Имам неколку прашања: Го изработив проектот "Активна свртница" објавен во ЕМИТЕР 4/2000 и задоволен сум со резултатите. Сега би сакал да изработам уште една свртница, но за ниските тонови долната гранична фреквенција треба да биде околу 35 до 40 Hz, а горната 150 Hz; додека за средните тонови 150 Hz до 5.000 Hz; а за високите од 5.000 Hz до 22.000 Hz. Во табелата има пресметано вредности за RC елементите, но не е означено за кои фреквенции!?Дали би можеле да објавите проект за активна свртница со 4 опсези, на пример: од 40 Hz до 150 Hz, од 150 Hz до 400 Hz, од 400 Hz до 4.000 Hz и од 4.000 Hz до 22.000 Hz. Ако сте во можност, објавете проект за сабвуфер со некои полесно достапни и поевтини звучници.Дали сте сретнале звучници D&T 12" 300 W 8Ω и ако сте ги измериле, дали се добри за компресиона кутија или за бас-рефлекс?
Однапред Ви благодарам,
Јовица Даниловски, Ресен
Во двете табели 2а) и 2б) од проектот "Активна свртница" навистина е испуштена колоната со фреквенциите, така што сега го објавуваме дополнувањето на тие табели (прикажан е само почетокот на споменатите табели со првата колона за фреквенцијата). Се надеваме дека читателите сепак немале некои поголеми проблеми, бидејќи во табелите 1а) и 1б) се објавени формулите за пресметка на RC елементите, со чија помош и се пресметани вредностите прикажани во табелите 2а) и 2б). Со тие формули лесно можете да ги пресметате вредностите на RC елементите за која било фреквенција.Вашето барање за ограничување на високите тонови над 22.000 Hz е сосема непотребно и дури може неповолно да влијае на квалитетот на звукот. Ограничувањето на најниските тонови понекогаш се употребува но, предложените 40 Hz, па дури и 35 Hz се премногу високи фреквенции за hi-fi намена (освен ако бас-звучникот е мал) – обично се користи вредност од 20 Hz до 30 Hz. Ако сакате да направите активна свртница за 3 опсези, но со ограничување на најниските тонови под 30 Hz (или слична фреквенција), тогаш потребни се две печатени плочки ППК623 за еден канал (вкупно 4 плочки за стерео): од првата плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (направен за опсег од 30 Hz до 150 Hz), додека од втората плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (од 150 Hz до 5.000 Hz) и за високи тонови (високопропусен за над 5.000 Hz). Влезовите од двете плочки треба да се спојат паралелно, а R1 да се зголеми на 100 kΩ. Од веќе објавениот проект за активна свртница со 3 опсези лесно можете да направите активна свртница со 4 опсези – за тоа повторно се потребни две печатени плочки ППК623 за еден канал (вкупно 4 плочки за стерео): од првата плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (направени за опсег од 30 Hz до 150 Hz) и за високи тонови (направени за долна гранична фреквенција од 150 Hz); додека од втората плочка ќе ги употребите опсезите за ниски тонови (до 400 Hz), потоа за средни тонови (од 400 Hz до 4.000 Hz) и за високи тонови (над 4.000 Hz). Единствено треба да се направи мала интервенција на втората плочка – со скалпел да се прекине бакарниот вод (после "триаголникот" кај Ksp2) кој оди од излезот 1 од IC1 до отпорникот R8, а на влезот од отпорникот R8 да се донесе сигналот од првата плочка – од излезот на високите тонови (после R7). Така, излезот за опсегот од 150 Hz до 400 Hz ќе биде после отпорникот R3 на втората плочка. Влезовите од двете плочки треба да се спојат паралелно, а R1 да се зголеми на 100 kΩ. Во септемврискиот број на ЕМИТЕР беше објавен проект за сабвуфер – "Aquarium". Звучната кутија можете да ја направите поевтино, ако се откажете од стаклените плочи и ако нив ги замените со плочи од иверка. Димензиите на кутијата можете да ги направите по Ваша желба, но внатрешниот волумен мора да биде 94 литри. Да ја искористам приликава да направам една корекција: во текстот е напишано дека димензиите на алуминиумскиот "L" профил се 25 X 25 mm, а всушност вистинската димензија е 30 X 30 mm. За звучниците D&T не сум чул досега. Погледнете во малите огласи во ЕМИТЕР за мерење на звучници.
