниот термостат а малиот прекинувач кој постои на термостатот се употребува за одредување на брзината на која ќе врти вентилаторот (слика 1). Дигиталниот термостат може да се употреби за оваа намена така што истиот ќе го поврзете на термопечката според слика 2. Со преклопникот SW2 се одредува со која брзина ќе врти вентилаторот. Ако немате потреба од овој преклопник истиот може да го испуштите и да одредите постојано со која брзина ќе врти вентилаторот во термопечката!
Благој Ќупев
Здраво ЕМИТЕР.
Го изработив едноставниот аларм од бројот 12/03 и тој без проблеми работи. Но кога ќе поставам инфрацрвен сензор наместо рид ампулата, алармот се вклучува одвреме-навреме без да трепне лед-диодата на сензорот (без да активира сензорот). Сензорот 100% гарантирано работи, со проверка од каде што е купен. Ве молам помогнете ми како да го поврзам алармниот уред со ифрацрвениот сензор, бидејќи јас сум аматер и не ги познавам теоретските работи од електрониката.
И уште една работа: Кажете ми начин како по истекот на 90 секунди уредот да ми сигнализира дека е активен (со палење на некоја лед диода)?
Однапред ви благодарам.
Марјан Атанасовски, преку e-mail
Едноставниот аларм од Е12/03 е предвиден како активирачки елементи да користи рид релеи или микропрекинувачи и тоа така што активирање на алармот настанува кога ќе СЕ ОТВОРИ некој од нив. Значи прво треба да проверите како дејствува вашиот сензор односно дали тој се однесува како отворен прекинувач тогаш кога ќе се побуди (така треба да биде за да може да се употреби во нашиот аларм) или пак обратно. Повеќето сензори се од типот "нормално затворен" т.е. кога ќе се активираат се однесуваат како отворен прекинувач, но некои ги имаат и двете можности на избор. Инфрацрвениот сензор спаѓа во групата на АКТИВНИ сензори, што значи дека му е потребно и напојување (најчесто 12V) кое по правило треба да го земе од алармната централа. Како да го поврзете сензорот ќе мора сами да се снајдете, по проверка на каталошките податоци за неговите изводи и по соодветни испитувања на неговиот начин на работа.
А сега за индикаторот: Според изложениот принцип на работа може да забележите дека по истекот на 90-те секунди од "времето за вклучување" излезот од IC1a (пинот 3) преминува од логичка 1 на логичка 0. Ова може да се искористи за индикација дека алармот е во подготвена состојба. За таа цел треба да се постави LED диода со сериски предотпорник од пинот 3 на IC1 кон водот за напојување од 5,6V. Катодата на LED диодата треба да биде споена со пинот 3 на IC1, а предотпорникот треба да е со вредност од 1 k ом за да се ограничи струјата на приближно 4mA со цел да не се преоптовари излезот на CMOS колото IC1. Уште подобро би било, наместо обична да употребите високоефикасна LED диода. Таквата LED диода нормално свети при ниска струја од 1-2 mA за разлика од обичните, кои номиналниот сјај го добиваат при струја од 10 до 20mA. Ако употребите високоефикасна LED диода тогаш предотпорникот треба да има вредност од 1k8 до 3k3.
За крај еден совет: немојте да се зафаќате со модификации на прикажаните проекти ако немате доволни теоретски и практични познавања од соодветната област на електрониката - едноставно направете го проектот како што е прикажан и нема да имате проблеми.
Слободан Таневски
Почитувана Редакцијо,
Среќна нова 2004 година и среќни божикни празници.
Ве следам скоро редовно од самиот почеток на ЕМИТЕР и имам само пофални зборови за вас. И покрај сите пречки на кои наидовте низ овие 8 години вие сепак успеавте да издржите и ЕМИТЕР редовно да излегува. Во тоа ретко кој успеал, секоја чест!!!
Инаку за новата (која не е веќе нова) концепција на ЕМИТЕР имам само пофални зборови. Да се имаат сите научни дисциплини заокружени во едно списание е генијално. Само напред!!!
