Здраво!
ЕМИТЕР го читам веќе подолго време и можам да дадам само позитивни мислења за списанието. До сега имам направено повеќе проекти, а меѓу нив спаѓа и проектот Techno 8, кој со мерак го градев.
Имам една идеја што имам намера да ја реализирам, па ве молам за ваше мислење и помош. Сакам да направам звучна кутија со два баса и еден високотонец: два баса Simsonik SW 820 или CF 620 и еден високотонец Simsonik Polipropilen 4 1/2" - 100 W. Која комбинација ќе биде подобра? Дали бас-звучниците да бидат во една комора или да се поделат во две исти комори? Дали е подобро високотонецот да биде поставен меѓу двата бас-звучника, или да биде поставен над двата баса?
Однапред ви благодарам на одговорите.
Трајче Кедеров од Струмица, via e-mail.
Ви благодарам за Вашите позитивни оценки за ЕМИТЕР и особено за Вашето задоволство од проектот Techno 8. Проектот Techno 8 беше замислен како звучна кутија со многу ниска цена, која практично ќе демонстрира дека хобистите можат да направат коректна звучна кутија со знаењата кои ги стекнале од серијата "Пасивни свртници за звучни кутии" (ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96) и особено од статијата "Компресиони звучни кутии" (ЕМИТЕР 5/95).
Се разбира, сега со професионалните софтверски пакети и со уредот CLIO би можел да направам уште подобра свртница за Techno 8, но мислам дека тоа не е потребно. Имено, квалитетот на звукот кај Techno 8 е ограничен пред сè од квалитетот на самите звучници кои се вградени во него (колку пари - толку музика). Тогаш кога го подготвувавме проектот Techno 8, мерењата на Thiele-Small параметрите ги изведувавме рачно и тоа беше долготрајна процедура, така што стигнавме да измериме само три Simsonik бас-звучници и од нив го избравме најдобриот - SW 820 B. Многу подоцна, со уредот CLIO ги измерив Thiele-Small параметрите и на звучниците Simsonik GF 620S (со Kevlar мембрана) и CF 620 (со карбон-фибер мембрана) и утврдив дека тие имаат помал Qts параметар од моделот SW 820 B. Помалиот Qts параметар автоматски значи подобар квалитет на ниските тонови.
Квалитетот на звукот е најважниот параметар кој треба да се има предвид кога се проектира Hi-Fi звучна кутија за домашна употреба. Затоа, наместо два евтини бас/среднотонски звучници и еден евтин високотонец, за истата вкупна цена Ви препорачувам да купите еден поквалитетен (и поскап) бас/среднотонски звучник и еден поквалитетен (и поскап) високотонец. Поквалитетни звучници ќе мора да побарате во странство, бидејќи понудата на звучници во Македонија се сведува на фирмите како што се Simsonik, Boomers и слични на нив, а тоа се евтини звучници, со релативно низок квалитет. Од овдешните модели на бас/среднотонски звучници кои сум ги измерил, предвид можат да дојдат Simsonik GF 620 S и Simsonik CF 620. Нивните Thiele-Small параметри се слични (и сосема пристојни), со тоа што моделот GF 620 S може да постигне нешто пониска долна гранична фреквенција f3. Амплитудно-фреквентна карактеристика на Simsonik CF 620 не сум ја мерел, туку само на Simsonik GF 620 S (видете ги мерењата во "Операциона сала", ЕМИТЕР 1/99), така што најсигурно е да го земете моделот GF 620 S, иако е малку поскап. Направете компресиона кутија со волумен од 40 литри (може и 30) и вградете еден бас/среднотонски звучник GF 620 S (или CF 620). Квалитетот на басовите ќе биде многу подобар во споредба со Techno 8, но нема да може да свири баш толку гласно. Што се однесува до високотонецот, ситуацијата е уште потешка - во Македонија навистина квалитетни Hi-Fi високотонци едноставно нема! До пред извесно време можеа да се купат квалитетни Jamo високотонци, но најквалитетните веќе се распродадени. Од останатите модели кои сум ги мерел, предвид може да дојде високотонецот Boomers TW-110-1/T3 (видете ги мерењата во "Операциона сала", ЕМИТЕР 9/99), кој има ферофлуид. Неговата цена од 40 германски марки е претерано висока за квалитетот што го нуди, но сепак може да пројде. Ако имате можност, купете од Белград (фирмата KORATO) супер-квалитетни високотонци Focal TC 90K, по цена од само 55 марки.
Два идентични бас/среднотонски звучника во една звучна кутија се ставаат само за специјални намени, така што Ви препорачувам да се задржите на конфигурацијата со само еден бас/среднотонски звучник, но сепак ако инсистирате...
