Многу прашања за проектот Focal B400 VF (Емитер 6/2002)

Имам неколку прашања во врска со проектот Focal од минатиот број на Емитер. Ако ги сменам димензиите на кутијата (задржувајќи го истиот волумен) дали тоа ќе влијае на карактеристиките и квалитетот на звукот? Дали е подобро бас-рефлекс-отворот да биде цевка или процеп-канал и може ли отворот да се смести напред и колку ќе влијае тоа на звукот? Дали мора да се задржи позицијата на драјверите, како на нацртот? Дали мора задните страници на кутијата да бидат заоблени, како предните? Ако ставам маска со платно на предниот панел, дали и таа да биде со заоблени рабови? Дали свртницата да биде покриена со материјалот за дампирање или може да биде монтирана над него? Колкава е импедансата и моќноста на звучниците и колку моќен засилувач им е потребен? Препорачајте некој соодветен засилувач.
Однапред ви благодарам на трпението и посветеното време за одговорените прашања,
Горјан Христовски, преку e-mail

Амплитудно-фреквентната карактеристика, а со тоа и звукот на целиот звучник зависи од димензиите на предната плоча на звучната кутија и од меѓусебните растојанија меѓу драјверите. Затоа, неопходно е да се придржувате до дадените димензии, особено на ширината на кутијата и срастојанието меѓу драјверите. Единствено, може малку да се зголеми висината на кутијата (на сметка на длабочината), односно над високотонецот да има малку повеќе дрвенарија, бидејќи така добив подобри резултати. Исто така, може да се продолжи кутијата под бас/среднотонскиот звучник. И двете варијанти на бас-рефлекс-отворот (цевка или канал) имаат свои позитивни и негативни страни. Ако користите цевка, подобро ставете ја на задната страна, бидејќи повеќето бас-рефлекс цевки имаат непожелна паразитна резонанција во средните тонови. Заоблувањето на предните страници од кутијата е пожелно, додека за задните страници тоа воопшто не е важно. Како и да ја направите маската со заштитно платно, најдобро е да ја извадите пред секое слушање. Пожелно е свртницата да биде покриена со материјалот за дампирање. Како што веќе напишав во проектот, импедансата на звучникот е 4Ω. За оваа звучна кутија можете да користите засилувач со која било моќност до најмногу 150W, и тоа подобро помоќен, отколку со помала моќност. Сепак, моќноста на засилувачот и звучниците не е толку важна колку што е важно засилувачот да не работи во подрачје на cliping бидејќи тогаш изобличувањата енормно растат а со тоа енормно расте и средната моќност испорачана на звучникот што лесно може да предизвика звучник од 150W да биде прегорен од страна на 50W засилувач. Инаку, за засилувач можете да користите кој било проект за засилувач, објавен во Емитер. Од фабричките засилувачи можам да ги препорачам Rotel RA 931 II и Rotel RA 971 II.
Владимир Филевски


Самоосцилации во засилувачот (Емитер 6/2002)

Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот 500W излезен засилувач (ЕМИТЕР 3/98). Ако засилувачот самоосцилира како може да се отстрани самоосцилацијата и од што конкретно настанува.
Однапред ви благодарам
Митрески Борче, с.Оровник, Охрид

