Акустичен прекинувач и мерач на индуктивност (Емитер 1/2003)

Почитувана редакцијо,
Ја поздравувам целата редакција на ЕМИТЕР и авторот Дејан Трпески. Големи пофалби за списанието. Би сакал да ми одговорите на некои прашања:
1. Дали акустичниот прекинувач од ЕМИТЕР 1/2000 може да се употреби како прекинувач за светло - сијалица 220V/100W (што се користи за осветлување во куќите и становите) и како прекинувач за неонско осветлување. Ако постои вакво решение ве молам да прикажете на кои излези се приклучува?
2. Дали можете да објавите изглед на ППК и распоред на елементите од шемата "Активирање на некој уред по одреден број на импулси" од Е7-8/2000?
3. Дали во некој од наредните броеви можете да објавите некоја поедноставна шема за за дигитален или аналоген индуктивитет метар?
Добро би било во списанието да вметнете повеќе проекти од областа на електрониката, и некои страници на интернет за електроника и шеми.
Однапред ви благодарам,
Славчо Белчовски, Ресен

Во името на целата редакција ви се заблагодаруваме на пофалбите за списанието, а сега следат одговорите на поставените прашања:
1. Акустичкиот прекинувач може да се искористи за управување на речиси секој уред. Ова најлесно може да се постигне со примена на шемата прикажана на слика 6 од проектот. Единствено ограничување претставува дозволениот работен напон на контактите на релејот и нивната максимално дозволена струја. Како во вашиот случај и двата не се критични за управување, може да се искористи стандарден релеј со работен напон на контактите од 250V/AC и струја од 1A. Наједноставно е да се избере релеј кој се управува со еднонасочен напон од 12V, бидејќи во овој случај истиот извор може да се искористи за напојување и на главното управувачко коло од акустичкиот прекинувач (слика 1).
2. На вашето барање за цртеж за ППК на склопот за активирање на некој уред по одреден број на импулси од ЕМИТЕР 7-8/2000, не можеме да одговориме позитивно, бидејќи таквиот цртеж го немаме, а ако го имавме ќе го објавевме уште тогаш, во споменатиот напис.
3. Во план ни е и ќе се потрудиме да објавиме проект за самоградба на мерачи на индуктивност и капацитивност.
Дејан Трпески


AN7112 И AN7133 (Емитер 1/2003)

Почитувана редакцијо
Многу Ве поздравувам сите и сакам да Ви поставам некои прашања на кои очекувам да добијам задоволителен одговор!
Дали некој од вашите соработници знае дали може со интегрираните кола AN7112 и AN7133 да се изработат некои засилувачи, со колкава моќност и по можност да објавите шема за нив во некој од следните изданија
Перица Јакимов,Св. Николе

AN7112 е линеарно интегрирано коло сместено во 9 пинско SIP куќиште, кое се користи како излезен засилувач со моќност од 0,7W на 16Ω при напон на напојување од 9V. Максиманиот дозволен напон на напојување изнесува 14V, а максималната излезна струја 0,5A.
AN7133 е исто така линеарно интегрирано коло, но сместено во 23 пинско SQL куќиште, кое се користи како стерео излезен засилувач со излезна моќност од 2x5,8W на 3W при напон на напојување од 12V. Максимално дозволениот напон за напојување изнесува 24V, а максималната излезна струја 6A.
За овие интегрирани кола, освен овие податоци немаме други, па затоа не можеме да објавиме шема за нивно поврзување.
Дејан Трпески


Лош звук во автомобилот (Емитер 2/2003)

Здраво,
Имам еден проблем. Во автомобилот имам радио без излезен засилувач и звучници. Звучниците ми грчат и нема чист звук. Некои ми велат дека треба да им ставам кондензатори. Ве молам, објаснете ми како да ги поврзам за да добијам чист звук.
Со нетрпение го чекам вашиот одговор.
Глигор Младеновски, Струмица

