Звучници Dynaudio (Емитер 7-8/2000)

Почитуван Емитер,
Веќе 14 години користам SBI 5 II звучници од самоградба, направени според проектот од хрватското списание SAM. Ми се чини дека тоа се релативно добри звучни кутии, но со една сериозна забелешка упатена на сметка на релативно големиот Qts фактор на вградениот нискотонец Dynaudio 24W75. Покрај тоа и годините го прават своето – се јавува по некоја прснатина на надворешните центратори на нискотонците. Освен тоа, тука е и своевидната презаситеност од постојниот звук, па ова ме наведе да размислувам за следниве алтернативи:
1) Набавка на нови, готови (фабрички) звучни кутии. Најмал ризик, но ќе остане дилема дали за истите пари би можеле да се направат во самоградба поквалитени звучници.
2) Градење на нови звучни кутии. Голем ризик и труд, но потенцијално и најголема добивка. Дали кај нас постои доволно ниво на столарски, лабораториски и други услуги што ќе гарантираат резултати кои се споредливи со комерцијалните производи кои се барем за една ценовна класа погоре од инвестицијата во материјалот за самоградба?
3) Набавка на нови мембрани за нискотонците. Едноставно решение, но без унапредување на звукот.
4) Компромисно решение. Најновата 4-омска верзија на нискотонецот Dynaudio 24W75 има значително понизок Qts параметар, така што ми се чини дека би се добиле подобри резултати. Секако дека тоа ќе бара и измена на постојната свртница. Дали е прифатлива ваквата амбивалентна импеданса – 4-омски нискотонец и 8-омски високотонец?
Ве молам да ми помогнете во проценката на вредноста и исплатливоста на претходниве решенија. Дали би можеле да ми кажете каде наједноставно да набавам Dynaudio драјвери?
Поздрав, Петар Чичев од Скопје

Веќе одамна, во светски рамки, прифатен е фактот дека со самоградба можат да се направат звучници (т.е. звучнички системи) кои се подобри од комерцијалните ("фабрички") за истата цена. Се разбира, ова се однесува на звучниците направени со звучнички единици (високотонци, среднотонци...) кои слободно можат да се купат на пазарот. На големите фабрики им е полесно, бидејќи тие ги набавуваат овие звучници по многу пониска цена, заради големата нарачана количина. Но и покрај тоа, со самоградба можат да се направат вистински бисери.
1) Првата алтернатива (фабрички звучници) сепак останува како можно решение за некои одредени случаи, кога станува збор за звучнички единици кои не можат да се купат на слободниот пазар (а се со подобар квалитет од останатите слични), бидејќи фабриката која ги произведува ги користи само за свои потреби и не ги изнесува на пазарот. Тука спаѓаат и по нарачка направени подобрени верзии на постоечките (кои се нудат на пазарот) модели на звучнички единици; или едноставно – селектирани, а со тоа и најдобрите примероци од постоечките модели. Секако, треба да се спомнат и некои специјални звучници, на пример електростатски, јонски или некои други егзотични видови. Сиве овие специјални звучници не можат да се купат на слободниот пазар, така што на нив не може да им се конкурира (под претпоставка дека навистина се најдобри) со самоградба. Сепак, голем број на многу скапи (и многу добри) комерцијални звучни кутии се направени со стандардните звучници од Scan-Speak, Audax, Eton, AudioTechnology, Seas, Vifa, Dynaudio, ... кои лесно можат да се купат.
2) Како што веќе можевте да се уверите, моите проекти или модификации на фабричките звучници објавени во ЕМИТЕР (на пример: проектот Yummy 5 во Е 2/98; модификациите на Videoton DC 2080 во Е 5/98, RIZ Alfa 6 во Е 10/99 или Jamo Cornet 40 IV во Е 4/2000) јасно докажуваат дека за оној кој знае и умее воопшто не е проблем да проектира и направи звучник (звучнички систем) кој е подобар од фабрички. Се разбира, за такво нешто е неопходен професионален компјутерски уред за аудиомерења, на пример како што е CLIO. Уредот CLIO во светот го користат голем број на фабрики кои произведуваат звучници.
Во Македонија постојат бројни поединци и фирми кои изработуваат звучни кутии и свртници, но морам да Ве предупредам дека повеќето од нив се апсолутни лаици, иако сами себе се декларираат како големи стручњаци за аудиотехника, а освен тоа немаат никакви уреди за аудиомерења. Напоменувам дека освен мојот уред CLIO (кој го купив пред скоро три години), во Македонија постојат уште два уреда CLIO кои се неодамна увезени, но не би сакал да коментирам околу тоа колку нивните сопственици (ќе) знаат да го употребуваат CLIO. Не можам со сигурност да тврдам, но мислам дека во Македонија не постојат други примероци на CLIO, или некои слични на него професионални мерни уреди.
Како заклучок, Ве уверувам дека некаде во Македонија навистина постои ниво на услуги какво што барате. Треба само да ги најдете вистинските луѓе.
3) Како што правилно забележавте, оваа варијанта нема да го унапреди постоечкиот звук.
4) Ова е најисплатливо решение и затоа Ви го препорачувам, и покрај тоа што бара нова свртница. Нема никакви проблеми заради различните импеданси на високотонецот и нискотонецот – погледнете во "Пасивни свртници за зв. кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96.
Звучниците Dynaudio можете да ги купите кај SPEAKER HEAVEN, Tonhallenstr. 49, 47051 Duisburg, Germany.
Владимир Филевски


