Моќни засилувачи (Емитер 9/2004)

Почитувани,
Имам само пофалби и две прашања до Вас:
1. Го имам изработено 250W V-MOS засилувач од ЕМИТЕР 11/99 и 12/99 и многу сум задоволен од него. Сега ме интересира дали кај него може да се постават повеќе излезни транзистори, за да се добие моќност 400-500W и дали притоа треба да се направат некои измени?
2. Сакам да го изработам засилувачот со LM3886 од Е7-8/04 заедно со филтер засилувачот за сабвуфер со TDA 7294 од Е9/03. Ме интересира дали може да ми прави некој проблем ако користам едно трафо (300W, 2x26V) за напојување на двата засилувачи?
Поздрав,
Јовица Даниловски од Ресен

1. Како прво да ви кажам дека ми е многу мило што сте го изработиле токму овој засилувач кој не е така евтин, и дека сте задоволни од него. Во принцип, секој квалитетен засилувач е конструиран како таков за да ги даде крајните перформанси по многу испитувања и модификации. Едноставно поврзување на паралелни излезни транзистори секако нема да биде она што конструкторите на овој засилувач го планирале, а поголеми зафати на истите ППК се неможни. Овој засилувач има своја 50, 500 и 1000W верзија. Овие засилувачи од 500W и 1000W ги немам изработено и затоа досега не се објавени во ЕМИТЕР. Тогаш кога ќе бидат проверени во практиката од наша страна, ќе ги објавиме во ЕМИТЕР со што секој заинтересиран со доволни познавања ќе може да ги изработи.
2. Трансформаторот од 300 вати, кој го имате, слободно може да го користите за напојување и на двата засилувачи, бидејќи по напон и моќност потполно задоволува, но сепак секој засилувач нека има посебен насочувач со свои филтерски кондензатори.
Драган Јовановски


Прашања за PLL-колото LM567 (Е6/04) (Емитер 9/2004)

Здраво ЕМИТЕР!
Ми треба помош во врска со PLL-колото LM567, за кое во ЕМИТЕР 6/04 на стр. 51 имаше неколку едноставни шеми.
1. ТОНСКИ РЕЛЕЈ (слика 3). Дали може 2 или повеќе исти склопа да се поврзат на едно исто напојување? Не ми е јасно дали ќе си пречат еден на друг и во врска со нагодувањето на која влезна фреквенција да работат ако користат исто напојување? Ако немаат никакви конфликти како и со кој стабилизатор да ги поврзам, бидејќи ако има промена на напонот да не се измести влезната фреквенција?
2. Дали од ОСИЦИЛАТОРОТ СО ДВЕ ФРЕКВЕНЦИИ со LM567 (слика 1) неговите две излезни фреквенции може да ги користам за влезовите на ТОНСКИОТ РЕЛЕЈ. и, исто така, дали може на едно напојување да ги поврзам ТОНСКИОТ РЕЛЕЈ и ОСИЦИЛАТОРОТ СО ДВЕ ФРЕКВЕНЦИИ?
Ви благодарам однапред :+)
Иван Ташков

1. Досега во литературата не сум сретнал можен проблем како што вие претпоставувате дека повеќе такви склопови поврзани на едно напојување можат меѓусебно да си пречат. Но, работејќи со овие кола сум среќавал проблеми слични на овие кои вие ги наведувате, но не поради тоа што биле напојувани од едно место. Бидејќи не знам што конкретно ќе претставува вашата комбинација од овие кола, ќе ви одговорам паушално.
Слободно можете да користите два или повеќе склопови, како што е тонскиот релеј, на исто напојување без да имаат меѓусебни пречки. Ако користите трансформатор од 12 волти и соодветен исправувач, напонот што ќе се добие ќе биде околу 16,8 волти. Потоа со стабилизатор 7809 ќе добиете стабилни 9 волти кои ќе ги користите само за напојување на LM567 (извод 4), додека релеите (12 волтни) ќе ги напојувате од оние 16,8 волти.
2. Колото прикажано на слика 1, дадено како апликација, не сум го комбинирал со колото во коешто LM567 работи како тонски релеј, но не би требало да има никаков проблем во исправноста на таквата комбинација. Доколку ја користите оваа комбинација, ќе мора да користите два посебни спроводника за пренос на сигналите од склопот на слика 1 до склоповите на слика 3. Инаку, сите овие склопови можат да се поврзат на исто напојување.
Драган Јовановски


Брошури? Се разбира - ДА! (Емитер 9/2004)

Последната брошура особено ми се допадна и мислам дека брошурите треба да излегуваат поредовно. Добро би било да се објават брошури кои би не запознале повеќе со компјутерската техника со што ќе им се помогне на помалку искусните кои сакаат да купат компјутер да знаат што да одберат, затоа што во Македонија има многу фирми кои само те убедуваат да купиш без разлика на квалитетот. Друго што би можело да се објави е за употребата на Linux оперативниот систем за да може читателите повеќе да го запознаат и да изберат со што ќе работат.
Јовица Даниловски