За да го решите вашиот проблем, прво што треба да направите е да ја пронајдете причината за лошиот звук во вашиот автомобил. Доколку проблемот постои само додека моторот на автомобилот е во работа, тогаш причината е од електромагнетна природа која тешко може да се елиминира на едноставен начин. На пазарот може да се најдат т.н. "блокади" (кондензатори) кои би требало да го решат овој проблем, но за нивната ефикасност не можам ништо да гарантирам. Сопствениците на евтини радиоприемници за автомобил едноставно се осудени да живеат со овој проблем.
Во случај проблемот да постои и кога моторот не е во работа, тогаш причината за лошиот звук е или во звучниците (оштетени односно делумно прегорени) или во радиоприемникот. Најлесен начин за точно лоцирање на проблемот во овој случај е да позајмите квалитетен радиоприемник од некој ваш пријател и да го замените со вашиот. Ако и по замената нема забележителни промени во звукот, проблемот е во вашите звучници, во спротивно "главен виновник" е вашиот радиоприемник.
Дејан Трпески


Hcmos во мерачот на капацитивност (Емитер 2/2003)

Имам некои прашања за проектот Дигитален мерач на капацитивност од ЕМИТЕР 1/98:
1. Дали може сите CMOS елементи да ги заменам со HCMOS кои имаат многу повисока пропусна фреквенција. Дали можам да направам замена со елементите 74HC4093=CD4093, 74HC4511 = CD4511 и 74HC4518=CD4518. Дали тие се пин-компатибилни?
2. Каде точно треба да ја прекинам ППК за да го употребам кварцниот осцилатор и кои елементи од останатото коло треба да се исфрлат и дали IC10 и понатаму ќе биде потребен?
Пофални зборови до авторот и во иднина би сакал што е можно повеќе вакви проекти.
Ефтим Панов, Скопје

1. Предложените компоненти се пин-компатибилни, но во постоечката конфигурација нема да може да ги употребите овие компоненти. Ова доаѓа оттаму што напонот на кој работи уредот е 9V, што не е прифатливо за HCMOS колата. Се разбира дека напонот може едноставно да се намали на 5V со промена на напонскиот стабилизатор, но во тој случај ќе се промени работниот режим на IC12. Затоа што нема потреба од кола со повисока фреквенција од оние на CMOS колата, нема потреба од нивна промена.
2. IC10 мора да остане за да ги "направи" потребните импулси Latch и Reset за правилна работа на уредот. Истиот ефект како прекинување на ППК може да се направи со отстранување на преклопникот PREK1, кој сега ќе се употреби за работа на кварцниот осцилатор.
Благој Ќупев


Пофалби, предлози и прашања (Емитер 2/2003)

