Почитувана редакцијо,
Примете поздрави од мене и многу желби за успех во работата. Во изминатите 5 броеви навистина ЕМИТЕР се подобри (од моја гледна точка) со воведувањето на повеќе проекти и се надевам дека тоа темпо ќе го задржите и понатаму. Имам едно прашање во врска со проектот "Зујалка" од бројот 5/99. Уредот го изработив и навистина добро се пошегував со пријателите кои беа изненадени од тоа нешто. Ме интересира како може во уредот да се вгради фотоотпорник и така само под дејство на светлината да се вклучува односно исклучува. Таква можност имаше претходно објавениот "Тропкач" па ако имате решение за мојот проблем испратете ми го по e-mail. Списанието е супер, продолжете и понатаму така.
Поздрави од Љупчо Талевски од Битола.
Идејата за додавање на дел кој ќе го активира уредот кога во просторијата е светло е многу добра затоа што на овој начиин се постигнува поголем ефект. Ваквата функција се добива со помош на склопот кој се додава на веќе постоечкиот уред. Изведбата на овој склоп е дадена на сликата. Конфигурацијата на шемата е таква што зујалката ќе се активира на темно, а ќе се закочува на светло. Ако сакате да добиете обратна конфигурација т.е. зујалката да се закочува на темно, а да се активира на светло потребно е P1 да си го замени местото со R и LDR. Со помош на P1 се одредува осетливоста на светлосниот прекинувач. R се поставува во случај да употребите фотосензор кој има многу мала отпорност кога е осветлен. Вредноста на R се одредува по експериментален пат.
Благој Ќупев
Почитувани,
Вашето списание го читам периодично и делумно сум задоволен од содржините во него. Би сакал да ви напоменам на неколку работи со кои сметам дека би се подигнал квалитетот на списанието.
1. Кога бев ученик во УСО "Орце Николов" професорот Слободан Таневски имаше изработено една исклучителна скрипта за која мислам дека е мало ремек дело. Во неа на мошне убав начин беа објаснети сите делови во електрониката, типови на транзистори, распоред на изводите, ознаки, читање на вредноста на отпорнците според бои и.т.н. Но таа скрипта, ако не се лажам, се користеше само во учебната '86 и '85. Затоа мислам дека вашето списание треба ја издаде повторно но овој пат како книга која би требало да ја има секој почетник но и искусен електроничар. Со други зборови книгата би требало да се вика "Мала Библија по електроника"
2. Мислам дека е време во списанието да се воведат две рубрики. Првата би се однесувала на интернет и електрониката, во која би се објавувале најпознатите web сајтови за електроника и сè она што тие го нудат. Втората рубрика би се однесувала на програмите за проектирање на електронски плочки. Програмите за симулација на електронските кола имаат исклучителна способност да го анализираат колото пред тоа да биде направено. Со такви анализи секој што има компјутер би можел дома да ги анализира колата што ги објавувате. Со тоа би се избегнале грешките од типот "напишавме дека треба да биде колото 7446 а мислевме на 7900". При компјутерските анализи на плочките, конструкторите подобро би ја научиле суштината на работа на колото а не како сега кога во скоро сите случаи читателите се само склопувачи на колото. Го поздравувам вашиот напис за цртање шеми со Corel Draw, но според мене електроничарите не би требале да работат со Corel туку со некој специјализиран програм за таа намена. Затоа од вас очекувам да објавите напис и некое мало упатство за најдобриот програм (или програми) за таа намена.