Владимир Филевски
Здраво,
Имам прашање за DC/AC претворувачот од ЕМИТЕР 10/98: немате објавено какви видови на ладилници треба да се искористи за излезните транзистори (2N 3055). Исто така, се интересирам за самоградба на торусен трансформатор. Ке ве молам да ми ги објавите формулите за пресметка на намотките и дебелината на калемите, како и определувањето на големината на јадрото и начинот за негова самоизградба.
Ви благодарам однапред.
Драган Симовски, преку e-mail
Ладилникот за DC/AC претворувачот од ЕМИТЕР 10/98 за верзијата од 100W треба да биде со температурна отпорност помала од 1 K/W (или уште подобро < 0,5 K/W), а за верзијата од 200W потребен е ладилник со Rth<0,5 K/W.
Проблематиката за пресметка и изработка на торусни трансформатори е доста комплексна и не е можно да биде објаснета во краток одговор - тоа е тема која треба да биде постудиозно подготвена и поопширно презентирана, па ќе се потрудиме во некој од следните броеви да објавиме еден таков напис.
Слободан Таневски
Прво голем поздрав до редакцијата на Емитер и до сите соработници кои учествуваат во ова State of the Art списание за секој почетник, а богами и секој професионалец! Списанието ви е одлично од секогаш, така што не обрнувајте многу внимание на некои себични и некреативни читатели кои во списаниево сакаат 100 страни електроника и само електроника, не сакајќи да ги дознаат и другите исто толку интересни области. Списанието е добро конципирано, но сакам да предложам некои мои идеи. Како прво, зошто да не биде застапена музиката – иако не е наука, но од неа живееме поубаво. Компјутерската техника треба да биде повеќе застапена, и тоа со проекти: RS 232 контролери, осцилоскопи, софтвер за звучни кутии и сл. Понатаму, продолжете со темата градежништво-акустика. Продолжете и понатаму со големиот елан и креативност, и знајте дека многу поколенија на техничари ви се должни Вам за нивното знаење.
Јас сум голем заљубеник во аудиотехниката, и како секој вљубеник во музиката сакам да сушнам повеќе од неа, па решив сам да изградам звучници со Focal компоненти (проектот од минатиот број на Емитер). Сакам да ве прашам како да ги нарачам драјверите од KORATO и дали при внесувањето во Македонија треба да платам царина и други давачки.
Однапред благодарам,
Александар Цаневски, via e-mail
Ви благодариме на топлите зборови на поддршка. Во план ни е да го зголемиме бројот на страници посветен на компјутерската техника, вклучувајќи и некои интересни проекти.
За нарачката на драјверите Focal распрашајте се директно во KORATO преку телефон, факс, писмо или e-mail (сè е објавено во минатиот број). Ако Ви ги испорачаат компонентите по пошта, задолжително се плаќаат разни царински давачки – за точните износи распрашајте се во нашата Царинска служба. Најевтино решение е да замолите некој кој ќе оди во Србија да ви ги купи и донесе компонентите. Конкретните Focal драјвери за проектот беа подигнати во Ниш, по претходен договор со KORATO.
Владимир Филевески
Почитувана Редакцијо,
Вашето списание секој месец го купувам и можам да кажам дека е одлично. Би ве замолил ако може да објавите шема на засилувач кој ќе биде до 20W, ќе работи на адаптер од 9V и нема да биде со интегрални кола или со транзистори. Јас мислам дека може, затоа што имам компјутер со звучници 2x10W (20W) и кога го отворив звучникот во кој има засилувач од 20W мислев ќе има транзистори, интегрирани кола итн., ама внатре имаше само 4 диоди, 10 кондензатори, 5 отпорници и еден тримерски отпорник.
Вашиот читател Миле Гогов.