Поздрав до сите во редакцијата,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР и истиот го следам уште од првиот број, кога во целост беше посветен на електрониката. Сепак, морам да признаам дека новиот концепт на списанието повеќе ми се допаѓа, па согласно на тоа ја оправдувам и неговата цена. Ја имав таа чест и задоволство неговиот главен и одговорен уредник, Слободан Таневски, да биде мој професор по практична настава во УСО "Орце Николов" во далечната 1991 година и со задоволство можам да кажам дека од него научив многу.
Иако знам дека во неговата училница поминале многу ученици и верувам дека нема да се сети на мене, сепак во оваа прилика, му се заблагодарувам за знаењето кое го стекнав од него. Исто така имав можност и јас да објавам краток текст во ЕМИТЕР, во изданието 4/97. Во моментов повторно подготвувам неколку текстови наменети за ЕМИТЕР согласно на новиот концепт и се надевам дека, во најскоро време, истите ќе ги доставам до редакцијата и ќе се најдат на страниците на списанието.
Од темите кои ЕМИТЕР ги обработува, освен електрониката, се разбира, посебно ми се допаѓаат написите од областа на астрономијата, која е моја пасија, и написите за моделарство и макетарство. Би предложил, ако е возможно во ЕМИТЕР да се најдат написи и скици за изработка на летечки модели од областа на авио и ракетното моделарство.
Би сакал да предложам, ако е возможно во редакцијата да се разгледа и можноста во ЕМИТЕР да се отвори и страници за научни трудови, дискусии и размислувања, налик на сличните во списанијата од типот на Scientist, Nature и слични. На овие страници би можеле да се најдат научни написи на читателите и научните работници, а за кои би можело да се дискутира (пр. научни теории, проекти и сл). Убеден сум дека тој нов концепт ќе привлече уште поширок круг читатели на ЕМИТЕР.
Во врска со написите од областа на електрониката, би сакал, доколку е можно, во иднина покрај електричните шеми на уредите кои содржат интегрални кола, да се најдат и опис и распоред на пиновите на истите, во вид на мала скица. Ова многу ќе придонесе објавените шеми полесно да се разберат, како и да се сфати работата на самите интегрални кола. Можеби ова до некаде ќе значи зголемување на написите во квантитет, но сигурно е дека ќе придонесе многу повеќе во квалитет.
Освен пофалните зборови, морам да дадам и една мала забелешка. Приметувам дека на страница три на списанието фигурира и работното место ЛЕКТОР, но искрено не можам, а да не забележам дека се прават значајни грешки при лектурирањето на текстовите (ако воопшто и се лектурираат!). Еден банален пример (а можеби и доказ) за ова мое мислење е тоа што ниеден лектор не смее да си дозволи да помине зборот ДОПРИНОС наместо македонскиот синоним ПРИДОНЕС. Сепак ЕМИТЕР е списание за наука, а не за литература, но сепак е едукативно списание и не би смеело да се дозволи вакви грешки да поминат. Повеќе од јасно ми е дека и лекторот е човек, а не компјутер, па грешките се нормална појава, но ваквите случаи мислам дека можат да се сведат на задоволитетен минимум. Се надевам дека оваа моја забелешка ќе биде најдобронамерно сфатена.
Во продолжение би сакал да поставам неколку прашања:
1. Во последните три броеви објавивте напис за изработка на функциски генератор со фреквенцметар со дигитален приказ. Иако бев подготвен да го изработам, наидов на проблем во поглед на набавката на интегралните кола. Имено, во ниту една од продавниците за електроника во Скопје не може да се набави интегралното коло 4553. Би Ве замолил доколку можете да ми посочите од каде можам да го набавам ова интегрално коло.
2. Во подготовка сум на изработка на насочувач на симетричен еднонасочен напон со континуирана струјна и напонска регулација, но наидувам на проблеми при пресметката на трансформаторот. Ме интересира на кој начин може да се пресмета активната (или привидната) моќност на мал трансформатор со Е-лимови (S ≤ 200 VA), во зависност од напречниот пресек на средниот столб. Наидов на едноставна формула во книгата Радиотехника и електроника (P=S2), но очигледно таа важи за моќности до P~50 W.
3. На кој начин можам да подигнам наизменичен напон на вредности од неколку десетици киловолти (не е печатна грешка!!!) во вид на пикови (шилци). Како мал опис на колото кое го изработувам е следното: На влезот на еден транзистор BU208 донесувам поворка од правоаголни импулси (f<10 kHz) кои служат да се самоиндуцира напон во една намотка поврзана помеѓу колекторот на BU208 и еднонасочно напојување +12V (акумулатор). Друга намотка е индуктивно спрегната со оваа (како кај автомобилската бобина), па во неа се индуцира напон од некои 1-3 kV, зависно од фреквенцијата на правоаголните импулси. Дали е возможно овој напон да го подигнам на вредности од неколку десетици киловолти, доколку сериски на втората намотка поврзам голем индуктивитет (пригушница), и дали евентуално можете да ми помогнете да ја пресметам амплитудата на добиените пикови (во однос на маса), во зависност од фреквенцијата на правоаголните импулси, нивниот однос сигнал/пауза, напонот на напојување и индуктивитетот на пригушницата. Мала помош при решението на овој проблем најдов во електрична шема во ЕМИТЕР 2/98 (биојонизатор) каде после втората намотка се наоѓа каскаден спој на диоди и кондензатори.
Се извинувам што моето писмо е малку подолго и не инсистирам истото да биде објавено. Само Ве замолувам, доколку сте во можност, да ми одговорите на горните прашања, без разлика дали тоа ќе биде во ЕМИТЕР или преку e-mail.
Однапред Ви благодарам.
Ристески Петре од Скопје

