Почитувани,
Покрај мојата порачка на ППК во ова писмо би сакал да Ве замолам и за малку помош. Имам купено два дисплеи со заедничка катода како што е предвидено за дигиталниот мерач на вртежи. Меѓутоа нивниот распоред на изводи е различен, а моето скромно искуство во електрониката и малата литература што ја поседувам ме става во заблуда како да ги спојам на ППК.
Имам и две прашања:
1. Може ли да се направи дигитален покажувач на брзината на моторно возило?
2. Може ли да објавите едноставна шема на дигитален волтметар?
Однапред Ви благодарам. Срдечно ваш,
Бобан Шумковски од Скопје
Дисплеите кои Вие сте ги набавиле не се од типот за кој е предвидена плочката со печатеното коло за мерачот на вртежи од Е6/99. Вашите се со специфичен распоред на изводите кој е прикажан на сликата. Во основа доколку не го знаете распоредот на изводите на некој дисплеј постапката за одредување на истите е следнава. Обично зедничкиот извод, катодата или анодата, се повторува барем двапати. Знаејки го ова, со омметар, многу едноставно можете да го пронајдете. Изводите помеѓу кои ќе се појави куса врска се изводи за заедничката електрода. Потоа со батерија од 1,5V спојувајќи го минусот на заедничката електрода, ако се работи за дисплеи со заедничка катода, односно плусот, ако се работи за дисплеи со заедничка анода, и го поместувате другиот крај на батеријата од извод до извод на дисплејот. Според светењето на сегментите може да се открие кој извод е за кој сегмент од дисплејот. За да можете да ги искористите дисплеите кои сте ги набавиле треба да направите посебна ППК или со помош на кратки проводници да ги залемите изводите од вашите дисплеи на соодветните места од објавената ППК.
Идејата да се направи дигитален мерач на брзината на автомобилите е интересна па ќе се потрудиме да подготвиме таков проект и да го објавиме во некој од следните броеви.
Проект за едноставен дигитален волтметар е објавен во ЕМИТЕР 9/97.
Коста Карпузовски
Здраво почитувана редакцијо!
Ја поздравувам целата редакција на списанието ЕМИТЕР. Се викам Велков Баже, имам 16 години и ученик сум во ЕМУЦ "Коле Неделковски" од Велес, по струка електроничар. За почеток големи пофалби за списанието. Читател сум веќе две години и можам да кажам дека списанието е одлично.
Имам некои прашања и желби.
1. За двојниот извор на DC напон објавен во ЕМИТЕР 4/97 се користи трансформатор со одвоени секундарни намотки како што е прикажано на цртежот под а). Дали можам да употребам трансформатор со поврзани секундарни намотки како на цртежот под б).
Дали може да употребам трансформатор со поглем секундарен напон и струја со цел на излез да добијам поголем напон и струја. Ако е можно, во кои граници можам да го сторам тоа, односно кој е максималниот напон и струја што можам да го употребам без да го оштетам колото.
Би сакал да ја регулирам излезната струја, па сакам да ми дадете шема на некој уред со кој тоа ќе можам да го направам.
Дали може двете кола да се поврзат во серија за да се добие поголем напон? Не ми е јасно како се користи симетричното напојување, би сакал да ми го објасните тоа. Мојата куќа нема заземјување, па дали можам заземјувањето да го поврзам на водоводна цевка.
2. Сакам да ја објавите шемата за предавателот од CB радиостаницата "ATOM 3 IC", како и комплетен проект за градба на многу популарниот рачунар во поранешна Југославија, ZX 81. Исто така би сакал да објавувате повеќе проекти, апликации и текстови во врска со компјутерската техника.
Сакам да објавите една серија написи под заедничко име "Почетен курс по радиоаматеризам" и да ми ги кажете имињата на странските списанија на српски, хрватски, словенски, англиски и др., што можат да се најдат во Македонија.
За крај ви посакувам голем успех во иднина, да ја проширите својата издавачка дејност со издавање на книги и брошури. Но, не заборавајте, списанието секогаш да ви биде во прв план.
Поздрав од Баже Велков од Велес
Благодарам за пофалните зборови за ЕМИТЕР. Еве одговор на Вашите прашања и предлози.
