Здраво ЕМИТЕР!
Пред некое време го изработив ON board испитувачот на транзистори и функционираше сè како што треба. Единствено што ме интересира зошто при вклучување на уредот треба да се почека извесно време за да почне трепкањето на диодите (едната диода свети – трепка подолго време од другата) и по извесно време на уредот свети само едната диода. Однапред ви благодарам.
Ѓоко Тренкоски, преку e-mail
Манифестацијата на појавите кои ги споменувате сигурно е поради ваша грешка која настанала во тек на склопувањето или заради несоодветни компоненти или заради нивно неправилно поставување. За да ја лоцирате грешката најнапред повторно проверете дали сите компоненти се идентични со оние кои се назначени на шемата. Составете го само осцилаторот со IC1. Со мерење на напонот на излезната ногичка (pin 6) убедете се дека осцилаторот осцилира. Различното времетраење на светење на LED-диодите доаѓа од различниот сооднос на времетраењето на излезниот напон на излезот од осцилаторот т.н. duty/cycle (однос импулс/пауза). Оваа променлива зависи од правилниот сооднос на околните RC компоненти на осцилаторот.
Проверете дали транзисторите се правилно поставени и правилно поларизирани. На спојот на отпорникот R5 и отпорникот R6 доведете негативен потенцијал од напонот на напојување - треба да засвети LED 1. Истото, но со доведување позитивен потенцијал ја "запалува" LED 2. Ова е потврда дека транзисторите се правилно поставени и поларизирани.
Уредот е толку едноставен, па затоа не гледам причина зошто не би функционирал. Убаво прочитајте го описот како уредот работи и решението ќе го пронајдете сами.
Петар Аврамовски
Почитувани,
Најнапред да ви напоменам дека за прв пат го купив Вашето списание и многу пријатно се изненадив. Имено, месечно купувам најмалку две странски списанија од областа на информатиката и никогаш не сум размислувал да посегнам по некои од нашите технички списанија, поради фактот што не ми оставиле добар впечаток во минатото.
Инаку сум поранешен радио аматер, а денес се занимавам исклучиво со програмирање и многу ме интересираат научно технички содржини од кои човек може да се потсети и да научи нови работи. За темите немам критики, а за квалитетот во ова наше време и услови, со мал број на жители во државата сте повеќе од задоволителни. Ви недостасува "web" страна!
За крај, можам да кажам дека добивте нов читател.
Продолжете така!
Поздрав, Владимир Рибарски
Ви благодарам на пофалбите и ме радува што добивме уште еден читател. Навистина, честопати домашните списанија го немаат квалитетот на странските, но исто така е вистина и тоа дека некои од нив биле гледани со потценување, не поради содржините, туку само поради помалиот технички квалитет (број на страници, хартија, колори...), нешто што е директно поврзано со тиражот, а кој кај нас, за жал, не може да биде голем. Затоа, задоволството од вашите пофалби е големо, особено што доаѓаат од долгогодишен "сопатник" на науката и техниката.
Веб-страна долго време планираме да направиме, но никако не успеавме во морето обврски да најдеме доволно време за тоа, меѓу другото и затоа што сакаме таа да биде квалитетно изработена, барем колку и списанието. Како и да е, се надевам дека наскоро и тоа ќе го направиме, на радост на сите наши читатели.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Најнапред поздрав до сите соработници во ЕМИТЕР, а посбно до г-дин Слободан Таневски за неговата храброст и истрајност да одржи во живот едно вакво списание. Имам неколку прашања за господинот Марјан Трајков:
1. Каде можат да се набават макети од авиони, од која фирма (производител) и по која цена?
2. На кој начин се склопуваат одливките од макетите?
Ваш верен и долгогодишен читател,
Ефтим Панов, Скопје
Прво за производителите, набавката и цените на макетите. Во минатото макетите најчесто беа дел од асортиманот на фирми кои произведуваа играчки за деца, на пример фирмата Matchbox, која нам ни е попозната по моделите на автомобили нашироко распространети на нашиот пазар, а се изработени во метал техника со пластична внатрешност, најчесто во размер 1/57, наменети за деца од 3 години па натаму. Во средината на седумдесетите и почетокот на осумдесетите години покрај постоечките, на светскиот пазар почнаа да се појавуваат фирми чија основна дејност е производство на макети. Со распадот на источниот блок оваа дејност поприма огромен замав и на пазарот почнаа да се појавуваат исклучитело голем број мали специјализирани фирми за изработка на макети кои придонесоа во популаризација на ова хоби и појава на нови материјали, како што се: "Resin" или специјална смола за лиење, метални делови (бел метал) и делови изработени со фото постапка. Некои од попознатите фирми од светски рамки се: Revell-Monogram, Italeri, Airfix, Heller, Hobbycraft, Tamiya, Hasegawa итн. За жал набавката на макетите и нивното опстојување на пазарот е во директна врска од пројавениот интерес за ова хоби. Од причина што интересот кај нас е на исклучително ниско ниво, а главна причина за тоа е нашиот едукативно-образовен систем, макетите кај нас практично едвам да може да се каже дека ги има. Од пред една година фирмата HOBBY од Скопје отпочна со увоз на ограничен дел од постоечкиот асортиман на фирмите Revell-Monogram и Italeri, а во блиска иднина најавува и појава на руската фирма Zvezda која е во тесна врска со италијанскиот производител Italeri. Сепак тие се достапни само за вљубениците во ова хоби од Скопје и можат да се најдат во продавниците на Exima во ГТЦ-Скопје, Матица Македонска, Малиот Принц и La Linea. Покрај макетите на Revell-Монограм и Italieri во многу ограничен број може да се најдат и макети од фирмата Zhengdefu Toys од Кина (според моите информации увозник на овие макети е фирмата Адријан од Охрид која се занимава со продажба на играчки). Zhengdefu Toys всушност пакува копирани одливки на познатите фирми Tamiya, Dragon и Hasegawa, меѓутоа информациите велат дека квалитетот е на пониско ниво. Цените за жал не би можел да ги коментирам, меѓутоа главно се движат (зборувам за нашиот пазар) од 400 ден. за макета во R: 1/144, помеѓу 700 и 1300 за макети во R: 1/72, а макетите во поголеми размери се со цени помеѓу 1700 па и над 3000 ден. по макета во зависност од моделот. Ова се однесува на макетите на воздухоплови. Морам да предочам дека цените на макетите варираат во зависност од три главни чинители: потеклото на производителот на макети, материјалот од кој е изработена макетата и пазарот на кој истата се продава.