Серијата написи за телескопите се нешто фантастично. Јас многу се интересирам за астрономијата, а серијата написи за телескопите го пополни практичниот дел од астрономијата што недостасуваше. Јас го изработив телескопот и многу сум задоволен од него, но имам еден предлог и неколку прашања.
Предлог за друг окулар: Јас го искористив објективот од Смена 8М и тој е одличен објектив, но имам една замерка: со тој објектив видното поле на телескопот е многу мало, околу 30 минути, најверојатно затоа што и дијаметарот на леќите е мал. Јас имам купено една саатчиска лупа со фокус 25 mm, која има многу поголем дијаметар од објективот на Смена 8М. Видното поле е поголемо од 1 степен, а и зголемувањето е поголемо и е околу 40 пати. Оваа леќа нема антирефлексен слој и е единечна, односно не е ахроматска. Но, јас ги споредував наизменично и двата окулара и нема некоја голема разлика во квалитетот на сликата (на мое големо изненадување), а видното поле е многу поголемо и има поголемо зголемување и прстените на Сатурн се гледаат поубаво :))
Прашања: Дали ќе се подобри квалитетот на сликата ако се употреби леќа со антирефлексен слој, бидејќи читав дека тој ја намалува рефлектираната светлината во леќата, па така поголема светлина ќе помине низ леќата што значи повеќе детали ќе се видат низ телескопот. Дали ако се употреби ваква леќа ќе може да се зголеми отворот на блендата пред леќата, затоа што јас експериментирав со различни големини на отворите и дојдов до заклучок дека помал отвор најмногу делува при гледање на светли објекти и ја намалува онаа "аура" околу светлиот објект, за која што мислам дека доаѓа од рефлексијата на леќата. Па оттука дојдов до заклучок дека леќа со антирефлексен слој може да го реши овој проблем. Дали сум во право? Знам дека сферната и хроматската аберација ќе се зголемат ако се зголеми отворот на предната бленда, но дали во толкава мерка за да го нарушат квалитетот на сликата (која би требала да биде со повеќе детали)?
Пробав една комбинација на предната леќа од објективот на Смена 8М (задната леќа се одвртува) и саатчиската лупа. Излезе дека имаат приближно еднаков фокус. Најпрво пробав со споени леќи при што заедничкиот фокус беше околу 12,5mm, што значи зголемување од 80 пати. Но сликата што се доби беше прилично поматна отколку само со една леќа, па помислив дека леќите се лоша комбинација. Потоа пробав да ги одвојам на извесно растојание и добив зголемување од околу 60 пати – сега сликата беше појасна, но пак поматна отколку со една леќа. Дали ова е границата на зголемување на овој телескоп (40 пати) заради објективот на телескопот, односно како што напишавте во претходниот напис, тоа зависи од дијаметарот на објективот и квалитетот на леќата? Јас пробав и со поголем отвор на блендата пред објективот, но без успех.
Ве прашувам за ова бидејќи имам намера да купам друга лупа која изгледа дека е ахроматска. Има зголемување од 20 пати па најверојатно и фокусот е околу 12,5mm, што значи тоа е зголемување од 80 пати. Но оваа лупа е прилично скапа, па не сакам да ја купам за "џабе". Што да правам?
На крај сакам да ви се пофалам дека направив фотографии на Месечината, но со обичен фотоапарат (стар, руски апарат "Вилиа"), со неколку различни експозиции. Користев филм од 100 АСА. Сликите излегоа релативно добри, но малку матни:
Дали е тоа до експозицијата, затоа што користев 1/125 и 1/60 секунда? Фокусот на објективот на апаратот го пробав и на "бесконечно" и на 1 метар и сликите се релативно исти, така што претпоставувам проблемот не е до фокусот. По сè изгледа дека требало да користам поосетлив филм и пократка експозиција, но дали е тоа така? Можеби сепак дигитален апарат е подобар избор заради осетливоста.