3. Би сакал нешто да кажам и за проектите што ги објавувате. Во осумдесетите години хит беше аудио техниката. Тогаш главна фора беше да имаш сам изработено некој супер засилувач и со него да пушташ музика на локалните журки. Она што тогаш беа аудио уредите сега се компјутерите. Затоа дајте накоја шема или проект за некоја комјутерска картица. Незнам дали знаете дека во 1986 во списанието Свет Компјутера се појави проект за изработка на модем за Commodore 64. Зошто вие сега не објавите некој проект за изработка на модем, звучна картичка и слично за PC. Очекувам најмалку еден или два вакви проекти во секој нов број. Зошто уредите што ги објавувате не се поврзани со компјутер - на пример, аларм за куќа кој би се контролирал од компјутер и сите информации би можеле да се видат на неговиот монитор. Можностите се неограничени. Во списанието се објавува реклама за еден мал уред кој кога ќе се спои на компјутер тој се претвара во осцилоскоп. Осцилоскоп кој го немам, но би сакал да го направам.
4. Немате свој web сајт на интернет. Тоа под итно треба да го решите. Е слушам сега како велите "Би сакале ние но знаеш колку тоа чини, немаме пари...". Да, но постои бесплатно решение - појдете на сајтот www.come.to и таму сè е објаснето. Вашата бесплатна старница тогаш би се викала www.come.to/emiter.
И што да ви кажам за крај. Имам една стара 486-ка за која со нетрпение очекувам некој проект во ЕМИТЕР. Толку за сега. Се надевам дека моите предлози сериозно ќе ги разгледате. Со нетрпение го чекам вашиот следен број.
Поздрав од Tomy via e-mail.
Благодарам за пофалните зборови и за Вашиот интерес за ЕМИТЕР. Вашите предлози се интересни и се во согласност со размислувањата на редакцијата, но некои од нив во овој момент не можат да бидат реализирани барем не онака како што би требало.
1. Скриптата што ја спомнувате се користи и денес, а не само тогаш во учебната 1986-87 година. Во меѓувреме таа претрпе неколку измени и дополнувања така што денес збирно (за II, III и IV година) таа има повеќе од 600 страници. Меѓутоа некои делови од таа скрипта сè уште го немаат потребниот квалитет и обем (односно јас не сум задоволен од нив) за да бидат објавени во книга. Една таква книга - прирачник за електроничари треба да биде сеопфатна и многу студиозно подготвена, а за таков ангажман сега немам време, бидејќи јас сè уште работам како професор, а останатиот дел од денот ми го одземаат обврските околу издавањето на ЕМИТЕР. Затоа планирам да ја објавам во делови - секое поглавје кое може да претставува некоја посебна целина да биде објавено како посебна книга. Меѓутоа и за таков ангажман тешко наоѓам време. Еве веќе година и пол го преработувам и дополнувам поглавјето за електронските компоненти кое во продолженија излегува во ЕМИТЕР во склоп на серијата "Почетен курс по практична електоника". Планирам на крај, со уште едно дополнување и корекции, тоа да биде објавено во посебна книга, а потоа би следеле и другите делови.
2. Рубрика во која ќе се објавуваат информации за Web сајтови кои се во врска со електрониката ќе воведеме наскоро (одговорот е пишуван во месец мај, а ова веќе е реализирано почнувајќи од Е6/99). Предлогот за написи за компјутерските програми за електроника очигледно се должи на тоа што не го следите ЕМИТЕР редовно. Ако го следевте ќе знаевте дека веќе беа објавени три серии на написи за користење на програмите EAGLE (во 3 продолженија), TANGO (во 5 продолженија) и Protel for Windows (во 3 продолженија), а беа објавени и поединечни написи за програмите PSpice, Electronics Workbench, EDWin NC и др. Во ЕМИТЕР проверка на функционирањето на апликациите што не се практично изработени или се "сомнителни" ги вршиме во програмите Electronics Workbench, PSpice и Client 98, а шемите и плочките ги цртаме во најновиот PROTEL (CLIENT 98). Шемите потоа естетски ги доработуваме во Corel Draw. Грешките при цртањето и означувањето на елементите како и при чукањето на текстот не можат да се избегнат со ниту еден програм. Грешките можат да се намалат со поголемо внимание на авторите и редакцијата и ако имаме повеќе време и/или повеќе луѓе вклучени во подготовката. Во сегашниве услови во тој поглед имаме голем успех (малку грешки) и оваа констатација не е произволна туку се должи на тоа што имаме увид во многу странски списанија кои што ги подготвува голема професионална екипа.
