Направете ги достапни старите написи (Емитер 9/2010)

Здраво,
Ве поздравувам и имам неколку прашања и сугестии во врска со мојот проект.
Планирав да направам 2+1 домашен Hi-Fi систем со Aquarium сабвуферот (од Емитер 9/02), 2 Midi TL (Емитер 7-8/06), филтер-засилувачот од 100W (Емитер 9/03) и 2 DMOS засилувачи од 80W (Емитер 7-8/02).
Пред сè, сакам да ве "искарам" поради тоа што веќе долго време не сте објавиле проект за звучници. Наведените звучници не ги избрав од некој голем избор и проблемот е што во нив се користат "застарени" драјвери. Не се застарени во вистинска смисла на зборот, туку во смисла дека веќе не се продаваат, со што самиот проект е невозможен. Затоа би сакал да објавите некој нов проект за woofer или за TL звучник во следните броеви.
Исто така, знам дека практичниот курс за електроника што излегуваше во стариот Емитер се користеше како скрипта по скопските средни училишта. Зашто не направите брошура од него? Ако читателите не го купуваат, учениците барем ќе го купуваат. Истото тоа би го сакал и за сите тие познати написи за компресиони и бас-рефлекс кутии кои секој пат кога ќе се спомне самоградба веднаш се посочуваат. Проблемот со тие написи е што никој не може да ги најде. Јас лично не познавам човек кој ги има тие написи и воопшто тој број од Емитер (а невозмозно е да се купи, зашто се потрошени количините). Затоа, следниот пат кога ќе речете "погледнете го написот од тој и тој број", направете го достапен истиот напис. Преиздадете го во новите броеви, објавете го на интернет, направете го ДОСТАПЕН!
Поздрав и продолжете со добрата работа.
Иван од Скопје

Во подготовка е проект за високоефикасни звучници, а потоа ќе има и за сабвуфер. Басовите и високотонците во овие проекти ќе бидат "нови", па ќе можат да се купат во секое време. Понатаму, во подготовка е брошура за звучници, со објаснувања за Thiele-Small параметри, компресиона и бас-рефлекс кутија, трансмисиона линија, свртници, и сè друго што е потребно за самостојна изработка на звучни кутии. Исто така, во план е и книга "Електроника за почетници", но дали и кога таа би се реализирала сега не би можел да ветам.
Инаку, во врска со старите написи во ЕМИТЕР за компресиони и бас-рефлекс кутии, не сте во право кога тврдите дека "проблемот со тие написи е што никој не може да ги најде" и "тој број на ЕМИТЕР е невозможно да се купи". Во секое време можете да ги најдете и купите од нашата редакција, ако ги нарачате соодветните броеви на ЕМИТЕР - од повеќето броеви имаме оригинали, а ако оригиналите од некој број се потрошени ќе добиете комплетна фотокопија (повеќе на https://emiter.com.mk/prethodni.php). Така, секој број од ЕМИТЕР е достапен за секого.
ЕМИТЕР опстојува меѓу другото и од продажбата на списанието, па затоа немаме намера на интернет да ги објавиме старите броеви на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Пофалби, забелешки и предлози (Емитер 2/2002)

Здраво!
Конечно - новото издание на Емитер, и за тоа имате големи честитки од моја страна. Но, за жал, мислам дека електрониката е запоставена - 12 страни не се доволни. Второ што забележав е проект од британското списание - тоа ви е многу добра идеја, само продолжете.
Дали би можеле да објавите статија за практична работа со некој софтвер за електроника - на пример Protel?
Мац, via e-mail

Здраво Емитер,
Го купив новиот број и мислам дека е одличен. Немам никакви забелешки, туку само ви посакувам многу успех и понатаму.
Трајче Тренкоски, via e-mail

Поздрав,
Ви посакувам многу успех и уште многу броеви. Во новиов број не ми се допаѓа баш толку што сте го намалиле бројот на страниците за електроника - барем да имаше ист број како порано, па плус овие новиве области што сте ги додале. Се надевам дека ќе поправите понатаму - ја имате мојата поддршка.
Јорданчо Димовски, via e-mail

Здраво,
Ме радува што повторно го видов Емитер во киосците. Добро е што во списанието се опфатени повеќе области од науката, но изненаден сум од малата застапеност на електрониката. Треба да вложите напори електрониката да биде застапена на повеќе страници.
Ристо Пановски, via e-mail