Невозможно е да се изгради засилувач кој ќе содржи само т.н. пасивни елементи (отпорници, кондензатори, диоди...), туку секогаш во неговата конструкција мора да има и некој активен елемент: лампи, транзистори или интегрирани кола. Второто нелогично барање во вашето писмо е моќноста од 20W да се добие со напојување од 9V адаптер. Со толкав напон може да се постигне моќност од најмногу 2,5 W, а ако се употреби засилувач во мостна врска тогаш со тој напон може да се постигне моќност од најмногу 10 W, но при тоа потрошувачката на струја ќе биде 3 A, а толкава струја популарниот адаптер не може да даде.
Претпоставувам дека ваквото ваше барање настанало како резултат на она што сте го виделе во кутијата од компјутерските звучници бидејќи производителите за да ги залажат купувачите ја наведуваат максималната моќност што ја троши засилувачот во краток импулс (со траење од 1 или 10 милисекунди). Таа моќност се нарекува Peak Music Power Output (PMPO) и обично е за повеќе од 10 пати поголема од синусната (вистинската) моќност на засилувачот. Тоа значи дека засилувачот во вашите компјутерски звучници нема моќност поголема од 2W, а најверојатно е дека синусна моќност му е помала дури и од 1W.
Што да се каже на крај - едноставно читајте ЕМИТЕР и со тек на времето ќе дознаете многу тајни на науката и техниката :-).
Слободан Таневски
Ги прочитав текстовите за 50W Hi-Fi засилувач (ЕМИТЕР - март 2002) и Стерео tone-volume контрола со ТDA1524A (ЕМИТЕР - септември 2002). Сакам да знам дали може овие два уреда да се изработат во заедничка кутија и како и како да се изведе напојувањето (едно напојување за двата уреда)? Ако може и пратете ми една слика како да се поврзе сè во кутијата (како сликата 7 во текстот за 50W Hi-Fi засилувач)? Колку би ме чинело (отприлика) сево ова да го изработам? Ве молам, нека биде попросто објаснето бидејќи не сум искусен, сè уште навлегувам во електрониката.
Однапред благодарам.
Никола Николовски, преку e-mail
Одговорот е да, и двата уреда можете да ги сместите во една заедничка кутија.
За напојување на тон-контролите препорачувам да се користи посебен мрежен трансформатор од 1,5VA и напон на секундар од 12V. Во овој случај, меѓусебното поврзување на двата уреда за моно/стерео верзија е многу едноставно и се сведува на поврзување на излезот (излезите) од тон контролата со влезот на засилувачот (засилувачите) со помош на обичен, несиметричен оклопен кабел.
Пред да го сторите ова, препорачувам и двата уреда да ги изработите и тестирате независно еден од друг на начин објаснет во пропратниот текст за секој од нив. Дури откако ќе се уверите дека сè е во најдобар ред, можете да преминете кон нивно меѓусебно поврзување.
Цената на елементите не ми е позната, па затоа најдобро е да се обратите до некоја од подобро снабдените продавници за електронски компоненти. Да ја искористам оваа прилика и да кажам дека во проектот “50W Hi-Fi засилувач" на Слика 7 електролитските кондензатори C1 и C2 се нацртани далеку од двете плочки чисто заради поголема прегледност. Во еден реален случај, овие кондензатори заедно со насочувачот B1 треба да бидат поставени што е можно поблиску до плочките.
Дејан Трпески
Бидејќи сè уште не ми одговоривте на некои мои прашања, ќе ви ги поставам повторно.
1. Зошто веќе не ги објавувате изгледите на ППК, туку само распоредот на елементите?
2. Кога веќе објавувате проекти со елементи кои додатно треба да се програмираат може да објавите и практичен начин како тоа да се направи заедно со софтверот и хардверот (програматорот).
3. Дали во проектот "Снимач на телефонски разговори", наместо трансформаторот со кој треба да се изврши галванско одвојување од телефонската линија, може да се искористи некое друго решение (оптички или некое друго)?