Идејата за цртање шеми (а во иднина и ППК) во програмот Corel Draw се роди како резултат на тоа што многу соработници и читатели на ЕМИТЕР немаат компјутер. Од анкетата што ја спроведовме минатото лето заклучивме дека само 24% од читателите имаат сопствен компјутер, а 40% имаат пристап до компјутерот на работа, училиште или кај некои роднини или пријатели. Затоа е многу тешко некој што нема компјутер или пак нема доволно време да работи со него да научи да ги користи специјализираните програми за електроника као што е на пример Protel. Од друга страна со само неколку часови вежбање секој може да научи да црта во Corel така што понудените библиотеки овозможуваат и тие читатели и соработници лесно да дојдат до компјутерски цртеж на својата шема.
И ние сме забележале дека дел од читателитте само го склопуваат избраното коло без притоа да навлезат во анализа на неговата работа. Меѓутоа за таквиот пристап на некои читатели ЕМИТЕР воопшто не е одговорен бидејќи ние за секој проект нудиме и опширен опис на функционирањето на колото, со цел заинтересираните читатели да научат нешто повеќе за тоа коло, а не само како да го склопат. Таквата наша определба често пати била критикувана од читателите-склопувачи, но ние немаме намера од неа да отстапиме. ЕМИТЕР и понатаму ќе нуди опширна анализа на колата што ги прикажува на своите страници, а на читателите оставаме колку од тоа ќе прочитаат и научат.
3. Се сложувам дека почесто треба да објавуваме проекти за разни хардверски додатоци за компјутер односно за уреди кои ќе овозможат компјутерот да се искористи и за нешто друго, а не само за видео игри, сурфање по интернет или чукање на писма (како што повеќето луѓе го користат). За ова веќе сме дискутирале во Редакцијата па се надевам дека во иднина ќе има повеќе такви прокети и апликации. Сепак веднаш да напоменам дека тоа нема да бидат проекти за некои уреди кои се комерцијално достапни (модем, звучна картичка и сл.), бидејќи нивната цена е толку ниска што воопшто не се исплати нивна самоградба. Наша определба е да понудиме проекти и апликации за разни компјутерски додатоци кои ги нема на пазарот или пак нивната цена е висока (на пример аларм, контролер на светло или електрични машини, контролер на температура, влага и сл.).
4. Што се однесува до идејата ЕМИТЕР да има свој Web сајт за жал морам да кажам дека во догледно време таа нема да се реализира. Причини за ова има неколку, а финансиските средства се само една од нив. Впрочем не е проблем изработката на сајтот (бидејќи тоа можеме бесплатно да го добиеме, односно во компензација со некоја од нашите компјутерски фирми) туку неговото одржување. Тој сајт треба месечно да се храни со нови информации, за што треба дополнително да се ангажира оваа мала екипа што го подготвува ЕМИТЕР, а која е веќе преоптоварена. Други луѓе немаме и не можеме да ангажираме бидејќи за тоа повторно требаат пари. Дури и да ангажираме други луѓе дел од работите ќе останат на мене и техничкиот уредник, а како што веќе кажав за тоа немаме време и сили бидејќи редовните обврски за издавање на ЕМИТЕР не тераат да работиме во просек 28 денови месечно по 12 часови дневно. Од друга страна мал е бројот на наши читатели што имаат пристап до интернет (според анкетата од минатото лето само 5% од нашите читатели имаат пристап до интернет од својот компјутер, а 19% од компјутерот на работа или училиште). Затоа сметам дека во овој период не е неопходно и е тешко изводливо да имаме своја Web страница.