Почитувана редакцијо,
Најпрвин да ви посакам многу успех во работата, уште многу броеви и уште повеќе читатели. Ќе ве пофалам за квалитетот на печатот и за дизајнот на самото списание, а и цената е во ред - иако мислам дека сте можеле да ја заокружите на 150 денари. Цела година со нетрпение го очекував новиот Емитер, но се разочарав од малиот број на страници за електроника. Се плашам дека со промените кои ги направивте наместо зголемување на бројот на читателите да не предизвикате контраефект. Не верувам дека внесувањето на нови области ќе го зголеми бројот на читателите (дај Боже да грешам), бидејќи мислам дека никој не би го купил Емитер само заради една-две страници од некоја научна област што го интересира (на пример историја, географија...). Или на пример, проектот за двосед од борово дрво – па кој денес би правел такво нешто кога за тоа се потребни скапи алати, а кога ќе се земе предвид и цената на дрвото излегува дека е подобро да се купи нов, а не да се прави. Се надевам дека нема да ги изгубите старите читатели. Сакам да се врати оној стариот и добар Емитер. Се надевам дека ќе стигнете до 100 страни, па ако треба и зголемете ја цената.
Многу поздрави од
Јорданчо Димовски, via e-mail.

Почитувана редакцијо,
Многу се радувам на новото појавување на ЕМИТЕР на киосците. Би сакал да ви го честитам новиот почеток во новата година и да ви пожелам многу успех. Исто така ме интересира како би можел да станам ваш соработник.
Срдечен поздрав,
Љутфи Хорка од Гостивар

Аирлија работа!
Бев многу пријатно изненаден кога го видов новиот Емитер. Е па со среќа понатаму и се надевам дека овој пат нема да имате прекин во излегувањето. Цената е прифатлива, за тие +30 денари има боја, повеќе страници, подобрен е квалитетот... Опфатени се сите области од науката, но сметам дека на некои не им е тука место (историја, географија...). Ви посакувам успех во работата и уште многу години Емитер.
Мартин Јанковски, via e-mail

Здраво,
Поттикнат од многуте реклами, го купив новиот број на ЕМИТЕР, прв после неколку години. Тогаш, пред неколку години заклучив дека тоа не е списание за мене бидејќи јас не бев и не сум електроничар, но новиот ЕМИТЕР е баш она што ми недостасуваше - и едукација, и забава и практична корист. Само продолжете така и што побрзо зголемете го бројот на страниците. Би предложил да воведете и рубрика за логички проблеми, како и катче за научна фантастика.
Горан Мартиновски од Велес

Им се заблагодарувам на сите кои ни испратија честитки, пофалби, размислувања и забелешки за новиот ЕМИТЕР. Концепцијата на новиот ЕМИТЕР сè уште е во разработка и таа ќе се оформува според предлозите на читателите, но и на спонзорите, а се разбира ќе зависи и од нашите можности да го реализираме она што го посакуваме и ние и вие. Новиот ЕМИТЕР, како што можете да видите, ќе биде комбинација на популарно списание за наука (како американскиот Scientific American, југословенската Галаксија...), списание за електроника (како стариот ЕМИТЕР, EPE, Elektor...) и списание за самоградители и хобисти (како хрватскиот SAM...).
Како што можевте да забележите во претходниот број, ЕМИТЕР започна да соработува со британското списание за електроника Everyday Practical Electronics (EPE) па во иднина, на страниците на ЕМИТЕР често пати ќе имате можност да следите написи од ова реномирано списание. Инаку, во тек се и преговорите со уште неколку реномирани странски списанија за наука и техника околу легално пренесување на нивни написи во ЕМИТЕР па наскоро очекувајте уште вакви пријатни изненадувања.
Уште при планирањето на новата концепција на ЕМИТЕР бев свесен дека дел од старите читатели ќе бидат разочарани со нешто помалиот број на страници за електрониката, но се надевам дека и тие ќе ја прифатат неминовноста за оваа промена во концепцијата и ќе најдат интерес и во другите теми, кои се надвор од електрониката. Сигурен сум дека малкумина читатели знеаја дека центарот на Македонија е во селото Крива Круша или пак за тоа дека стиропорот не е добар звучен изолатор како што се верува, но и за оружјето на античките Македонци, најновите случувања на меѓународната вселенска станица, многу раширената а малку познатата болест хламидија како и за тоа како да се направат убави фотографии и со евтините фотоапарати. А што се однесува до столарството – тоа е една од ретките дисциплини во кои се исплатува самоградбата, многу почесто и повеќе одошто во електрониката. Целта на новиот ЕМИТЕР е токму таа - да им открие на читателите некои нови (и некои стари) интересни работи од секоја научна и техничка област.
На старите читатели им е добро познато зошто "стариот добар ЕМИТЕР" престана да излегува (на таа тема повеќе пати сум пишувал во ЕМИТЕР) и сега нема потреба да ги повторувам објаснувањата за малиот пазар, малкуте спонзори и никаквата помош од државата. Општо познато е (и не само од нашето искуство!) дека во Македонија тесно-специјализирано стручно списание не може да опстане на пазарен принцип. Сигурен сум и старите читатели на ЕМИТЕР ќе се сложат дека е подобро да имаат секој месец дваесетина страници електроника во ваков ЕМИТЕР, отколку воопшто да го нема ЕМИТЕР - односно да има нула страници со електроника, како што беше во целата 2001 година. Колку за појаснување: стариот ЕМИТЕР имаше триесетина активни страници (без реклами и слично) посветени на електрониката и сродните дисциплини. Впрочем, ако некој треба да жали за стариот ЕМИТЕР тоа пред сè сум јас. Меѓутоа мора да гледаме напред, да го градиме она што е можно и да не жалиме за она што е надвор од нашите можности. "Стариот добар ЕМИТЕР" го нема, но затоа тука е новиот уште подобар ЕМИТЕР - :-).
Се надевам дека ќе ги задржиме старите читатели, не само со веќе докажаниот квалитет на темите од електрониката, туку и со интересните теми од другите науки, а исто така се надевам дека ќе привлечеме и нови читатели и огласувачи - токму со новите теми. Планираното зголемување на 100 страници сигурно ќе донесе и повеќе простор за електрониката, но исто така и повеќе простор за написи од другите области на науката и техниката, вклучувајќи ги и логичките проблеми и научната фантастика.
И понатаму ги очекуваме вашите предлози, пофалби и забелешки – слободно пишувајте ни и учествувајте во креирањето на новиот ЕМИТЕР
Слободан Таневски
Главен уредник