Почитуван г-дине Ристески,
Ви благодарам на пофалните зборови и со задоволство ја прифаќам Вашата "кандидатура" за наш соработник. Ве помнам како солиден ученик (какви што беа повеќето од вашата генерација) и верувам дака Вашите написи ќе бидат квалитетни и наскоро ќе се појават на страниците на ЕМИТЕР.
Рубриката "Моделарство и макетарство" планирано е да содржи и написи со упатства за градба на летечки модели. Тоа почнавме да го реализираме од минатиот број со написот "Вовед во воздухопловното моделарство" чиј автор е нашиот познат моделар Перица Поповски од Битола, а веќе од следниот број може да ги очекувате написите за самоградба на летечки модели.
И вашиот предлог за објавување на научни трудови се поклопува со нашите планови и активности. Пред извесно време контактиравме со Министерството за наука и образование и Универзитетската библиотека за разни прашања во врска со таа активност, па наскоро кога ќе ги завршиме сите подготвителни и административни работи, ќе почнеме со објавување на научните и стручни трудови на заинтересираните научни работници од Македонија.
Уште од првиот број на ЕМИТЕР составен дел на написите од рубриката "Електроника" се и описите на интегрираните кола кои се употребуваат во прикажаните електронски конструкции. Затоа не ми јасно зошто го предлагате тоа што очигледно го има редовно во ЕМИТЕР, се разбира со одредени исклучоци, најчесто кога станува збор за интегрирано коло кое е општо познато и кое претходно било опишано во ЕМИТЕР.
А Вашата забелешка за лекторските пропусти сметам дека е преостра, бидејќи сепак таквите пропусти не се правило туку исклучоци кои успеале да се "провлечат" поради редовно присутните временски теснеци и "бркањето" на роковите. Инаку ЕМИТЕР уште од првиот број има вистинска лекторка (а не фиктивна како некои други списанија) која за скромен хонорар има тешка задача, во краток рок да ги поправи јазичните грешки, но и, заедно со редакцијата и нашите стручни соработници, да најде најсоодветни македонски зборови за стручните термини. Ова навистина е тежок проблем, ако се земе предвид дека во Македонија се одомаќени стручни термини кои потекнуваат од странски јазици, што се должи на скромната продукција на стручни изданија на македонски јазик и немањето на сеопфатен Речник на македонскиот стандарден јазик. Како и да е, ќе се потрудиме во иднина нашето настојување за правилна употреба на македонскиот јазик во науката и техниката да биде уште поуспешно од досегашното.
Во продолжение еве ги и одговорите на поставените прашања, што ги подготви нашиот соработник Георги Ефтимов:
1. Покрај тоа што е стандардно CMOS интегрално коло, BCD бројачот 4553 е исто така доста распространет (се среќава во многу апликации). Затоа сум изненаден што не сте можеле да го најдете во трговската мрежа. Ние го лоциравме во втората продавница во која се јавивме, "МТВ електроника", каде се продава по цена од 142 ден.
2. Корисната активна моќност на секундарната страна на трансформатор изработен од EI-лимови со попречен пресек на средниот столб S [cm2] се пресметува од изразот даден во прилог,
каде што m е коефициент на загубите во бакарот кој се движи помеѓу 0,15 и 0,20. Повеќе на оваа тема можете да прочитате во ЕМИТЕР 1/2000 во написот "Пресметка на трансформатори за мали моќности".
3. Добивање на напон од неколку десетици kV е навистина крупен залак. Дури и да претпоставиме дека енергијата на индуцираните импулси е мала (да речеме помала од 100mWs) нивната фреквенција е прилично голема (претпоставувам дека f<10kHz сепак значи близу 10kHz). Со додавање на пригушница нема да постигнете ништо бидејќи таа ќе се однесува како акумулатор на енергијата. Ви препорачувам за момент да ја заборавите идејата за пресметување на амплитудата на импулсите и да се концентрирате на критичниот елемент во колото - индуктивно спрегнатите намотки. За таква намена се користат т.н. импулсни трансформатори со надворешен оклоп. Една од поважните карактеристики на импулсните трансформатори е нивната гранична фреквенција (која зависи и од магнетните особини на оклопот). За фреквенции помали од граничната, амплитудата (но не и енергијата) на импулсите на секундарот практично зависи само од преносниот однос на импулсниот трансформатор. Лично не сум сретнал импулсен трансформатор со голем преносен однос и гранична фреквенција поголема од 10kHz но тоа секако не значи дека вопшто не се произведуваат. Решението на вашиот проблем можеби лежи во самото прашање - автомобилската бобина која и сами ја спомнувате. На нејзината примарна намотка слободно можете да доведете напон од неколку стотици волти (под услов струјата низ неа да не е голема) со што се овозможува генерирање на секундарен напон од неколку десетици киловоти. Сепак се плашам дека и овде ќе имате проблеми со фреквенцијата. Во нормални работни услови бобината работи со фреквенција помала од 1kHz. Како идеја за конструкција на колото може да ви послужи тиристорското палење, проект објавен во ЕМИТЕР 7-8/2000. Во тој уред на секундарот на бобината се добиваат импулси со амплитуда од 35 до 45 kV, со фреквенција од неколку стотици Hz.
Се надевам дека сте задоволни од нашите одговори и дека ќе имате успех во своите планови.
Слободан Таневски