Од акустичка гледна точка сосема е сеедно дали двата бас/среднотонски звучници ќе бидат во два меѓусебно одвоени волумени или во еден заеднички волумен (двојно поголем од поединечниот), но заради подоброто вкрутување на страниците од кутијата, подобро решение е два одвоени волумени.
Постојат два начина на поврзување на два идентични бас/среднотонски звучника. Првиот начин е кога двата бас/среднотонски звучника се паралелно електрички врзани и го репродуцираат целиот спектар од басовите до високите средни тонови - слика1. Во овој случај подобро е високотонецот да се наоѓа во средината меѓу двата бас/среднотонски звучници - тоа е познатата D' Appolito конфигурација, со која се добива подобра поларна карактеристика на зрачење. По правило (кое не мора строго да се почитува), свртницата треба да биде симетрична од трет ред. Два паралелно врзани бас-звучника во една кутија овозможуваат да се постигне максимален звучен потисок - со истиот напон на сигналот од засилувачот се добива (теоретски) 6 dB погласен акустички сигнал во споредба со единечен ист таков бас/среднотонски звучник, така што и високотонецот треба да има соодветно висока ефикасност (осетливост).
Вториот начин е наречен 2 ½ way звучник - тоа е нешто помеѓу two-way и three-way звучна кутија. Едниот бас/среднотонски звучник го покрива целиот бас/среднотонски спектар, додека вториот работи како класичен бас-звучник, најчесто под 150 Hz - слика 2. На овој начин се добива нагласување на басовите под 150 Hz, додека останатата ефикасност (осетливост) е еднаква на единечниот бас/среднотонски звучник.
Владимир Филевски
Почитувана редакцијо,
Со особено задоволство го следам списанието ЕМИТЕР уште од првиот број. Ме радува тоа што од број во број сте се подобри. Конечно се појави и комплетен проект за помладите радиоаматери, кои верувам не се во мал број. Проектот "QRP 80" ви е полн погодок. По објавените написи во претходните броеви, се надевам дека во наредниот ќе бидат поместени и завршните напомени околу распоредот на печатените плочки во кутијата на примопредавателот и изгледот на предната и задната плоча.
Се надевам дека следниве прилози ќе ви бидат од корист:
1. Ве молам повторете ги уште еднаш пресметките за дипол антена (конкретно за 80 метарско подрачје), а со тоа и конструктивните поединости на "балонот" и самата жичена антена.
2. Проект за изработка на "SWR" метар.
3. Конструктивни поединости за изработка на лажна антена од 50 оми.
4. Покрај проширувањето на фреквентниот опсег на примопредавателот "QRP 80", сигурно ќе биде интересен и модулаторот за SSB комуникцијата (покрај постоечкиот CW начин на работа).
5. Мислам дека е време за една квалитетна шема за електронски тастер за морзеова азбука. Ретко кој од младите аматери би работел "рачно", а ова е згодна прилика за еден интересен проект.
6. Можеби крајните напомени околу потребата за зачленување на младите електроничари во радиоаматерските клубови во Македонија би бил најдобриот начин да го заокружите проектот "QRP 80". Начинот на добивање на личен знак и потребните предуслови за тоа би биле во функција на едукација и би придонеле при мотивирањето на многу од вашите читатели.
Се надевам дека вашиот соработник, г-динот Добре Блажевски-Доц добронамерно ќе ги сфати моите сугестии и дека ќе направи напор нив да ги обработи. Со тоа мислам дека проектот ќе биде целосен.
Со поздрав,
Горан Трајановски од Скопје
Почитуван г-дине Трајановски,
Најнапред благодарам за пофалните зборови за списанието ЕМИТЕР.
Потполно се сложувам дека не е мал бројот на радиоаматерите, но и на оние кои имаат било каков интерес за радио техниката воопшто. Серијата натписи околу QRP 80, се само почеток од она што редакцијата на списанието ЕМИТЕР го подготвува за наредниот период. Во врска со вашите предлози:
1. После серијата написи за комплетна QRP PPS за 80m, изоставувањето на конструкција на дипол антена (конкретно за 80-метарското подрачје) би бил вистински апсурд. Во наредните броеви во списанието ЕМИТЕР (во скора иднина) ќе бидат објавени конструкции и опис на разни видови на антени, меѓу кои и конструкција на дипол за кои вие прашувате. Тоа ќе опфати и разни пресметки, прилагодувања, градење на "балон" за прилагодување и сл.