Самоосцилацилирањето како феномен не е ни непозната ни неочекувана појава. Всушност се работи за несакана појава кај засилувачите кои во одредени услови се однесуваат како осцилатори. Осцилирањето кај засилувачите е поврзано со засилувањето или, кажано поодредено, со повратната врска. Доколку стандардната негативна повратна врска, од кои било причини, се промени во позитивна доаѓа до самоосцилирање во колото на засилувачот. Промената на негативната повратна врска во позитивна најчесто настанува заради паразитните капацитивности кои се јавуваат меѓу блиските водови на плочката со печатено коло, изводите на елементите (особено ако тие се оставени долги) и самите елементи. Овие паразитни капацитивности, иако мали, сепак на одредени фреквенции имаат многу мала отпорност и преку нив се затвора повратна врска која во дадениот дел на колото се јавува како позитивна. Оваа позитивна врска, преку засилување на сигналот на шумот од влезот, во крајна инстанца доведува до осцилација во колото. Фреквенцијата на која ќе заосцилира колото зависи од многу фактори, но вообичаено се движи во границите од 1kHz до 100kHz. Од долната страна е ограничена со малата вредност на паразитните капацитивности, а од горната со фреквентниот одзив на излезните транзистори вградени во засилувачот.
Доколку се јават осцилации, иако претходно сме ги превзеле сите мерки за нивно превентивно спречување, наједноставен начин да ги одстраниме е да ја засилиме негативната повратна врска за високите фреквенции. Ова најчесто се изведува со поставување на паралелен кондензатор на отпорникот од повратната врска. Во конкретниот случај за засилувачот од 500W од ЕМИТЕР 3/98 би поставиле кондензатор паралелно на отпорникот R7. При изборот на капацитивноста на кондензаторот треба да внимаваме неговата реактивна отпорност при максималната фреквенција на која е предвиден да работи засилувачот да е барем двојно поголема од вредноста на отпорникот во повратната врска. Во спротивно деградирањето на фреквентната карактеристика на засилувачот ќе биде забележливо. Вообичаено се работи за вредност од околу 100pF. Како дел од заштитата од осцилации се поставува и комбинацијата R8/C10 кои ја компензираат фреквенциската карактеристика на звучникот при високи фреквенции.
Коста Карпузовски


Не ми работи on board испитувачот на транзистори (Емитер 7-8/2002)

Почитувани г-да,
Ја користам оваа прилика да ве поздравам сите, и да го замолам авторот на проектот "On board испитувач на транзистори" (Е4/02) г-динот Петар Аврамовски да ми ги каже можните грешки, бидејќи при вклучувањето на уредот на напон од 9V, транзисторите T1 и T2 загреваат и свети само црвената LED1, а не како што е опишано во текстот да трепкаат и двете. Ќе бидам многу благодарен ако ми одговорите на ова прашање. Поздрав од мене и многу успех во работата.
Перица Јакимов Св. Николе

Грешки во електричната шема и распоредот на деловите или врските на ППК нема. Самиот податок дека свети само црвената LED1 значи дека T1 е проводен и дека осцилаторот со IC1 не осцилира. Транзисторите можат да загреваат само при неправилна поларизација (заменети PNP со NPN) или при преголема колекторска струја. Веројатно во вашиот случај се работи за неправилна поларизација на транзисторите, бидејќи ако тоа не е случај, иако не работи осцилаторот, би проведувал само еден транзистор, а другиот воопшто не би загревал, ниту би проведувал.
Пред да ги поставите транзисторите треба да проверите дали осцилира осцилаторот, имено, дали на излезната ногичка 6 има променливо напонско ниво + 9 V кон маса и 0 V, мерејќи кон маса. Ако е тоа случај и правилно се поставени транзисторите, уредот сигурно ќе работи. На местото на спојот на R5 со R6, донесете еднаш позитивен напон, а другиот пат негативен, при тоа колото IC1 нека биде извадено. Ако во првиот случај светне LED2, а во вториот LED1, грешката ви е во неосцилирање на осцилаторот.
Проучете го добро текстот, разберете ја шемата, а потоа преминете кон изградба. Недоволното искуство е најголема причина за грешки при изработката, па затоа побарајте помош од пријател со поголемо искуство и знаење. Ако и натаму не можете да го решите проблемот, повторно обратете се до редакцијата.
Петар Аврамовски


Теорија за телекомуникациите (Емитер 7-8/2002)