Во однос на второто прашање кое се однесува на склопување на одливките можам накратко да ви го предочам следното: Деловите за склопување на макетата се поделени најчесто во неколку рамки, од кои по зададен редослед наведен во упатството за склопување се отсекуваат и се спојуваат меѓу себе со лепило. Лепилото не смее да биде од типот на познатиот "ОХО", кој е на ацетонска база, бидејќи истиот ќе ја нагризе пластиката од која е излиена макетата. Макетарските лепила се најчесто составен дел на асортиманот на фирмите кои произведуваат макети, а истото се однесува и на останатата макетарска козметика која се применува при изработка на макетите. За лепење на одливките на макети излиени во бо:"Resin" техника се користат двокомпонентни лепила или пак најраспространетото и наједноставно решение се лепилата на цијаноакрилатна база или кај нас попознати како "Супер лепак". Овие лепила сè почесто се предлагаат и за лепење на стандардните пластични макети, меѓутоа тоа се однесува на искусни макетари кои ги имаат согледано предностите и слабостите на работата со овие лепила.
Повеќе информации и упатства за макетарските постапки може да најдете во двете продолженија на написот "Вовед цо макетарството" кои беа објавени во ЕМИТЕР 2/02 и 3/02.
Марјан Трајков
Најпрвин голем поздрав до ЕМИТЕР и до В. Филевски. Бидејќи итно ми треба гитарски засилувач, а цените им се ненормално високи, дали би можеле да објавите некој проект за 100-150 W засилувач, по можност Marshall или Fender? Ме интересира каков квалитет на звук би се добил ако се направи гитарски засилувач со TDA 7294, со предзасилувачот од ЕМИТЕР 9-12/2000 и петпојасен еквилајзер и како тоа да се поврзе?
Русин Џундев, преку e-mail
Засилувачите со електронски цевки со моќност од 100 W се многу скапи. Нивните цени ќе им останат (не)нормално високи без обѕир дали ќе објавиме проект за нив, или не. Причината за високата цена се скапиот излезен трансформатор, мрежниот трансформатор, електронските цевки, кондензаторите и останатите делови. Не располагаме со шеми за "лампашки" гитарски засилувачи за толку голема моќност и не планираме во скоро време таков проект. Можеби во некој иден број ќе објавиме проект за транзисторски гитарски засилувач. Со оглед на итноста, најдобро решение за Вас е да побарате во огласите некој кој продава стар Marshall или Fender.
Специфичниот звук на гитарските засилувачи се должи на фактот што тие се конструирани различно од hi-fi засилувачите. Така, типичен hi-fi засилувач, како што би бил засилувач со TDA 7294, ќе звучи различно од Marshall. Таа разлика гитаристите ќе ја наречат неквалитетен звук (и ќе бидат во право – на свој начин), иако тоа всушност нема врска со квалитетот на звукот, туку со специфичните потреби кои мора да ги исполни еден гитарски засилувач. Тоа беше лошата вест, а добрата вест е што засилувачот со TDA 7294 сепак солидно ќе свири, а неговата цена ќе биде барем 10 пати пониска од Marshall.
На излезот (out) од "Универзалниот аудио предзасилувач" (ЕМИТЕР 9-12/2000 ) приклучете го влезот (Vlez L, J3) од "Петпојасниот еквилајзер" од ЕМИТЕР 9/99 (потребен е само левиот канал – IC1 со деловите кои му припаѓаат), а на неговиот излез (Izlez L, J1) приклучете го влезот на засилувачот со TDA 7294. Наместо засилувач со TDA 7294, можете да го употребите "100 W транзисторски засилувач" од ЕМИТЕР 11/98. Поврзувањата направете ги со микрофонски (оклопен) кабел.