2. и 3. Градењето на предавателни уреди со поголеми излезни моќности (посебно нивното прилагодување) не може да се замисли без мерач на стојни бранови (SWR метар). Истото се однесува и на лажната антена со импеданса од 50Ω. Младите конструктори од секогаш ги интересирале токи-воки уреди, разни уреди за далечинска контрола, мали радио попречувачи и сл. Обично тоа се уреди со многу мали излезни моќности, нивната градба е поедноставна и не бара многу мерна опрема. Меѓутоа кога станува збор за радио уреди со поголеми излезни моќности од наведените, уреди во кои се употребуваат елементи осетливи на разни температурни влијанија, неопходна станува употребата на соодветна мерна опрема. Нашата идеја беше да објавиме уред кои ќе биде едноставен за изработка, уред кои ќе ги опфати основите на радио конструкторството со кои младите конструктори претходно веројатно се немаат сретнато, а во исто време и да се објасни неопходноста од примената на разни мерни уреди. Како што веќе можевте да забележите, начинот на нивната примена воопшто не е сложена постапка. Сметавме дека на овој начин уште повеќе ќе ја зголемиме љубопитноста кај младите конструктори, со крајна цел потрага по повеќе знаење и искуство. Во наредните броеви, ЕМИТЕР ќе објави написи за лажни антени и SWR метри за мали и поголеми моќности, како и разни други прирачни мерни уреди кои биле или ќе бидат спомнати во ЕМИТЕР.
4. Модулатори за SSB, поточно LSB и USB модулација исто така ќе бидат објавени во наредните броеви на ЕМИТЕР. Телеграфскиот предавател беше обработен бидејќи предавателите за телеграфија се наједноставни за изработка. За разлика од нив SSB модулаторите имаат повеќе филтри, повеќе осцилаторни кола и тие ќе бидат посебна тема на обработка. Се разбира дека нема да заборавиме на нашиот мал уред за 80m.
5. Што се однесува до електронските тастери, нив ги има од најпрости (со NE555), па се до оние изградени со микропроцесори, можност за мемории, автоматско генерирање на морзеови знаци и сл. Во ЕМИТЕР ќе бидат објавени неколку интересни проекти за електронски тастери.
6. Мислам дека нашиот соработник Владо Ковачески (Z32KV), во некој од наредните броеви ќе има посебно задоволство да ја разоткрие радиоаматерската организација кај нас со комплетните нејзини активности (за некои од нив веќе има пишувано во ЕМИТЕР), што би ги опфатило и условите за добивање личен повикувачки знак, дозвола за поседување на лична радиоаматерска станица и сл.
На крај во врска со завршниот проект на QRP 80, би ви потенцирал дека распоредот на плочките во кутијата е ист со оној прикажан на слика 6 во ЕМИТЕР 9/99. На истата слика дадени се компонентите кои се прицврстуваат на предната плоча на кутијата во која ќе биде сместен комплетниот уред. Кутијата треба да биде од метален (проводен) материјал (ги има по нашите продавници за електронски делови во разни димензии). Плочките во кутијата треба да се механички добро прицврстени. Добро би било помеѓу плочката од VFO-то и останатите плочки да постои преграда од тенок лим. Кутијата треба да е заземјена кога уредот ќе биде во функција, заради соодветна заштита (удари на гром и сл.), за што посебно ќе пишуваме во ЕМИТЕР. На задната плоча на уредот доволно е да биде поставен конекторот за антенскиот кабел (препорачувам SO-239), како и кабелот за напојување на уредот. Би препорачал кондензаторот C2 на VFO-то да биде со било каков пренос, со цел прецизно шетање долж аматерскиот банд. Може да се искористи и систем за пренос од постарите радио приемници (оној со конец). Како што може да се види од слика 6, за уредот е употребен надворешен извор за напојување од +13V. Тоа е со цел да се избегне пробивање на RF пречки во исправувачот за напон, односно можност за употреба на не толку квалитетен извор на напојување.
Се надеваме дека успеавме да ја задоволиме вашата љубопитност, а вашето писмо е само добар знак дека сме успеале во нашата цел. Би ги ценеле вашите предлози како и предлозите на сите останати читатели во иднина. Ви посакуваме успешна градба и многу радио врски.
Добре Блажевски –Доц
Почитувана редакцијо на Емитер, курсот по кој сте тргнале е добар и само продолжете!
Немам многу големи познавања од електрониката но сепак се решив да направам стерео засилувач според проектот објавен во Емитер 1/98, со моќност од 60+60W. Во врска со тој проект имам неколку забелешки до конструкторот.
1. ППК сте ја изработиле да одговара на хептаватно кушиште т.е. разладно тело. Кажете ми ве молам во Македонија каде да најдам хаптаватно куќиште? Значи морам да употребам поинакви ладилници. Но ако земете во обзир дека од интегралното коло TDA 2052 до кондензаторите C7-C8 има точно 2cm, а ладилниците за 60W оптоварување се големи кажете ми каде да ги ставам? Нели ќе беше подобро интегралните кола да ги ставевте на краевите од плочката па ќе можеше да се употребат ладилници со разни форми и големини? Затоа ги предлагам следните решенија:
а) Кондензаторите C7 и C8 поставете ги од бакарната страна на плочката со што добивате простор за ладилниците
б) Кондензаторите C7 и C8 поставете ги на посебна плочка и со соодветни водови поврзете ги со матичната плочка.