Гитарско комбо (Емитер 7-8/2000)

Во врска со објавениот проект "Гитарско комбо EGA-LITE C8" во ЕМИТЕР 4/2к ме интересира следново:
1) Зошто гитарските засилувачи треба добро да работат во режим на клипинг и како би можело практично да се оцени и да се "препознае" таквиот засилувач?
2) Добро е објаснето зошто звучничката кутија е полуотворена или отворена, но на кој начин се определуваат димензиите на "полуотворот"?
3) Ако наместо Simsonik се определам за звучникот Eminence, каде можам да го набавам?
Со почит, Владимир Џеповски, via e-mail

1) Заради самата конструкција на електричната гитара и начинот на свирење, сигналот кој излегува од гитарата не е (и не треба да биде) прецизно ограничен по амплитуда. Затоа често се случува сигналот да го препобуди засилувачот и тој да влезе во клипинг – тоа по потреба и намерно се прави, за да се добие специфична боја на тонот. Од друга страна, свирењето со позитивен фидбек (во близина на комбото: ја потегнете жицата на гитарата и тонот трае и трае ...) исто така директно води во клипинг.
Засилувачите со послаба (или без) глобална негативна повратна врска добро се однесуваат при клипинг, а исто така помага и непредимензионирано (или таман) мрежно трафо – особено кај "лампашите". Овие величини лесно можат да се пресметаат, измерат и да се препознаат.
2) Димензиите на кутијата и на отворот одзазди приближно се определуваат од саканата долна гранична фреквенција (видете во "Звучни кутии – сите видови на светот" во ЕМИТЕР 9/96), а понатамошните штелувања се прават со слушање, па модифицирање на кутијата, па мерење, па пак слушање, па пак .... и така година-две. Претходново кажано важи за конкретно одбран звучник. За некој друг, целата постапка се повторува.
3) Звучниците Eminence можете да ги купите во продавницата "Мими", тел. 120-361.
Владимир Филевски


Поголема моќност од засилувачот (Емитер 5-6/2000)

Здраво Емитер,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР и како и другите читатели би сакал да Ви поставам едно прашање: Дали во засилувачот од 2x100W објавен во Е7-8/97 изведен со µPC 1298и два излезни транзистори може да се постават паралелно уште по еден или два транзистори за да се добие поголема излезна моќност? Ме интересира и дали ќе може да се порачаат ППК за овој засилувач, а би предложил да објавите проект за двосистемска активна свртница.
Однапред Ви благодарам!
Тошо Цветковски од Скопје