1. Во проектот за двојниот извор на DC напон објавен во Е4/97 се користи трансформатор со одвоени секундарни намотки со цел двата извори да бидат независни еден од друг. На тој начин секој од нив може да напојува посебно коло (со различен напон и струја), а по потреба можат да се поврзат редно за да се добие поголем напон (слика 1.а) или пак или пак симетрично за да се добие симетричен напон (слика 1.б). Симетричниот напон се состои од два напона со иста вредност, а спротивен поларитет кои имаат заедничка маса. Таквиот напон се обележува на пример со 2x15V или ± 15V. Со симетричен напон работат многу електронски кола (на пр. операциски засилувач) и при тоа се добиваат подобри карактеристики отколку со обичен единечен напон. Буксната за заземјување на изворот на напон не треба да се спојува на посебно заземјување туку на проводникот за заземјување (жолто - зелениот) од трожилниот мрежен кабел. На другата страна тој проводник треба да биде поврзан на приклучокот за заземјување на шуко утикачот. Во врска со ова консултирајте се со некој поискусен електроничар, а прочитајте го и написот "Сигурносни мерки при градба на електронски уреди" од ЕМИТЕР 12/97. Најголемата вредност на напонот и струјата на трансформаторот за споменатиот проект од ЕМИТЕР 4/97 е 30V/1,5A. Оваа вредност е одредена од можностите на интегрираното коло LM317, но сепак наша препорака е да не одите до крајната граница. Ако максималниот излезен напон од 15V за колку што е предвиден споменатиот извор Ви изгледа малку тогаш употребете трансформатор со секундарен напон од 21V/1,5A. Во тој случај максималниот излезен напон ќе биде 25V и него ќе го нагодите со помош на тример потенциометарот P2. Обрнете внимание и на кондензаторите - тие во овој случај треба да бидат за напон од 23V или повеќе. Што се однесува до регулацијата на струјата - таква можност прикажаната шема нема, но ја има на пример изворот прикажан во Е10/99. За да нема забуни да појаснам - кај изворите на DC напон потенциометарот означен со "I" не врши регулација на излезната струја туку со него се нагодува вредноста на струјното ограничување, т.е. вредноста на струјата при која изворот ќе го симне својот излезен напон на приближно 0V и така ќе се заштити себе и уредот што од него се напојува.
2. Предлогот да објавиме серија написи или брошура за почетници во радио-аматеризмот како и информации за странските списанија за електроника е интересен и се поклопува со размислувањата на редакцијата, па затоа очекувајте ги во некои од следните броеви. Шемата на примопредавателот ATOM 3/C е објавена во списанието SAM на почетокот на 80-тите години и сметаме дека е непотребно ЕМИТЕР повторно да ја објавува. Ние планираме во скора иднина да понудиме свој проект за CB примопредавател. Компјутерот ZX81 е одамна надминат па затоа сметаме дека е непотребно да објавиме проект за негова самоградба, меѓу другото и заради тоа што деловите за него ќе чинат колку и еден половен PC 386 или 486 кој е со илјада пати подобри перформанси од споменатиот ZX81.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Јас сум редовен читател од ноември 1998 г. и можам да кажам дека списанието ми се допаѓа бидејќи има интересни работи, па затоа планирам да изработам некои од проектите што беа објавени во ЕМИТЕР, како што се 100W засилувач и сигнал трасерот. Имам три прашања и ве молам одговорете на нив.
1. За 100W засилувач транзисторите T1 и T2 треба да бидат BC556A или BC556B. Пишува да видиме од текстот, но не е спомнато во текстот кој од нив да се употреби.
2. Може ли наместо транзисторите T3 и T5, кои се BC547B, да се употреби транзисторот кој што ви го испраќам?
3. Ве молам објаснете ми како се изработуваат обични бас рефлекс цевки и како се монтираат во кутијата.