Во ситуација во која опстанокот на списанието е доведен во прашање (како резултат на случувањата во и околу Македонија), сметам дека сите сили треба да ги насочиме во обезбедување на натамошното излегување и квалитетот на ЕМИТЕР, а не да се расплинуваме со нови и не толку потребни активности.
Се надевам дека содржината на новиот број ќе ги задоволи Вашите интереси и дека во иднина редовно и со внимание ќе нè следите.
Слободан Таневски
Најнапред ви пожелувам уште многу години успешно излегување на списанието. ЕМИТЕР го читам уште од 1995 година и можам да кажам дека за овие услови е добро а цената е прифатлива. Кога одлучив да ви го напишам ова писмо повторно ги разгледав сите броеви и можам да кажам дека од број во број ЕМИТЕР е сè подобар и подобар. Добар дел од објавените проекти имам направено и сите ми проработеле без проблеми. Се разбира имам и неколку забелешки и предлози.
...Голем проблем ми претставува набавката на списанието бидејќи во Тетово пристигнува многу мала количина (според мои сознанија - само 5 примероци). Направете нешто околу овој проблем...
...Го поддржувам читателот Никола Иванов во врска со замерките за презаситеност на темата "звучници", но не го поддржувам за рекламите бидејќи тие се корисни како за списанието така и за нас читателите...
...Многу ми смета кога давате ветување а потоа не го исполнувате, како на пример со најавата дека ќе објавите шема на појак ФМ предавател. Ако нешто ветите тогаш тоа и остварете го...
...Треба да објавувате подобри проекти, како што беа на пример "Повеќеканална миксета", "3-канален light show", "Функциски генератор", "Професионален извор LPS-95" и други. Зошто не ги објавите проектите од смотрите на млади техничари? Зошто тој ентузијазам не се пласира до читателите?...
...Мислам дека бројот од три плочки што можат да се нарачаат со попуст од вашиот ППК сервис е многу мал. Би сакал тој да се зголеми на 5 со обврска да не биде помал од 3. Така многу би им се олеснила изработката на читателите...
Толку за сега од мене. Се надевам дека не ви одземав премногу време.
Голем поздрав од
Зоран Митрески од с. Брвеница, Тетово
Благодарам за честитките и за позитивните оценки за ЕМИТЕР. За повеќето работи кои ги коментирате веќе неколку пати сме пишувале во ЕМИТЕР, па затоа ќе одговорам само на некои работи од Вашето писмо.
За пласманот на ЕМИТЕР во Тетово:
Во Тетово, како и во сите градови, испраќаме за 20-40% повеќе примероци отколку што биле продадени во претходните месеци. Затоа секогаш се чудам кога некој читател ќе реагира дека ЕМИТЕР не може да го најде во својот град, а од друга страна нас како непродаден ни се враќа околу 30% од испратениот тираж. Дали читателите не проверуваат и во други трафики, дали продавачите не го изложуваат ЕМИТЕР и го чуваат во магацин не ми е јасно. За овој проблем повеќе пати сум реагирал кај нашиот дистрибутер (порано Тутун, а сега Пегаз Принт) и тие ме уверувале дека со дистрибуцијата е сè во ред поткрепувајќи го тоа со соодветна документација. Затоа Ве молам побарајте го ЕМИТЕР и во друга трафика. Инаку во Тетово последниве неколку месеци испраќаме по 30 примероци, а не како што велите само 5.
За "неисполнетите ветувања":
Повеќе пати сум кажал дека сите автори на написи во ЕМИТЕР се хонорарни соработници. Сите тие имаат и други (поголеми) обврски во животот (студирање, работа, фамилија...) и не живеат од хонорарот добиен од ЕМИТЕР. Поради овие причини се случува да не биде навреме реализиран или пак воопшто да не биде реализиран некој напис кој е претходно договорен. Знаејќи го ова ЕМИТЕР никогаш не ги најавува написите за следниот број (како што е вообичаена пракса во странските списанија), а ако некој напис го најавиме во одговорот на некое писмо тоа не го правиме во форма на ветување туку во форма на план кој може, но и не мора да биде реализиран. Таков е случајот и со проектот за ФМ предавател со поголема моќност.