Да, во принцип кај секој излезен засилувач се добива поголема излезна моќност доколку се употребат повеќе парови излезни транзистори, при што е потребно истите да битат спарени односно да имаат ист коефициент на струјно засилување. Но, според законот за одржување на енергија, ќе се добие поголема излезна моќност само доколку истата се вложи преку изворот за напојување. Значи пред се излезниот засилувач ќе биде онолку добар односно моќен (ова може ви звучи познато) колку што е добар односно моќен неговиот извор за напојување. Па според тоа, покрај дополнителните излезни транзистори, ќе биде потребен и помоќен мрежен трансформатор и повеќе електролитски кондензатори за филтрирање на еднонасочниот напон. Исто така, според каталошките податоци, можам да ви кажам дека максималниот напон на напојување на интегрираното коло µPC1298V изнесува 60V, а според извршените мерења коефициентот на полезно дејство на овој засилувач е околу 66%. Тоа значи дека 34% од вложената моќност ќе се претвори во топлина. Па доколку сте во можност да обезбедите мрежен трансформатор со секундарен напон од 2x40V (кој по насочувањето ќе има вредност од околу 55VDC) и моќност од преку 700VA би добиле одличен стерео задилувач од околу 2x250W при оптоварување од 4, но се разбира за одредена парична сума која треба да се инвестира. Подетално во врска со пресметките за напојувањето и излезната моќност што сакате да ја добиете можете да прочитате во ЕМИТЕР 5/97 на страница 36.
ППК за спомнатиот засилувач немаме но за тоа можете да се обратите во ТР Електроник, фирмата која ја помогна изработката на тој проект. Проект за активна свртница објавивме во претходниот број.
Сашо Митевски


Еквилајзер и заштита за звучници (Емитер 5-6/2000)

Почитувана редакцијо!
Се надевам дека нема да ми замерите затоа што често пати ви се обраќам по e-mail овие 2-3 месеци. Имам една молба до вас односно имам некои прашања во врска со проектите "Петпојасен еквилајзер" од бројот 9/99 и "Заштита за звучници" од 2/99:
1. Дали може напојувањето за еквилајзерот од 9/99 да се земе од напојувањето на засилувач (40V) со соодветно стабилизирање со напонски регулатор или со зенер диода.
2. Дали може заштитата за звучници од 2/99 исто така да се поврзе со +40V. Во текстот е наведено дека може но бидејќи ќе има поврзано и еквилајзер (ако е можно) се прашувам да не се опотовари многу трансформаторот.
3. Во тој проект се употребува PTC отпорник.Кај нас ги има само оние што се во ТВ приемниците но тие се со 3 нозе. Дали може да се искористи таков PTC отпорник.
4. За засилувачот имам 2 посебни ладилници па ме интересира како може да се направи склопот со PTC отпорник така да имам индикација за прегревање на двата ладилници. Знам дека може да направам уште еден таков цел склоп, посебно за лев и десен канал, но тоа ми изгледа неисплатливо.
Љупчо Талевски од Битола

1. Еквилајзерот претставен во Емитер 9/99 е предвиден да се напојува со напон од 8V при што не е важно на кој начин тој напон ќе го обезбедите. Ова значи дека потребното напојување може да се обезбеди почнувајќи од батерии па се до посебен напонски стабилизатор приклучен на мрежа. Важно е напонот со кој се напојува овој уред да биде добро исфилтриран и да биде стабилен. За таа намена многу добро е ако се користи напонски стабилизатор од фамилијата 7808 затоа што се одликува со голема стабилност и мал шум на излезниот напон. Во вашиот случај пред да се доведе напонот на влез на овој стабилизатор истиот претходно треба да се намали на вредност помала од 30V (максимален напон кој може да се доведе на влез на 7808) па потоа додатно да се намали и стабилизира со 7808. Ова снижување можете да го изведете на различни начини, но за вашиот случај би ви препорачал да употребите сериски транзисторски стабилизатор.
2. Напојувањето на зашитата за звучници можете да го обезбедите на сличен начин, со тоа што со помош на претходно опишаниот сериски стабилизатор напонот од 40V ќе го намалите на вредност од 15V , напон со кој се напојува овој уред. Изведбата на ваков стабилизатор можете да ја видите во некои од претходните броеви на Емитер. Опасност од преоптоварување на трансформаторот нема бидејќи и двата уреда имаат мала потрошувачка, од редот на милиампери.
3 и 4. Контролата на температурата на два ладиника со едно коло за заштита на звучниците не може да се изведе поради самата конструкција на уредот. Можеби ќе добиете некои резултати ако поврзете два PTC термистори паралелно или сериски, но тоа ќе треба да се одреди по експериментален пат поради тоа што не ги познавам параметрите на термисторите кои ќе ги користите. Сепак не е лошо да се проба и да се види каков ќе биде резулатот. При ваква врска ќе треба да се променат и вредностите на отпорниците R1, R2, R3 и R4 во колото за заштита за да се променат карактеристиките на хистерезисниот компаратор и да одговараат на новонастанатата ситуација. Доколку не успеете во ова ќе треба да направите уште едно коло за компарација кое ќе се приклучи на анодата на D2. Ова коло ќе ја следи температурата на другиот термистор и во случај на прегревање ќе сигнализира на останатиот дел од колото. Сепак јас би ви препорачал да направите заштита за секој канал посебно. Исплативоста на ова решение ќе ја видите за жал кога неисправниот излезен засилувач ќе ви ги прегори звучниците ако немате вградено ваква заштита. Во врска со термисторите кои ги споменувате точно е дека се продаваат термистори со три нозе. Но исто така е точно и тоа дека овие термистори најчесто се поставени во пластична кутија која за оваа намена мора да се отстрани за да се подобри термичкиот контакт помеѓу него и ладилникот. Поради тоа што во овој тип на термистори всушност се поставени два термистори третата нога е изводот на врската помеѓу нив двата.
Благој Ќупев