Извинете за големово писмо :((, но би ви бил многу благодарен доколку ми одговорите на прашањата. Однапред ви благодарам,
Димитар Вангеловски
од Скопје.
Ви благодариме на убавите желби. Кога ќе добиеме вакво писмо, ги забораваме сите маки низ кои поминуваме додека го подготвуваме секој број на ЕМИТЕР. Големо задоволство е кога за нашиот труд ќе прочитаме волку убави зборови.
Особено нè радува кога некој напис од ЕМИТЕР ќе ги поттикне читателите поактивно да се зафатат со некој интересна тема, како што вас ве поттикна проектот за самоградба на телескоп. Намената на овој проект беше токму тоа: читателите да го почувствуваат "вкусот" на астрономските набљудувања низ телескоп и да се заинтересираат за практичната астрономија. Но, навистина не очекував дека некој толку сериозно ќе се ангажира и ќе ги истражува крајните дострели на прикажаниот проект. Квалитетот на овој телескоп е доволен само за неговата намена – само за почетни информации, така што не очекувајте премногу од него. Дури и најевтините "вистински" телескопи (со ахроматски објектив) даваат МНОГУ подобра слика. За жал, овој квалитет се плаќа со соодветна цена.
Цената на "окуларот" направен од исправен објектив од (неисправна) Смена 8М е најмногу 50 денари, што е поевтино од која било лупа, а квалитетот на сликата е подобар – разликата можеби не е голема, но сепак постои. Токму заради тоа јас во проектот го употребив како окулар објективот од Смена 8М – тој е одличен компромис меѓу цената, зголемувањето и квалитетот на сликата. Видното поле на лупата ви се чини дека е поголемо, но практично не е многу употребливо – сликата надвор од центарот има поголеми изобличувања отколку објективот од Смена 8М. Единствената (но важна) предност на вашата лупа е што дава поголемо зголемување (заради помалиот фокус). Ако се споредуваат лупа и објектив од фотоапарат, при иста фокусна должина, објективот од фотоапарат (како окулар) е супериорен во секој поглед во однос на која било лупа направена од единечна леќа. Од друга страна, ако евентуално најдете "на старо" евтина Кодингтонова лупа (единечна, МНОГУ дебела леќа со мал дијаметар) или лупа Хестингсов триплет (ахроматски систем од три слепени леќи), ќе имате добар окулар. Сепак, треба да се нагласи дека најобичен Келнеров окулар (тоа е класичен астрономски окулар) е МНОГУ подобар од кој било објектив од фотоапарат и од која било лупа.
Евентуалниот антирефлексен слој на објективот (леќата од очила) нема да £ помогне многу – леќата од очила дава лош квалитет на сликата, најмногу заради хроматската аберација и ништо не може да ја спаси. Леќите за очила се изработени со многу послаба прецизност во однос на вистинските астрономски објективи, така што покрај хроматската аберација тие имаат изразени разновидни изобличувања, што е особено забележливо при поголеми зголемувања. Со евентуален антирефлексен слој на таа леќа ќе се добие нешто малку подобра слика, но тоа не е заради зголемувањето на количината на светлоста која доаѓа до окото, туку заради елиминација на рефлектираната светлост која ќе дојде до окуларот од сосема погрешна страна и која би ја расипала острината на сликата.
"Аурата" околу светлите објекти настанува најмногу заради хроматската аберација на објективот (а не заради рефлексијата!), што е разбирливо, бидејќи тоа е обична единечна леќа. Единствен начин да се намали хроматската аберација (и сите останати аберации) кај ваквиот објектив е да се намали дијаметарот на блендата пред објективот – вие тоа правилно сте го воочиле. Јас во проектот употребив бленда со дијаметар од 35 mm – тоа е добар компромис меѓу големината на хроматската аберација и осветленоста на сликата, бидејќи овој телескоп не е наменет само за набљудување на светли објекти, како што се Месечината и Сатурн! Кога се набљудува Месечината, може да се употреби помал дијаметар на блендата – на пример 25 mm. За подобар квалитет на сликата неопходен е ахроматски објектив. Ахроматски објектив без антирефлексен слој е многу подобар од единечна леќа, па макар била таа и со антирефлексен слој.