2. Ваши читетели се и аматери-почетници-електроничари! На шемата имате 2 изводи STBY-L, STBY-R. Каде и со што да ги поврзам, и за што служат при секојдневната употреба на засилувачот.
3. Како изгледа шемата на нестабилизиран исправувач?
Милан Костов од Скопје
Ви благодарам за поддршката што ни ја давате.
Самиот наслов на проектот за кој зборувате кажува дека се работи за ултракомпактен стерео засилувач со голема моќност. Тоа значи дека при проектирањето на ППК вниманието било најмногу насочено кон намалување на димензиите на засилувачот. Затоа не ги разбирам вашите забелешки во однос на тесниот простор околу елементите.
Хептаватното куќиште не треба посебно да го набавувате бидејќи тоа е куќиштето на самото интегрирано коло. Што се однесува до набавката на ладилните тела, многу ми е жал што не можам да ви помогнам - со проблеми од таква природа редовно се сретнуваме и ние во редакцијата.
Со забелешката дека постојат и други решенија за плочката со печатено коло, се согласувам во целост и верувам дека никогаш не сте прочитале, барем не во нашето списание, дека решението за ППК кое го нудиме е единственото можно. Секој може да си проектира сопствено решение за ППК ако објавеното решение поради некои причини не му одговара. Предлозите кои ги давате за местоположбата на кондензаторите C8 и C9 се доста корисни за сите читатели што не можат да ги набават прикажаните ладилници бидејќи на овој начин може да се ослободи простор за друг тип на ладилни тела. Во таа насока еве уште еден предлог - пресечете ја плочката на половина, со два реза покрај интегрираните кола IC1 и IC2 па така ќе ги добиете интегрираните кола на крајот од тие плочки. Со вака обработената ППК интегрираните кола може да ги монтирате на големо ладилно тело, но не заборавајте да ги изолирате од истото. Ожичувањето изведете го од соодветните водови на пресечениот крај од двата дела на ППК. Кондензаторите C7 и C8 можете да ги монтирате на средниот дел од плочката што ќе ви остане по сечењето, а потоа ожичете ги со двата излезни засилувачи со проводници со поголем напречен пресек. На овој начин може да употребите поширока лепеза на ладилни тела.
Улогата на влезовите M/STBY-L и M/STBY-R како што е кажано во текстот го одредуваат начинот на работа на засилувачот. Кога на нив ќе се доведе напон еднаков на негативниот напон за напојување излезниот степен е исклучен (stand by mode) и нема излезен сигнал во звучниците. Доколку напонот на овие влезови е во границите од –Uss+1,8V до –Uss+2,5V засилувачот е во мод кога како свој влез го користи изводот 5 на интегрираните излезни засилувачи. Бидејќи овој извод е споен на маса преку кондензаторско-отпорничката паралелна врска C5/R5 и C6/R6, кај другиот засилувач, на излезот повторно нема сигнал. Ова е т.н. mute mode во кој засилувачот е во активна состојба но е "замолкнат". Кога напонот на овие влезови ќе се покачи над –Uss+2,7V засилувачот почнува да работи нормално и ги засилува сигналите од влезот. Овие влезови се користат кога сакате да направите заштита на излезот без употреба на релеи, со одредена дигитална контрола на работата на засилувачот. При употреба на засилувачот во домашни услови овие влезови можете да ги приклучите како што е прикажано на сликата. На истата слика е прикажана и шемата на нестабилизиран исправувач за спомнатиот засилувач.
Коста Карпузовски
Здраво,
Ве молам за совет во врска со мојата звучна кутија (цртеж): колкава би била долната гранична фреквенција ако во кутијата го вградам звучникот Simsonik GF 620 S? Кутијата би била од компресионен тип, а звучникот би се наоѓал на средината од кутијата.
Однапред благодарам,
Александар Росевски, Куманово
Од цртежот и дадените димензии не може да се заклучи дали се тоа надворешни или внатрешни димензии на кутијата. Ако се внатрешни, тогаш волуменот е 45 литри, а ако се надворешни тогаш волуменот кој е на располагање е само 30 литри. Во првиот случај долната гранична фреквенција би била 45,5 Hz (Qtc=0,83), а во вториот 47 Hz (Qtc=0,88). И во двата случаја ќе се добијат многу длабоки басови и многу добар квалитет на ниските тонови (видете во "Компресиони звучни кутии" во Емитер 5/95). Кај звучните кутии од компресионен тип треба да се внимава да не се пушта премногу гласна музика, бидејќи при репродукција на ниските тонови мембраната на бас-звучникот прави многу поголеми поместувања напред-назад во споредба со бас-рефлекс звучните кутии.