500 w засилувач (Емитер 3/2002)

Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот 500 W излезен засилувач (Емитер 3/98). Засилувачот го изработив во верзија од 200 W кој без излезните транзистори одлично работи, измерив еднонасочен напон од 15 mV на излез од засилувачот. Потоа ги поврзав излезните транзистори, потенциометарот P1 го поставив на min отпорност, а влезот го споив кратко со влезната маса. Го приклучив на напојувајне и прегореа сите излезни транзистори, отпорникот R21 и транзисторот T9.
Дали треба потенциометарот P1 да биде на min. или max. вредност? Би ве замолил да ми кажете нешто повеќе за подесување на мирната струја на засилувачот.
Однапред ви благодарам,
Димче Маркоски, via e-mail

Проектот за изработка на излезен засилувач со моќност од 500 W беше мошне популарен и многу од читателите го изработија во најразлични варијанти и ден денес се задоволни од звукот во кој уживаат. Како што напоменав и на почетокот на текстот во Емитер 3/98, ова е проект само за поискусните самоградители.
Што се однесува до постапката, изгледа дека сè сте спровеле како што треба. Потенциометерот прво се поставува во положба во која има минимална отпорност, а потоа отпорноста му се зголемува сè додека амперметарот приклучен во колекторското коло на транзисторот T11 не покаже вредност од 150mA. Се разбира мерењето се изведува дури откако ќе се уверите дека на излез од засилувачот (со излезни транзистори) има напон помал од 100mV. Процедурата пред да ги монтирате излезните транзистори е веќе опишана во текстот за засилувачот. Што се однесува до фактот дека излезните транзистори ви прегореле може да ги наведам следните најчести грешки кои се прават во вакви случаи:
- потенциометарот има min. отпорност кога е свртен кон транзисторот T5
- излезните транзистори треба да се изолирани од ладилниците со лискунски подлошки и подметки за шрафовите. Тоа треба да се провери со инструмент: отпорноста треба да е бесконечна од ладилникот до колекторот на транзисторот
- различно се поврзуваат излезните транзистори ако се комплеметарни (NPN/PNP) и ако се квазикомплементарни (NPN/NPN)
- внимавајте на распоредот на изводите на излезните транзистори.
- една од можните причини е и самоосцилација на засилувачот. Единствен начин да се открие дали засилувачот осцилира без сигнал на влез е да се употреби осцилоскоп приклучен на излезот на засилувачот пред да се приклучат излезните транзистори.
Токму заради овие причини треба да се има поголемо искуство во градбата на вакви уреди, а потребни се и мерни инструменти.
Коста Карпузовски