Почитувана редакцијо,
Оваа писмо ви го праќам како би обрнал малку внимание на уредувачката политика на вашето ценето списание. Тргнувам од тоа дека ги прифаќате сите сугестии од читателите, па еве и една моја.
Не сакам да кажам дека сте за никаде и слично, баш напротив, вакво списание ѝ е потребно на оваа држава, а посебно на младиот народ кој живее во неа. Но, она што сакам да го потенцирам е дека рубриката ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ не се однесува само на МОБИЉКИ!!! Можеби и имате добра причина што им посветувате толку многу внимание бидејќи сосема е во ред да се презентира сè она што е ново, а "мобиљките" се во тренд нели? Како и да е, добро би било ако се потрудите да објавите и по некој навистина покорисен и понаучен текст. Има многу работи од областа на телекомуникациите за кои може и треба да се зборува. Ќе се сложите со мене дека многу луѓе користат мобилни, но не секој од нив знае што точно се случува во текот на разговорот, роамингот итн. Знам дека има многу читатели кои, како и мене, би ги интересирало да дознаат повеќе за тоа како нешто работи, како е направено, зошто е тоа така, а не вака и сл. Тука ќе ги споменам написите како оние за проширениот спектар, дигиталното радио и слични на нив. Колку што можам да забележам вашиот соработник, г-дин Добре Блажевски – Доц сè уште пишува за списанието, а ова последното за домашниот буба аларм е вистински чекор напред. Не знам дали тој не сака или пак нема време повеќе да се посвети на пишувањето теорија или пак проблемот е нешто сосема друго. Воедно би сакал, доколку е можно, да ми овозможите контакт со него, бидејќи би сакал да чујам нешто повеќе околу комуникациите со проширен спектар за кои и се решив да бидат моја постдипломска работа.Со почит, поздрав и желби за многу ваши успеси
Ивица Стефковски, од Скопје.

Почитуван г-не Стефковски, Главен проблем за отсуство на повеќе теоретски теми од областа на телекомуникациите е ограничениот простор во списанието, од една страна, и интерсот за прикази и тестови на "мобиљки" од страна на голем дел од читателите и спонзорите. Поради тоа почесто имаме написи од типот на прикази и тестови на уреди отколку теоретски написи. Сепак ова нема да биде случај и во иднина бидејќи планираме да го прошириме списанието за уште 10-20 страници, а и затоа што веќе имаме подготвено неколку теоретски написи од телекомуникациите – за DECT системот, за RDS, за GPS, за GP антените и за сателитската телевизија. Како што забележувате написот за RDS системот е вклучен во овој летен двоброј, а останатите ќе ги објавиме во есенските броеви. Што се однесува до контактот со нашиот соработник Добре Блажевски, ве известувам дека правило е таа комуникација да оди преку редакцијата (заради низа причини за кои имаме пишувано порано) и тоа преку писмо или e-mail. Сепак бидете сигурни дека на вашите прашања ќе биде одговорено во најскоро време.
Слободан Таневски


Звучници и засилувачи (Емитер 9/2002)

Најпрвин голем поздрав до Владимир Филевски и до ЕМИТЕР!
Дали би можеле да напишете нешто општо за авто-озвучувањето во некој од следните броеви во ЕМИТЕР и да објавите проект за авто-засилувач од 100 W? Која е најдобра комбинација на звучници со сабвуфер за кола, за околу 200 евра? Ме интересира која е подобра инвестиција за слушање рок/метал, со брз бас – да се купат B&W за 250 евра или да се направат Focal B400VF? Кој звучник одговара за засилувач за електрична гитара за свирење рок/метал?
Русин Џундев, преку e-mail