Звучници (Емитер 5-6/2000)

Здраво!
На почеток би сакал да ве поздравам и да ви пожелам успех во работата. Ви го честитам јубилејниот 50-ти број и се надевам дека ќе има уште многу вакви јубилеи. Посебно му се заблагодарувам на г-нот В. Филевски за одговорот на моите претходни прашања, како и за препораката за Tannoy M1 кои ги набавив и од кои сум мошне задоволен.
Емитер глобално земено е добро списание и се надевам дека со тек на време и понатаму ќе се подобрува. Како љубител на аудио техниката би сакал да има повеќе страни посветени на оваа област. Би сакал да го замолам г-нот Филевски, чија работа посебно ја ценам, да ми одговори на следниве прашања:
1) Во ЕМИТЕР 10/96 во текстот "Звучни кутии – сите видови на светот" во пасусот "Електроника + кутија" спомнавте еквилајзер со кој се снижува долната гранична фреквенција на компресионите звучни кутии. За истиот рековте дека е едноставен и дека може да се направи од IC – TL072, па би сакал да знам како? Освен за компресиони кутии дали може да се употреби и за другите видови?
2) Во поранешен одговор на прашање од еден читател рековте дека планирате да објавите проект за bandpass сабвуфер, па би сакал да знам дали може скоро да го очекуваме?
3) Како што реков, поседувам Tannoy M1, кои би сакал да ги надополнам со еден сабвуфер. Ве молам да ми помогнете во изборот на звучник за него: Focal 10 C 5411 DB, Ravemaster VXT 1524, Simsonik GF 620 S (х2), или нешто друго?
Однапред ви благодарам,
Марјан од Прилеп