За објавување на проектите од смотрите на млади техничари:
До сега не ни се јавил ниту еден учесник на тие смотри да ни го понуди својот проект за објавување во ЕМИТЕР. Од друга страна последниве 2-3 години добар дел од уредите прикажани на тие смотри се направени според проектите и апликациите објавени во ЕМИТЕР. Впрочем ЕМИТЕР последниве неколку години е спонзор на Градските (во Скопје) и Републичките смотри на млади техничари, како и на натпреварите на електро-машинските училишни центри во Македонија. На овие смотри и натпревари на сите учесници во дисциплините "електроника", "радиотехника", и "автоматика" редакцијата им доделува по еден примерок од списанието, а на тројцата првопласирани по еден укоричен комплет. Инаку ЕМИТЕР е отворен за соработка со секој што ќе понуди интересен и квалитетно подготвен напис што се вклопува во зацртаната концепција.
За попустот при порачка на ППК од ЕМИТЕР:
Цената на плочките и без попустот е ниска, а со попустот од 50% таа е пониска дури и од производната цена. За таа цена евентуално може да се набави само неизработена плочка со иста површина. Толку голем попуст се одлучивме да дадеме, и во тој поглед да одиме во загуба, со цел да ја стимулираме градбата на електронски уреди меѓу читателите од една страна, и да го намалиме фотокопирањето односно да ја зголемиме продажбата на списанието од друга страна. Во одредени случаи, зависно од нарачаните плочки, попустот може да биде поголем и од 300 денари, што навистина е многу, ако се земе во предвид дека тој попуст е "заработен" со купување на последниот број на ЕМИТЕР по цена од 100 денари. Зголемување на бројот на ППК што може да се добијат со попуст би предизвикало зголемување на загубите кои не можат да се покријат со продажбата на списанието. Делумно ова се случува и сега. Напоменувам дека ограничувањето од 3 плочки важи само за оние со попуст, додека пак без попуст секој читател може да нарача онолку плочки колку што сака.
За крај уште еднаш Ви се заблагодарувам за пофалбите и искажаните сугестии. Се надевам дека и во иднина ќе нè следите редовно.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Вашето списание многу ми се допаѓа, како и написите објавени во него. Мислам дека објавувате добри и корисни проекти, но некои не ги тестирате доволно. Имам правено доста ваши проекти, но кај некои од нив наидов на проблеми, па решив да ви се обратам со писмо во кое ќе ви поставам неколку прашања.
1. Контролерот за лемило кој го објавивте во бројот 11/98 никако да проработи. На почетокот го составив според шемата и тој воопшто не работеше. Потоа извршив промена на местата на пиновите од тријакот и овој пат работеше само визуелно. LED-от трепкаше кога лемилото беше во лежиште, а кога ќе го кренев светеше, но по мерењата што ги извршив со мултиметар утврдив дека лемилото константно се грее со напон од околу 200V. Дури по десетина минути откако лемилото ќе стои во лежиштето LED диодата престанува да свети без претходна звучна индикација од страна на piezzo звучникот кој постојано тивко зуи. Дали е грешка тоа што наместо тријак TIC 206D ставив TIC 226D.
Ве молам уште еднаш да ја испитате функционалноста на овој уред и да ми укажете на можни грешки.
2. Во бројот 12/97 објавивте текст под наслов "Сигурносни мерки при градба на електронски уреди". Сакам да ја изработам шемата прикажана на слика 3, но имам потешкотии при пресметувањето на воздушните калеми од 1mH. Ве молам да ми помогнете.