Душко Јаневски, преку e-mail
Проверката на нашето e-mail сандаче и папка со примените писма од читателите ни покажа дека последно писмо кое го имаме добиено од вас е од 21.05, но во него не поставувате никакви прашања, туку давате одговори на нашите математички загатки. Како и да е - еве одговор на прашањата што ги поставувате во ова писмо:
1. Една од главните причини за пропаѓање на стариот ЕМИТЕР беше зачестеното фотокопирање на објавените написи, особено на проектите за самоградба. Според наши сознанија, на секој продаден примерок од списанието имаше уште по најмалку 2-3 фотокопии од страна на несовесни "читатели". Таквите "читатели", од една страна ги добиваа сите детали за самоградба на соодветниот електронски уред, а од друга страна, со фотокопирањето директно придонесуваа за згаснувањето на стариот ЕМИТЕР. За тоа да не се случува и понатаму решивме цртежот на ППК да не го објавуваме, туку само распоредот на елементите. Вистинските читатели со тоа не се оштетени, бидејќи саканата ППК ќе можат да ја набават од нашиот ППК сервис по навистина поволни цени - со помош на купонот цените на нашите изработени плочки се скоро колку и на празните (ненагризени) плочки. За разлика од нив, "читателите на фотокопии" ќе мора да ја платат полната цена на саканата ППК или пак да се откажат од фотокопирањето на ЕМИТЕР, што во крајна линија, е во нивна корист - верувам дека и тие се заинтересирани ЕМИТЕР и понатаму да излегува и да објавува разни проекти за самоградба на електронски уреди, покрај многуте други статии.
2. Дилемите дали да почнеме со објавување на електронски конструкции кои ќе содржат програмирани елементи (микроконтролери, PIC-ови, EPROM-и итн) беа присутни во ЕМИТЕР одамна, токму од причините кои и вие ги наведувате. Уште пред 2-3 години имавме во план прво да објавиме брошура за PIC микроконтролерите во која, меѓу другото, ќе имаше и проект за самоградба на соодветен програматор, па дури потоа да почнеме да објавуваме проекти во кои ќе има PIC-ови. Меѓутоа заради низа причини (пред сè: презафатеноста на соработниците, лошата состојба во ЕМИТЕР и лошата состојба во државата) таа идеја до сега не успеавме да ја реализираме. Сепак, заради несомнената потреба за такви електронски конструкции (микроконтролерите се сегашност и иднина на електрониката) одлучивме да започнеме со објавување на такви шеми и проекти за самоградба, но во исто време и да понудиме веќе испрограмирани чипови (повторно по поволни услови - како и со плочките), и со тоа, до максимум да ја поедноставиме градбата на таквите конструкции. Во секој случај , за оние поамбициозните, во скоро време ќе објавиме и проект за самоградба на програматор за PIC-ови, а ќе се потрудиме да ја подготвиме и објавиме спомнатата брошура или барем серија написи за PIC микроконтролерите.
3. Прашањето за "Снимачот на телефонски разговори" го проследивме до авторот на написот, па кога од него ќе го добиеме одговорот веднаш ќе ви го испратиме.
Слободан Таневски
1. Мислам дека тоа што викате дека порано ги копирале ЕМИТЕР-ите и со тоа ги имале и шемите и упатствата не ви е издржано, бидејќи и сега можат истото да го направат, и не само со шемите туку и со купонот за нарачка на плочките. Повторно ништо не добивате, бидејќи и самите рековте дека цената на готовите плочки од вашиот сервис не е многу различна од цената на ненагризените плочки. А што ако некој сака да нарача повеќе различни плочки, а не само четири?
2. Велите немате време за да објавите проекти за програмирање на микроконтролери и EPROM-ови. А имате време да барате дозвола од странските списанија за да ги објавувате нивните проекти? Проекти со програмабилни елементи немате само во ЕМИТЕР-ите од новата серија, туку и во многу постарите (програмабилните светлосни автомати). Зар до сега не сте нашле време да објавите и програматори кои веќе ги имате чим нудите и готови програмирани елементи?
3. Незнам зошто прашањето во врска со проектот "Снимач на телефонски разговори" морате да го проследите до авторот на текстот, кога и господинот Таневски е електро инжинер и мислам дека проблемот е многу едноставен. Јас не барам авторски права за текстот, па да мора да ми одговори авторот лично.