Бас/среднотонскиот звучник не смее да се монтира на средината од кутијата, бидејќи на тој начин ќе се јават засилени резонанси во внатрешноста на кутијата. Најдобро е да се вгради во горниот дел од кутијата, веднаш под високотонецот. Совет: изберете квалитетен високотонец!
Владимир Филевски
Почитувани,
1.Непријатно сум изненаден поради вашите размислувања за укинување на списанието "Емитер", најмногу поради тоа што списанието го читам со големо задоволство како и поради големата љубов кон електрониката. Секако, ја разбирам вашата финансиска ситуација и се надевам дека ќе изнајдете соодветно решение "Емитер" и понатаму да излегува од печат, макар и како тромесечно издание.
2. Во проектот "Регулатор на напон" (Емитер 3/98) на ППК е изоставен изводот од емитерот на излезниот транзистор до излезот, додека на нацртот на ППК (сл. 2) тој постои.
3. Во проектот "Дампер за халогени сијалици" (Емитер 5-6/2к) уредот е предвиден за сијалици кои користат напон од 24V. Кои модификации треба да се направат за да се користат сијалици кои работат на напон од 12V?
4. Дали може да се употреби трансформатор со помала моќност во проектот "Стимулатор на мускули" (Емитер 2/2к) од оној сто е предвиден, 1.5VA?
-Располагам со залиен трансформатор со моќност од 1.2VA;
5. Во проектот "Транзисторско палење" (Емитер 7-8/2к) на електричната шема стои кондезаторот на платинките, но во текстот не е спомнато ништо за него. Дали тој треба да се изостави за да не би влијаел на прецизната прекинувачка карактеристика на уредот, особено ако се користи транзисторот BU323A?
6. Мои размислувања околу проектот "Мерење на напон на акумулатор" (Емитер 7-8/2к):
- Пинот 9 од електричната шема е поврзан со пинот 11. На тој начин се добива покажување со една светлечка диода, што не е објаснето во проектот. Ако на пинот 9 не се доведува позитивен потенцијал, тогаш покажувањето ќе биде со LED во низа. Ако тука се додаде прекинувач, ке може по желба да се бира покажување со една LED или со LED во низа;
- Поискусните електроничари можат, со мала модификација на уредот, истиот да го приспособат како VU метар за проектот "Авто засилувач" (Емитер 5-6/2к), но за стерео индикација потребно е да изработат два идентични уреди;
Се надевам дека ќе ми одговорите на мојот e-mail!
Срдечни поздрави, Зоран Георгиевски, Кочани!
1. Правиме напори да продолжи да излегува. Во план ни е проширување на концепцијата и зголемување на бројот на страници со надеж дека така ќе допреме до повеќе читатели и спонзори кои ќ бидат гаранција за натамошното редовно излегување на ЕМИТЕР.
2. Не знам од каде произлегува вашата констатација дека емитерот на излезниот транзистор не е поврзан со излезот кога таа врска постои и на шемата и на ППК.
3. Како што стои во текстот треба тријакот да биде TIC246 поради тоа што при 12V, за иста моќност на сијалицата која работи на 24V, потребна е поголема струја која овој тријак може да ја обезбеди. Нормално важат забелешките од текстот за ладилното тело и здебелување на водовите. Останати модификации не се потребни, освен една потенцијална "препка" која се однесува на внатрешното напојување на интегралното коло TCA280A со излез на изводот 11. Бидејќи не успеав да ја најдам личната карта (data sheet) на TCA280A не знам колкав е тој напон (претпоставка дека е 5V). Доколку тој излезен напон е поголем од 9V (12-3V) заради стабилизација) тогаш колото нема да работи како што треба, најлогишно решение е по отпорникот и диодата кои доаѓаат до напојувачкиот дел на колото на извод 13 да се стави еден кондензатор кон маса за добивање максимален напон (12*1.41=16.92V) со што ќе се овозможи правилна работа на колото.
4. Поради тоа што преку овој трансформатор се пренесува многу мала моќност може да се употребат и трансформатори со помала моќност. Но проблем е тоа што колку трансформаторот е со помала моќност толку се поголеми загубите во него. Ова значи дека со употреба на помал трансформатор може да се случи да не може да се генерира импулс со доволно висок напон. Затоа доколку со употреба на трансформаторот кој го имате вие не се добијат задоволителни резултати (не настанува грчење на мускулите) потребно е влезниот напон кој се доведува на уредот да го зголемите. При тоа треба влезниот напон полека да го зголемувате за да не настане оштетување на кожата на местото каде се поставени електродите.