Теорија на релативитетот (Емитер 3/2003)

Јас сум ваш нов читател и како прво сакам да кажам дека списанието е супер. Во рубриката "Писма" понекогаш има навредливи содржини, но не обрнувајте внимание на тоа. Содржината на ЕМИТЕР е добра но, треба да има и простор за физика, бидејќи сум заинтересиран за неа. Ве молам напишете нешто за Теоријата на релативитетот.
Поздрав за сите во редакцијата и успех за списанието Ви посакува,
Христијан Кировски,
Куманово

Ви благодарам на пофалните зборови и поддршката. Физиката повремено е застепена во списанието, а наскоро очекувајте и еден напис на тема "Теорија на релативитетот".
Слободан Таневски


Композитен видео сигнал (Емитер 3/2003)

Здраво,
Одамна ви немам пишано ... ама еве се појави прилика да ви пишам
1) честитки за изгледот на списанието ... навистина е екстра
2) ме интересира формата на сигналот кај композитното видео ... она што иде со помош на двожилен оклопен капен и со класични буксни... таму внатрешниот дел е податоци за видео, а надворешниот земја или ... ???
Владислав Бидиков
преку e-mail

Луминентниот сигнал (сигналот за осветлувањето) заедно со хроминентниот сигнал (сигналот за бојата) и импулсите за синхронизација, спакувани во еден заеднички сигнал го сочинуваат композитниот видео сигнал. Грубо земено, фреквентниот опсег на овој сигнал изнесува 5MHz и за негово пренесување се користи класичен коаксијален кабел со импенданса од 75 . Секогаш оклопот е поврзан за "масата", а на внатрешниот проводник постои корисниот сигнал.
Дејан Трпески

О.К. сега ми стана појасно, но имам едно трик прашање имам видео композитен, и 2 канала аудио и сите имаа свој оклоп дали е безбедно сите да се спојат заедно т.е да се користи 4 жици за 3 канали .. или ова може да има некои несакани последици ... и сл ...
Владислав Бидиков
преку e-mail

Оклопот кај сите коаксијални кабли е "маса" што значи дека тие се поврзуваат на една иста точка во уредот. Меѓутоа заради намалување на мешање на сигналите не се препорачува сите 3 сигнали (видео + 2 аудио) да одат низ еден коаксијален кабел со три жици и еден оклоп туку секој сигнал да оди низ свој коаксијален кабел со свој посебен оклоп.
Поздрав,
Слободан Таневски


Пофалби и предлози (Емитер 3/2003)

Почитувана редакцијо на списанието ЕМИТЕР,
Многу ми се допаѓа вашето списание и само продолжете така. Не мислам дека треба да менувате било што во списанието драстично, но еве што јас мислам дека ќе го направи поубаво.
Не ги делете страниците на страница црно-бела и страница колор. Остава лош впечаток кога некои страници со реклама се во боја, а некои не или кога еднаш страната во колор е на десната страна, а другпат на лево. Внимавајте на складноста на боите. Внимавајте на добрата поставеност на текстот и односот на заглавните (големите) букви, не оставајте празен простор.
Намалете ги страниците за најмладите, каде што давате енциклопедиски податоци за познати личности. Сметам дека ова списание не е книга и не треба да се занимава со објаснувања на животните патишта и достигнувања на луѓе кои не се поврзани со науката. Јас мислам дека многу поинтересно ќе биде ако објавите текст во кој ќе објасните за: најновите откритија за структурата на атомот (на пример), примената на најновите математички постапки во решавање на проблемите, новите погледи кон старите физички закони. Ако пишувате за медицината, напишете за структурата на клетката и процесите на метаболизмот во неа или за најновите откритија за лекување на старите или нови болести, со еден збор – пишувајте за најновото и дадете инспирација со проблеми кои не се решени, се тешки за решавање, мистерии, да се развива истражувачкиот дух кај вашите читатели. Впрочем, јас мислам дека сите кои го купуваат ова списание го купуваат затоа што сакаат да научат нешто ново, да направат нешто ново, да бидат инспирирани и поттикнати да размислуваат.
Горан Паликаров, Струмица