Душко Јаневски, преку e-mail
Ме зачудува жестината со која ги коментирате моите одговори на вашето претходно писмо. Сепак, еве уште неколку појаснувања:
1. Попустот од 50% за набавка на плочки од нашиот ППК сервис го одобруваме само ако нарачката е направена со оригинален купон од последниот број на ЕМИТЕР (а фотокопијата лесно се препознава). Оваа привилегија очигледно ќе ја уживаат само нашите читатели кои го купуваат ЕМИТЕР и за нив плочките ќе чинат колку и нивната производна цена. За разлика од нив "читателите на фотокопирани ЕМИТЕР-и", ако сакаат да го прават избраниот проект, ќе треба да ја платат полната цена на плочките и така барем малку да нè обесштетат заради бесправното користење на нашиот труд.
Попустот важи само за најмногу 4 плочки, а ако некој сака да нарача повеќе, тогаш одвишокот плочки ќе треба да ги плати по полната цена, затоа што сметаме дека таквата количина ќе се користи во комерцијални цели (производство и продажба на изработените уреди), па во тој случај и ЕМИТЕР како творец на објавениот проект треба да земе барем мал дел од "колачот".
На крај само уште еднаш да напоменам дека нашиот ППК сервис постои заради помош на читателите-електроничари, а правилата за користење на попустите се заради стимулирање на продажбата и натамошното постоење на ЕМИТЕР. Корисно е да напоменам и дека ниту едно странско списание за електроника не одобрува волкав попуст за своите читатели - таму плочките ги продаваат без попусти и тоа по цена од околу 3 до 10 фунти (5-15 евра).
2. Повеќе пати до сега на страниците на списанието имам кажано дека во ЕМИТЕР никој не е вработен (дури ни јас како негов уредник и издавач) и дека написите ги подготвуваат хонорарни соработници кои тоа го прават во своето слободно време, помеѓу редовните животни обврски (студирање, работа, фамилија...). Заради тоа често пати не сме во можност да ги подготвиме сите оние написи кои ги посакуваат и читателите и ние од редакцијата. Ова особено се однесува за написите-проекти за самоградба на електронски уреди за кои е потребно соработникот да одвои најмалку неколку дена во изработка, тестирање, цртање на шемите и плочките, пишување на текстот и неминовните контроли и корекции. Баш заради тешкотиите да подготвиме одредени написи ја воспоставивме и соработката со британското списание Everyday Practical Electronics, што благодарение на поддршката од Британскиот совет и не ни одзеде многу време. Навистина не ми е јасно зошто тоа ви пречи, кога благодарение на таа соработка читателите на ЕМИТЕР добија неколку интересни проекти на електронски уреди, а се надевам дека така ќе биде и во иднина.
А како што кажав и во претходниот одговор, ние ќе се потрудиме во најскоро време да објавиме и програматор за PIC-ови со цел напредните електроничари да можат самите да ги програмираат своите PIC микроконтролери.
3. Прашањето за "Снимачот на телефонски разговори" го проследивме до авторот, не заради некакви "авторски права", туку затоа што, како секаде во светот и тука првило е да одговори оној кој е автор на спомнатото дело. Само тогаш кога авторот заради некои причини не е во можност да одговори, одговорот го подготвувам јас или некој од другите соработници. Навистина, понекогаш чекањето на одговорот може да потрае (како во овој случај), но доколку јас земам да ги одговарам сите писма што ни пристигнуваат (по неколку дневно) тогаш следниот број на ЕМИТЕР ќе го чекате три месеци :-)). Да напоменам и тоа дека во рубриката писма редовно стои дека: "... и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма...". Впрочем, таква обврска не презема ниту една редакција на ниту едно списание во светот. Сепак, бидете сигурни дека и кога нема да успееме да одговориме на некои писма предлозите, пофалбите и критиките искажани во нив задолжително ги земаме предвид при планирањето на идните содржини на ЕМИТЕР и активности на редакцијата.