5. Мислењата за влијанието на овој кондензатор врз работата на електронското палење се поделени. Едни сметаат дека тој задолжително треба да се отстрани, а други дека неговото влијание е незначително односно, дека тој може но не мора да се отстрани. Јас спаѓам во оние вторите што секако не значи дека и вие треба да ми се придружите. Имајте во предвид дека при евентуален дефект на електронското палење за само десетина секунди, без да се извалкате, ќе можете повторно да се вратите на класично палење ако кондензаторот не го отстраните. Во спротивно само за да го вратите кондензаторот ќе ви требаат повеќе од десет минути не сметајќи го времето за чистење на рацете и алиштата. Без разлика дали ќе го отстраните кондензаторот или не, откако ќе го монтирате склопот за електронско палење задолжително треба да извршите нагодување на палењето.
6. Во изработениот мерач лед драјверот отпрвин работеше во линиски режим, а сите лед диоди беа еднобојни. Но само по неколку недели сопственикот на возилото се пожали дека сјајот на лед диодите му пречи при ноќно возење. Од двете можни решенија: уште поголемо намалување на сјајот на лед диодите или премин во точкаст режим на работа со зголемување на сјајот на лед диодите и двобојно покажување второто се покажа како пободро (барем за сопственикот на возилото) и поради тоа е предложено и во ЕМИТЕР. Моја грешка е што субјективното мислење на еден возач го понудив како решение за сите читатели на ЕМИТЕР. За среќа, како што и самите забележавте, измената може лесно да се изведе на самата плочка. Треба да се прекине водот кој ги поврзува изводите 9 и 11 на IC1, а од изводите 3, 9 и 11 да се извлечат жици за прекинувачот. На тој начин ќе го добиете спојот претставен на сликата со кој може да се врши избор на режимот на работа. Притоа внимавајте да не ја надминете максимално дозволената моќност на дисипација на лед драјваерот (види ЕМИТЕР 5/97 - „Лед драјвери LM 3914 и LM 3915).
Ни со голема модификација уредот нема да го приспособите да работи како VU метар ако не го замените лед драјверот со друг кој има скала со логаритамска поделба. Притоа најзгодно е да го употребите лед драјверот LM 3915 бидејќи има ист распоред на изводи но за разлика од LM 3914 отпорниците во напонскиот делител не се исти. Нивната вредност се менува по логаритамска зависност, поради што и лед скалата е со логаритамска поделба. Напонската разлика помеѓу две соседни диоди изнесува 3dB, што значи дека опсегот на целата скала е 30dB.
Б. Ќ., А. А. и Г. Е.
Здраво!
Јас сум ваш редовен читател и би сакал да ви честитам за успешната работа и да ви посакам повеќе успеси во иднина.
Имам еден проблем, па би сакал да ве замолам за помош. Сакам да конструирам звучници, па ми треба помош за пресметка на кутијата. Потребни ми се димензии на кутија за 12-инчен бас од 250 W, со бас-рефлекс и со една или две хорни.
Однапред ви благодарам, Ивица Јовановски од Скопје
Ви благодариме на честитките.
Најверојатно Вие од неодамна сте наш редовен читател, бидејќи она што го прашувате детално е објаснето во поранешните броеви на ЕМИТЕР. Ви препорачувам да ги прочитате текстовите: "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/95, "Бас-рефлекс звучни кутии: во ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98 и "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96. Во наведениве текстови ќе најдете сè што Ви е потребно за пресметки и конструирање на комплетна звучна кутија.
Колку за почеток, треба да знаете дека потребните димензии на кутијата воопшто не зависат од големината на бас-звучникот (не е важно дали е 12 инча или 4 инча), ниту од неговата моќност (не е важно дали е 250 W или 25 W). Димензиите на кутијата се одредуваат само преку Thiele-Small параметрите на самиот бас-звучник, исто како и видот на кутијата (бас-рефлекс или компресиона), а како тоа се прави е опишано во наведените броеви на ЕМИТЕР. Стручна помош можете да побарате во малите огласи во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Здраво почитувана редакцијо,
На почетокот да го изразам моето задоволство од ЕМИТЕР, кој со секој нов број станува сè подобар. Само така продолжете! Имам едно прашање во врска со дигиталниот волтметар (9/97), односно кога се мерат поголеми напони користејќи ја 2V-ната верзија. На слика 6 се дадени некои можни подрачја, но мене конкретно ме интересира како да се прошири подрачјето од 20V да мери напони до 35-40V, а притоа да користи децимална точка (отчитувањето на дисплејот да биде во форма, на пример 34,9V). Исто така, ме интересира која е функцијата на дисплејот D4 кај 2V-ната верзија и дали може да се изостави, бидејќи мислам дека е непотребен.
Однапред Ви благодарам и Ви посакувам се најдобро.