Ви благодарам за пофалните зборови и предлозите. Бројот на страници во боја е диктиран од цената на печатење (ако ставиме повеќе страници во боја цената ќе биде повисока), а нивната распределеност во списанието зависи како од содржината на страниците така и од рапределбата на страниците на печатарските табаци. Затоа не е можно да имаме повеќе страници во боја, ниту пак, секогаш две соседни страници да бидат во боја.
Темите за написи што ги предлагате се прифатливи и се вклопуваат во плановите на редакцијата, со една напомена дека сепак, заради најмладите и оние кои допрва влегуваат во светот на науката и техниката, ќе треба да имаме и написи со "енциклопедиски податоци" за животот и откритијата на познатите и помалку познатите научници, за развојот на науката и техниката, за некои занимливости од науката и т.н.
И јас искрено верувам дека нашите читатели се луѓе што сакаат научат и направат нешто ново и дека ЕМИТЕР е нивен поттик и инспирација во нивните настојувања.
Слободан Таневски


Дигитален волтметар и фреквенцметар (Емитер 3/2003)

Почитувана Редакцијо,
Сакам да ви поставам неколку прашања на кои се надевам ќе ми одговорите:
1. Дали со интегрираното коло ICL7107 со уфрлување на четвртиот дисплеј може да се добие дигитален волтметар кој ке биде со широко мерно подрачје, на pr: 0-60V , 0-100V, и доволно прецизен тоа да го покажува со една децимала на пример: 3,5V или 24,7V. Ако е можно објаснете ми како, и на кои пинови се поврзуваат сегментите од четвртиот дисплеј.
2. Имате ли некој проект за дигитален амперметар прецизен до 2-3 A?
3. Мислам дека дигиталниот фреквенцметар кој се користи во функцискиот генератор од ЕМИТЕР 1/03 склопен на PPK803 може да се користи и како посебен фреквенцметар со посебно симетрично напојување и влез за фреквенција на Fin и COM. Ако сум во право, кажете ми која е максималната амплитуда на влезниот сигнал, и дали можат да се користат други дисплеи со заедничка анода или катода?
Однапред Ви благодарам за вашата соработка. Поздрав од вашиот верен читател,
Перица Јакимов,
Свети Николе.

1. и 2. Интегрираното коло ICL 7107 е LED 3½ дигит A/D конвертор, што значи дека со него можете да мерите напони до 200 волти со точност до една децимала (поточно ±199.9V). Со соодветен конвертор, истото коло може да се искористи и за мерење на други, електрични или неелектрични, величини. Конкретно, за изработка на дигитален амперметар потребен е конвертор од струја во напон и дигитален волтметар со ICL 7107. Комплетна електрична шема на дигитален волтметар со ова интегрално коло, заедно со сите потребни упатства за изработка и нагодување како и распоред на неговите изводи ќе најдете во ЕМИТЕР бр. 9/97. Во Февруарскиот број од 1998 година истото коло е искористено за изработка на дигитален термометар, а во бројот 10/98 за милиомметар, додека пак во првите три броеви од 1999 година во склоп на проектот "Напонски извор LSP-95" беше прикажан комбиниран волтметар/амперметар кои резултатите ги прикажува со 3 цифри со точност од едно децимално место.
3. Имате право - дигиталниот фреквенцметар во генераторот на функции FG - 95 е склоп кој може да се користи и како самостоен уред, со биполарен влезен сигнал чија што амплитуда треба да биде помала од напонот на напојување на влезниот компаратор. Пожелно е да се додаде и соодветен влезен степен со голема влезна отпорност и заштита од преголеми сигнали. Граничната фреквнција на фреквенцметарот е одредена со шестоцифрениот дисплеј и изнесува 1MHz. За мерење на повисоки фреквенции треба да се додаде прескалер (делител на фреквенции), а такво коло ќе објавиме во некој од следните броеви. Исто така, ќе објавиме и комплетен фреквенцметар во чија основа ќе биде фреквенцметарот од функцискиот генератор FG-95.
Дисплеите можат да бидат од било кој тип, но со заедничка катода. При евентуална замена на типот на дисплеи даден во пописот на потребен материјал можеби ќе треба да ги смените и вредностите на отпорниците за ограничување на струите низ сегментите.
Георги Ефтимов