Дали ДА за книги и брошури во издание на ЕМИТЕР? Без двоумење и остаток: ДА. Македонскиот пазар на стручни книги е катастрофално сиромашен со стручна литература. Токму затоа ЕМИТЕР треба да продолжи да инвестира во вакви изданија со надеж дека кога ќе се средат приликите во државата ќе има и материјална и секаква друга сатисфакција за вложените напори. За жал, сега ниту државата ниту фирмите немаат слух за спасот кој го нуди науката и знаењето.
Конечно за брошурите и книгите во издание на ЕМИТЕР. Одличен зафат и само напред. Во почетокот да ви е јасно дека само ќе инвестирате сè додека не се намножат насловите и додека не се привикнат потенцијалните купувачи и спонзори на оваа едиција. Во таа насока ќе треба да имате појак маркетинг и задолжително сопствена веб-страница на Интернет.
Имам и една забелешка, т.е. нелогичност и одбивност како последица на тоа. А тоа е цената на еден примерок од брошурата која е 100 денари и уште 90 денари ПТТ трошоци?!!? Некој ќе си рече: Колку чини брошурата толку плус трошоци: Следува - за инает не ја купувам, нема да дозволам некој да ме прави будала. Излез: дали може брошурата да е достапна и на други продажни места како што се книжарници, киосци и слично?
Инаку, според мене, цената на брошурите е ниска, и кај потенцијалниот купувач можеби ќе се јави сомнеж: Штом цената е мала веројатно е слаб и квалитетот на она што е внатре напишано. Знам дека квалитетот на содржините е висок, но опремете ја подобро (добри корици и слики, цртежи и сл.), сето тоа пресметајте го во повисоката цена, па во овој случај за квалитетот не ќе може ништо да се забележи и притоа купувачот ќе биде задоволен со купената брошура, со задоволство ќе ја прочита и, во зависност од темата што е обработена, ќе му претставува драгоцен прирачник и помагало. Помина времето кога беше важна само содржината која е спакувана во неугледни корици и катастрофална опременост на текстот. Денес пазарот е пребирлив. Оној што сака да ја купи ќе ја купи и за нешто повисока цена, бидете сигурни во тоа.
Гиго Скендер

Идејата за брошури во ЕМИТЕР е одлична и треба да се продолжи со реализација. Сепак, на читателите треба да им биде јасно дека за подготовки на секоја брошура е потрошено многу време и труд. Од друга страна, навистина ме зачудува фактот што многу малку фирми се заинтересерани за потпомагање на вакви стручни брошури од кои, секако, самите би имале корист (маркетинг нели...).
Мислам дека еден од вистинските чекори кон решавање на овој проблем е со поинтензивно лобирање и информирање на фирмите за ваквите можности за соработка...
Сега збор два за самите брошури... Сметам дека досегашните брошури беа одлични, но со ниво на тежина: почетно – средно. Предлагам освен ваков тип на брошури (кои секако би оделе во комплет со определен број, а потоа би се продавале посебно со некоја соодветна цена) да се изготвуваат и малку пообемни и постручни брошури (на пр., таблици на компатибилни елементи, збирки на техничка документација за интегрални кола и нивна примена и сл.), кои би се продавале одделно.
Владислав Бидиков

Брошурите се одлична работа. Но, тоа што одат во пакет со списанието малку ми пречи. Прво, цената веќе не е ниска за овие наши услови, а второ, можеби некоја брошура нема да ме интересира ќе мора да ја платам заедно со списанието. Како и да е, ја поддржувам вашата издавачка политика и предлагам, покрај оние што ги спомнавте, да објавите и брошури за воздухопловно и ракетно моделарство, астрономија, компјутерска техника за почетници, фототехника и, секако, употреба на разни интегрирани кола.
Горан Петковски

Давам целосна поддршка на вашите иницијативи за брошури во издание на ЕМИТЕР. Се залагам за квалитетни и популарни брошури, кои ќе бидат актуелни и наменети за професионална публика. Ви пожелувам успех,
Вида Трајковски

Во врска со брошурите мои предлози би биле: аудиозасилувачи (видови, класи), склопови со некои попознати ИК (741, 555...), транзистори (видови, табели, распоред на изводи), самоградба на звучници, сериите за поправка на аудиоуреди и ТВ собрани на едно место...
Иво Наумовски

Прво, многу поддршка за тоа што го работите и за вашата силна желба да се направи нешто добро за науката. Јас сум студент на електротехничкиот факултет (насока електроника и телекомуникации) и многу се радувам што во иднина ќе можам да читам и нешто постручно. Јас многу ги критикувам моите професори, бидејќи немаат доволно литература а многу бараат, а кога ќе им речеме дека немаме доволно литература на македонски јазик, велат да земеме книги од некои српски или хрватски автори и тука завршува целата приказна. Затоа, многу добро ќе ми дојде нешто надвор од стандардните учебници. За понатаму би сакал да има уште нешто од областа на телекомуникациите, бидејќи планирам на тоа повеќе да се насочам.
Љупчо Апостолов