Однапред благодарам
Александар Росевски од Куманово
Задоволство ми е што Ви се допаѓаат содржините на ЕМИТЕР и што планирате да изработите некои од објавените електронски конструкции. Според прашањата што ги поставувате лесно може да се заклучи дека сте почетник во електрониката. Затоа чувствувам потреба да Ве предупредам дека градбата на посложени уреди, како и на уреди предвидени за поголеми моќности и/или повисоки фреквенции е потешка и е поврзана со многу ризици кои можат да доведат до неуспех. Ризикот за неуспех е дотолку поголем колку конструкторот има помало знаење и практично искуство. Ова предупредување сепак нека не Ве обесхрабрува, туку нека Ве мотивира да стекнете што поголеми знаења и искуства. Во таа насока Ви препорачувам прво да се испробате во градба на некои поедноставни уреди, а потоа кога ќе стекнете доволно знаење и искуство да се зафатите со градба на посложен уред како што е спомнатиот засилувач од 100W.
А сега конкретен одговор на Вашите прашања.
1. Транзисторите T1 и T2 можат да бидат BC556A, BC556B или кој било друг PNP универзален транзистор. Важно е само и двата да бидат од ист тип (со иста ознака), а по можност да имаат и исто струјно засилување hFE што се утврдува со мерење. Нешто повеќе за универзалните транзистори можете да дознаете во 21-от дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во ЕМИТЕР 11/99.
2. Приложениот транзистор е со ознака C547C и е производство на Philips. Како што беше кажано во 20-тиот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во Е10/99, Phillips и некои други производители заради немање доволно простор кај малите транзистори ја испуштаат првата буква од ознаката. Таа буква го кажува основниот материјал од кој е изработен транзисторот, а бидејќи денес скоро секогаш тоа е силициум, таа буква е B. Според тоа транзисторот C547C е всушност BC547C, а тој е ист со BC547B само што има нешто поголемо струјно засилување и затоа може да се искористи како негова замена. За ова нешто повеќе има во 21-виот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" во ЕМИТЕР 11/99.
3. Бас рефлекс цевките во аматерска изведба најлесно се изработуваат од парче пластична цевка за канализација, а на кутијата се монтираат со лепење. Пречникот и должината на цевката се пресметува според волуменот на кутијата и карактеристиките на бас звучникот. Повеќе информации за бас-рефлекс звучните кутии можете да најдете во истоимената серија која беше објавена во броевите (1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), како и во написите од рубриката "Операциона сала".
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
ЕМИТЕР го следам од самиот почеток, со исклучок на неколку броеви и многу сум задоволен од вашата работа.
Ме интересира дали може еквилајзерот (Е9/99)да се искористи како гитарски предзасилувач и кои измени треба да ги претрпи за таа намена.
Ме интересира и дали може да се комбинира еквилајзерот (Е9/99) со операцискиот засилувач со дискретни елементи (Е11/99) поточно напонскиот собирач од слика 5, со цел да се засили сигналот на гитарата.
Однапред ви благодарам,
Мирослав Петроски од Тетово
Благодарам за пофалбите.
Прикажаниот еквилајзер во ЕМИТЕР 9/99, како и сите други еквилајзери, не може самиот да биде гитарски предзасилувач, но може да биде дел од некој поголем гитарски предзасилувач. Причина за ова е што еквилајзерот има мало засилување (најчесто 1), а и неговата влезна отпорност не е доволно голема за приклучување на електрична гитара. Проблемот наједноставно може да се реши ако на влезот од еквилајзерот поставите уште еден предзасилувачки степен, кој ќе има голема влезна отпорност (>100kΩ) и променливо засилување во широк опсег.
Операцискиот засилувач со дискретни елементи од Е11/99 може да се користи само како инвертирачки засилувач при што влезната отпорност (отпорникот R1 во шемата на слика 2, односно отпорниците R1 – R4 во шемата на слика 5) не смеат да имаат голема вредност која што е потребна за еден гитарски предзасилувач. Затоа спомнатите шеми не можат да се искористат за засилување на сигналот од електричната гитара.
Влезниот предзасилувач најлесно може да се изведе со операциски засилувач според шемата објавена во ЕМИТЕР 2/95 која без проблеми може да работи со напон од 8V, со кој работи и еквилајзерот од Е9/99. Како влезен гитарски предзасилувач можете да го искористите и влезниот степен од проектот "Гитарски засилувач EGA 16W" објавен во ЕМИТЕР број 3-4/96 (делот околу IC1a, IC1b и T1), но за него ќе треба да направите посебен извор за напојување бидејќи тој работи со симетричен напон.