Однапред ви благодарам,
Ратко Додевски од с. Кадино
Благодариме за пофалните зборови за ЕМИТЕР и за Вашиот интерес за неговите содржини. Не радува тоа што сте изработиле повеќе уреди според нашите проекти и апликации, па во таа насока се надеваме дека овој одговор ќе ви помогне.
1. Контролерот за лемило, исто како и сите проекти и повеќето апликации што се објавени во ЕМИТЕР, е практично изработен и испитан така што не се сомневаме во неговата функционалност. Уште една контрола на објавената шема и нацрт за ППК ги отстрани и сомневањата дека има некоја грешка при нивната компјутерска обработка. Затоа да ги разгледаме можните причини поради кои уредот не ви функционира правилно.
Поради тоа што во почетокот уредот не работел, но проработил после промената на пиновите на тиристорот укажува на тоа дека користениот тријак не е пин компатибилен со TIC206D но тоа е во спротивност со каталошките податоци според кои TIC226D и TIC206D имаат ист распоред на изводите. Проблемот може да биде во тоа што на TIC226D му е потребна побуда на гејтот од 50mA што е 10 пати повеќе одколку кај TIC206D. Исто така проблемот може да биде и во евентуалната неисправност на тријакот или пак на некоја грешка на плочката (ладен лем, краток спој, прекинат вод...). Тоа што после промената на пиновите уредот "привидно" проработил значи дека контролната логика сега работи добро иако слабото зуење на пиезо зујалката укажува на недоволна струја за негова правилна побуда. Затоа најдобро е да се отстрани зујалката, да се провери уште еднаш плочката и да се проба повторно. При повторното вклучување, како што е опишано во текстот на проектот, треба да се провери каква е состојбата на напоните на базата на T2 за вклучена лед диода и исклучена. Ако овие напони се добри преостанува да се провери и најверојатно да се промени тријакот кој може да биде уништен. Исто така потребно е да се провери и транзисторот T2. Како што е напомнато за пиезо зујалка потребно е да се постави зујалка која е предвидена за ултра ниска струја на побуда, која може да се побудува и со малата струја која ја даваат CMOS колата. Ваквите пиезо зујалки имаат влезна отпорност поголема од 1MΩ.
2. Калемите за LC филтерот за мрежното напојување најдобро е да ги набавите готови. Освен на вредноста внимавајте и на тоа за која струја се предвидени бидејќи низ нив тече целата струја за напојување на уредот. Ако сепак се одлучите за самоградба Ве упатуваме дека формули и упатства за нивна пресметка можете да најдете во седмиот дел од серијата "Почетен курс по практична електроника" кој беше објавен во ЕМИТЕР 7-8/98. Спомнатите калеми можат да бидат воздушни и тоа повеќеслојни бидејќи вредноста од 1mH е тешко да се постигне со еднослоен калем. Ако сакате овие калеми да имаат помали димензии тогаш тие треба да бидат со феромагнетно јадро. Напоменуваме дека нивната вредност не е критична па тие можат да бидат и со два пати помала или поголема вредност од означената. Не заборавете да ја пресметате и потребната дебелина на жицата на основа на предвидената струја за напојување на уредот.
Благој Ќупев и Слободан Таневски
Здраво ЕМИТЕР,
Очекувам веќе во следниот број ЕМИТЕР да излезе заедно со брошурата која ја предлагате. Темите можат да бидат по примерот на текстот од Е4/99 "TDA 3566A PAL/NTSC декодер".
Имам неколку прашање до вас и се надевам дека ќе ми одговорите.
1. Дали високотонецот во свртницата за Mini Monitor 5.5 (Е6/97) треба да е обратно фазно поврзан, како што е во свртницата за Beauty 5.5 (Е11/96)?
2. Во проектот LC метар AP-LC1 (Е7-8/96) вградив транзистори BF 199, BF 224, 2SC 930 и 2SC 1359 и со нив успеав да го нагодам инструментот само на подрачјата од 10µF и 1µF. Во следните подрачја распонот за нагодување на тример потенциометрите не е доволен. Како да го решам проблемот?