Ви благодариме на поздравите. Што се однесува до авто-озвучувањето, мое лично мислење е дека во автомобил е невозможно да се добие hi-fi звук, независно од цената на уредите – инвестирање на големи пари во авто-озвучување нема оправдување. Може да се добие атрактивен и моќен звук, но тоа нема врска со hi-fi-то. Заради тоа, не сум се интересирал за авто-звучниците (иако повремено проектирам сабвуфери за кола). Авто-засилувачите со голема моќност (поголема од 30 W) задолжително користат DC-DC напонски конвертор, кој е проблем да се направи, пред сè заради феритно јадро за конверторот кое е тешко да се најде. Заради тоа, евентуалниот проект во ЕМИТЕР за таков засилувач ќе почека некое подобро време.
Звучникот Focal B400VF нема особено цврст бас (но затоа има деликатни средни и високи), така што тој веројатно не би ги задоволил Вашите барања. Затоа би Ви го препорачал B&W DM303 кој има особено цврсти басови (поставете го со задната страна блиску до ѕидот, на растојание од околу 15 cm). За свирење рок/метал постојат специјални гитарски звучници, од кои повеќе модели (со разни бои на звукот) произведуваат Eminence и Celestion. Ако ги нема во продавницата "Мими" (тел. 120-361), ќе мора да ги побарате во странство.
Владимир Филевски


Домашниот буба аларм да се јавува на мобилен (Емитер 9/2002)

Почитувана редакцио!
Направив еден примерок од Домашниот буба аларм, според шемата објавена во јунскиот број на ЕМИТЕР. Истиот работи во ред и сум доста задоволен. Меѓутоа сепак се јавува еден проблем, а тоа е неможноста буба алармот да се програмира да ѕвони на мобилен телефон.
Моето прашање е дали тоа е воопшто можно и каква е постапката при програмирање на број од мобилен телефон
Со почит вашиот читател Зоран Стојановски

Веќе добиваме исти прашања како и Вашето и од други читатели. Верзијата која моментално е достапна дозволува бирање само на 6 броеви. Истата таа верзија е програмирана и во PIC-от кој Вие го имате нарачано.
Програмирање на 9 цифри (за мобилен или национален телефонски сообраќај), па и повеќе е можна, но ќе мора да почекате за еден мал UPDATE, кој официјално ќе биде достапен од 10-ти Септември. Причината заради која моменталната верзија бира само 6 бројки е недостатокот на меморија. Како што веќе знаете PIC-от ги врши сите работи. Но, на новата верзија веќе работиме (искрено е готова, но по обичај мора да помине одредени тестови) и не само што ќе има можност да се бира мобилен број туку и ќе има една мала измена. Таа измена се состои во тоа што Домашниот Буба Аларм ќе дава можност да излезете од дома за време од 15 секунди без да се активира, а потоа да премине во веќе опишаниот мод на работа и да чека за активирање.
И најважното. За сите оние кои го имаат нарачано програмираниот PIC од Емитер со првата верзија, програмирањето на новата верзија ќе биде бесплатно!!!
Добре Блажевски-Доц.


80W засилувач со TDA 7295(Е 7-8/2002) (Емитер 9/2002)

Почитувана редакцијо,
Ве поздравувам и имам неколку прашања за Вас и околу проектот "80W аудио засилувач со TDA7295" од Е60 (7-8/2002).
1. Се интересирам да направам повеќе проекти објавени во различни броеви на ЕМИТЕР. Дали ќе може Вие да направите нешто како збирка од фотокопии од поедини шеми од разни броеви од ЕМИТЕР и во зависност од бројот на страни да одредите цена за тоа?
Мислам да го правам и набавив некои електронски компоненти за проектот "80W аудио засилувач со TDA7295" Но некои работи не ми се јасни, како:
Дали со напојувањето од 2x22 Vac напонот помеѓу крајните изводи на секундарот ќе биде 44Vac, а после Gretz-овиот насочувач ќе биде 60 Vdc. Дали е тоа преголем напон за засилувачот?
Сакам да изработам стерео верзија со овој засилувач. Дали можам да ги користам проектите за контрола на тонот објавени во Е 7-8/2000 и Е 9/99,
Дали за овој засилувач можат да се користат авто звучници од 100W/4Ω, и дали можат да се користат и други и со која моќност?
Перица Јакимов од Св.Николе