Слободан Таневски
... Издавањето брошури мислам дека ви е оригинална идеја. Би сакал тие да бидат што поблиску до секојдневната практика и во нив да биде застапена радиотехниката и електрониката за почетници бидејќи така ќе може да се привлечат многу млади и талентирани луѓе да почнат да се занимаваат со електроника...
Бобан Ристески од Скопје
...Списаниево ви е супер. Имате многу интересни содржини. Добра ви е идејата со брошурите...
Стојанче Илиевски via e-mail.
...Брошурата "Операциски засилувачи" мислам дека е одлично направена и е многу корисна посебно за аматери како мене, а сигурно ќе им се најде и на професионалците. Иако јас не сум баш многу заинтересиран за операциски засилувачи сепак брошурата со задоволство веднаш ја прочитав и најдов многу интересни работи. За наредните брошури мислам дека прво треба да ги објавите тие за транзистори, TTL и CMOS кола, а потоа за Protel, Electronics Workbench, додека за Windows, Word и сл. мислам дека нема потреба, додека пак брошурите за батерии и нивно полнење мислам дека сега не се баш најпотребни туку можеби во иднина (малку подалечна). Брошурите мислам дека треба да излегуваат на секои два месеци...
Ратко Додевски од Кадино Село, Скопје
...Емитер го читам веќе две години и имам изработено повеќе проекти од кои сум многу задоволен. Што се днесува до брошурите можам да кажам дека тоа ви е многу убава идеја. Се надевам дека наскоро ќе објавите брошура за транзистори...
Мартин Јовев од Скопје
...Немам големи познавања од електрониката и затоа вашата идеја за издавање брошури многу ме израдува. Ваквите книги обично се многу скапи...
Бојан Стојановски од Скопје
...Брошурите мислам дека не се толку потребни бидејќи ја зголемуваат цената на ЕМИТЕР, а нивната содржина не е доволна за озбилна работа...
Зоран Кузмановски од Скопје
...Брошурата "Операциски засилувачи" ме воодушеви. За скромни 50 денари добив книга во која има се што е најважно за овие ИК - елементарна теорија, дефиниција на најважните величини, шеми за нивна примена и каталошки податоци со куќишта и распоред на изводи на преку 500 типови операциски засилувачи. Се надевам дека и следните брошури ќе бидат вака добри...
Горан Милошевски via e-mail
...Сметам дека идејата за "додатоци" во ЕМИТЕР е извонредна, освежителна новина и посебно придонесува во додавањето на "тежина" на списанието. Не дека до сега тоа ја немаше, но со ваков додаток таа е уште повеќе потенцирана. На ваков начин, барем според моето мислење, списанието е изразито повредно, "more valuable" и привлекува поголемо внимание, како од постоечката, така и од потенцијалната читачка публика. Поздрав и честитки од мене за оваа иницијатива.
Што се однесува до вашите планови за нови брошури во иднина, секако дека е тоа иницијатива за поздравување. Сепак, овде ќе си дозволам една мала, добронамерна сугестија за која се надевам нема да ми замерите. Сугестијата, имено, се однесува за планираните брошури од областа на компјутерската техника. Иако сум стручњак за компјутери и компјутерска техника (дипл. ел. инж. на насоката за компјутерска техника и информатика на ЕТФ во Скопје со 12 г. искуство во работа со компјутерите) и секаков напис за компјутери, било каде, "по default" го следам со внимание, сепак сметам дека на додатоци за "чисто" компјутерски теми во ЕМИТЕР не им е место?!? Windows,Corel DRAW, Word, дали можеби планирате и Excel, Access, PhotoShop, AutoCAD или 3D Studio?!? Но луѓе мои, па ЕМИТЕР го земаме затоа што е "македонско списание за електроника, телекомуникации, автоматика, аудио, видео и компјутерска техника" (според поднасловот на насловната страница), значи, читајќи помеѓу редови (зборови), пред сè за - електроника, телекомуникации, аудио и видео техника и дури на крајот - за компјутерска техника. А во овој контекст компјутерската техника, барем јас лично, ја сфаќам како поддршка за останатите гранки на електрониката. Од тој аспект, извонредна и прекрасна е идејата за додатоци со Electronic WorkBench, Protel, или OrCad, PCad, PSpice, Acive CAD и сл. (програми за моделирање, симулација и дизајн на аналогни и дигитални електронски кола како и изработка на ППК, за оние што не ги препознаваат имињата), сосем коректна и прифатлива е и идејата за PC Hardware (со аспекти за градба на сопствени интерфејси и контролери како и организација на хардверот со цел за користење на постоечките интерфејси во компјутерот - Centronics, RS-323, USB, Game port), но "чисто" компјутерски теми?!? Сметам дека оваа област е релативно добро покриена, можеби не со домашни, но "речиси домашни" написи: ги имаме хрватските солидни "PC Chip", "Vidi", "Bug", "Mre‘e", како и солиден број на странски списанија, речиси сите со додатоци во вид на CD ROM, и сл. Не се сомневам дека би ги направиле добри и нив, но се сомневам во реалната потреба од тоа.