Конечно еве го и одговорот на вашето прашање за "Снимачот на телефонски разговори" од Е5/98, што го подготви нашиот соработник Петар Аврамовски од Битола:
"Најдобро решение секако е галванското одвојување со трансформатор. Зошто би се барало друго решение кога скоро секое трафо од транзисторските приемници одговара за оваа намена? Секако треба де се земе предвид и дека ПТТ нормите го налагаат галванското раздвојување.
Сепак, можно е, наместо со трансформатор, да се изврши раздвојување со кондензатори. Наједноставно решение за снимањето е кондензатор од 100nF во серија со отпорник од 680 оми, право на линераниот влез за снимање на касетофонот или 100nF со 4k7 на микрофонскиот влез. Секако, овие вредности зависат и од влезните импеданси на влезовите за снимање. Оптоелектронска галванска сепарација е секако возможна, но е пресложена и неисплатлива за оваа намена."
Ете тоа би било сè за ова писмо. Се надевам дека сте задоволни и дека лутината кон ЕМИТЕР веќе ја нема - впрочем ЕМИТЕР постои за на сите нас да ни пружи убави моменти во дружењето со науката и техниката.
Слободан Таневски
Нека не ве зачудува мојата жестина бидејќи не сум ни малку жесток туку само реален. Проблемот е во тоа што секој пат кога ќе поставам јас или некој друг читател некакво прашање во врска со некои пропусти во проектите (како програмабилни елементи или некои поинтересни проекти), скоро секогаш, ако не и постојано го добиваме истиот одговор: "Многу сме зафатени, имаме и други обврски итн". Без навреда (или ако сакате навредете се), но тоа е само патетичен изговор за вашата неспособност. Доколку не сте во можност да одговорите на нашите прашања и желби тогаш не се фалете дека ЕМИТЕР постои за нас и дека цел ви е преку нашите предлози и сугестии да го унапредите и усовршите списанието бидејќи не е така. Старите изданија беа многу подобри од ова сега. Барем да објавевте некој проект кој до сега сте ги ветувале во уводникот. Или доколку стварно не можете да постигнете да одговорите на сите прашања тогаш прекинете ја рубриката писма, или одлучете се што ќе правите, дали ќе се заангажирате повеќе околу ЕМИТЕР или ќе си ги бркате другите работи. Очигледно двете не сте способни доволно добро да ги сработите.
Душко Јаневски, преку e-mail
Очигледно Вие не можете или не сакате да ја прифатите реалноста во врска со ЕМИТЕР па во тоа не би можел да Ви помогнам дури и да напишам уште 5 страници со одговори и коментари на вашите "тези". Затоа само ќе Ве потсетам дека за нашата способност или неспособност сведочат нашите досегашни 63 броја односно преку 3500 страници во кои сме објавиле преку 500 електронски конструкции за самоградба и едно чудо други статии, како и одговорените преку 2000 писма од читатели. Ова воопшто не е малку, дури и ако се спореди со сличните странски списанија кои се со поголема традиција, поголеми тиражи и се разбира неколку пати повисока цена. Сепак, на Вас останува дали тоа ќе го цените или не.
Слободан Таневски
Во тој случај што се жалите дека сте презафатени?
Душко Јаневски, преку e-mail
?????????????????
Слободан Таневски
Здраво почитувана редакцијо на ЕМИТЕР,
Се јавувам во врска со вашиот проект "500W засилувач" објавен во ЕМИТЕР 3/98. Имено, ме интересира дали може засилувачот да се поврзе во мостна врска (bridge mode) така што амплитудата на излезниот сигнал ќе се удвои, а излезната моќност на засилувачот ќе биде 4 пати поголема.
Вакви "bridge" споеви сум сретнувал кај многу интегрирани кола, а исто така и големите засилувачи (снагатори) ја имаат оваа опција. Ве молам за одговор со конкретна електронска шема со вредности за елементите!