Нè радува вашиот интерес за постарите проекти во ЕМИТЕР. Меѓутоа практика на редакцијата е продажба на цели броеви од ЕМИТЕР, што е и цел на списанието. Притоа при набавка на повеќе броеви одеднаш нудиме и попусти (за подетални информации прочитајте ја рубриката ПРЕТХОДНИ БРОЕВИ на стр.4). Инаку во план ни е да објавиме книга со најинтересните електронски конструкции од старите броеви + некои нови, но кога тоа ќе го реализираме во овој момент не би можеле да одредиме.
Еве ги и одговорите на прашањата во врска со проектот "80W аудио засилувач со TDA7295":
1.Точна ви е забелешката дека напонот помеѓу крајните излези на секундарот е: 44Vac, а после Гретз-овиот насочувач ќе биде 60Vdc. Тоа може да се пресмета со формулата: Udc=1,41• Uac, оваа формула е теоретска, додека за практична примена е: Udc≈1,34Uac, а тоа е така, заради падот на напонот кој е последица од отпорот во Gretz-овиот насочувач. Дека напонот не е преголем може да се види од табела 1, каде јасно стои дека тој може да се движи до максимални Us=±40Vac. Во текстот во делот "напојување" е објаснето каков трансформатор да се употреби. Ако не сте во можност да го набавите овој тороиден трансформатор, ви препорачувам класичен со примар 220Vac, секундар 2x22Vac и моќност мин.200 VA, за оптоварување на излезот на засилувачот од RL=8Ω, а за оптоварување од RL=4Ω ви препорачувам трансформатор со примар 220Vac, секундар 2x16,5Vac и моќност мин.200VA.
2. Слободно можете да ги користите проектите за стерео верзија со тон контрола, објавени во наведените броеви на ЕМИТЕР, а можете да го користите, како поефтина варијанта и проектот објавен во Е 9/96, како и проектот за tone/volume контрола од овој број на ЕМИТЕР.
3. Вие не наведувате за авто звучниците за која моќност се работи (дали е номинална или музичка). Ако ја погледате табела 1, за контуирана (RMS) излезна моќност од Po=50W и оптоварување од RL=4Ω со THD од 0,5%, ќе ви биде потребен напон за напојување на засилувачот од Us = ± 22Vdc. Ова значи дека, ако вашиот авто звучник има номинална моќност од 100W/4Ω слободно можете да го приклучите. Од горе наведеното може да се заклучи, дека можете да приклучувате звучници со минимална оптимална моќност од 80W и мин. RL=4Ω. За другите звучници кои ги наведувате, опширно е пишувано во многу претходни броеви од ЕМИТЕР.
Славко Стојковски и Дејан Трпески


Пофалби за новиот ЕМИТЕР (Емитер 9/2002)

Здраво, Знам дека ЕМИТЕР како списание долго живуркаше претежно во одреден круг на аудио "фанатици" и електроничари. Да бидам искрен, директно не сум ни едното ни другото, но често го читав т.е. ми паѓаше во раце, бидејќи имав еден таков во мојата близина. Во случаен разговор, знаете.... "што има ново?" разбрав дека ЕМИТЕР згаснал. Најискрено информацијата и не ми беше претерано значајна. Моите главни интреси беа врзани за "Свет Компјутера" и "PCpress" и за американскиот "Sky and Telescope".
Така беше до пред некој месец, кога истион "фанатик" од горниот дел од писмово ми покажа нов ЕМИТЕР, кој и по надворешниот изглед се разликуваше од претходниот. Го разлистав и бев пријатно изненаден. "Листот" за "фанатици" станал солиден магазин со широк спектар на теми, доста соработници, а сепак останало доволно и за "фанатиците". Ако се сеќавате на некогашниот Загребачки "САМ" или доскорешната Белградска "ГАЛАКСИЈА" и ако знаете што тие значеа, тогаш тоа што ЕМИТЕР го споредувам со нив може да се протолкува само како голем КОМПЛИМЕНТ. Изборот на теми можеби е преширок, можеби е претесен, нивото е можеби многу стручно , а можеби и не е... Сè ќе се среди со тек на време - после 5 или 10 броја балансот сам ќе се покаже. Можам да ви честитам на ентузијазмот и на добро завршената работа. Јас во моментов дојдов до бројот 54 од Јануари оваа година, па ме интересира дали е тоа првиот број од ЕМИТЕР "во ново руво"? Доколку е (тоа може да се насети од едиторијалот, но бидејќи влетувам после година-две молам да ми се разјасни) колку време поминало од бројот 53? И главното прашање - дали може да ги набавам броевите "во ново руво", што ќе рече од јануари до јули? Ако може - каде, и по која цена?
Многу поздрав од ИванТрпески