Ако сакате поголема компактност на засилувачот, можете да го употребите предзасилувачкиот дел (заедно со тропојасната тонска контрола) од проектот "Гитарски засилувач EGA 16W" од ЕМИТЕР 3-4/96. Исфрлете го излезниот засилувачки степен со TDA 2030 и сите негови делови (сè надесно од C20), па потоа со микрофонско кабелче спојте ја точката над кондензатотрот C20 со влезот од плочката на засилувачот со TDA 7294 или со влезот на "100 W транзисторски засилувач".
Владимир Филевски
Здраво Емитерци!
Ве следам доста одамна од далечната '97 година, со сите ваши електронски проекти во чекор со времето. Би сакал да дадам еден предлог, доколку е можно, на вашите страници да се најде некој проект од поранешната електронска техника. Техника која е малку заборавена - електронските ламби: дупли и единечни диоди, триоди, тетроди, пентоди и други елементи врзани за оваа техника.
Доволен би бил само еден проект за изградба на засилувач, дури и моно би било доволно за да се објасни принципот на работа и поврзување на истите, чисто да ги потсетиме нашите електроничари за оваа техника која, иако мислиме дека е заборавена, сè повеке зема замав и мода. Истата е следена и барана на интернет порталите во светски рамки. Доколку ви е изговор дека такви компоненти нема, лесно тоа се побива бидејки електроничари од Европа па и Америка пронаоѓаат лампи од бившиот Советски Сојуз - Русија а едни од најценетите и најбарани се и лампите од ЕИ Ниш кои ни се први комшии.
Размислете и ако ништо друго чекам ваш одговор, како читател кој едвај чека да го добие вашиот следен број. ЧАО Емитер!
П.С.: Поголема ламба - поголема моќ.
Слободан Тодоровски преку е-маил.
За жал, во ЕИ Ниш се исцрпени залихите на електронски ламби, бидејќи истите веќе не ги произведува повеќе од 15 години. А и тогаш кога ги произведуваше, не беа многу ценети поради нискиот квалитет. Имено, во 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, Siemens имаше инсталирано тест-пункт во ЕИ Ниш и ги селектираше произведените ламби. Најдобрите примероци одеа како нивен производ, останатите како производ на ЕИ Ниш. Слична судбина доживеа и унгарската Tungsram која стана споственост на General Electric. Руската фабрика "Светлана", исто така, престана со производство на аудиоламби во 1997 г. Кинезите, кои последни се откажаа од производство на електронски ламби за аудиоапликации, никогаш не ни имале некаков квалитет. Во светот останаа само неколку многу мали производители на аудиоламби и тие не можат да ги задоволат побарувањата на аудиоентузијастите.
Така, ламбите на светскиот пазар достигнуваат неверојатни цени! Една ECC83 на RFT (производител од бивша Источна Германија) која на времето ја фрлавме како шкарт сега се продава на интернет за 7 - 10 евра, додека истата ламба на RCA (12AX7) достигнува цени и до 50 евра! Слично е и со ламбите на реномираните производители, какви што беа: General Electric, Valvo, Siemens или Telefunken. Во тој контекст, морам да кажам дека купувањето на електронски ламби на интернет мора да се изврши со крајна претпазливост, бидејќи постојат многу фалсификати, односно ламби со "препечатени" ознаки.
Друга битна инстанција е тоа што, ако се прави засилувач со ламби, тој не треба да биде каков било. Засилувач со ламби од ниска класа ќе даде ист ако не и полош звук од евтините интегрирани засилувачи од 2 до 3 па и 5 евра а ќе чини 50, па и 100 пати повеќе! Навистина, нема никаква потреба да се изработи некоја евтина варијанта со две EL84 лампи во push-pull конфигурција - за таква варијанта ќе треба да издвоиме значителна сума и ќе имаме впечаток дека беспотребно сме ги "фрлиле" парите.
За да се изработи некое конзистентно решение, односно решение кое "држи вода", тоа треба да биде во А-класа и тоа во “single ended” варијанта – решение со само една излезна лампа на моќност. Овие ламби, обично триоди, поретко тетроди се многу скапи и редовно достигнуваат вредност од сто и повеќе евра. Тука првенствено се истакнуваат решенијата со триодата 300B на Western Electric (околу 250 евра/парче). Во ваква конфигурација тешко се добиваат моќности поголеми 12 – 15 W што дополнително ја поскапува инвестицијата: ќе ви требаат ефикасни звучни кутии (90 па и повеќе dB со 1W на 1m) кои се многу скапи ако се доволно квлитетни да се почуствува "надмоќта" на ваков засилувач.
Пред две години за последен пат сум напрвил пресметка за чинењето на електронските компоненти за еден таков “single ended” засилувач со моќност од 2x10W и таа тогаш изнесуваше околу 400 евра. На оваа сума треба да се додаде и вредноста на механичките компоненти (кутија, украсни копчиња, гравирање и сл.), кои, за достојно да ги репрезентираат оние 400 евра, треба да се барем од редот на стотина евра. Севкупно, значи околу 500 евра! Сега веќе не ни помислувам да направам нова пресметка, бидејќи со сегашните цени таа може многу лесно да достигне и двојна вредност!