Од името на редакцијата и од мое име Ви се заблагодарувам на честитките. Како што покажаа резултатите од досегашните анкети, бројот на страници посветен на аудио техниката одговара на пројавениот интерес и затоа не планираме проширување за таа област.
1) Бас-еквилајзерот може да се направи само со два операциски засилувачи по канал, односно вкупно две интегрирани кола TL074, или уште подобро – NE 5532. Првиот оп. зас. служи само како бафер со ниска излезна импеданса, а вториот оп. зас. е филтер пропусник на високи тонови од втор ред, чиј Q фактор е поголем од 0,707 (Buttherworth филтер има точно Q=0,707), така што има засилување во одреден појас на ниските фреквенции. Вредностите на R и C елементите од филтерот (односно Q факторот и долната гранична фреквенција) се пресметуваат посебно за секоја конкретна звучна кутија. Како што веќе напишав во посочениот текст, освен за компресиони звучни кутии, бас-еквилајзерот "Исто така, може да се користи и за бас-рефлекс кутии, но тие мора да бидат специфично пресметани за таа намена – не може да се користи за веќе направени (бас-рефлекс) кутии".
При употреба на овој бас-еквилајзер мора да се внимава мембраната на бас-звучникот да не прави преголеми поместувања напред-назад, бидејќи може да се оштети движечката намотка. За оваа намена се неопходни бас-звучници со големо линеарно поместување на мембраната Xmax, кое мора да изнесува повеќе од (приближно) Xmax = +/- 6 mm.
2) Моите обврски не ми дозволија досега да ги исполнам тие планови. Се надевам дека наскоро ќе го објавам тој проект.
3) Барем еднаш во ЕМИТЕР сум го напишал советот: "Купете ги најскапите и најдобрите звучници кои можете да си ги дозволите", бидејќи секое друго решение ќе биде полошо, а поскапо. Звучниците Tannoy M1 се феноменално добри за таа цена, но секакво нивно "крпење" со дополнителен сабвуфер ќе даде полош звук во споредба со еден пар подобри (и поскапи) звучници по истата вкупна цена. Звучникот Focal 10 C 5411 DB чини 140 марки, а кога на тоа ќе се додаде цената на кутијата и на пасивната свртница (или активната свртница и засилувачот), тогаш вкупната цена на сабвуферот заедно со Tannoy M1 ќе излезе скоро 600 германски марки. За таа цена може да се купат пар звучни кутии кои даваат подобар звук од Tannoy M1 (на пример B&W 601 S2 или KEF Q15), иако нема да имаат толку длабок бас како комбинацијата сабвуфер + Tannoy M1.
Ако сте задоволни со звукот на Tannoy M1 и само Ви недостасуваат подлабоки басови, тогаш дополнителен сабвуфер со бас-звучникот Focal 10 C 5411 DB е добро решение.
Владимир Филевски


Предавател АДР-02 (Емитер 5-6/2000)

Почитувана редакцијо,
Јас сум редовен читател и љубител на сите ваши проекти а особено на радиопредавателите. Со ова писмо сакам да ве замолам за помош во врска со предавателот ADR-02 објавен во бројот 4/95. Овој предавател го изработив со транзисторите 2N3866, интегрираното коло UA741 а наместо варикап диодата BA121 ја ставив BB121 а пробав и со BB221. Предавателот го приклучив на напон од 12V и воопшто не функционираше, немаше загревање на ниеден отпорник а транзисторите се вжештија нормално. Се надевам дека ќе ми помогнете предавателот да профункционира.
Не ми е јасно и она што го пишува во текстот дека моќноста на овој предавател е 2W а дометот од 5 до 100 километри.
Кире Ристов од с. Баница, Струмичко