Звучна кутија за гитара (Емитер 3/2002)

Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам едно прашање: правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски, од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
Во каталогот на Eminence пишува дека звучникот Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитара, а особено не за бас-гитара. Иако тој може добро да послужи и за соло/ритам гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример Eminence LE 12-50 или Eminence LE 12-35. За овие звучници распрашајте се во продавницата "Мими", на тел. (02)-120-361.
Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA, ќе Ви дадам некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 150 литри), но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно ги набројав. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика. Обликот на фреквенциската карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Големината на предната плоча на звучната кутија и местоположбата на звучникот на неа исто така имаат влијание, но ни тоа не може едноставно да се предвиди – неопходно е мерење.
Владимир Филевски


Звучник со добар бас (Емитер 3/2002)

Барам совет од вас, бидејќи некаде велите дека компресионата кутија е подобра од бас-рефлекс (почесто), а некогаш препорачувате бас-рефлекс кутии. Планирам да земам Simsonik GF-620S. Каква кутија да направам за него, или можеби да ми предложите некој друг, не многу скап звучник? Сè што сакам е добар бас.
Поздрав,
Иван Ивановски, via e-mail

За жал, добар бас може да се добие само од скап бас-звучник. Дали одреден бас-звучник ќе работи во компресиона или во бас-рефлекс кутија – ќе зависи само од неговите Thiele-Small параметри но, понекогаш некои специфични услови на експлоатација ќе бидат одлучувачки. Ако бас-звучникот има Thiele-Small параметри погодни за компресиона кутија и ако од него се бара да свири многу гласно (особено во ниските тонови), тогаш неопходно потребно е тој бас-звучник да има многу голема вредност за Xmax – односно треба да има многу долга намотка на движечкиот калем (voice coil), а тоа е многу скапо да се постигне. Бас-рефлекс кутиите имаат предност во тоа што поместувања на мембраната кај ниските тонови се многу помали во однос на компресионите кутии, па затоа се доволни звучници со релативно мали вредности за Xmax.
Евтините бас-звучници секогаш имаат релативно голема вредност на параметарот Qts, што значи дека се погодни само за компресиона кутија. Исто така, таквите евтини звучници секогаш имаат мал Xmax – што значи дека при погласна музика движечката намотка ќе излезе од хомогеното магнетно поле и во тој случај таа компресиона кутија ќе звучи полошо од бас-рефлекс кутија! Така, ако музиката ја слушате не многу гласно, тогаш најдобро решение е компресиона кутија. Но ако сакате погласна музика со истиот бас-звучник, тогаш подобро решение е СТРУЧНО проектирана бас-рефлекс кутија.
Досега сум измерил Thiele-Small параметри на неколку евтини звучници од фирмите Simsonik, Tele, Protegy и Boomers, а како најдобар за таа цена се покажал Simsonik GF-620S. Следниот подобар (со понизок Qts параметар) веќе е двојно поскап! Thiele-Small параметрите на Simsonik GF-620S се погодни за компресиона кутија со волумен од 30 литри (или поголем), но ако сакате гласна музика, тогаш ќе биде потребна бас-рефлекс кутија.
Владимир Филевски


Демагнетизатор (Емитер 4/2002)

Почитувани,
ја користам оваа можност да ве поздравам и да го замолам авторот на проектот "демагнетизатор на магнетофонска глава", г-динот Петар Аврамовски, (ЕМИТЕР 6/99 стр.17) да ми одговори: Дали е можно да се употреби како трансформатор за демагнетизација "стара" глава од касетофон (нормално стерео) и да се искористи L и R – канал, како примар и секундар на трафото што е дадено во проектот, наместо да се мота на феритно јадро?
Поздрав и успех во работата!
Стив Круниќ, Скопје