Однапред Ви благодарам,
Микески Зоран од Кичево
Моќноста на излезните засилувачи е повеќе прашање на престиж отколку вистинска потреба. Ова се разбира го кажувам поучен од долгогодишното искуство на полето на електрониката, проектирањето и изработката на уреди. Имено во далечната 1998 година објавивме конструкторско решение на излезен засилувач кој можеше да обезбеди до 500W во звучникот во една од варијантите дадени во текстот. Овде запревме бидејки во тој момент сметавме дека оваа излезна моќност е повеќе од доволна за кругот на пријатели и читатели на ЕМИТЕР. Неколку години подоцна, си признавам, пријатно ме изненади вашата идеја за четири пати да се зголеми моќноста токму на најмоќниот засилувач објавен на страниците на ЕМИТЕР. Изненадувањето не доаѓа од самата идеја, бидејќи решенија во кои е употребен мостен спој на два засилувачи се објавени во ЕМИТЕР во повеќе наврати, туку од помислата дека 500W не се доволни.
Да се навратиме на решението што ни го предлагате. Поврзувањето на два идентични излезни засилувачи во мостен спој ја покажува својата оправданост само во два случаи. Првиот, кога сме ограничени со напонот за напојување, како во автомобилите, уредите кои не се напојуваат од градската мрежа и батериските уреди. Кај сите овие уреди природата на делот за напојување вообичаено нè ограничува со некоја вредност на напонот, која е стандардизирана или единствено можна во дадениот случај. Вториот случај, во практиката многу поредок, е кога располагаме со готови моно блокови на излезни засилувачи кои немаат доволна моќност да ги задоволат нашите потреби. Ова најчесто се јавува доколку сме проектирале засилувачи за звучни кутии со импеданса од 4Ω а потоа се покажало дека единствениот избор се звучни кутии со импеданса од 8Ω Ова решение може да се користи само во исклучителни случаи и со голема претпазливост, бидејќи не може да добиеме моќност поголема од моќноста на излезниот дел на самите засилувачи.
Освен очигледната придобивка, четири пати поголема моќност при ист напон на напојувањето, ова решение има и неколку недостатоци. Како прв и незанемарлив недостаток на ова решение е двојното намалување на влезната импеданса на засилувачот, потоа зголемената тенденција кон самоосцилации и на крајот, како најзначаен недостаток, е фактот дека излезните делови на двата засилувачи мораат да се предвидат да издржат половина од моќноста која ќе се предава во звучникот. Последниот факт можеби за некои изгледа нереален но во праксата, рефлектиран на излезниот засилувач како извор на моќност, е многу реален и скап за конструкторите кои го превиделе. Во овој контекст би го навел и напојувањето, кое сега треба да се справи со двојно поголеми струи. Ова се рефлектира на карактеристиките на грецот, на кондензаторите, па и на сите проводници низ кои поминува излезната струја. Сето претходно кажано сметам дека е доволно да ве одврати од идејата да го удвоите вложениот материјал за да ја добиете истата моќност при помал напон на напојувањето.
Со сета почит кон нашиот читател, без разлика на мојот став објавуваме шема на поврзување на два излезни блока во мостен спој со вредности на елементите и неколку напомени. Прво секој од излезните блокови пуштајте го во работа посебно и сите нагодување направете ги одделно кај двата излезни блока, а дури потоа поврзете ги во мостен спој. Не ги заборавајте забелешките за напојувањето, кое сега треба да трпи двојно поголеми струи и не очекувајте повеќе од 1000-1500W од два 500W излезни засилувачи споени во мостен спој. Се надевам дека најдовте сè што ви е потребно во мојот одговор и бидете многу внимателни, бидејќи секоја грешка може многу да ве чини.
Коста Карпузовски
Драга редакцијо,
Дали може да се направи мостна врска на аудио засилувачот од летниот двоброј ЕМИТЕР 7- 8/2002 (80W DMOS со TDA 7295) и дали ќе биде слично или исто со прикажаното во рубриката "писма" од бројот 12/2002. Дали ќе се добие 4 пати поголема моќност 80W x 4 = 360W?