Ме радува идејата да се продолжи со издавање на брошури од областа техниката. Идејата е добра, бидејќи нема апсолутно никаква литература напишана од наши автори, освен некои учебници. Во учебниците, главно, се изучува теоретскиот дел од соодветната тема. Но, во праксата тоа не е доволно, затоа се потребни практични примери. Овие практични примери во најголем број од случаите теоретичарите не ги познаваат. Практичните примери се познати на практичарите, кои почнале да се занимаваат со соодветната тема од хоби или некој друг интерес. Меѓутоа, од друга страна, практичарите ретко ја познаваат теоријата. Каква контрадикторност!
Оваа контрадикторност можеме да ја сретнеме во секое хоби или теоретска тема, или во секоја практичност и знаење. Затоа сметам дека една причина плус за издавање на овие брошури е спојувањето на праксата со теоријата.
Втора причина е обработка на одделна тема во брошурата наместо таа тема да се обработува делумно во некоја глава од некоја обемна книга. Сигурно на повеќе читатели на ЕМИТЕР им се случило да не купат некоја книга, затоа што во книгата се обработува мал дел од темата која нè интересира, а остатокот во прв момент воопшто не ни е потребен, книгата е обемна со општи работи, книгата е скапа и слично.
Трето, овие брошури треба да обработуваат теми според потребите на читателите.
Четврто, повеќе брошури заедно би опфатиле поголема област од некое хоби или тема и би претставувале некој тип на збирка. Вакви брошури имаше издадено од Народна техника на Југославија пред многу години. Беа многу интересни и можеби ЕМИТЕР треба да направи некоја слична збирка.
Минатата година подготвував некои од учениците од училиштето на син ми за натпреварите од Народна техника, кога увидов дека во скоро сите области недостасува соодветна литература. Затоа можам да предложам како теми да се разработат: авиомоделарство, ракетно моделарство, бродомоделарство и други. Јас мислам дека имате доволно соработници за овие теми.
Интересна тема за објавување како брошура се написите "Почетен курс по електроника". Сметам дека секој било да е почетник или професионалец би сакал да има едно вакво издание. Можеби ќе бидат интересни и темите за поправка на телевизори, радија и слично со збирка на шеми. Има многу интересни теми за брошурите. Можеби еден ден некој ќе сака да ги финансира. Засега толку. Ви посакувам многу успех во издавањето на брошурите.
Митко Толев

Идејата за објавување на брошури од различни области на техниката е одлична и заслужува пофалби. Овие брошури, донекаде би ја пополниле празнината која владее во нашата земја на полето на техничката литература. Темите за подоцнежните брошури се добро избрани, бидејќи прават спој на теоријата и праксата.
За брошурата "Сателитска телевизија" можам да кажам само пофални зборови. Информациите што се содржани во неа, можат да бидат од корист не само на оние кои професионално се занимаваат со оваа струка, туку и на почетниците. Во иднина, планирам да инсталирам сателитска телевизија во мојот дом и мислам дека вашата брошура ќе ми биде од голема корист.
Единствено што можам да ви порачам е да продолжите и понатаму со истото темпо и се надевам дека успешно ќе го завршите серијалот на брошури што го имате замислено.
Љубиша Младеновски

Мојот личен став е многу позитивен кон оваа Ваша постапка, бидејќи е очигледно дека во Македонија сериозно недостасува стручна и научна литература и, пред сè, би било позитивно кон општиот став дека треба да се користат книги, а не скрипти, копии и сл. Цената за мене не претставува никаков проблем, бидејќи, за моја среќа, засега добро се снаоѓам.
Овие брошури се одлични, бидејќи ја дополнуваат општата техничка и научна култура, пред сè, на оние кои имаат почетен интерес, како и на оние што не се занимаваат специјално со проблематика во брошурата, туку ја пополнуваат онаа празнина која е битна за општото знаење.
Александар Николиќ

Не знам зошто барате мислење од читателите дали треба да печатите стручна литература во вид на брошури. Нормално дека треба! Сите се повеќе од свесни дека никогаш немало доволно стручна литература на нашиве простори. Поради оние 50 денари плус на цената? Зарем има некаде во светов брошури што разработуваат теми од областа на електрониката, информатиката или слично, а се продаваат со цена од 1 евро. Не верувам. Што се однесува до мене лично и до оние читатели што јас ги познавам, имате целосна поддршка.
Јас би сакал да дадам и еден предлог. ЦД можеби?
Многу од написите, кои сте ги имале досега во ЕМИТЕР, се постојано актуелни: "Означување на отпорници", "Означување на транзистори", "Сервисирање на аудиоуреди" и сл.
Текстовите веќе ги имате, само треба да ги конвертирате во PDF формат и да ги изрежете.
Мислам дека за младите читатели (електроничари), ова ќе биде привлечно. Многу од нив не можат финансиски да си дозволат да нарачаат 2, 3 ,..., 10 стари броеви на ЕМИТЕР. ЦД-ата во последно време имаат многу ниска цена. Со мало спонзорство (многу помало отколку за печатење) ќе добиете убав додаток. Ова не значи дека треба да се отфрлат брошурите. Напротив, само уште еден начин како да ги анимирате своите читатели.
И за крај, еден ден кога ќе имаме нормална држава, верувам дека и таа ќе им помогне на ЕМИТЕР и на сите негови читатели.
Александар Бариќ