Елекромагнетната енергија која може да ја пренесе магнетофонската глава е неспоредливо помала во споредба со енергијата која може да ја пренесе трафото за демагнетизација. Магнетофонската глава може да пренесе енергија до 300 nWb/m без значајни изобличувања, што одговара на околу 3 dB на VU-метарот. Отпорноста и индуктивноста на магнетофонската глава не одговараат на вредностите кои ги има изграденото трафо во проектот за демагнетизаторот. Индуктивноста на магнетофонските глави има вредност ред на големина µH, додека индуктивноста на намотките на трафото за демагнетизација изнесува 10-15 mH. Големината на јадрото од трафото (пресек 3x5mm) е значајно поголема од пресекот на феромагнетниот материјал во главата. Секако и струјата која протекува низ трафото, низ жица со пречник од 0,1-0,2 mm. е поголема. Сигурно намотките во магнетофонската глава немаат жица со толкав пресек, ниту се во толку голем број како намотките во трафото, инаку како физички би биле сместени во расположивиот простор на главата.
Импровизацијата со магнетофонска глава наместо трафо за демагнетизација, не е лоша идеја, но ефектот на демагнетизација не доаѓа до израз со ваков вид на решение. Како намотките на трафото односно намотките во магнетофонската глава не учествуват директно во генерирање на осцилациите, (како на пример реактивните намотки во некои осцилатори), мултивибраторот сепак ќе предаде одреден квантум врз електромагнетната глава. Генерираниот импулс сигурно нема да има доволно електромагнетна енергија да ја "протресе" магнетизираната глава, главата ќе "падне во заситување" и наместо демагнетизација со ВФ сигнал, ќе извршиме некаква демагнетизација со изобличен AC или DC облик на сигналот(заради "cliping")
Вреди да се обидете со ваков вид на замена, но прашање е дали постигнатиот ефект ќе биде вреден за вложениот труд. Секако, поедноставно е да го изградите предложеното решение во проектот.
Ако веќе сте расположени за експериментирање, поголем успех би имале со магнетофонска глава за бришење, која иако со една намотка, повеќе одговара со своите карактеристики за таа намена.
Петар Аврамовски


Се извинувам, но имате грешки (Емитер 4/2002)

Ве молам повторно погледнете го написот во ЕМИТЕР 1/98 во кое е објавен засилувачот со TDA 2052. Како прво, иако сум во втора година, воочив неколку грешки кои ги имате направено (сигурно не намерно), па затоа уредот двапати ми изгоре. Забележав дека плусот место на изводот 2 од ИК (како што е на шемата) вие на ППК сте го ставиле на изводот 4, а минусот на изводот 2, а треба да биде обратно. Потоа кондензаторите C3 и C4 како што гледам на шемата со плусот се свртени кон отпорникот R3 и R4 а на плочката тоа е обратно. Ова се греските кои што ги имам воочено. Ве молам кажете ми за ова, бидејќи не сакам повторно мојот засилувач да изгоре. :))) Го чекам вашиот одговор бидејќи јас не сум толку упатен да судам за ова, можеби јас сум во грешка но мислам дека од двегодишното знаење што го имам дека не е така. Исто така би сакал да ми кажете кога првиот пат ќе го вклучам засилувачот дали треба да го вклучам во Stand by мод и ако треба опишете ми како.
Искрено се надевам дека од "трета мајка" ќе успеам . :)))
Иван Ивановски, преку e-mail

По кој знае кој пат се навраќаме на темата "да не имате грешка во шемата?" односно на недовербата на читателите во електронските конструкции објавени во ЕМИТЕР. Затоа уште еднаш ќе кажеме дека секој напис кој е објавен во списанието е подготвен од соработник со голема стручност и искуство во соодветната област (многу, многу повеќе од двегодишно искуство), а написот минува низ најмалку 2 проверки и корекции така што можноста во него да има некоја суштинска грешка навистина е многу мала. Ова се факти потврдени во практиката, а притужбите за "грешки во шемите" најчесто биле без основа и потекнувале од помалку искусните читатели кои се нафатиле да изработат електронски уред за кој е потребно поголемо знаење и практично искуство. А сега конкретно:
Конструкцијата за која зборуваме е проект од страниците на ЕМИТЕР, значи уредот е направен, или да бидам попрецизен уредот го имам направено пред повеќе од 4 години и тој сеуште беспрекорно работи. Сликата која е објавена е токму да посведочи за тоа. Грешка во поларитетот на напојувањето и изводите 2 и 4 од интегрираното коло не постои - вие едноставно погрешно ги броите изводите на интегрираното коло. За појаснување - распоредот на елементите на ППК (слика 4б) е прикажан со поглед од горе т.е од страната на елементите (како што е вообичаено), а изгледот на куќиштето и распоредот на изводите на ИК на слика 1 е даден од напред. Што се однесува до кондензаторите Ц3 и Ц4, овде сте во право дека на ППК тие се обратно свртени во однос на оние од шемата, но не сте во право во однос на тврдењето дека заради тоа ви изгорел засилувачот. Имено овие кондензатори се разделни кондензатори во повратната врска и единствена функција им е да го спречат течењето на еднонасочна струја низ повратната врска. Оваа функција, строго гледано треба да ја вршат блок кондензатори, или барем биполарни кондензатори но во случајот, бидејки се работи за многу мали напони се одлучивме за електролитски кондензатори (како што е вообичаена практика во вакви случаи), свесно прифаќајќи го зголеменото изобличување на сигналот во една периода бидејќи станува збор за изобличувања од редот на 0,1% кои се занемарливи. Значи, да бидам појасен, функцијата на Ц3 и Ц4 е таква што е сеедно каква ќе биде нивната ориентацијата.
Што се однесува до вклучувањето на засилувачот во станд бѕ режим, тоа веќе е дел од текстот које е објавен, а како дополна да кажам дека потребните напони за промена на состојбата можете да ги добиете со помош на преклопник и едноставен делител на напон. Ова, патем речено и не е најважно при вклучувањето на засилувачот. Проверете ги сите споеви уште еднаш и проверете да не грешите при читањето на монтажната шема. Посебно внимание обратете и на ориентацијата на интегрираните кола и нивната електрична изолираност од ладилникот.
Се надевам дека конечно ќе успеете во градбата на овој засилувач а сето ова ќе ви биде драгоцено искуство при градба на други електронски уреди во иднина.
Коста Карпузовски