Максималното зголемување кое може да се добие од овој телескоп е најмногу 40 пати, а тоа е лимитирано со квалитетот на објективот. Тоа значи дека не вреди да се трошат пари на скапата лупа со фокус од 12,5 mm. Од друга страна, "на слепо" избрани комбинации на леќи за окуларот нема добро да функционираат, како што и сами сте дошле до заклучок. Во следното продолжение на серијата "Телескопи" подетално ќе бидат анализирани окуларите.
Фотографирањето на Месечината мора да се изведува со високоосетлив филм од најмалку 400 ASA, додека експозицијата мора да биде покуса – барем 1/250. При окинување на фотоапаратот (експозицијата) не користете прст, туку специјална фотографска "сајличка" – за да не настане несакан потрес на фотоапаратот (телескопот) што ќе ја замачка фотографијата. Фокусот на објективот од фотоапаратот МОРА да биде поставен на "бесконечно". Прочитајте ги двата одговора во рубриката Писма во ЕМИТЕР 1/2004 – таму ќе најдете дополнителни објаснувања.
Владимир Филевски
Здраво.
Го имам изработено Стробоскопот од ЕМИТЕР бр. 9/96 уште пред една година, го користев на забава за Новата година со лампа од блиц заедно со иницирачкиот трансформатор. Стробоскопот проработе од прва и немав никакви проблеми кога го тестирав. Но, за време на забавата по одприлика еден час работење на различна брзина на трепкање откажа. Се покажа дека прегорело иницирачкото трафо од блицот. Сите делови и целата плочка ги проверив со шемата и се беше на свое место. Ставив нова лампа и трафо од блиц и повторно проработе од прва, работеше 15 минути и престана. Утврдив дека повторно прегорело трафото. Инаку трафото и лампата ги поставувам точно, трафото најнапред го мерам омски пред да го ставам за да не направам грешка така што не знам дали тоа со користење на блиц е подолготрајно решение за овој стробоскоп. Дали можете да ми предложите кој тип на лампа можам да ја употребам (модел, каде да се набави) и ако е потребно и иницирачкото трафо. Ви благодарам многу однапред.
Христијан Гроздановски преку e-mail
Најголем дел од евтините апарати за сликање користат неквалитетни блиц лампи и трансформатори. Ова значи дека трансформаторот брзо се загрева при негова експлоатација. Овие трансформатори се предвидени да иницираат едно активирање на лампата на 20-30 секунди. За ова време трансформаторот ќе се излади и нема да има проблеми. Но, ако овој трансформатор се активира со поголема фреквенција и тоа трае како што рековте 15-20 минути, многу е веројатно дека истото ќе се прегрее и ќе се оштетат намотките во него. За да не ви се случи ова потребен е трансформатор кој е предвиден за ваков режим на работа. Е сега, каде да се најде ваков трансформатор и лампа за оваа намена?! Многу неблагодарно би било ние да ви предложиме модел кој за вас би било невозможно да го набавите. Затоа најдобро е да погледнете во огласите на ЕМИТЕР и да се обратите кај добавувачите на електронски компоненти за набавка на вакви компоненти. Ова би било многу поедноставно отколку вие на своја рака да порачате од странство. Во план е во соработка со некои од добавувачите да направиме проект за стробоскоп и на читателите да им понудиме кит-комплет за негова изработка, но сега не може да ветиме кога би бил објавен ваков проект!
Благој Ќупев
Почитувана редакцијо,
Го изработив телескопот кој го прикажавте во последниот број и сега би сакал да направам фотографии од Месечината. Како да го поставам фотоапаратот и дали е подобро да користам обичен апарат или дигитален? Имам web камерче на компјутерот, па како да го искористам за оваа намена?