Идејата за издавање брошури во вашето списание е одлична. Технички изданија на македонски јазик недостасуваат, затоа секој додаток е добредојден. Мислам дека секој додаток околу информатиката и компјутерската техника нема да е вишок, покрај тоа што и во самото списание имате таква рубрика.
Ристо Гацоски

Моето мислење за издавање на брошури е секако позитивно и пофално за вашето списание. Вашите напори во таа област мислам дека се со позитивен ефект, а јас лично со нетрпение ги очекувам брошурите кои ги најавивте за во иднина и се надевам дека ќе има и уште повеќе нови. За поздравување е целата ваша идеја како за самото списание така и за дополнителните брошури кои како што самите наведовте навистина ги нема во доволен број на македонски јазик.
Гоце Васевски

Издавањето на брошури од ваша страна е многу добра идеја бидејќи се работи за списание со искуство и традиција во издаваштвото. Брошурите, пред сè, треба да бидат со тематика од електрониката, комуникациите, Интернетот, информатиката, астрономијата и други слични природни и технички науки и области. Цената не е битна, битен е само квалитетот и пристапот кон обработуваната материја. Брошурата "Сателитска телевизија" беше полн погодок.
Томе Ивановски, Битола

Голема благодарност до сите читатели што ни испратија писма во врска со нашите планови за повторно издавање на брошури. Пофалбите и предлозите кои ги добиваме се силен поттик да истраеме во нашите издавачки планови и да ги надминеме организациските и финансиските проблеми на тој пат. Можам да заклучам дека формата, изборот на темите, квалитетот и цената се прифатливи за повеќето читатели, па во таа насока нема да има промени.
Последната брошура "Сателитска телевизија" веќе месец дена се продава на повеќето продажни места на ЕМИТЕР и ќе остане во продажба до крајот на октомври. Потоа планираме да воспоставиме соработка со некои од поголемите издавачи кои имаат сопствени книжарници ("Просветно дело", "Култура"...), преку кои ќе продолжи продажбата на оваа и сите следни брошури. На крај, за оние што нема да успеат да ја набават во трафиките и книжарниците, останува можноста за нарачка од Редакцијата, при што ќе треба да се платат дополнителните ПТТ трошоци, кои сега изнесуваат околу 90 денари.
Темите за следните брошури, се разбира, ќе бидат во директна врска со концептот на списанието (наука и техника), некои ќе бидат на почетничко ниво, а некои на средно и напредно ниво. За почеток ги планираме следните брошури: Биполарни транзистори, Микрофони, Звучници, Радиотехника за почетници, Кабелска телевизија, Микроконтролери, CorelDraw, MS Word, Windows XP, Protel..., а некои од овие веќе се во завршна фаза на подготовка. Се разбира, за во иднина, ќе бидат земени предвид и сите теми предложени од читателите. Се надевам дека ќе успееме да објавуваме нова брошура на секои 2 – 4 месеци, на радост на сите читатели, соработници и спонзори.
Слободан Таневски


Модификации во тејмерот VKT-01 (Емитер 7-8/2004)

Почитувана Редакцијо на ЕМИТЕР,
Имам прашање во врска со еден проект кој е објавен во постарите броеви на ЕМИТЕР и се надевам дека ќе ми помогнете. Се работи за тајмерот VKT – 01 (број 3/2к - март 2000 г.).
Прашањето е дали може некако да се изведе LED диодите на тајмерот да не се гасат откако ќе истече времето кое е дефинирано за една диода. На пример, ако имаме сетирано да исклучиме некој уред за 100 мин. (периодата е 10 мин.), и ако поминатото време откако сме го активирале тајмерот е 60 мин., да светат првите 6 диоди со што мислам дека ќе имаме подобра визуелна индикација на времето кое ни преостанува до исклучувањето на уредот. Така на овој пример ќе знаеме дека времето кое ни преостанува е 40 мин. Ме интересира дали тајмерот ќе се усложни повеќе, односно дали ќе треба да се употреби некое друго IC на местото на CD 4017 или, пак, некое друго дополнително коло.
Ви благодарам однапред и се надевам дека бев јасен,
Поздрав од Александар

За жал, нема едноставна замена на коло кое би се поставило наместо CD4017 со кое би добиле приказ на LED диодите како што ви треба вас. Ниту, пак, има едноставна изведба на тајмер на кој приказот на изминатото и преостанатото време ќе биде според вашето барање. Може нешто слично да се направи со употреба на CD4511 и CD4518, каде на седумсегментен LED дисплеј ќе се прикаже колку проценти од поставеното време е поминато. Ако сте заинтересирани за ова решение, контактирајте со нас за да ви испратиме идејно решение како тоа да се изработи (идејно затоа што не може да ви испратиме комплетно решение кое може едноставно да го изработите и да проработи од прва). Или, пак, можеби во некој следен број на ЕМИТЕР и ќе објавиме нешто слично.
Благој Ќупев


Осветлување на LCD дисплеј и неонка на 12V (Емитер 7-8/2004)