Сараунд засилувач со TDA2052 (Емитер 4/2002)

Размислувам да направам сараунд засилувач со помош на засилувачот со TDA2052 од 60+60W (ЕМИТЕР 1/98) за предните и задните звучници. Дали можете да ми кажете каков засилувач да користам за суб вуферот? Инаку засилувачот со TDA2052 до сега двапати го пробав и двапати ми изгоре :(. Ве молам кажете ми каде ми е грешката? Го вклучувам на напојување со трансформатор од 2x24V, грецов спој и кондензатори од 4700µF. Од таму одат на кондензаторите сто се наоѓаат на стерео засилувачот, а натаму сите делови се исправни и добро поставени. Грешката 100% е во напојувањето, но незнам каде. Од некој чув дека напојувањето на излезот од кондензаторите треба да биде 2x24V, а некои пак велат дека требало 2 грецови споеви... Кој како му текне така вели. Дај ве молам помогнете ми и кажете ми точно што треба да направам.
Иван Ивановски, преку e-mail

Многу ме радува што си се одлучил да ја искористиш нашата конструкција на компактен излезен засилувач со TDA2052 во идејата да составиш сараунд засилувач. Се работи за мошне едноставен дизајн кој ги задоволува сите критериуми потребни за засилувач за звучниците поставени пред и зад слушателот. Конструкцијата со интегрирани кола гарантира голем степен на симетричност на левиот и десниот канал што го зголемува квалитетот на репродуцираниот звук. што се однесува до sub-woofer-от, за него е потребна малку поголема моќност, и засилувач кој може да ги репродуцира и тоновите со многу ниски фреквенции. Во моето долгогодишно искуство се покажало дека единствено дизајните со дискретни елементи можат да е пофалат со фреквентна карактеристика која навлегува длабоко во фреквенциите и под 20Hz. Токму затоа би ти го препорачал решението од Е11/98 за 100W
транзисторски засилувач. Решението, иако целосно изведено со дискретни компоненти, е едноставно и засилувачот е од оние кои проработуваат "од прва". Се разбира пред да започнеш со изработката треба детално да го прочиташ текстот во кој се дадени објаснувањата. Во истиот текст има дадено решение за напојување. На слика 2 е дадено поврзување на трансформаторот на колото на излезниот засилувач кое можеш да го искористиш и во случајот на засилувачот со TDA2052. Кондензаторите C2 и C3 се всушност кондензаторите C7 и C8. Кондензаторот C1 е неопходен и не може да се испушти од дизајнот. Доколку трансформаторот кој е соодветен за колото со TDA2052, во случајот со излезен напон не поголем од 2x18V, го поврзете како на сликата со сигурност можам да ви кажам дека се ќе проработи од прва и нема да имате никакви проблеми со ниту еден од засилувачите. Напонот 2x18V воопшто не е случаен бидејќи се работи за ефективен наизменичен напон. Истиот после грецовиот исправувач ќе порасне на приближно 2x25V (18x1.41-0,8=24,5V). Овој напон не треба да се надминува бидејки интегрираниот засилувач TDA2052 не е предвиден да работи со поголем напон. Се надевам дека мојот одговор ќе ви биде од полза и наскоро ќе не известите дека уживате во звукот на својот сараунд засилувач.
Коста Карпузовски


Звучници, 500w засилувач и M-express (Емитер 5/2002)