Од друга страна пак, се прашувам, погледано со очи на еден пасиониран љубител на електрониката или професионалец, колку нему би му бил интересен додаток за Word или Corel (освен ако се него не дизајнира печатени кола?!?). Таков додаток само би го одбил од ЕММИТЕР (поради повисоката цена), а дали би привлекол интересент за компјутерската техника е, во најмала рака - дискутабилно.
Наместо тоа имам друг предлог што, пак ќе потенцирам, според мое лично мислење, е можеби повреден за читателската публика на ЕМИТЕР: кондензирање на темите што излегуваат во повеќе продолженија ("Почетен курс по практична електроника", "Бас - рефлекс звучни кутии", "Курс по микроконтролери" и сл.) во една единствена брошура - истите тие написи од продолженијата или, можеби малку по проширени, собрани на едно место. Таква пракса имам забележано кај повеќето компјутерските списанија ("Ra~unari" и "PC Extra" на пр.), како и кај други списанија, и секогаш сум наоѓал дека е тоа позгодно за употреба и како такво - повредно. Па зошто таа потврдена пракса да не ја искористи и уредништвото на ЕМИТЕР? Таквата пракса, лично сметам, најмногу би и одговарала на најшироката читателска публика на ЕМИТЕР...
Љупчо Пехчески од Прилеп
...Студирам машинство, а електрониката ми е љубов од порано. ЕМИТЕР го купувам поради изградба на некои интересни проекти, новости од областа на електрониката и курсот по практична електроника кој е многу корисен за сите на кои електрониката не им е професија. Овие каталози кои планирате да ги објавите се подлабоко навлегување во карактеристиките на електронските елементи што за таа цена и во таков облик претпоставувам тешко може да се најде на друго место. Со тоа списанието има поголема вредност од моменталната. Само продолжете така...
Дејан Попоски via e-mail
... Почетник сум во електрониката и добро би ми дошла секоја брошура која ќе ми помогне да научам повеќе. Со нетрпение ги очекувам брошурите - каталози за другите електронски елементи, како и тие за радиотехника, аудиотехника и батерии. Наскоро планирам да купам компјутер, а бидејќи не знам да работам со него добро ќе ми дојдат и брошурите за разни компјутерски програми - од Windows до Protel...
Митко Ставров од Велес
... Брошурите навистина ви се извонредна идеја. Ако се погледнат цените на фабричките каталози, ретките книги за електроника, книгите за користење на компјутерски софтвер и хардвер (кои се редовно поголеми од 1000 денари), цените на компјутерските курсеви и курсевите за РТВ механичари, тогаш за секоја пофалба е издавањето на брошури особено кога тие се по толку ниска цена. Уште кога би можеле да издавате по една брошура секој месец...
Дејан Несторовски via e-mail
Благодарност до сите читатели што учествуваа во оваа мала анкета и ги искажаа своите размислувања за брошурите. Очигледно е дека повеќето читатели ги поддржуваат овие наши издавачки планови, при што, се разбира, секој читател има и свои желби во врска со темите на тие брошури. Редакцијата ќе ги земе во предвид сите желби и сугестии и ќе се потруди адекватно да одговори на нив. Се надевам, драги читатели, дека ќе имате разбирање кога темата на некоја брошура нема да ви биде интересна – имајте на ум дека она што денес не ви е интересно и потребно веќе утре може да ви стане и потребно и интересно, а секогаш останува и можноста брошурата да ја искористите како подарок за некој роднина или пријател. Засега планираме брошурите да излегуваат на секои 2 до 4 месеци. Вашите размислувања ги очекуваме и во иднина.