Почитувана Редакцијо! Имам два проблеми кои се надевам дека ќе можете да ми помогнете да ги решам.
1. Дали знаете како можам да осветлам LCD Display. Поточно, станува збор за LCD Display од дигитален брзиномер од велосипед. Јас пробав со поставување на LED диоди паралелно на дисплејот, но светлината поминува низ него и излегува на другата страна. Притоа ни еден дел од дисплејот не го осветлува. Ова ми беше инспирација од дисплеј на мобилен телефон, но дали е ова возможно и на овој дисплеј да се постигне?
2. Како би можел да поврзам флуоресцентна цевка (неонка) на 12V еднонасочна струја? Бидејќи немам сретнато во ЕМИТЕР ваква шема доколку има ќе ве молам да ми го посочите бројот на списанието. Дали би можел да ја искористам електрониката од светлата кои се користат кога нема напон во објектот и се вклучуваат на напон приближно 4V, а светат неонки од 8W. Ако ова е возможно дали би можел да ја зголемам моќноста на 60W. И за крај, доколку имате решение за ова или готов проект (шема) би ви бил многу благодарен доколку ми ја испратите на и-меил или ја објавите во некој од следните броеви на ЕМИТЕР!
Со почит, Борче Костовски

1. Претпоставувам дека дисплејот кој го има мерачот на брзина од велосипед е од рефлексен тип, што значи дека најдобро работи со светлина која упаѓа од надвор, и притоа најдобро е светлината да биде нормална на предната површина на дисплејот. Оваа светлина се одбива од рефлексната подлога позади стаклото со течен кристал и се враќа кон предната површина на дисплејот. Патувајќи низ "сендвичот" од стакло и течни кристали, светлината различно се поларизира и на тој начин се формираат сенки на местата каде поларизацијата е под агол од 90 степени. Овие сенки се користат за испишување на потребната информација на дисплејот. Ова во најкратки црти е принципот на работа на овие дисплеи.
Кај рефлексните типови на дисплеи со течен кристал светлината треба да помине два пати низ "сендвичот" (еднаш од предната површина кон рефлексниот слој и уште еднаш рефлектираната светлина се враќа од рефлексната површина кон предната страна на дисплејот). Ова значи дека ако на ваков дисплеј му уфрлите светлина од некоја друга страна нема да работи добро. Друга причина може да биде и типот на рефлексната површина на дисплејот која кај мобилните телефони е релјефна и е со бела боја. Овој рефлексен слој не само што ја рефлектира светлината, туку и ја дисперзира што е потребно за рамномерно осветлување на дисплејот. Уште една причина која може да биде причина за неуспех кај вас е и бојата на употребените светлечки диоди. Посебно ако сте употребиле сини лед диоди голема е веројатноста да нема успех. Ова се должи на тоа што некои дисплеи со течни кристали не ја поларизираат сината светлина и изгледа како дисплејот да не работи. Ова може да се одреди по тоа што овие дисплеи кога ги гледате на сончева светлина имаат пурпурно-темносин сјај. Ако станува збор за ова, употребете портокалови или зелени светлечки диоди и успехот ќе биде загарантиран.
2. За да започне неонската светилка да работи потребно е да настане јонизација на гасот кој се наоѓа во цевката (кој не е неон, туку е мешавина од повеќе гасови). Ова се постигнува со иницирање на гасот со напон од околу 1000V, а потоа за да се одржи јонизацијата потребен е напон од околу 180-200V. Станува збор за флуоресцентни цевки кои се со должина од 1,2m и се предвидени за работа на 220V наизменичен напон. За да започне ваква цевка да работи на 12V потребна е соодветна електроника со која од овој напон ќе се добие наизменичен напон со доволно висок напон. Ова може да се постигне на повеќе начини, но наједноставен е со употреба на мрежен трансформатор на кој му се менуваат улогите на примарот и секундарот. Така се одбира трансформатор со однос 12V/220V и на намотките за 12V се носи наизменичен напон од осцилатор предвиден за таа намена. Ова е само идеја како да се изработи едноставен инвертор, за деталите околу неговата изработка ќе треба да почекате за да се реализира проект со слична намена кој, се разбира, ќе го објавиме во ЕМИТЕР.
Што се однесува до електрониката која ја споменувате, се разбира дека може да се употреби електрониката која е предвидена за активирање на флуоресцентни цевки, но треба да се запази моќноста на цевката. За жал, не може на електроника предвидена за побуда на цевка од 8W да поврзете цевка од 60W. За да се оствари ова треба да се промени трансформаторот кој е поставен во електрониката како и драјверскиот дел за него. Сепак, оваа постапка не е воопшто едноставна и не би ви препорачал да ја правите. Многу поедноставно ќе биде да направите нова електроника која ќе биде предвидена за побуда на флуоресцентна цевка од 60W. Моментално не можеме да ви испратиме шема за оваа проблематика, но во иднина ќе се потрудиме да направиме проект во ЕМИТЕР за оваа намена.
Благој Ќупев


Чудно покажување на ESR-метарот од Е2/2000 (Емитер 7-8/2004)

Почитувано редакцијо,
Ве поздравувам многу и имам едно прашање:
Го изработив ESR-метарот од ЕМИТЕР 2/2000 и со кондензатори над 200µF покажува максимален отклон односно 0оми иако кондензаторите се со различна вредност и старост. Во што е проблемот?
Благодарам однапред,
Никола Митрески