Прашања за ноќниот чувар и фм предавателчето (Емитер 4/2003)

Почитувана редакцијо,
Сакам да ви поставам неколку прашања во врска со проектите од ЕМИТЕР 12/2002.
1.Дали може проектот "Ноќен чувар" да работи постојано на ноќна светлина (да не се гаси на одредени периоди) и како би изгледала шемата, ако тоа е возможно.
2. Во проектот "Минијатурен FM предавател" во текстот стои 4 навивки од 6mm , а на сликата има 6 навивки. Колку се важни навивките и нивниот пресек? Дали предавателот успешно работи само кога ќе се доближи до некој радиоприемник, и кој микрофон од наведените е најдобар да се избере?
3. Дали можете да наведете некои web-страни од кои можам слободно да копирам китови од некои проекти.
Однапред ви благодарам.
Борче Костовски, преку e-mail

1. Одговорот е: да, ноќниот чувар од бројот 12/2002 може да работи и како обичен светлосно контролиран прекинувач. За таа цел потребно е да ги направите следните измени:
а) Да ги елиминирате елементите од првиот Шмитов осцилатор: C1,R2,R3 i D1.
б) Пинот 2 од IC1 да го поврзете со пинот 14 од истото коло.
в) Емитерот од фототранзисторот T2 наместо на предвиденото место да го поврзете со пинот 7 од IC1. Во овој случај фототранзисторот треба да се постави на место кое ќе му овозможи да ја детектира само надворешната светлина.
Сепак, како поедноставно решение за таа намена (вклучување светилка при стемнување), ви препорачуваме да го користите колото "Светлосен прекинувач SP-9" од бројот 7-8/98.
2) Верувам дека на сликата не сте забележале добро. Фотографијата е во црно-бела техника и има една мала сенка која личи како навивка, но не е. Ако добро погледнете ќе забележите дека всушност има 4 полни навивки, а потоа со дел од 5-тата навивка, намотката е завршена. Тоа е оригиналната намтока која што доаѓа во кит комплетот. Таа, така како што е направена ги задоволува параметрите кои се бараат од неа и осцилаторот работи во наведеното фреквенциско подрачје. Следете го текстот за изработка на намотката и нема да имате проблем!
Бројот на навивките кој ја сочинуваат намотката, пресекот на намотката, како и дебелината на жицата од која е направена истата, влијаат на нејзините карактеристики. Со самото тоа таа влијае на Колпицовиот осцилатор, кој е употребен во проектот. Промената на карактеристиките на намотката доведува до промена на фреквенцијата на осцилаторот. Ако некои од наведените димензии ги промените, тогаш ќе мора по пат на мерење со мерни инструменти, пресметка или експериментално да ги одредите карактеристиките на намотката.
Предавателот работи "од прва". Следете го текстот и објаснувањата во него и нема да имате проблеми. Доближувањето на предавателот до радио приемникот се користи при неговото нагодување, откако тој ќе се нагоди (како што е опишано во текстот), не е потребно блиско поставување до радио приемникот, бидејќи предавателот има домет од стотина метри, па до преку 1km со добро нагодена и високо поставена антена.
Што се однесува до микрофонот, во текстот е дадено објаснување за тоа кој тип на микрофон какви можности дава. На Вас останува да се одлучите, согласно вашите потреби.
3) Што се однесува до web-страници за китови, на некој од серверите за пребарување (како Google) доволно е да внесете клучен збор за пребарување electronic kit и ќе бидете изненадени што сè ќе добиете. За почеток ви предлагаме да ја посетите следната web-страна: http://www.electronic-circuits-diagrams.com. На неа можете да најдете проекти и китови од скоро сите области на електрониката.
Дејан Трпески и Добре Блажевски-Доц


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.