Емилијан Иљоски
Еден од проектите што одамна го ветив, а сè уште не го исполнив, е засилувач со електронски цевки. Главниот проблем не е во наоѓањето делови - нив ги има, но по висока цена. Најважниот проблем е излезниот трансформатор - тој мора да биде квалитетен (од него многу зависи звукот), а тоа значи висока цена. Дури и да се најде некој по прифатлива цена, трошоците за транспорт се многу големи (трафото е многу тешко!) Електронски цевки полесно се наоѓаат, но треба многу да се внимава и на нивниот квалитет. Многу често може да се чуе или прочита дека ламбите од ЕИ-Ниш се одлични. Но, тоа не е баш така. Навистина добрите и селектирани промероци на ламбите од ЕИ-Ниш се одлични, но на пазарот во поранешна Југославија можеше да се најдат само оние примероци кои отпаднале од селекцијата. Јас лично сум се уверил во тоа, мерејќи голем број на такви електронски цевки. Накусо, можно е да најдете одлични нишки ламби, но многу поверојатно е дека ќе ги ги добиете полошите примероци. На крај, за жал, фабриката во Ниш одамна не работи - на пазарот можат да се најдат само некои резерви од нивните ламби.
Владимир Филевски
Здраво,
Еден мој пријател ме замоли да му изработам еден ваш проект објавен во ЕМИТЕР 6/2002 година. Тој исконтактирал со редакцијата на Емитер, го набавил списанието и ППК плочката. Се работи за домашниот Буба аларм објавен во тој број. Читајќи ја статијата дојдов до неколку нејаснотии што се надевам дека ќе може да ми ги разјасните.
1. Прво, забележав дека примерот за меморирање на телефонскиот број во самата статија е со 6 цифри, па како прво прашање би сакал да знам дали уредот може да запамети 9-цифрен број, на пример, мобилен број?
2. Во описот на работата стои дека ако уредот се активира со Pr2, тој циклично ја почнува постапката на бирање на зададениот број, сè додека не се исклучи од напојување. Дали уредот ќе ја извршува функцијата и доколку Pr2 после активирањето на некој начин се деактивира? На пример, механички прекинувач поставен на врата, ја отвораме вратата, тој се активира, потоа ја затвораме и тој се деактивира...
3. Каде може да се најде во продажба трафо со соодветните карактеристики, евентуално дали може да се искористи некое трафо од некој стар уред и како да му ја измерам импедансата дали е точно 600 оми или тоа некаде е означено?
4. Geocities веќе не функционира и програмот за PIC-от веќе не може да се симне од таму, па дали може да го добијам на некој начин?
Однапред ви благодарам на вашето одвоено време за моите прашања.
Со почит,
Зоран Кочоски
1. Направена е подобрена верзија на софтверот за микроконтролерот што работи и со 9 цифри, т.е. дава можност да се избере мобилен телефон.
2. Функционира така како што е наведено во текстот, значи додека не се исклучи напојувањето, независно од подоцнежното деактивирање на спомнатиот прекинувач.
3. Можете да употребите трансформаторче од некој стар транзисторски радио приемник (ќе заврши работа со мало експериментирање).
4. Софтверот ќе го добиете од редакцијата преку е-пошта, а кога на веб-сајтот на ЕМИТЕР - www.emiter.com.mk ќе бидат внесени и содржините од тој број ќе може директно да се симнува од таму.
Добре Блажевски
Здраво Емитер.
Го имам направено компјутерски управуваното light show од ЕМИТЕР 12/2008. Вчера купив нов компјутер и на тој компјутер нема LPT порта, па сега ме интересира дали можам некако на друг начин да го приклучам тоа ligh show, односно дали можам некако со USB to LPT connector или, пак, нешто слично? Дајте ми некој предлог.
Ви благодарам однапред,
Оливер од Скопје
Лајт -шоу уредот објавен во ЕМИТЕР 12/2008 е предвиден да работи со LPT (паралелната порта) на компјутерот која инаку традиционално е порта на која се поврзува печатачот. Кај лаптоп компјутерите оваа порта одамна е исфрлена со оглед на димензиите на LPT конекторот. Во последно време таа се избегнува и кај десктоп компјутерите, а USB интерфејсот станува неизбежен стандард. Во продажба постојат USB/LPT конвертори преку кои може печатач со паралелна порта да се поврзе со компјутерот преку USB кабел. За жал, лајт-шоуто објавено во ЕМИТЕР 12/2008 не работи со ваков конвертор туку само со "жива" LPT порта. Но, сепак, можеби ќе може да го решите проблемот доколку побарате во продавниците за компјутерска опрема PCI картичка – модул кој има паралелна порта на себе или пак комбинација од сериски и паралелна порта.
Кирил Крстевски
Во продавниците за електронска опрема, има конвертери USB-LPT. Набавете некој од нив со понова верзија на хардвер и софтвер, бидејќи постарите типови нема да функционираат.
Добре Блажевски
Здраво до уредниците на списанието "Емитер".
Ме интересира кој PWM контролер (контрола за транзисторски прекинувач) би ми го препорачале за конструкција на DC-DC конвертор од типот на BUCK или BOOST конвертор.
Значи, сакам да конструирам STEP-DOWN или STEP-UP DC-DC конвертор, но главен проблем ми е што не знам кој тип на контролер да го искористам.