Здравко via e-mail
Мерењето на напонот поголем од 20V се постигнува според сл.6 при што преклопникот се поставува на подрачје 200V при што краткоспојникот за одбирање на точката се поставува помеѓу точките 1 и 2v со што се добива максимално покажување 199.9. Дисплејот D4 има функција да ја прикаже стотката (во овој случај) со покажување на напонот поголем од 100V. Ако имате потреба од мерење на напон помал од 100.0V (на пример кај некој лабораториски извор на DC напон) тогаш дисплејот D4 слободно можете да го изоставите.
Благој Ќупев
Здраво,
Дали се потребни преправки за ESR-метарот за да може да се користи UNIMER 7042 кој има скала до 300 mA, а не до 500 mA и дали може да се користи батерија од 9 V?
Поздрав, Ѕвонко Стаменков via e-mail
ESR метарот користи скала од 500 µA, а не од 500 mA! Ако Вашиот инструмент има најмало подрачје од 300 mA, тогаш преправки не се можни, а ако сте мислеле на 300 µA, тогаш доволно е да се зголемат вредностите на тример потенциометрите P1 и P2 на 1kΩ и 220 kΩ. Батерија од 9 V може да се користи ако напонот од 9 V го стабилизирате на 3 V со отпорник и зенер диода. Поедноставно е да се користи батерија од 3 V. Напојување од 9 V само непотребно ќе ја троши батеријата дисипирајќи дел од моќноста на отпорникот.
Петар Аврамовски
Почитувана редакцијо,
Веќе подолго време сакам да изработам звучници со активни филтри и тој проект многу ме израдува. Сакам да изработам звучници каде што басот ќе биде во една кутија, а среднотонецот и високотонецот во друга. Планирам за бас-звучник да употребам Eminence од 500 W, а за среднотонец и високотонец сè уште немам никаква идеја. Би ве замолил за совет или за еден таков проект. Парите воопшто не се проблем.
Однапред ви благодарам, Душко Јаневски, via e-mail
Ако парите не Ви се проблем, тогаш Ви ги препорачувам следниве компоненти:
Високотонец: Dynaudio Esotar M 560 D (цена за еден пар: 1.978 DM)
Среднотонец: AudioTechnology 4H521306 (цена за еден пар:1.178DM)
Бас: AudioTechnology 15E1022510 (цена за еден пар: 3.698DM)
Вкупна цена на звучничките единици за еден пар звучни кутии: 6.854DM.
Овие звучници можете да ги нарачате на следнава адреса: AUDIOPUR, Bergstr. 14, 76275 Ettlingen, Germany. На прикажаниве цени треба да се додаде поштарина, а на сето тоа данок и царина, така што на крај вкупната цена ќе биде скоро двојно повисока.
Нема никаква шанса јас сам или ние во ЕМИТЕР да вложиме толку многу пари (околу 13.000 герм. марки!) за овој проект, но ако Вие ги купите звучниците кои ги предложив, цврсто Ви ветувам дека јас бесплатно ќе ја проектирам целата звучна кутија и ќе ги направам сите потребни мерења со CLIO. Напоменувам дека звучниците што Ви ги препорачувам воопшто не се најскапите кои можат да се најдат на пазарот! Јас само одбрав многу квалитетни (и со соодветна цена) компоненти, но не и безобразно скапи (постојат високотонци со цена од 6.000 марки за еден пар !).
Владимир Филевски
Јас сум ваш редовен читател и искрено сум доста задоволен од вашата концепција и изведба на списанието.
Мислам дека имам проблем со мојот нов засилувач Kenwood KAF-3010, или можеби проблемот е во моите звучници HSR Ei Ниш, па ве молам за помош. Кога прв пат го приклучив засилувачот на HSR-ите, не бев нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот, а особено од јачината. На оптеретување малку повеќе од половина, средните тонови се пренагласени а ниските како да ги нема. Дали сум згрешил во изборот на засилувачот? Нејасно ми е која е моќноста на засилувачот, бидејќи во проспектот на засилувачот производителот декларира повеќе моќности:
DIN 1kHz: 70 W / 8Ω, 100 W / 4Ω
IEC/DIN 63 Hz to 12.5 kHz , 0.7 % THD: 65 W
EIAJ 1 kHz, 10 % THD: 90 W / 8Ω, 130 W / 4Ω
Damping factor: 42
Ако од овие карактеристики ја утврдите моќноста на засилувачот, препорачајте ми звучник што ќе одговара.