Сите триесетина читатели што учествуваа во оваа мини анкета за награда ќе добијат по еден бесплатен примерок од постарите броеви на ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо Емитер.
Одамна го следам вашето списание и имам изработено многу проекти. Но, сега имам проблем со 500W засилувач од ЕМИТЕР бр. 3/98. Проблемот е во тоа што засилувачот без излезни транзистори на излез има 3 - 5 mV еднонасочен напон што е во ред, но кога ќе ги поврзам излезните транзистори веднаш повлекува струја и на излез има 3 - 4 V еднонасочен напон и транзисторите загреваат. А ако ги извадам излезните транзистори засилувачот повторно е во ред – на излезот има 3 - 5 mV.
Како излезни транзистори користам два од типот 2SC5200. Краткоспојникот N и отпорникот R20 е со куса врска онака како што треба, ако се изведува со квазикомплементарни транзистори (NPN).
Однапред ви благодарам,
Мики Пеливан
Прво што треба да направите е да ја проверите исправноста на излезните транзистори (со унимер) и нивното поврзување со плочката. Ова особено важи за транзисторот T13 (и T14 ако постои). Емитерот на овој транзистор (T13) со плочката се поврзува преку отпорник од 0,22 оми во точката "CE". Овој отпорник се монтира директно на транзисторот и за него не е предвидено место на плочката. Бидејќи засилувачот работи со квазикомплементарен пар на излезни транзистори, на плочката треба да се монтира кусоспојникот "N" (кусоспојникот "P" треба да биде слободен), а отпорникот R20 да се замени со кусоспојник.
Ако е ова во ред, проверете ги вредностите на сите елементи на плочката (особено на отпорниците), нивната поставеност и квалитетот на сите електрични споеви (на самата плочка и на оние со надворешните елементи). Проверете ја состојбата на електричните врски на плочката, а особено на најкритичните со најмала дебелина. Интегрираното коло IC1 заменете го со ново. Приклучете го засилувачот на напојување БЕЗ ИЗЛЕЗНИТЕ ТРАНЗИСТОРИ и проверете дали сите транзистори (освен T7 и T8) се во активен режим на работа. Тоа ќе го направите со мерење на напонот B-E (база-емитер) за NPN транзисторите, односно E-B за PNP транзисторите. И за двата типа на транзистори тој треба да биде околу 0,65V. Ако е и ова во ред, можете да ги поврзете излезните транзистори и комплетниот засилувач да го пуштите во работа.
Дејан Трпески
Благодарам на советите, го направив засилувачот после долго мачење :). Имено, проблемот бил во тоа што во текстот не е баш јасно објаснето дека за квазикомплементарни транзистори треба да си ги сменат местата колекторот и емитерот. Ама сега ќе си знам.
Имам друго прашање во врска со засилувачот, т.е за да биде со излезна моќност од 500W треба 8 транзистори, на местото на T11 се поврзуваат директно, само на Емитерот се ставаат отпорници од 0,22 оми, а додека за T13 треба и на емитер и на колектор да се ставаат отпорници од 0,22 оми или само на емитерите за секој транзистор посебно, а за колекторите еден за сите?
Мики Пеливан
Навистина, поврзувањето на квазикомплементарните транзистори не е објаснето во текстот, но затоа тоа е јасно нацртано на електричната шема. Вака е постапено, затоа што станува збор за проект наменет за напредните електроничари на кои би требало да им е доволно она што е на шемата. Но, со оглед на тоа што за голем дел од градителите некои работи во врска со овој засилувач сè уште не се јасни, еве објаснување за поврзување на дополнителните транзистори.
Емитерот на секој излезен транзистор во колото е поврзан преку посебен отпорник од 0,22оми независно од нивниот број (2, 4 или 8). Тоа значи дека за верзијата со 8 квазикомплементарни излезни транзистори ќе ви бидат потребни вкупно 10 отпорници од 0,22 оми. Осум од нив ќе бидат емитерски отпорници (R26, R28 и уште 6 кои не се нацртани во шемата), плус R27 и R29. Начинот на поврзување на дополнителните транзистори (на тие што ги нема во шемата) во колото ќе го објаснам малку подетално.