По неброени саати работа исполнети со многу проблеми, како од организациона и техничка природа така и од финансиски аспект, Вашето писмо навистина внесе разведрување и задоволство во нашата редакција и ни влеа нов поттик да истраеме во оваа макотрпна работа за популаризација на науката и техниката во Македонија. Голема БЛАГОДАРНОСТ за пофалните зборови.
Примерокот кој го имате (број 54 од јануари оваа година) е прв број на ЕМИТЕР со новата концепција кој излезе по една година пауза од претходниот - бројот 53 (9-12/2000) кој е последен број со старата концепција. Претходните броеви можете да ги нарачате од редакцијата преку телефон (тел 115-111) или e-mail, да ги набавите во продавниците на "Е&П електроника" и "КАМ-ЕЛ електроника" или пак да ги набавите директно во нашата редакција на ул "50 Дивизија" бр. 23, што би бил побрз и поефтин начин. Се надевам дека ќе уживате во содржините на новиот ЕМИТЕР.
Слободан Таневски


Трансмисиона линија, PC аудиомерења и CLIO (Емитер 10/2002)

Во врска со новиот концепт на ЕМИТЕР, мислам дека за таа цена во Македонија подобар нема, вклучувајќи ги и странските списанија. Сепак, би требало да се зголеми бројот на страници посветени на компјутерската техника и електрониката (се разбира со соодветно зголемување на цената – да речеме 200 денари), бидејќи според мене, најголемиот процент на оние кои го купуваат ЕМИТЕР се интересираат за тие области.
Заљубеник сум во аудиото, и како и многумина други, прибегнав кон конструкција на звучни кутии во сопствена режија, благодарение на знаењата добиени од ЕМИТЕР и трудот на г-дин Владимир Филевски сето тоа да го сподели со читателите. Би сакал да знам дали аудио-фреквенцметарот за PC (проектот во ЕМИТЕР бр. 61) може да се прилагоди за мерење на амплитудно-фреквенциска карактеристика на звучници? Како извор на сигнал би можел да послужи софтверски PC тон-генератор. Проблемот е: како да се елиминираат рефлектираните звучни бранови во собата?
Би сакал да објавите напис за CLIO, ако сте во можност подетално. Каде може да се купи CLIO, колку чини и дали е потребно инсталирање на соодветен хардвер?
Имам уште едно прашање: дали со претворање на компресиона кутија од 120 литри во трансмисиона линија со должина од 1,6 метри и однос на коморите 1:1 би се добил подобар бас со звучник со параметри Qts = 1,21; fs = 33 Hz; Vas = 39 литри?
Васил Пандев, Струмица