Најпрво добро е тоа што сè сте изработиле онака како што е опишано во списанието. Ќе се раководам од она што го имате напишано во писмото, иако Вашите кажувања се површни. Треба да се разликуваат две работи кои во писмото не сте ги споменале.
Најпрво самиот предавател ADR-02 се состои од два дела: НФ засилувач и осцилатор за високи фреквенции заедно со модулатор. Во писмоте не е наведено дали осцилаторот или било кој друг дел од предавателот функционира. Заради тоа на кратко ке опишам како да го лоцирате проблемот во предавателот.
Најбитно во предавателот е да постојат осцилации со високи фреквенции. Тоа значи дека осцилаторот мора да осцилира. Станува збор за моностабилот сочинет од Т1 и Т2. Ако во осцилаторот сè е во ред, сигналот од предавателот ќе може да се чуе на радио приемникот (не мора да има говор т.е. модулација). Секогаш кога ќе наидете на сигнал кој би можел да е од вашиот предавател, едноставно исклучете го напојувањето на предавателот. Ако сигналот се изгуби, значи дека сигналот кој бил приман на приемникот е од вашиот предавател. Тоа треба да се случи независно од варикап диодата, освен ако истата има многу поголем почетен капацитет од оние наведените во проектот, па со тоа директно и драстично да ја промени фреквенцијата на осцилаторот. Но, веднаш морам да ви обрнам внимание дека авторот на проектот напоменува дека транзисторите 2N3866 може да се употребуваат доколку предавателот се напојува со напон до 6V, а не со 12V како што вие сте направиле. Ако прв пат го градите уредот, ви препорачувам прво да се придржувате до упатствата дадени во проектот, а потоа да експериментирате.
Ако сигналот од предавателот не може да го чуете на приемникот, тогаш осцилаторот или не осцилира или пак осцилира на фреквенција надвор од приемното подрачје на приемникот. Дали осцилира осцилаторот ќе ви покаже самата светилка, ВФ сонда соодветно споена на излезот од осцилаторот или пак ват метар, односно SWR метар споен пред антената. Фреквенцијата единствено ќе можете да ја отчитате со фреквенцметар или сигналот од предавателот да го барате на некој приемник со пошироко приемно подрачје. Причина за отстапување на фреквенцијата може да е употреба на неквалитетни кондензатори или голем почетен капацитет на вградената варикап диода. Со варикап диодите кои сте ги употребиле не би требало да имате проблеми. Фреквенцијата може да се менува со менување на бројот на навивките на намотката L2 и со менување на капацитетот на кондензаторите C4 и C14. Намотките треба да се направени од лакирана жица, во спотивно ќе настане краток спој.
Ако постои немодулиран сигнал од предавателот, тоа значи дека НФ засилувачот или варикап диодата не функционираат соодветно. Интегрираното коло има задача само да го засили сигналот од микрофонотза да се обезбеди доволен преднапон на варикап диодата. Дали е проблемот до него ќе можете да проверите со мерење на наизменичниот напон на неговиот излез (после кондензаторот C7). Доколку микрофонот е исправен (а исто и IC1), напонот што ќе го мерите треба да се менува согласно аудио сигналот кој доаѓа до него. Вредностите на тој напон ќе зависат од положбата на тримерот P1. Ако е тоа во ред, останува само варикап диодата која лесно може да се замени.
Што се однесува до излезната моќност, ако успеете да добиете 2W на излезот, тогаш зависно од добивката на употребената антена како и од конфигурацијата на теренот сигналот од предавателот ќе може да се слуша на растојание и поголемо од 5km. Колкаво ќе биде тоа растојание ќе зависи од условите кои ги споменав.
Се надевам дека овој одговор ќе ви помогне да го решите проблемот. Направете ги наведените мерења и ако повторно имате проблеми испратете ни ги истите (подетално опишани), а ние ќе се обидеме да ви помогнеме. Ви посакувам многу успех.
Добре Блажевски - Доц


Несоодветни елементи во ESR метарот (Емитер 4/2000)

Здраво во бројот 2/2к имавте пишувано за ESR- метарот па би ве замолил да ми одговорите на неколку прашања во врска со склопот.
1. Место LM324N има ставено HA17324 (наводна замена).
2. Место германијумските диоди 1N34A имам ставено 1N64.
3. Дали може наместо со N на крајот интегралното коло да биде без N.
4. На кое мерно подрачје треба да биде инструментот поставен кога се користи ESR-метарот. Проблемот е во тоа што кога ESR-метарот е приклучен воопшто не реагира на било кое подрачје на инструментот. Ме интересира дали причината може да биде од горенаведените елементи
Звонко Ицокаев via e-mail

Причината што ESR метарот не покажува отклон на ниту едно подрачје на инструментот е во тоа што ESR метарот не осцилира и не генерира фреквенција, заради несоодветните вградени компоненти. Било какви импровизации во нормалните компоненти во спецификацијата на материјалот не се дозволени. Значењето на буквата N како суфикс на операцискиот засилувач е во тоа што ваквиот тип на коло е отпорно кон самоосцилирање, има доволно големо засилување, поголем дијапазон на работен напон (успешно работи и го задржува декларираното подрачје и при работен напон од само 3V).
Самоиницијативната промена на диодите 1N34A со 1N64, е несоодветна. Во ниту еден каталог не стои дека се замена една за друга. 1N34A е универзална Ge демодулаторска диода за напон од 75V и струја од 50mA. 1N64 е само универзална Ge диода за напон 25V и струја од 50 mA. Ова е само мала разлика во споредба со различната волтамперска карактеристика на двете диоди. Што се однесува до подрачјето на кое треба да биде поставен инструментот, тоа е 0,5mA, односно 500µA.
Ако внимателно го читате написот, ако внимателно ги селектирате сите електронски компоненти без да вршите било какви замени, ако внимавате на поларизацијата на компонентите и нивните вредности, успехот нема да изостане.
Петар Аврамовски


Промена на засилувањето (Емитер 4/2000)

Здраво!
До вас имам две прашања:
1. Како експериментално да го зголемам засилувањето на DTMF декодерот објавен во ЕМИТЕР 1/2000?
2. Дали треба да се пријавам во пошта за да го добијам CID сигналот на мојата телефонска линија? Мојот сигнал апаратот одлично го декодира меѓутоа не го декодира CID сигналот.