Однапред благодарам, Ѓорѓи Георгиевски via e-mail
Квалитетот на звукот на засилувачите и на звучниците нема ама баш никаква врска со тоа дали тие имаат моќност од 30 W или 300 W. Повеќе пати на страниците на ЕМИТЕР сум напишал дека воопшто не е важно колку W е моќноста на звучниците, бидејќи тие ќе свират без никакви проблеми на скоро кој било засилувач (освен ако засилувачот е двојно или тројно посилен – тогаш треба да се внимава). Повеќе проблеми произлегуваат од недоволно моќни засилувачи, отколку од премногу моќни. Слободно можете да ги заборавите Вашите грижи околу тоа колку W е моќноста на Kenwood KAF-3010. Со вашиот нов засилувач сè е во ред, а нему му одговара (скоро) кој било звучник. Единствено можеби треба да се внимава да се одберат звучници со поцврст бас, бидејќи дампинг факторот на Kenwood KAF-3010 е просечен.
Моќноста на засилувачите се декларира на одредена фреквенција (или опсег), при одреден процент на изобличување (THD). Изобличувањата кај засилувачите се најмали на средните фреквенции (околу 1 kHz), а растат накај високите фреквенции – затоа најчесто моќноста на засилувачите се декларира на 1 kHz (што не е фер). Моќноста според еден од DIN стандардите се мери при максимално изобличување од 1 % THD и тогаш се добиваат 70 W/8Ω и 100 W/4Ω. При поголем процент на изобличување, на пример 10 % THD, се добива најголема моќност, во овој случај 95 W/ 8Ω и 130 W / 4Ω, но толкаво изобличување не би можело да се нарече музика. При помал процент на изобличувања , земајќи го предвид целиот тонски опсег, моќноста што е на располагање ќе биде најмала: според стандардот IEC/DIN, во опсегот од 63 Hz до 12.5 kHz и при изобличување од 0.7 % THD се добиваат 65 W/8Ω и 100 W/4Ω, така што тоа е реалната моќност на Вашиот засилувач.
Тоа што не сте биле нешто посебно воодушевен од квалитетот на звукот на комбинацијата HSR + Kenwood сигурно се должи на широко распространетата бајка што сте ја чуле претходно, дека засилувачите имаат големо влијание врз звукот. Вистината е нешто поинаква: разликите во квалитетот на звукот меѓу засилувачите се многу помали од разликите во звукот меѓу звучниците. Вие веројатно сте ја споредувале разликата во звукот меѓу рисиверот HSR и засилувачот Kenwood, и како што и сами сте се увериле, разликата не е нешто од што ќе паднете долу. Сакајќи или не, Вие всушност сте го оценувале квалитетот на звукот на звучникот HSR, кој очигледно не Ве задоволува. Единствено решение е да купите поквалитетни звучници.
Меѓутоа, главниот проблем е во тоа што Вие всушност сакате прегласна музика. На страниците од ЕМИТЕР веќе сум ја опишал широко распространетата заблуда дека "со поставувањето на потенциометарот за јачина на звукот во средна положба ("петка") се добива половина од излезната моќност на засилувачот" – тоа не е точно! При таква положба на потенциометарот засилувачот најчесто е длабоко во клипинг. Пренагласените средни тонови кои сте ги чуле при "малку повеќе од половина оптеретување" се резултат на појава на клипинг кај засилувачот, односно терање на засилувачот да работи преку своите крајни граници. Ако при ова се слушаат изобличувања кај средните и високите тонови, тогаш скоро секогаш прегоруваат високотонците и среднотонците. Ако изобличувањата не се слушаат, а има само истакнување на средните тонови, односно недостаток на басови, тогаш тоа покажува дека електронската заштита од преоптеретување кај Вашиот засилувач засилувач одлично работи (можеби и премногу добро, т.е. претерано).
Едноставно речено, моќноста на засилувачот и особено ефикасноста на Вашите звучници не Ви се доволни. Најдобро решение е да купите звучници со многу висока ефикасност – поголема од 95 dB/1W/1m, а најдобро е да биде околу 100 dB/1W/1m (просечна ефикасност е околу 87dB/1W/1m). Нема никаква потреба од помоќни засилувачи, бидејќи засилувач од (на пример) 200 W/4Ω има многу повисока цена од Вашиот, а со тие 200 W ќе се добие звук посилен за само 3 dB. Многу поевтино и подобро решение е да се избере звучник со поголема ефикасност, односно осетливост (efficiency, sensitivity) – ви препорачувам да купите некој модел од Cerwin-Vega или некој модел од SM серијата на Infinity. Не прашувајте за моќноста на тие звучници, тоа воопшто не е важно! Гледајте го само податокот за ефикасност (dB/1w/1m) односно осетливост (dB/2,83V/1m), кој треба да биде што повисок. Пред да ги купите тие звучници, сепак прво треба да ги чуете како звучат!
На крај уште една препорака: при погласна музика тонските контроли за бас и високи тонови треба да бидат на "нула" (или во минус, по потреба). Ако Вашиот засилувач има копче за исклучување на тонските контроли ("source direct"), направете го тоа.
Владимир Филевски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.