Почитувана редакцијо,
Го поздравувам обновувањето на Емитер. Мило ми е што сте успеале да го проширите списанието со некои нови области, но ми се чини дека сте претерале со запоставувањето на електрониката. Сакајќи да направите списание по примерот на SAM, сте направиле списание кое наликува на M-express.
Имам и неколку прашања:
1. На пазарот неодамна се појавија PA звучници на Simsonik. Дали би можеле да ми кажете каде можам да ги најдам Thiele-Small параметрите за овие звучници, бидејќи без нив е невозможно да се конструира звучна кутија.
2. Ме интересира збор-два околу бас-хорните, нивната конструкција и какви звучници треба да се користат за нив.
3. Го изработив 500 W засилувач објавен во Емитер 3/98 и добив задоволителни резултати со квазикомплементарните 2N3055. Потоа решив да пробам и со комплементарните BDX66/77: по премостувањето на мостот P и отпорникот R21 добив многу мала мирна струја (10-20 mA), засилувачот функционираше но и изобличуваше. Откако ги вратив комплементарните парови, засилувачот повторно безпрекорно функционираше. Би сакал да ве прашам каде е проблемот и дали и во што би се подобрила работата со комплементарниот пар?
4. Би ве замолил за равенки за пресметка на мрежни и високофреквентни тороидни трансформатори со меко феритно јадро. Дали равенките за мотање на тороиден трансформатор се исти како за класичните, и ако не, во што е разликата?
Со почит,
Добре Трпески, преку e-mail

Еве ги нашите одговори на Вашите прашања:
1. Thiele-Small параметрите на звучниците Simsonik ги немаме, бидејќи фабриката Simsonik не ги објавува (но можеби ги знаат во M-express :-)). Единствен начин да се дознаат е да се измерат – за ова погледнете во малите огласи на последните страници од ЕМИТЕР (или во M-express :-))
2. Околу бас-хорните не е доволен збор-два, туку книга-две. За основните податоци и конструкцијата погледнете во статијата "Звучни кутии – сите видови на светот" објавен во ЕМИТЕР во октомври 1996 год. (а подетално објаснување веројатно е објавено во M-express :-)). Тоа се многу големи кутии, кои немаат длабоки басови – освен ако димензиите се огромни, но затоа имаат цврсти басови. Главна предност им е големата ефикасност – односно тие се многу гласни. Правилно проектирана звучна кутија од типот на хорна ја зголемува ефикасноста на употребениот бас-звучник за 3 до 6 dB. Во бас-хорни треба да се користат квалитетни звучници со цврста мембрана и со низок Qts параметар – помал од 0,4.
3. Многу ме радува фактот што еден од нашите читатели дава потврда дека 500W засилувач беспрекорно работи. Лично сметам дека во оваа рубрика од списанието треба да се изнесуваат и позитивните искуства со проектите од нашето списание, заедно со ваши мислења за подобрување на некој дизајн. Едно за да си помагаме едни со други, а второ за да ги охрабриме новите градители дека нивниот труд на крајот сепак ќе се исплати.
Што се однесува до верзијата со дарлингтон транзисторите јас кај мојот засилувач немав никакви проблеми но сепак, според вашата реакција гледам дека не сум предвидел баш сè. Имено дарлингтон транзисторот по својата конструкција се состои од два транзистора врзани во т.н. дарлингтонов спој. Токму заради ова напонот база-емитер, наместо вообичаените 0,7V, кај овој тип на транзистори се движи околу 1,3V во нормално активно подрачје. Ова сето го споменувам како увертира на објаснувањето на регулацијата на мирната струја и сите консеквенци при употребата на дарлингтон транзистори. Во конкретниот пример на излезниот засилувач од 500W, транзисторот T5 се грижи да ја обезбеди потребната напонска разлика меѓу базите на T9 и T10. Ова во индиректна смисла е напон кој го сочинува сериската врска на напонот база-емитер на T9, падот на напонот на R19, падот на напонот на R20 и напонот база-емитер на T10. Од овде се гледа дека работната точка на транзисторите T9 и T10, а преку нив и на целиот засилувач (ние ја согледуваме преку мирната струја), е одредена од падот на напонот на T5. Падот на напонот на T5 од друга страна е одреден од положбата на тример отпорникот P1. Во моите експерименти промената на отпорноста на P1 од минимум до максимум беше доволна за да ги поддржи сите промени во колото, но вие очигледно се среќавате со проблеми. Наједноставен начин да се зголеми падот на напонот на T5 е да се намали вредноста на R14 на половина или двојно да се зголеми вредноста на R13. Строго гледано, при употреба на дарлингтон транзистори, диодата D3 треба да се замени со сериска врска на две диоди, а истото важи и за диодата D4. Во истиот контекст двојно треба да се зголеми и отпорноста на R19, R20 и R21. Се надевам дека овие информации (заедно со оние од M-express :-)) ќе ви помогнат да добиете уште поквалитетен звук од вашиот засилувач.
4. На темата "тороидни трансформатори" ќе биде посветен посебен напис во некој од следните броеви на ЕМИТЕР (или пак, можеби во M-express :-)).
В. Филевски и К. Карпузовски