Дејан Крстановски преку e-mail
Блок шемата за мостна врска на два засилувачи, објавена во рубриката "Писма" во бројот 12/2002, важи за кој било засилувач што е предвиден за звучник од 4, поврзан од излезот кон заземјувањето. Тоа значи дека важи и за засилувачот со TDA 7295, објавен во ЕМИТЕР 7-8/2002, со напомена дека треба да биде изработена неговата 4-омска верзија (напојувањето да биде максимум ±26V). Во мостната врска звучникот треба да биде 8-омски, па теоретски ќе се добие 4 пати поголема моќност, односно 360W. Сепак, во пракса не очекувајте повеќе од 160W - (два пати поголема моќност) и внимавајте на сите предупредувања дадени во одговорот на спомнатото писмо од Е12/2002. Уште една напомена - за операцискиот засилувач ќе треба да обезбедите посебно напојување од ± 15V, што лесно може да го направите со симнување на главниот напон со помош на отпорници и зенер диоди.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Претплатен сум на вашето списание и немам никаква забелешка за него. Можеби би требало да има повеќе шеми за изработка на склопови со помал број на елементи прилагодени за почетници. Имам прашање до г-динот Денис Галовски во врска со проектот објавен во Е63 - ноември 2002г. "Детектор на проводници под мрежен напон". Сакам да знам дали има влијание дебелината на жицата употребена за изработка на сондата, бидејќи не е дефинирана.
Благојче Количоски, Битола
Дебелината на жицата од која е изработена сондата на уредот, нема големо влијание на работата на уредот. Важно е таа да биде добро изолирана (за да се спречи можен струен удар, доколку изолацијата на мрежниот проводник кој го проверуваме е оштетена) и да е доволно крута (во спротивно, сондата ќе се однесува како шпагета). Најдобро е да употребите жица со дебелина од 1,5 mm до 2,5mm, која може да ја извадите од кабел наменет за изведба на електрични инсталации.
Јас и другите соработници од рубриката "Електроника", правиме напори во секој број на ЕМИТЕР да има проекти прилагодени за електроничарите почетници и за читателите кои сакаат да ги направат своите први чекори во електрониката, но понекогаш другите обврски или работата на некој посложен проект нè спречуваат во тоа. Затоа продолжете да читате ЕМИТЕР и сигурно ќе пронајдете многу интересни и практични работи, а ќе научите и нешто повеќе.
Денис Галовски
Гледајќи ги последниве две изданија на ЕМИТЕР, барем толку ги имам забележано и купено во Радовиш, забележав многу непотребни написи како што се: "Монтажа и позиционирање на сателитска антена", Автомобилска техника ("Тест:Мицубиши Каризма / "Honda CR-V"), Моделарство и макетарство, Столарство. Тие се само така колку да ги пополнат белите листови на кои е тоа испечатено, зошто тие да не бидат испечатени со теми од хардверот и софтверот. Пример да земеме теми од роботиката како: контрола на Серво моторчиња, PIC контролери, ТВ-АУДИО предаватели/приматели, радио контрола на роботи, инфрацрвена контрола или инфрацрвено пренесување/примање на податоци-информации, ласерско пренесување/примање на податоци-информации, H-bridge-ови за подвижност на роботи, само-ориентација на робот во простор, и др..... и софтверскиот дел: како тоа сето да се програмира, контролира и обработува од страна на компјутеп. Инаку за горе наведените теми, за кои јас сметам дека се непотребни, има други списанија.
Ратко Караманов, Радовиш
Написите и рубриките кои вие ги сметате за непотребни, многумина други читатели ги сметаат за потребни и интересни, па затоа тие се застапени во ЕМИТЕР. Ако навистина се непотребни, сигурно не би ги ставале за да ги пополниме белите листови, бидејќи печатењето чини многу пари. Инаку, за сите теми кои се застапени во ЕМИТЕР постојат и други списанија, но предноста на ЕМИТЕР е тоа што во него сите тие теми ќе ги најдете на едно место, на македонски јазик и по цена која е неколку пати пониска од цената на само едно странско списание.
Што се однесува до темите кои ги предлагате, ќе се потрудиме и тие теми да ги застапиме во следните броеви. Со оглед на специфичноста на темата "Роботика", не би можел да ветам кога и во кој обем, бидејќи во овој момент ниту еден од нашите соработници не се занимава со тоа, а не сум убеден дека брзо ќе најдеме некој нов кој е стручен во таа област и спремен своето знаење да го изложи во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.