Да биде појасно, потребно ми е PWM контролерот да има слични карактеристики и внатрешни функции како LM3524. Најдов опција од типот на TL494 ама, пред да почнам со реализација на проектот, би сакал да разгледам и некои други PWM контролери со цел да видам кои карактеристики ги поседуваат. Па, доколку знаете некои предлози за PWM контролери кои, според некое ваше искуство, лесно би можеле да се најдат во нашиве продавници и кои се карактеризираат со добри функции и карактеристики, би ви бил благодарен да ми ги предложите.
Поздрав.
Боро Огњанов преку е-пошта
Колку што разбрав од вашето писмо вие сакате да дизајнирате конвертор со BUCK или BOOST топологија и проблемот е во изборот на PWM контролерот. Сите PWM контролери ги имаат истите функции: засилувач на грешка, PWM модулатор и драјвери за прекинувачкиот/те елемент/и (MOSFET или биполарен транзистор). Тоа значи дека конверторот може да се реализира и со LM3524 и со TL494. TL494 е често користено коло и го користат PC напојувањата кои се реализирани како полумостни -forward конвертори кои се поткласа на класата BUCK конвертори.
Првиот чекор кај дизајнот на прекинувачките конвертори е избор на работна фреквенција и дизајнирање на филтерскиот дел на конверторот, потоа следува избор на PWM контролер и "DC пресметка" на пасивните елементи кои го опкружуваат PWM модулаторот, поточно засилувачот на грешка. До тука сеедно е кој контролер ќе го употребиме. Следува последниот и најчесто најпроблематичен дел од работата: компензација на засилувачот на грешка или "AC пресметката".
За оние читатели кои не знаат, целиот конвертор работи како јамка за автоматска регулација на напонот. Во таа јамка се наоѓа НФ-филтерот од втор ред кој на неговата гранична фреквенција внесува фазно задоцнување од 90 степени, а после оваа фреквенција ова задоцнување брзо асимптотски се приближува кон 180 степени. Засилувачот на грешка со соодветните пасивни елементи внесува дополнително фазно задоцнување. Ако сигналот по засилувачот на грешка се приближи до вредноста 180 степени, тогаш на таа фреквенција системот е нестабилен и осцилира. Затоа засилувачот на грешка се реализира со добро пресметани пасивни елементи поврзани по некоја од шемите за AC компензацијата за вкупното фазно задоцнување да биде барем 40 степени оддалечено од опасните 180.
Засилувачот на грешка кај TL494 има влез на неинвертираниот влез, додека засилувачот на грешка на LM3524 има влез на инвертирачкиот влез, тоа значи дека компензацијата кај двата PWM контролера ќе биде сосема различна. На пример, 230Vac/80Vdc half bridge forward конвертор не може да се реализира со TL494 од причина што никако не може да се постигне AC компензација кај засилувач на грешка со неинвертирачки влез. Некогаш иако компензацијата е добро пресметана експерименталните резултати се лоши. Не е проблем кога овој конвертор напојува некој потрошувач како полнач на батерии, мотор или слично, но кога напојува некој аудиоуред резултатите се лоши. Затоа аудиофилите, многу, многу и не ги сакаат прекинувачките напојувања како извор на моќност за нивните засилувачи.
Значи, мој совет е, обидете се да го дизајнирате конверторот и со двата PWM контролери во целост, потоа моделите да ги испитате со некоја програма за математичка анализа на системи за автоматска регулација. Мислам дека MATHLAB може такво нешто, но не сум сигурен бидејќи не ја користам апликацијата. Програмата ќе потврди дали теоретски системот е навистина стабилен. Да ве потсетам, при реализација на BUCK конвертор ќе треба да го познавате и ESR на електролитскиот кондензатор во филтерот, како и омската отпорност на пригушницата. Ако програмата потврди стабилност на системот, тогаш прејдете на изработка на конверторот а неговота работа ќе ви покаже дали сте биле во право.
И за крај, за разлика од обичните напојувања со мрежен трансформатор, прекинувачките напојувања бараат многу познавање од повеќе области. Тоа е голем залак и за тешки професионалци. На пример, само изработката на филтерската пригушница сама за себе е посебен проблем. За тоа може да се напишат 3-4 страници текст во ЕМИТЕР. Јас не знам колку сте искусен во изработката на прекинувачки конвертори, но ако не сте многу, тогаш најдобро е да пронајдете готов проект со многу детали кој ќе одговара на вашите барања.
Кирил Крстевски
LM3524 претставува класично и сè уште ненадминато решение старо повеќе од 30 години. Нема потреба да барате нешто слично на него, бидејќи секое друго слично ИК од областа на PWM (импулсно ширинска модулација) ќе биде поскапо! TL494 е поново решение кое многу е застапено во PWM регулатори и затоа тоа е исто така многу евтино. Но, TL494 има помалку опции од LM3524.
Инаку, интегрирани PWM регулатори има многу и секој од поголемите играчи на полето на производството на полуспроводници има повеќе генерации свои PWM регулатори. Но, едни се LM3524 на National Semiconductors и TL494 на Texas Instruments. Слободно може да се каже дека, тоа што LM741 претставува за линеарната електроника, LM3524 е за електрониката со мешан сигнал (Mixed Signal Electronics).