ESR метарот не е капацитет-метар да дава различни отклони за секој различен капацитет. Затоа не се зачудувајте што дава исти отклони за различни капацитети, особено за тие над 200µF. ESR метарот треба да дава различни отклони само при различна состојба на електролитот во кондензаторот. Ако кондензаторите кои сте ги мереле, без поголемо влијание на нивниот капацитет, имале "свеж" електролит, отклонот ќе биде максимален, односно еднаков на "0", затоа што сериската отпорност на електролитот заради неговата добра проводливост е мала, односно нула. Ако одберете кондензатори со постар датум на производство, со сигурност нивниот електролит ги има изгубено своите проводливи способности, па ќе очекуваме зголемување на сериската отпорност и намалување на отклонот и капацитетот. Падот на сериската отпорност е помалку изразен кај кондензаторите со поголем капацитет и покрај нивното стареење во компарација со кондензаторите со помала капацитатитвност. Значи, два кондензатори со ист датум на производство, од ист произведувач, со иста технологија на производство, изглед и начин на чување, а различен капацитет: на пример: 10µF и 200µF, после одреден период од на пример: 5 год. иако игубиле еднаков процент од "свежината" на електролитот, ќе покажат различен отклон кој ќе биде помал кај кондензаторот со помал капацитет. Значи кондензаторите со поголем капацитет треба многу повеќе да се "исушат" за да настане видливо зголемување на ESR факторот.
Исто така, зголемувањето на сериската отпорност, т.е. намалување на отклонот со стареењето на електролитот во кондензаторот е поизразено кај кондензаторите со поголем деклариран номинален напон. Заради потребните поголеми изолациони својства на електролитот во кондензаторите со повисок номинален напон, "сувоста" на електролитниот расатвор во кондензаторот кај овој тип на кондензатори е поизразена и побрзо го зголемува ESR со стареењето. Токму затоа, "locus minoris resistance" (слаба точка) во мрежните претворувачи т.н. switch-ери, се кондензаторите со помал капацитет а повисок деклариран напон. Кога испитувате кондензатори за нивниот ESR, започнете со испитување на малите електролити по капацитет и димензија (помало количество не електролитска течност) кои имат повисок деклариран напон. Сигурно дека потешко ќе го променат ESR големите електролити од 1000-2200µF на излезот од напојувањето кои се за напон од на пр. 12 V во споредба со електролитите во осцилаторот со капацитет од 1-10µF а напон од 250-400V. Кондензаторите кои се поблиску до извор на топлина, на пр. до тело за ладедње или трансформатор, побрзо го влошуваат ESR факторот.
Заклучок: Кога мерите ESR на кондензатори, мерете и споредувајте кондензатори кои имаат ист ред на големина на капацитетот и приближно ист деклариран напон. Кондензаторите со помал капацитет, помали физички димензии и поголем номинален напон се понеотпорни на "стареење", односно губат процентуално поголем дел од својот капацитет, отколку кондензаторите со поголем капацитет, поробустни димензии и помал номинален напон , особено т.н. струјни електролитски кондензатори.
Инаку, според кажаното од ваша страна, инструментот е во потполна исправност.
Петар Аврамовски


Прашања за полначот од Е4/04 (Емитер 6/2004)

Здраво ЕМИТЕР.
Имам неколку прашања во врска со полначот за акумулатор од бр. 04/04 пред да почнам да го правам:
1. Дали може да се стави LED диода со која ќе се покажува дека акумулаторот е веќе полн и тој е изложен во фаза на одржување, покрај тоа што знам дека амперметарот ќе покажува мала струја која ја влече акумулаторот?
2. На вашиот прототип гледам дека има два инструменти, од кои едниот е амперметар, а другиот? На кој начин ги имате поврзано двата инструменти и со какви компоненти.
3. Имате напишано при тестирањето да се употреби моќен потрошувач (отпорник), колкава да биде неговата вредност?
4. Четврто и последно прашање: Сакам да употребам диоди за грецот - кој тип?
Однапред ви благодарам и се надевам дека ќе ми помогнете во врска со поставените прашања.
Марјан Атанасовски

1. Како што и сами сте забележале во текстот на проектот, доволна индикација на преминување во мод на одржување на полн акумулатор е минималната струја која ја покажува амперметарот и изгасената лед диода LD2. Дополнителна индикација може да се изведе во вид на волтметар или како индикатор со лед диода кој кога ќе ја достигне нагодената напонска вредност ја пали лед диодата. Вакви индикатори имало објавено на страниците на ЕМИТЕР.
2. На готовиот полнач кој е прикажан на сликата се гледаат два аналогни инструмента од кои едниот претставува амперметар, како што беше опишан во текстот, а другиот е адаптиран во вид на волтметар кој е приклучен на излезот преку сериски предотпорник.
3. Отпорникот кој се користеше како оптоварување на полначот при неговото нагодување беше променлив отпорник од отпорна жица. Отпорникот се користи кратко време при нагодувањето и доволна ќе биде моќност од 5W. Вредноста може да се одреди според Омовиот закон R=U/I, или едноставно со проба.
4. Наједноставно решение е да се користи грецов исправувач каков што е наведен во текстот за кој нема потреба од електрична изолација од ладилникот или куќиштето на полначот. Доколку, секако, сакате да ја усложните градбата на овој уред можете да користите кои било диоди кои се заведени во каталозите како 20-амперски и со напон од минимум 50 волти. Овие диоди електрично тешко се изолираат од ладилникот поради недостаток од соодветни лискунски и пластични подлошки за нив.
Драган Јовановски