1. Колекторите на дополнителните транзистори кои се врзуваат паралелно на T11 и T12 се приклучуваат во точката "C" (на +Us), а нивните бази во точката "B" (истата точка во која се поврзани базите на T11 и T12). Емитерите на овие транзистори преку ПОСЕБНИ отпорници од 0,22 оми се поврзуваат со точката "S". Овие отпорници се монтираат директно на транзисторите, бидејќи за нив не е предвидено место на плочката.
2. Колекторите на дополнителните транзистори кои се врзуваат паралелно со T13 и T14 се приклучуваат ДИРЕКТНО на точката "S" (излезот од засилувачот), а нивните бази со точката "B" (истата точка во која се поврзани базите на T13 и T14). Емитерите на овие транзистори преку ПОСЕБНИ отпорници од 0,22 оми се поврзуваат со точката "CE" (со –Us). Исто како и во претходниот случај, овие отпорници се лемат директно на излезните транзистори.
Тоа би било сè околу поврзувањето на дополнителните транзистори. Да нагласам уште дека доколку се одлучите за верзијата со 8 излезни транзистори не заборавајте да го замените отпорникот R15. За оваа верзија неговата вредност треба да биде 47оми. Поради зголемената моќност на дисипација, транзисторите T4, T6, T9 и T10 треба да се монтираат на мали ладилници.
Дејан Трпески
Здраво.
Дали имате објавено или можете да ми испратите некоја шема за мек старт на трифазен асинхрон мотор заедно со вредностите на елементите и објаснување на принципот на работа на електричното коло?
Поздрав и однапред ви благодарам,
Драганчо Стоиловски
Во ЕМИТЕР 10 и 11/2008 е објавен проект за самоградба на коло за мек старт на монофазни AC мотори. Ова коло не може да обезбеди мек старт за трифазен мотор. Големите трифазни мотори се упуштаат меко преку трифазни пригушници, мотани на затворено јадро со три столба на кое има намотки низ кои се пушта DC струја. Во моментот на пуштање на моторот низ DC намотките не се пушта струја. Секоја пригушница внесува сериска индуктивност на секоја намотка на моторот. Така AC струјата низ моторот не е толку голема на стартот. Од овој момент се зголемува DC струјата низ DC намотките па така јадрата се носат во заситување со што нивната индуктивност се намалува (стануваат обични калеми со воздушно јадро) и не внесуваат сериска индуктивност на намотките на мотоорот.
Кирил Крстевски
Здраво Емитер. Неодамна си купив нов мобилен, но сакам да го сочувам стариот за некоја вонредна ситуација (ако го изгубам или ми се расипе новиот). Бидејќи стариот телефон нема да го користам долго време, прашањето ми е како да го чувам? Дали батеријата да стои во телефонот или да ја извадам и дали да стои празна или полна? На основа на текстот за батериите кај фотоапаратите (од јануарскиот број на Емитер) претпоставувам дека батеријата треба да ја чувам полна, но познато ми е дека и кога батеријата стои невклучена таа се празни. Значи, после некое време таа ќе си испразни до крај и ќе се оштети. Истиов проблем го имам и со LiIon батеријата на MP3 плеерот кој во зима не го користам. Јас сега внимавам да го дополнувам еднаш на 2-3 недели, но дали тоа е правилно и што ако заборавам да ги дополнам подолго време? Значи, како да постапувам со батериите кои подолго време нема да ги користам?
Поздрав,
Ангел Костовски
Батериите кои нема да ги употребувате подолго време, најдобро е да се чуват наполнети и извадени од уредот. Да се чуваат на суво место со константна температура од 18 до 20 Целзиусови степени (во остава на пример). Најдобро е да се затворат "херметички" во кеса за замрзнувач, откако претходно добро сме ги исчистиле контактите на батеријата. Нечистите (загадените) контакти се основниот причинител за "самопразнењето" на батериите. Замислете дека имаме струја на "истекување" од само дел од микроампер - тоа за година или две ќе ја испразни батеријата!
Емилијан Иљоски
Поздрав до редакцијата на Емитер!