1) Екперименталното зголемување на засилувањето, како што и самиот збор кажува се врши со пробно менување на вредностите на отпорниците R5 и R1. Од формулата:
A<sub>Udiff</sub>=R5/R1
следи дека засилувањето зависи само од вредностите на отпорниците R1 и R5. Оваа формула се однесува на слика 2. R1 на слика 3 е исто што и R1 на слика 2, додека пак R5 од слика 2 е исто што и R7 на слика 3. Како што е дадено на слика3, вредноста на R1=R7=100k. Према горната формула, а согласно наведените вредности за R1 и R7 од слика 3 следи дека:
A<sub>Udiff</sub>=R7/R1=1
. Ако сакаме засилувањето да го зголемиме и да биде 2, тогаш треба да се променат вредностите на отпорниците R1 и R7. За полесна работа R1 може да остане 100k и да ја менуваме вредноста само на отпорникот R7. Према наведената формула следи: 2=R7/R1 од каде: R7=2•100=200kΩ
Најблиската вредност за R7 која може да се најде при рака е 220kΩ. Се поставува отпорник со вредност од 220kΩ за R7 од слика 3.
Во текстот каде е опишан хардверскиот дел, наведено е дека вредноста на отпорникот R3 од слика 2 исто така треба да се пресмета. Со овој отпорник се одредува референтниот напон. Исто така е наведено дека за R4 од истата слика се зема произволна вредност. R3 од слика 2 е исто што и отпорниците R3 и R4 (заедно во серија R3+R4) од слика 3. Отпорникот R4 од слика 2 е исто што и отпорниците R5 и R6 (заедно во серија R5+R6) од слика3. Во текстот е дадена формула за пресметување на R3 од слика 2 која гласи:
R3=(R4•R5)/(R4+R5)
Бидејќи ние ја зголемивме вредноста на R5 од слика 2 на 220кΩ, следи дека и вредноста на R3 од истата слика треба да се промени. Ќе се добие следниот резултат: R3=47,08kΩ
Ова значи дека отпорниците R3 и R4 од слика 3 треба да се заменат со отпорник од 47кΩ. На овој начин е завршено комплетното прилагодување.
Веќе сега може повторно да се тестира декодерот. Ако засилувањето е доволно, тогаш декодерот успешно ќе декодира, ако не, тогаш пробно се зголемува засилувањето и понатаму, се додека не се постигне саканиот резултат.
За разни вредности на отпорите добиени при пресметувањето, може да се користат комбинации од сериско и паралелно врзување на отпорници, со цел да се добијат попрецизни вредности.

2) За CID сигналот потребно е пријавување во пошта. Поштата го овозможува праќањето на истиот. Затоа ве советувам, пред да почнете со експериментите од точка 1, информирајте се во пошта дали за вашиот претплатнички број е овозможен CID сервис. Морам да ви напоменам дека уредот работен во овој проект може да препознае само DTMF CID сигнализација (Емитер 9/99). Распрашајте се во пошта каква CID сигнализација може да се овозможи за вашиот претплатнички број. Се надевам дека моето кратко објаснување ќе ви помогне во иднина. Ви посакувам многу успеси.
Добре Блажевски-Доц


Диоди во три соби (Емитер 4/2000)

Здраво ЕМИТЕР,
Имам две прашања и еден предлог до Вас.
1. Сакам да знам дали инфрацрвениот предавател за безжични слушалки (Е 7-8/99) ќе го даде она што треба да го даде ако трите диоди (LD271) ги ставам посебно во три соби по една (закачени на таван и насочени надоле). Ако ова решение не е можно тогаш ве молам да ми дадете некој предлог како да ја остварам желбата.
2. Дали може да се додадат повеќе диоди LD271 кои ќе бидат распоредени во повеќе простории?
3. Содржините во ЕМИТЕР се навистина добри, но мислам дека освен ППК треба да продавате и кит-комплети затоа што така ниеден читател на ЕМИТЕР нема да се разочара ако не може да најде делови и ќе има поголема желба да ги гради проектите од ЕМИТЕР. Исто така верувам дека е оправдано ако цената се покачи за некој денар повеќе затоа што ни оди во компензација (ви се зголемува буџетот, а ние не се нервираме и разочаруваме). Јас мислам дека навистина вреди да се направи тоа, но сè останува на вас.
Стојанче Илиевски од Скопје