Сè најубаво од
Горанчо Милевски
Астрофотографијата е една од најтешките дисциплини во астрономијата. Апсолутно неопходна е добра монтажа, со мотор на екваторијалната оска кој ќе го следи објектот на небото (Месечината, во овој случај). Но, можете да се обидете и на следниов начин: прво направете некоја провизорна монтажа (статив) за телескопот (за телескопските монтажи ќе стане збор во некој следен напис во ЕМИТЕР), која нема да дозволи мрдање на телескопот. Изострете ја сликата во фокусот. Фотоапаратот (дигиталниот е подобар и поедноставен за користење) наместете го на "бесконечно" – за ова постои посебно копче, кое го исклучува авто-фокус системот. Задолжително исклучете го блицот ("ambient light")! Монтирајте го фотоапаратот многу блиску до окуларот, во неговата оптичка оска. Просторот меѓу окуларот и објективот од фотоапаратот заштитете го од околното светло, со неколку слоја густа црна ткаенина. Кога Месечата ќе се најде во центарот на видното поле на окуларот, фотографирањето може да започне. Времето на експозиција треба да биде кусо, за да не се добие размачкана слика на Месечината, но тогаш сликата ќе биде бледа и "зрнеста". Најдете некој компромис, експериментирајте и направете неколку фотографии.
Можеби најдобро решение е web камера, бидејќи има најголема осетливост. Сè што кажав за фотоапаратот, важи и за web камерата. А можете да се обидете и со снимање во примарниот фокус на објективот – извадете го окуларот од телескопот и објективчето од web камерата, поставете го CCD чипот во фокусот на објективот од телескопот и фокусирајте да се добие најостра слика.
Направете што е можно повеќе фотографии, издвојте ги најдобрите (најмалку десет-дваесет) и комбинирајте ги во една фотографија со некој од следниве софтвери: Registax (http://aberrator.astronomy.net/), AstroStack (www.astrostack.com) или AstroVideo (http: //www.ip.pt/coaa/software.htm). Со ова комбинирање (stacking) се постигнува неспоредливо подобра слика во однос на поединечните фотографии. Понатамошните дотерувања се прават во Adobe Photoshop. Бидејќи објективот не е ахроматски, поостра слика ќе се добие ако се исклучи црвената и сината боја (ако web камерата е колор). Најдобрите фотографии испратете ги во ЕМИТЕР, да ги видат и останатите читатели. Среќно!
Владимир Филевски
Здраво Емитерци!
Ве следам веќе 2-3 години и навистина сум задоволен од вашата работа. Пријатно ме изненадивте со текстот за самоградба на телескоп бидејќи одамна сакав да почнам да се занимавам со астрономија, а не само да ги читам астрономските текстови. Затоа веднаш го направив телескопот што го прикажавте и доста сум задоволен од добиеното. Меѓутоа имам и некои пробеми и прашања:
Сликата што ја добивам не е баш најјасна. Дали е тоа затоа што не ги вградив блендите во внатрешноста? Имам проблеми со изострувањето на сликата. Фокусирање правам со вовлекување и извлекување на помалата цевка, но дали треба да го вртам и објективот (подвижниот дел за далечина на сликањето)? Како да ја подесам блендата на самиот објектив (сега окулар) - на максимум или на минимум? Сите овие работи ги пробував но не добивам остра слика.
Треба да прикажете и сталак за овој телескоп, а добро би дошол и некој проект за подобар телескоп.
Поздрав од Зоран Митковски
Нè радува вашиот интерес за телескопите и драго ни е што сте добиле добри резултати со практичната изведба на телескопот. Како што беше кажано во текстот "Телескопи – историјат и видови" објавен во ЕМИТЕР 11/2003, за да се добие остра слика неопходен е ахроматски објектив. Објективот употребен за проектот "Направете сами телескоп" од ЕМИТЕР 12/2003 не е ахроматски дублет, туку е едноставна единечна леќа која по дефиниција "боледува" од хроматска аберација, така што и сликата не може да биде многу остра. Но, со одредени мерки и предострожности може да се извлече максимум. Како прво, проверете дали стаклените површини на леќите од објективот и окуларот се навистина чисти! Понатаму, трите бленди мораат да се вградат! Првата, надворешна бленда која налегнува пред објективот е најважна, бидејќи таа ја намалува хроматската и сферната аберација (и со тоа ја изострува сликата). Внатрешните бленди ја намалуваат рефлектираната светлина во внатрешноста на телескопот и заради тоа пожелно е да се постават уште неколку бленди. Исто така, добро е внатрешноста на телескопот да се облепи со тенок црн филц, кој потполно ќе ја елиминира рефлектираната светлина.