Засилувач со слаби басови (Емитер 6/2004)

Здраво Емитер!
Најнапред голем поздрав до целата екипа и до главниот уредник на списанието, кои покрај сите досегашни проблеми се грижат на нашиве простори, освен политиката, да може да се прочита нешто покорисно, интересно и поучно (барем јас можам да се пофалам дека до сега сум научил многу од ЕМИТЕР, во поглед на електрониката). Значи, најголеми пофалби (бидејќи критики немам) и за содржината на списанието која е навистина на високо ниво и секако за цената која е навистина ниска - за 130 денари добиваме списание, плус каталог, плус сервисна шема! А ако на некого и ова му е скапо, нека се обиде во некој сервис да побара само една единствена сервисна шема за 130 денари и нека обрне внимание на реакцијата од личноста на која се обраќа!
Јас имам еден проблем којшто не знам да го решам. Се работи за АВ рисивер Sony STR-DE 595 којшто го купив пред некое време, приклучен на пар звучници исто така Sony SS-MF400H (модел од пред некои 2-3 години). Проблемот се состои во тоа што со новиот засилувач звучниците се некако "неискористени". Ги направив сите неопходни нагодувања засилувачот да репродуцира обичен стерео-сигнал (два канали, сите останати се исклучени, како и сабвуферот и декодерите) еквилајзерот го нагодив на максимум (bass +6 dB; treble +6 dB), предните канали на +10 dB, но сепак звукот е некако мек – басовите и високите се слаби, посебно кога засилувачот работи потивко. Повторно го приклучив стариот стереозасилувач JVC-AX330 колку за споредба и разликата е многу голема, односно и кога засилувачот работи потивко се чувствуваат ниските и високите тонови. Сега не знам што понатаму, па би сакал да добијам некој совет од вас, бидејќи добивам впечаток дека рисиверот Sony е со многу слаб квалитет. Или ваквиот звук е карактеристика на АВ рисиверите, воопшто? Значи, каков било совет од вас би ми помогнал, а ако веќе некој од вас имал прилика да го чуе звукот од Sony STR-DE 595 би било уште подобро.
Мене уште ми останува да ви се заблагодарам однапред и да го чекам вашиот одговор.
Многу поздрави од
Зоран Гуревски од Скопје

Ви благодариме за пофалбите и за поддршката.
Иако е точно тоа дека, во принцип, аудио/видео (А/В) рисиверите се со нешто послаб квалитет од класичните засилувачи, разликата во квалитетот на звукот не смее да биде голема, па дури ни средна! Сепак, според описот на вашиот проблем, мислам дека воопшто не постои проблем! Претпоставувам дека вие, всушност, сте се навикнале да слушате музика со контролите за бас и високи тонови "одвртени" на максимум. Тоа значи дека басовите и високите се засилени барем + 12 dB, што е стандардна максимална вредност на тонските контроли кај класичните стерео-засилувачи – како што е JVC-AX330. Уште ако користите loudness контрола, тогаш басовите и високите се засилени најмалку за + 20 dB. Јасно е дека вашиот АВ рисивер со своето засилување на басовите и високите од + 6 dB дава претивки (за вашиот вкус) басови и високи тонови. Малку ме збуни вашиот опис дека басовите и високите се "меки", но претпоставувам дека сте сакале да нагласите дека се со недоволна енергија, односно дека се претивки.
Решението на вашиот проблем е едноставно: запознајте го вистинскиот, природен звук на снимената музика! Тоа ќе го постигнете со поставување на тонските контроли на "нула" (и со исклучување на loudness контролата, ако ја има) – така ќе добиете потполно рамна фреквенциска карактеристика. Единствен исклучок е ако ја слушате музиката тивко: тогаш можете да ги засилите басовите и високите за +6 dB (ова е сосема доволно) – тоа е loudness компензацијата.
Сепак, за да бидете сосема сигурни дали е сè во ред со вашиот АВ рисивер, направете го следниов експеримент: исклучете ги тонските контроли (или поставете ги на "нула") и на засилувачот и на АВ рисиверот и потоа споредете ги како звучат на една иста песна (доволни се десетина секунди). При оваа проверка, јачините на звукот од засилувачот и од АВ рисиверот МОРА да ги нагодите (субјективно) да бидат исти! Квалитетот на звукот би требало да биде сличен, исто како и интензитетот на басовите и високите тонови. Пишете ни повторно за резултатите што сте ги добиле!
Владимир Филевски


Избор на телескоп (Емитер 6/2004)

Ве молам за ваше мислење за квалитетот и цената на телескопите од Интернет страницата која ви ја испраќам.
Поздрав,Сулејман Ватиќ, преку e-mail