1. и 2. Решението кое го предлагате во основа може да работи, но главната причина за да се употребат три инфрацрвени диоди во прикажаната конструкција е да се добие широкоаголно зрачење. Заради ова би ви предложил во секоја од собите да поставите по три инфрацрвени диоди, насочени надолу и под агол кон три страни на собата. Се разбира и приемната диода на безжичните слушалки треба да е насочена нагоре. Во спротивно сето ова не би имало смисла. Поврзувањето на додатните диоди треба да го направите според првата шема на слика 1. Ваквото поврзување е потребно бидејќи MOSFET транзисторот не може да се справи со струјата која треба да протекува низ него кога ќе се врзат три паралелни сета инфрацрвени диоди. Ова воедно е одговор и на вашето второ прашање. Зголемувањето на бројот на диодите може да се направи и ако новите диоди се постават во серија со веќе постоечките. Во ова решение напонот на напојување треба да се зголеми по 2V за секоја новопоставена диода. Ова решение може да се примени доколку проширувањето оди до шест диоди. За повеќе диоди, врзани во серија, треба да се направат и други измени во колото.
3. Редакцијата е во преговори со две фирми околу производство и продажба на кит комплети за електронските конструкции објавени во ЕМИТЕР и нашите книги и брошури. Подготовките се во тек и се надевам дека наскоро првата група кит комплети по прифатливи цени ќе се појави на пазарот. Со тоа верувам дека многу повеќе читатели ќе се одлучуваат за самоградба на објавените електронски конструкции.
Коста Карпузовски и Слободан Таневски


Бас-рефлекс звучник и намотки за уредот за комуникација преку 220V-на мрежа (Емитер 3/2000)

Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам две прашања:
1. Правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
2. Го разгледав проектот "Уред за комуникација преку 220 волтна мрежа" од ЕМИТЕР 2/2k и би сакал подетално да ги опишете намотките од Tr2 на предавателот и приемникот, димензиите на феритните лончиња и вредноста на индуктивитетот на намотките. Во иднина пожелно е во проектите каде што се употребуваат намотки да биде даден и нивниот индуктивитет, за попрецизно изработување.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски
од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
1. Како што пишува во каталогот на Eminence, широкопојасниот звучник Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитарски засилувачи. Иако тој може добро да послужи и за гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример одличниот Eminence LE 12-50 (или Eminence LE 12-35), но веројатно овие звучници се поскапи. Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA (буквата A на крајот означува верзија од 8Ω), еве некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Ако имате бас-гитара, тогаш звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 149 литри). Но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно можев да ги набројам – со оглед на малиот простор. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Во пракса многу често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фереквентна карактеристика. Обликот на амплитудно-фреквентната карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Единствена олеснителна околност е тоа што местоположбата на бас-звучникот во кутијата нема некое големо значење.
Со оглед на наведените (и ненаведените) проблеми, можам само да Ви пожелам многу среќа во конструирањето на Вашите бас-рефлекс звучни кутии.
2. Замерката што ја давате дека не е наведена индуктивната вредност на намотките на Tr2 во предавателот и приемникот во случајов не ,,држи" , затоа што улогата што ја врши Tr2 како во предавателот, така и во приемникот, е улога на трансформатор, а не на пригушница. Затоа индуктивноста не е важна, а важни се бројот на навивки и типот на јадрото. Конкретните феритни лонци што се употребени во проектот се производство на ,,SIEMENS“ сочинети од по две идентични половини со надворешен пречник од 15 милиметри, височина 10 милиметри, а пречникот на внатрешниот столб изнесува 6 милиметри. Истите се со ознака 1100 163.
Како што и беше наведено во текстот, феритните лонци се извадени од стари растурени уреди. Уредите беа со дата на производство од 1971 година. Затоа било каков феритен лонец да набавите уредот ќе работи, а со малку експериментирање во бројот на намотките веројатно би го извлекле максимумот од феритниот лонец што сте успеале да го набавите.
В. Филевски и Д. Јовановски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.