Нејасна слика може да се добие и кога објективот не е монтиран точно вертикално на оската на цевката, односно кога оптичката оска на објективот не се поклопува со оската на цевката. Прстенестото проширување на пластичната цевка (на кое налегнува објективот) не е многу прецизно изработено, така што ќе треба да направите неколку проби со монтажата на објективот.
За фокусирање доволно е вовлекувањето и извлекувањето на цевката, а потоа, по потреба со вртење на прстенот за далечина на објективот од фотоапаратот (т.е. окуларот) може да извршите фино нагодување. Проверете дали има доволно простор за лизгање на цевките пред и зад фокусот – можеби воопшто не сте дошле до фокусот? Започнете со потполно вовлечена цевка, а потоа полека извлекувајте ја – сликата треба да станува сè поостра и поостра. Откако ќе го заминете фокусот, сликата повторно ќе стане неостра. Полека вратете ја цевката со вовлекување назад, сè до местото каде е најостра. Ова фокусирање правете го на Месечината, или на крстот на Водно – за блиските предмети потребно е многу големо извлекување на цевките (кои се прекуси за такво нешто). Блендата на фотографскиот објектив (т.е. окуларот) треба да биде потполно отворена, освен кај оние објективи кои имаат f:2,8 – кај нив блендата треба да се подзатвори на f:4.
Остра слика може да се добие само ако и атмосферата е чиста – Месечината на небото треба да има сребрено-бела боја, а не жолтеникава (гледано со голо око). При доволно добри атмосферски услови кратерите на Месечината преку телескопот се гледаат кристално јасно!
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР,
На последниот саем Технома од вашиот штанд си го купив летниот двоброј,кој летоска го пропуштив, и навистина сум воодушевен од него: 140 страници на квалитетна мазна хартија, повеќе колор, повеќе разновидни и квалитетни статии, плус каталог од Сони! Затоа сакам да предложам такви да бидат и редовните броеви – мислам дека на сите читатели повеќе би им одговарал таков ЕМИТЕР за 200 денари, отколку редовната верзија за 130 денари.
Сè најдобро,
Тодор Павлевски, преку e-mail.
Драго ми е што нашиот јубилеен двоброј толку Ви се допаднал. Меѓутоа, Вашиот предлог тешко дека ќе можеме да го реализираме. Обезбедувањето на доволно интересни и квалитетни написи од разни области на науката и техниката не е толкав проблем (иако и тоа е далеку од лесно), туку проблемот е во цената. Цената од 200 денари за таков ЕМИТЕР е неисплатлива – таа, за таков обем и квалитет на ЕМИТЕР, а во согласност со тиражот и бројот на реклами, би требало да биде преку 250 денари. Сепак, тогаш се одлучивме за цена од 200 денари во име на јубилејот "10 години ЕМИТЕР" и со цел да го направиме тој број на ЕМИТЕР поприфатлив за читателите. Со други зборови, честевме во име на јубилејот. Меѓутоа, тоа не можеме да го правиме редовно. Од друга страна, поголема цена на ЕМИТЕР (и покрај поголемиот обем, разновидност и квалитет) сигурно ќе биде неприфатлива за значаен дел од читателите – веќе имаше такви коментари за цената на летниот двоброј, а тоа ќе биде уште поизразено ако наместо 200 цената биде 250 или 300 денари. Тоа значи дека сè додека не дојдат некои подобри времиња (читај: поголем тираж и повеќе реклами) ќе мора да се задоволите со редовниот ЕМИТЕР од 84 страници :-(.