По правило, најдобар избор на квалитетни телескопи и најниски цени имаат продавниците и фирмите специјализирани за продажба на телескопи. Фирмата од посочената Интернет страница не е специјализирана за таа област. Пониски цени можете да најдете на Интернет страницата www.astroshop-berlin.de каде има голем избор на квалитетни Celestron телескопи. Не сте ни напишале што поконкретно Ве интересира, па претпоставувам дека Ви е потребен некој телескоп наменет за почетници. Можам да Ви го препорачам телескопот Celestron Firstscope 114/900 EQ2, по цена од 208 евра. Во цената е вклучен германскиот данок, кој на излез од границата ќе биде минусиран од таа цена. Ова е најевтиниот телескоп за кој можам да Ви гарантирам за квалитетот на оптиката, додека квалитетот на монтажата е послаб. Телескопот е од Њутнов тип со дијаметар на примарното огледало еднакво на 114 mm и фокусна должина од 900 mm, а располага со два Келнерови окулари од 20 mm (45 пати зголемување) и од 10 mm (90 пати). Монтажата е екваторијална, на троножец. Единствен недостаток е тоа што во овој комплет не е вклучен окулар со фокус од околу 6 mm или Барлоу леќа (2Х), со кои би можело да се постигне максималното зголемување (околу 200 пати) и со тоа целосно да се искористи потенцијалот на овој телескоп. Окуларот и Барлоу леќата можат дополнително да се купат. Препрачувам E-Lux окулар од 6mm.
Истата фирма нуди сличен, но поевтин телескоп – Celestron Powerseeker 114 EQ, по цена од 163 евра (со вклучен герм. данок). Поевтин е од претходниот модел затоа што екваторијалната монтажа е послаба (барем на изглед), а типот на окуларите не е специфициран. Немам податоци дали овие недостатоци многу влијаат на квалитетот или не. Добра страна на овој пакет е тоа што во него е вклучен и окулар од 4 mm (225 пати зголемување) и Барлоу леќа (3Х).
Повеќе податоци и совети за купување и самоградба на телескопи ќе бидат објавени во петтото продолжение од серијата за телескопи во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Проблематичен отпорник во ТВ-приемник РИЗ 777 (Емитер 6/2004)

Имам едно прашање индиректно врзано со списанието, а повеќе со електрониката. Се работи за следново:
Во прашање е телевизор "РИЗ Гранд колор тип 777" или "Телефункен" со шасија 712 (Telefunken farbfernseh - chassis 712). Тука сакам да напоменам дека има разлика помеѓу шасиите 712, 712А и 712А ПИЛ. Проблемот е во вертикалниот излезен степен – плочка 491 (Vert. - Endstufen - Baustein BS 491). Проблематичен е отпорот R 491 (2,7 оми). Прашањето е следно:
Отпорникот е карактеристичен бидејќи приклучоците се изведени така што е можно при прегревање да дојде до негово одлемување. Прашањето е: зошто доаѓа до прегревање и горење на овој отпорник; за колкава моќност е предвиден бидејќи на шемата е означен како обичен отпор, а секако дека е посебен во нешто; каде да се лоцира проблемот во неговото прегревање? Кај исправен телевизор температурата при нормална работа е околу 85 степени, а кај проблематичниов телевизор околу 160 степени. И двата телевизори во моментот имаат ист отпор 2,7 оми за моќ од 2[W]. Проблематичниот телевизор нема никакви проблеми со сликата и тонот и на прв поглед сè е во ред, освен со прегревањето на отпорот зашто мора да се менува ист таков отпор на секои 3-4 недели. Знам дека прашањето е малку необично и би бил задоволен со каков било одговор. Ви се обраќам вам, бидејќи сум сигурен дека имате искуство во оваа област.
Поздрав од Томе Ивановски, Битола

Серијата "Сервисирање на ТВ-приемници" има свој логичен редослед по кој темата за вертикален отклонски систем ќе дојде на ред во еден од следните броеви на ЕМИТЕР. За да ви излезе во пресрет, ЕМИТЕР ќе се обиде да одговори на вашето барање. Вертикалниот отклонски систем на ТВ-приемникот Гранд колор 777 или неговата изворна верзија Телефункен со шасија 712 е составен од две печатени плочки: вертикален осцилатор BS451 и вертикален излезен степен BS491. Напојувањето на двете плочки е изведено од хоризонталниот излезен степен, има ознака U4 и вредност 38V, а преку спорниот отпорник R491 од 2,7 оми. Причини за неговото прекумерно греење може да има повеќе.
а) Прва и најверојатна е дека отпорникот има помала дозволена моќност, којашто треба да биде најмалку 5W.
б) Пропуштање на електролитскиот кондензатор C491 од 2200µF
в) Неисправен елемент во плочката на вертикалниот осцилатор, што наједноставно може да се провери ако ја замените целата плочка со друга од исправниот приемник што го спомнавте.
г) Неисправна диода во конвергентната плочка BS803, што би имало влијание и врз вертикалниот отклон.
Со оглед на тоа дека имате нормална големина на сликата, останува само можноста под а).
Зоран Тасиќ


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.