Емилијан Иљоски
Здраво ЕМИТЕР,
Пред сè, сакам да ве пофалам за успешната работа, а потоа да ве замолам во некој од следните броеви да објавите шема на гитарски засилувач, а ако е можно и да ми посочите каде би можел да најдам шеми на гитарски засилувачи. Доколку сте во можност, би сакал да објавите и некои свртници за звучници со поголема моќност (околу 500 W).
Горан Мишевски од Кичево
На Интернет релативно лесно можат да се најдат "голи" шеми од разни гитарски засилувачи, но токму тоа не би Ви препорачал да го правите. Најдобро е да барате целосни проекти – оваа област не е толку едноставна и ќе Ви требаат детални информации. Целосен проект за гитарски засилувач ("Гитарски засилувач EGA 16 W") беше објавен во ЕМИТЕР 3-4/1996. Ако го немате овој број можете да нарачате од Редакцијата. Исто така, погледнете го проектот "Универзален аудио предзасилувач" во ЕМИТЕР 9-12/2000. На овој предзасилувач можете да приклучите кој било засилувач (во ЕМИТЕР се објавени многубројни проекти на моќни излезни засилувачи).
Не постојат некакви специјални свртници за звучници со поголема моќност! Ако свртниците треба се користат за поголема моќност, тогаш само се зголемува дебелината на жицата од калемите (индуктивитетите) на потребната вредност и се користат отпорници со поголема моќност(ако ги има). Ви препорачувам да го прочитате текстот "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996.
Владимир Филевски
Почитувани,
За почеток - големи пофалби за вашето списание и големата истрајност - ЕМИТЕР е единствено списание од областа на техниката кое се појави и одржа на нашиов пазар и е прв промотор на добар дел уникатни уреди, од кои дел мора да се признае се преземени од други списанија, но ова сепак е добро затоа што за најголем дел од електроничарите не се во можност да ги набавуваат странските списанија.
Целта на ова писмо е да ви го кажам моето мислење за ЕМИТЕР, кој непрестано го следам од почеток. Интересна е преобразбата, кога се одлучивте во списанието малку да го намалите бројот на написи посветени на електрониката и да воведете нови теми. Се разбира дека и за мене се интересни написите од другите теми кои ги објавувате, но морам да ви забележам на нискиот квалитет на некои написи. Се забележува и дека некои написи од одредени автори редовно се со низок квалитет. Голем дел од написите се многу површни, па ретко може да се научи нешто корисно.
По добриот квалитет на написите се одделуваат неколку автори: Владимир Филевски, Благој Ќупев, Добре Блажевски, Ѓорѓи Ефтимов.... Но често пати се забележува и кај нив дека написите им се премногу кратки за темата која ја обработуваат, претпоставувам поради недостаток на простор во списанието. Мој предлог е доколку има можност некои написи да се направат во повеќе делови, за подетално да се објасни темата за која станува збор и секако треба да ги стимулирате авторите да прават написи кои се интересни за нас и да има квалитетни написи изработени полека, со доволно време и се разбира да бидат добро платени. Моја претпоставка е дека написите се недоволно платени за некој од авторите сериозно да седне и да направи некој интересен напис кој би бил понапредна апликација со употреба на микроконтролери. Секоја чест на Блажевски и Ќупев кои во последно време се обидуваат да направат нешто на таа тема, но ова не е доволно. За секој што сака да се занимава со микроконтролери, прво му треба развојна плочка на која би ги направил првите чекори. Значи треба да се претстави добро разработена и осмислена развојна плочка за таа намена (не се сомневам дека овие автори знаат тоа да го направат!).
Кратко речено, обидете се максимално да ги искористите добрите автори кои може да направат и повеќе квалитетни написи отколку што се презентирани од нив.
Би дал кратка критика на некои написи од претходниве два броја кои според мене се лошо направени:
1. "NetBUS": Според мене исклучително лоша идеја за текст. Со ова индиректно и на тие што не знаат им се отвараат вратите да учат како да ги користат и инсталираат тројанците.
2. "Надгледување на Linux..." Секоја чест на авторот кој се обидува да напише нешто и за овој алтернативен оперативен систем. Нека продолжи така, но не на овој начин. Нека седне да направи серија од написи кои би биле во некој логички тек, од почеток кон крај. А не - сега ќе пишам за ова, па ќе паузирам некој број, па потоа за она и на крај после две години кога некој ќе ги прочита по ред текстовите, нема да знае што е почеток а што крај.
3. "Минијатурен приемник за СБ" Сè е тоа убаво, уште да знаеме каде да го набавиме ZN416?! Немојте да објавувате текстови за уреди кои содржат кола кои тешко се наоѓаат кај нас!
4. "Преглед на историскиот развој на хетероспоевите..." Ех, волку лош текст не сум прочитал мноооогуу одамна! Сите работи се така невкусно нафрлани, без некоја логичка целина, без никаков ред, и сето тоа е така нафилувано, да звучи "гледајте колку многу знам". Зборот ми беше: јас сум дипломиран електроинженер, но тешко ми беше да сфатам што сака да каже авторот.