Со надеж дека подобрите времиња скоро ќе пристигнат :-),
Слободан Таневски
Здраво Редакцијо. Кога пред некое време прв пат го видов вашето списание останав вчудоневиден од фактот дека такво списание постои во Македонија. Јас сум љубител на НАУКАТА, но не и на електрониката и ова списание го сметав за чисто "електроничарско" и ме зачуди неговата научна содржина. Па затоа би сакал да дадам предлог на името на ова списание да се додаде "НАУКА" со исти толкави букви како ЕМИТЕР, од две причини. Прво, ми пречи во мојата библиотека за наука да има списание кое има "електроничарско" име, а второ, голем број на потенцијални читатели да дознаат дека ова списание е и за науката воопшто, а не само за електроника. Најдобро е во иста големина на натписот ЕМИТЕР пред него да стои НАУКА.
Коле, преку e-mail
Името ЕМИТЕР сосема одговара за списание за наука и техника, а кратко објаснување за тоа ќе најдете во уводникот од бројот 9/03 кој ви го праќам во прилог. Како и да е, името на списанието не би требало да биде проблем и тоа да ви пречи во вашата научна библиотека.
Се надевам дека во иднина редовно ќе се дружиме преку ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Проблемот околу името не се состои во тоа дали одговара или не, туку да биде поприфатливо за купувачите и попрофитно за издавачот, е, секако, да има и додавка НАУКА, макар и со помали букви. Имено, списанијата најмногу се купуваат случајно, на пример, за пополнување на времето во меѓуградски превоз, за здодевното време на студентите, за во болници, за читалните во војска и слично. Таквиот купувач без некакво знаење оди пред трафика и по насловите на списанијата случајно одбира едно кое би имало интересни теми за него. Таквите купувачи се најбројни, а никој не би зел списание со име ЕМИТЕР сметајќи дека е стручно списание за електроника, а не и општо списание со занимливи и интересни теми од науката и животот за секого. Чист доказ за тоа сум јас - постојано купував БЛА БЛА и порано Котелец, а сега редовно ЕМИТЕР, но не од случаен поглед во трафиките, туку од кажување. Затоа, добро е на името ЕМИТЕР да се додаде и НАУКА.
Коле, преку e-mail
Ова што го кажувате е во ред и ние го имавме предвид кога во 2001 година одлучивме да го прошириме концептот. Сепак, одлучивме да го задржиме името ЕМИТЕР поради следниве причини:
1. Името што би го содржело и зборот НАУКА (И ТЕХНИКА) би било многу долго и премногу класично.
2. Списание со ново име тогаш би носело ознака "број 1, година 1" а тоа воопшто не е добро за настап пред потенцијалните спонзори - до нив полесно се стига кога ќе се настапи со, на пример, "број 54, година 7"
3. Името ЕМИТЕР сосема одговара и за општо списание за наука и техника, а не само за електроника - емитер е секој елемент што нешто зрачи/емитува, во случајов ЕМИТЕР е списание кое зрачи знаење и корисни информации.
4. Фотографиите и насловите кои се на корицата јасно кажуваат што е содржина на списанието.
5. Редовните реклами за секој нов број на ЕМИТЕР во печатените и електронските медиуми јасно кажуваат за какво списание станува збор.
Како што гледате, имаше и има премногу аргументи зошто е задржано името ЕМИТЕР. А после 4 години од промената, 40 броеви со новиот концепт, 40 корици кои јасно кажуваат за научно-техничката содржина на секој број и безброј реклами за секој број на ЕМИТЕР во Утрински весник, Вест, ТВ Телма, Радио Равел и едно чудо други радија и телевизии навистина е чудно како вие, кој се интересирате за наука, дури сега го откривате ЕМИТЕР. За тоа, очигледно, најмалку вина има името на списанието.
Сега кога го знаете ЕМИТЕР, верувам дека и во иднина редовно ќе го следите и препорачувате на своите пријатели.
Слободан Таневски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.