Планираме зголемување на бројот на страници, што ќе резултира во обем и тематска распределба слични на летниот двоброј од оваа година, со цена најмногу до 150 денари. Надоградбата на PC аудио-фреквенцметарот во систем за мерење на звучници е скоро невозможен, или во најмала рака – многу тежок зафат. Поодамна, и јас се обидов да најдам некое PC хардверско/софтверско решение кое би било со ниска цена, за на крај да дојдам до заклучок (после солидна количина залудно потрошени пари) дека само професионален уред за аудиомерења може да ги оправда вложените средства. Единствен таков професинален уред со пристојна цена е токму CLIO. CLIO се состои од картичка за компјутер, микрофон и софтвер. Во зависност од конфигурацијата, неговата цена е од 900 до 1.100 евра (приближно), на што треба да се додадат поштенските трошоци и царинските давачки. Постојат две верзии: стандарден CLIO (кој има две варијанти на PC картичката: ISA и PCI) и нешто поевтиниот CLIOlite (кој не го препорачувам, бидејќи му се ускратени повеќе корисни функции). Постојат и три верзии на мерните микрофони: LITE, MIC-01 и MIC-02. Списокот на дистрибутери на CLIO можете да го најдете на Интернет страницата www.cliowin.com (јас моето CLIO го нарачав од RCM Akustik од Германија, но со нив имав непријатни искуства и затоа би Ви препорачал да најдете некој друг дистрибутер). Уредот CLIO го претставив во ЕМИТЕР бр. 2/98, заедно со објаснувањето како е решен проблемот со рефлектираните звучни бранови во собата. Иако CLIO е најдобро и најевтино решение, сепак не би можел да го препорачам на повеќето хобисти, бидејќи станува збор за професионален уред: на пример, во упатството за користење не се објаснети многу нешта за аудиомерењата– тоа се работи кои се подразбира дека им се познати на професионалците. Дури и ако некаде најдете објаснување за некое прашање, тоа објаснување само ќе ви отвори десетина (или стотина) нови прашања и непознаници за кои не сте ни знаеле дека постојат, и на кои допрва треба да најдете одговор (знам за два други CLIO уреда во Македонија, кои служат само како украс). Ако сте спремни на многу учење, тогаш безрезервно можам да Ви го препорачам CLIO.
Со оглед на високиот Qts параметар на бас-звучникот, претворувањето на компресионата звучна кутија во трансмисиона линија ќе донесе подобар бас. Бидејќи не сте ги навеле димензиите на звучната кутија и на бас-звучникот, можам да Ви ги дадам само овие совети: Предложената должина на трансмисионата линија од 1,6 m е премногу мала за да се добијат оптимални резултати. Ако постои можност, поделете ја кутијата на три "комори" (канали) со вкупна должина околу 2,4 m. Напречниот пресек (плоштина) на каналите најдобро е да се намалува кон излезот, т.е. првиот канал каде што е монтиран бас-звучникот треба да биде со најголем пресек, вториот канал со помал, а излезниот со најмал пресек. Притоа треба да се внимава најмалиот пресек на каналот да е поголем од активната плоштина на бас-звучникот (приближно: плоштина на кружниот отвор на кутијата за бас-звучникот). Материјалот за дампирање во тежина од 1,8 kg (по кутија) треба рамномерно да се распредели по целиот внатрешен волумен.
Владимир Филевски


Погрешно интегрирано коло во инфрацрвената бариера (Емитер 10/2002)

Имам прашања за проектот "Инфрацрвена бариера" објавен во ЕМИТЕР бр. 5-6/2к. Во шемата приемникот како засилувач на сигналот (IC1) е наведено интегрираното коло TDA2023A, кое не можев да го најдам. Со оглед на надворешните компоненти го одбрав IC LM358. Системот е стабилен и функционира на растојание до 1m. Што треба да направам истиот да работи на растојание не помало од 2m.
Мартин Сапунџиев, преку e-mail

Интегрираното коло IC1 во приемникот на инфрацрвената бариера од ЕМИТЕР 5-6/2к е погрешно означено на шемата и во текстот. Тоа не треба да биде TDA2023A (такво не постои) туку TDA2320A. Колото што вие сте го употребиле како замена (LM358), како што и самите сте забележале, одговара само делумно, па ќе мора да го замените со TDA 2320A, кое патем е многу евтино и лесно се наоѓа во продавниците за електроника.
Драган Јовановски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.