5. "Како најлесно да го уништите својот компјутер" Посебно би го искритикувал овој напис. Како што кажа некој од читателите, овој напис би требало да оди не во хумор, туку во некое друго списание а не во ЕМИТЕР, за кој се трудите да биде "на ниво". Со вакви текстови не се гради "ниво". Иако се случува некои од работите и да бидат вистинити (пред многу години и јас работев како сервисер на компјутери), сепак пристапот на овој текст е исклучително глупав.
6. Не ми е јасна реакцијата за текстот за луѓето на Месечината - да или не! Ха, јас мислам дека и авторот и критичарот можеби се во право или грешат. И двајцата се потпираат на информации од амерички извори, кои според мене може да бидат "наштелувани". Како и да е, добар текст, кој сепак предизвикал реакција и кај други читатели - ова според мене е добро, а на крај аргументите ќе покажат кој е во право, а кој греши.
Околу лошата финансиска положба. Не знам како е, но според некои текстови од уредникот, имам впечаток дека главен проблем е малиот тираж. Но ако веќе нема тираж и не може да се направи списанието да биде 500 ден, треба да се побара алтернатива! Поглем ангажман околу спонзорствата, повеке маркетинг агенти кои би шетале по фирмите и би ги измачувале директорите за спонзорство-реклама... Или да пробате да заработите пари од други места: продажба на готови решенија, проджаба на кит комплети...
Одамна се подготвував да напишам овакво писмо, затоа што во последно време забележувам дека квалитетот на списанието постојано опаѓа, и според мене, веќе е на критично ниво. Продолжете со добрата работа и вратете ги имиџот кој ЕМИТЕР го имаше некаде 2000 година. Верувам во квалитетот на редакцијата и мислам дека таа има капацитет да го унапреди списанието и да понуди нешто повеќе од она што го има сега во него. Цената на списанието според мене е можеби малку висока (цена од 100 ден е она вистинското), иако содржината во него вреди и за 200 ден. Но треба да се земе во предвид дека првенствено сте го намениле за почетници-електроничари кои најчесто се деца финансирани од некој друг, а ретки се оние постарите - финансиски независни.
Поздрав,
Бојан Марковски, преку e-mail
Ви благодариме за пофалбите, а и за забелешките. Вашето мислење има посебна тежина и важност за нас, со оглед на тоа што сте наш читател од самиот почеток. Што се однесува до оригиналноста на написите во ЕМИТЕР, треба да напоменеме дека ЕМИТЕР е популарно списание во кое, како и во сличните странски списанија, се објавуваат (пред сè) познати работи (во случајов од електрониката) во кои авторот на написот внесол свои сознанија и искуства. Тоа значи дека ако шемата е иста или слична не значи дека целиот напис е комплетен препис. Наша политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат авторски написи, а не целосни "преписи" од странски списанија, но сепак како редакција не сме во можност да правиме "истрага" дали некој соработник не го почитувал ова правило.
Навистина, малиот расположлив простор во списанието многу често диктира обемот на написите да не биде онолкав колкав што би сакале авторите. Но, треба да се респектира и мислењето на голем број читатели, кои бараат што поголем број проекти и апликации, без многу објаснувања ("Дајте што повеќе шеми, и не тупете многу!"), или пак, големиот број хобисти и почетници, кои воопшто не би ги разбрале деталните и стручни објаснувања. Мислиме дека најчесто успеваме да ја погодиме "златната средина". Секако, ќе се потрудиме уште повеќе да го покачиме квалитетот на написите, а како и до сега, темите за кои ќе заклучиме дека е потребно да бидат поопширно презентирани, ќе бидат изложувани на повеќе страници во 2 или повеќе продолженија.
Квалитетните и постојаните соработници имаат повисок хонорар, но сепак никој од авторите не би можел да живее само од хонорарите од ЕМИТЕР, колку и да бидат тие големи (за нашиве услови). Ниту еден соработник не е вработен во ЕМИТЕР - секој си има своја работа или ангажман на друго место, а само во слободното време ги подготвува своите написи за ЕМИТЕР. Токму затоа вашата (и мојата) желба квалитетните соработници да подготвуваат повеќе написи во секој број невозможно е да се реализира. Вистинско чудо е како сепак успеваме во секој број на ЕМИТЕР да презентираме доволен број стручни написи, кои по наше мислење, во просек се навистина добри.
А сега конкретно за спомнатите написи:
1. Долго размислувавме дали да го објавиме текстот "NetBUS" и на крај заклучивме дека евентуалните негативни последици се занемарливи во однос на позитивните придобивки. Со овој текст голем број на неискусни корисници на компјутери стекнаа многу корисни сознанија за "тројанците" (и научија да не ги пуштаат низ врата).
2. Уредништвото инсистира, секогаш кога е можно, написите за оддредена поблематика да излегуваат по одреден логички след, но сепак тоа не е возможно да се запази секогаш заради низа причини (различни соработници кои пишуваат за одредена област, месечниот ритам на објавување, следење на актуелностите итн). Иако ЕМИТЕР, заради оскудната стручна литература кај нас, многумина (па и ние) го гледаат како замена за книгите, сепак тој не може да биде тоа - списанието треба да се занимава со актуелните работи од науката и техниката, па затоа темите за подлабока едукација ќе бидат објавувани во посебни брошури. Една од планираните брошури е и Linux оперативниот систем, каде помалку упатените ќе ги стекнат сите потребни предзнаења.