Контрола врз фотоапаратот (Емитер 5/2002)

Почитуван главен уредник,
По професија сум Дипломиран Фотограф, и она што го прочитав во написот "Преземете ја контролата врз вашиот фотоапарат" (од последниот број на ЕМИТЕР) кај мене предизвика чудење. Би сакал да знам врз основа на што се изнесени сите оние податоци за остварување на контрола врз фотоапаратот? Од сето што е напишано во тој текст, само описот на фотоапаратот (бленда и сл.), кажаното за постоењето на ISO 100, 200 итн., и податокот дека се јавува зрно кај поосетливите филмови (но тоа е занемарливо бидејќи зрното скоро и да не се забележува сè до формат 30x40 cm) се точни информации. Но, сè друго е чисто непознавање на материјата, или чист аматеризам!!!
Јас лично не избирам со која марка на филм ќе сликам, или со која осетливост на филм, затоа што сите се со доволно добар квалитет. Квалитетот на фотографијата единствено зависи од познавањето на можностите на филмот и неговата способност да запишува детали и да реагира на светлината (кога сме веќе овде, да кажам дека ако сакате да сликате покрај брег, плажа и сл. да не се плашите да користите ISO 400, напротив!!!); исто така од познавањето на техниката на мерење на светлината (а, со тоа, подесувањето на бленда и брзина на затворачот, што од техничка гледна точка е најважниот детаљ, без кој ниту една фотографија не може да се прифати како коректна), потоа на ред доаѓа техниката на компонирање (каде постојат три основни правила, без кои ниту една фотографија не може да се нарече комплетна). А да не го споменувам познавањето на Системот на зони, т.е. корекции кои се потребни додека се слика, па потоа кои корекции се потребни за време на развивањето на филмот, па корекции во правањето на фототографијата. Накратко кажано, ако се познаваат овие работи може да се има контрола врз фотоапаратот, а тоа значи со едно притискање на копчето може да се направи безмалку 100% коректна фотографија, како композициски така и технички, без да има потреба од додатни манипулации во темната комора. Но, и покрај овие познавања се препорачува експозиција една над и една под одредената. Само на овој начин може да се има контрола над фотоапаратот. Да не ги заборавиме и слајдовите, затоа што да се слика слјад не е исто што и сликање на филм-негатив ("филм за фотографии").
Се надевам дека овој мој допис правилно ке биде сфатен и нема да ми замерите за моиве забелешки.
Со почит,
Марко Поповски, преку e-mail

Почитуван г-не Поповски,
Во спомнатиот напис нема ниту еден погрешен податок! Вие едноставно не сте ја сфатиле намената на тој напис, иако таа на почетокот на написот е јасно кажана - написот е наменет за оние читатели кои немаат никакво (или скоро никакво) искуство во фотографирање со апарати кои треба рачно да се нагодуваат. Затоа во текстот се кажани само основните работи (осетливост на филмовите, нагодување на отворот на блендата и времето на експозиција, длабочинската острина...), а намерно испуштени се мноштво други битни и помалку битни работи кои почетникот можат само да го збунат и да го одвратат од намерата да го остави евтиниот автоматски фотоапарат ("идиот") и да започне да фотографира со класичен фотоапарат со кој може да добие и поквалитетни фотографии. Уште една причина за ваквиот наш пристап е и предвидениот простор - ако сакаме да кажеме сè она што го спомнавте, нема да ни бидат доволни и сите страници на списанието, а камо ли предвидените 1-3 страници. Поради сите овие причини, темите кои ги спомнувате (мерење на светлината, поставување на светлото, техниката на компонирање, корекциите при развивањето, сликањето на слајдови итн.) не беа предмет на тој напис, но се предвидени да бидат предмет на некои следни написи во ЕМИТЕР.
Со оглед на Вашите познавања од фототехниката Ве повикувам да се вклучите со свои написи во ЕМИТЕР и своите знаења да ги споделите со останатите наши читатели.
Слободан Таневски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.