Долгогодишен читател сум на Емитер и сакам да кажам дека глобално земено сум задоволен од списанието, а исто така и од неговата цена. Има одредени теми кои повеќе ме интересираат, некои, се разбира, помалку. Во помладите години имам изработено повеќе проекти од областа на електрониката и аудиотехниката. Некои поуспешно, некои на граница на успешноста!?
Го имам изработено проектот "Hi-Fi звучник Транс 6.5" добар проект за мали пари, па сакам во врска со него да поставам едно прашање: за да ја зголемам ефикасноста сакам да додадам уште еден бас среднотонски звучник. На кое растојание да го поставам на истата звучна кутија и која измена да ја направам на свртницата?
И второ прашање: Дали има шанси во Емитер да објавите еден комплетен проект на квалитетен засилувач заедно со проект за професионални зучници со бас од 25cm. Имам уште прашања, но ќе ги оставам за друго време.
Поздрав и продолжете само така,
Славко Стојковски од Куманово
Големината на звучната кутија е проектирана за еден бас звучник, па според тоа во таа кутија не може така едноставно да се стават два баса. За два баса треба потполно нова, поголема звучна кутија, со приближно двојно поголем волумен! Свртницата, исто така, треба комплетно да се преработи, но и тоа нема ништо да помогне ако остане истиот високотонец како во проектот. Имено, токму високотонецот е тој што нема доволно голема ефикасност, па тогаш би требало да се додаде уште еден високотонец, покрај вториот бас звучник. Сето тоа претставува потполно нов проект, така што не може да стане збор за некакви измени на стариот проект.
Досега во ЕМИТЕР се објавувани повеќе проекти за квалитетни засилувачи - пребарајте ги старите броеви, сигурно ќе најдете нешто според вашите потреби. Но, ова не значи дека нема веќе да објавуваме проекти за засилувачи - следете нè и понатаму!
Од поодамна имам желба да направам некој проект за професионални звучници, но никако да ми се створи доволно слободно време за тоа. Во секој случај, таков проект сигурно ќе има, само што не можам да ветам кога ќе биде тоа.
Поздрав,
Владимир Филевски
Здраво,
Го изработив интелигентниот прекинувач за сабвуфер од Емитер 6/2006. Имам еден голем проблем. Сè е залемено каде што треба и како што треба, нема ладни лемови или кратки споеви но, сепак, кога ќе се вклучи напојување прекинувачот (односно релејот) се вклучува и не може да се исклучи. Што би можело да биде проблем?
Никола Николовски
преку имејл
По вклучувањето на колото, прво што треба да направите е да го проверите напонот за напојување на пинот 14 од IC1 кој треба да биде околу 12V. Потоа, во отсуство на влезен сигнал, проверете го напонот на пинот 8 од IC1. Овој напон треба да биде приближно 0V, што одговара на логичка нула. Ако напонот е приближно 0V, тогаш проверете ја исправноста на транзисторот T2 и прекинувачот C1 и по потреба заменете ги со нови (исправни). Во спротивно, доколку на пинот 8 има логичка единица, односно напонот е поголем од 8V, ќе треба да го проверете и напонот на пинот 6 од IC1. Како што е кажано во текстот, во отсуство на влезен сигнал на пинот 6 треба да има логичка единица. Доколку напонот на овој пин е помал од 8V, тоа значи дека дека нешто не е во ред со контролната логика па затоа проверете ја положбата на сите елементи на плочката, како и нивната вистинска вредност односно ознака. Ако тоа е во ред, проконтролирајте ја исправноста на T2 и како крајна опција направете замена на IC1 со ново.
Само како потсетување, да кажам дека IC1 се изработува во CMOS технологија која е осетлива на статички електрицитет, па затоа, пред да ја извршите неговата замена неопходно е да го одведете статичкиот електрицитет од вашето тело (со допирање на водоводна цевка). Исто така, важно е да се напомене дека IC1 треба да ја носи ознаката "4069UB", односно излезите од инверторите треба да бидат без вообичаените бафери кои се вградуваат во повекето логички кола.
На крајот, не заборавајте да ги прочитате и дополнителните упатства и корисни информации во текстот под наслов "Информации и упатства за електроничарите" кој се објавува во секој број на Емитер.
Дејан Трпески
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.