3. Проектот "Среднобранов приемник" е едноставен и атрактивен, така што би требало да има многу заинтересирани хобисти за негова изработка. Кога повеќемина електроничари ќе се јават во некоја продавница за електронски делови со прашањето "Дали го имате ZN416?", тогаш сопственикот на продавницата сигурно длабоко ќе размисли како тоа му се случило тој дел да го нема во неговата продавница. Изборот на елементи во продавниците, во крајна линија, зависи како од агилноста на сопственикот уште повеќе од интересот на купувачите! Впрочем, ЕМИТЕР, со објавените електронски конструкции, е еден од главните двигатели за проширување на асортиманот во домашните продавници за електроника. Ние секогаш внимаваме на достапноста на елементите во електронските конструкции кои ги објавуваме, но ако се држевме само до она што го имаат продавниците, ќе останевме многу назад во развојот и применета на електрониката. Затоа барајте ги елементите во продавниците и бидете сигурни дека, ако моментално немаат некој елемент тој сигурно ќе се појави во наредните денови во некоја од продавниците.
4. Се сложуваме дека стилот на текстот за хетероспоевите не е сосема соодветен за поширок круг читатели - ние сме многу построги критичари од вас! Стилот е, едноставно кажано, премногу академски – што се должи и на професијата на авторката. Во иднина повеќе ќе внимаваме на поприфатливиот начин на изразување на авторите.
5. За текстот "Како најлесно да го уништите својот компјутер" имаше само две неповолни реакции (вклучувајќи ја и вашата!), но затоа многубројни поволни реакции - видете во резултатите од анкетата за најпопуларен напис во октомврискиот број! Овој текст со својот невообичаен пристап сепак претставува непретенциозно летно освежување, но во исто време е и длабоко едукативен за тоа што не треба да се прави со компјутерот.
6. За "Луѓето на Месечината - лага или подвиг?": додека авторот од "Форум" се потпирал исклучиво на некои (сомнителни) американски извори на информации, добар дел од моите извори потекнуваат и од руски извори (т.е. од поранешниот Советски Сојуз), што обезбедува балансираност, сигурност и валидност на моите информации (мене Астрономијата ми е хоби повеќе од 30 години!). Убеден сум дека аргументите што ги презентирав јасно покажуваат кој е во право, а кој греши.
Нема да верувате колку многу се трудиме околу маркетингот! Месечно нашиот маркетинг менаџер посетува по околу 50 фирми, но повеќето едноставно не се заинтересирани. Во овие фирми често работат "експерти" за маркетинг кои немаат ни најелементарни познавања од маркетингот, така што нашите логични објаснувања за неопходноста и предностите од рекламирањето во стручно списание, како што е ЕМИТЕР, наидуваат на ѕид од неразбирање.
Засега немаме намера ние да се занимаваме со продажба на готови уреди и кит комплети бидејќи тоа би барало голем ангажман од нас, а ние веќе сме преоптоварени со правењето на ЕМИТЕР. Затоа за подготовка на кит-комплети ги имаме овластено нашите бизнис партнери "КАМ-ЕЛ електроника" и "ГАЦ електроника", па така читателите-самоградители лесно можат да дојдат до саканите елементи за самоградба на некој електронски уред објавен во ЕМИТЕР.
Мислиме дека имиџот и квалитетот на ЕМИТЕР е подобар од оној во 2000 година, но сигурно дека ќе се трудиме ЕМИТЕР да го направиме уште подобар. Со овој тираж и со оваа количина реклами, цената на ЕМИТЕР, за жал, не може да биде пониска. Но, како што и сами велите, за цена од само 130 денари се добива списание кое вреди 200 денари (ако не и повеќе, би додале ние!). Уште еднаш ќе потсетиме дека еден ЕМИТЕР чини колку и едно потстрижување или 2-3 кутии цигари или пак 1-2 пијалока во кафуле, а сите знаеме дека огромно мнозинство од нашите сограѓани без проблеми ги даваат тие пари за спомнатите потреби и задоволства, но не и за ЕМИТЕР!? Значи не е проблем цената, туку свеста за потребата да се следат најновите достигнувања во науката и техниката. Инаку, ЕМИТЕР не е наменет само за електроничари-почетници туку за еден поширок круг љубители на науката и техниката. Затоа нашата читачка публика е многу разновидна - околу 1/3 се ученици и студенти, нешто повеќе од третина прават хобистите, а нешто помалку од 1/3 се професионалците кои работат во некоја научно-техничка област.
Уште еднаш ви благодариме за пофалбите и за забелешките. Воедно, ве повикуваме и вас авторски да придонесете со свои текстови во ЕМИТЕР. Кога секој десети инжењер во Македонија, еднаш во животот, би објавил во ЕМИТЕР само еден стручен напис од својата област, тогаш ЕМИТЕР секогаш ќе биде полн со атрактивни и корисни написи од сите области на науката и техниката :-)!
Владимир Филевски и Слободан Таневски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.