3. Во текстот "ТВ и УКБ антени" дадено е дека зависно од односот на дијаметарот и должината на намотката на антената, зрачењето на хеликоидната антена може да биде радијално или аксијално. Освен цртежот на сл. 6 немате дадено некој конкретен израз за тој однос. Можете ли тоа подетално да го разјасните?
Потоа давате цртеж со основните параметри на оваа антена и израз за некој параметар "C" кој го нема на цртежот. Параметарот го сместувате во некои граници кои се бездимензионални броеви. Кој е тој параметар "C" и која е неговата димензија? Дали основата со димензија на страната A е рефлектор и од каков материјал се изработува?
Од какви материјали може да се изработи ваква антена, каде треба да се приклучи антенскиот кабел, и за крај, можете ли да дадете практичен пример за изработка на хеликоидна антена?
4. Можете ли да објавите некои податоци и шема на засилувач со интегралното коло TA 8220 или TA 8221?
Вашиот верен читател,
Благоја Јандрески од Гевгелија
Ви благодариме за Вашиот предлог во врска со содржината на брошурите што ги планираме како додаток на списанието. Вашиот предлог се совпаѓа со размислувањата на Редакцијата - имено планираме цела серија брошури под заедничко име (условно) "ЕМИТЕР каталог на електронски елементи". Секоја брошура ќе биде на една тема - диоди, транзистори, операциски засилувачи, TTL логички кола, CMOS логички кола итн. Планираме првата брошура да излезе на есен.
Еве ги одговорите на Вашите прашања:
1. Високотонецот во звучникот Mini Monitor 5.5 не треба да биде обратно поврзан како што е во звучникот Beauty 5.5, туку онака како што е прикажано во шемата на неговата свртница. Причина за ова е што филтрите за бас звучникот се различни така што и фазната разлика меѓу високотонецот и бас звучникот се разликува.
2. Можни причини поради кои не може да се нагоди LC метарот се:
а) Фреквенциите на поединачните осцилатори не се нагодени на нивните оптимални или не е запазен нивниот сооднос.
б) Недоволна брзина на прекинување на транзисторот T1, односно негово недоволно засилување. Овој тип на транзистор треба да биде брз прекинувачки. Оригиналниот во апликацијата е BF 199 (fT=550MHz). Транзисторите со кои сте експериментирале имаат транзитни фреквенции: 2SC930 (300MHz), 2SC1359 (250MHz), додека BF 244 претставува N-FET и не може да се искористи за оваа намена. Ако ставите BSX 20 (со брзина на прекинување 7/21nS односно транзитна фреквенција од 3GHz), сигурно дека нема да ги имате опишаните проблеми.
Обидете се со промена на вредностите на тримерите за подесување P6 и P7. Ако отклонот на индикаторскиот инструмент е помал, намалете го P6 на вредност од 100Ω и зголемете го P7 на вредност од 2k2. Сепак најдобро и најбрзо ќе го решите проблемот со ставање на транзистор со поголема брзина на прекинување, предложениот BSX 20.
в) Недоволна осетливост на индикаторскиот инструмент. Измерете дали неговата вистинска осетливост е 100µA или само така е декларирана од произведувачот.
г) Неисправноста на кондензаторот C7 кој може да го "шентира" инструментот поради својата зголемена "струја на истекување". Ставете тантал кондензатор.
д) Диодите D1 и D2 мораат да бидат германиумски, заради помалиот пад на напон во тек на спроведувањето. Проверете да не сте ставиле силициумски диоди.
ѓ) Други можни грешки и отстапувања од електричната шема и печатената плочка, како и промени во вредностите на поедини компоненти, надвор од наведените во ЕМИТЕР.
е) Ако поединечните осцилатори не сте во можност да ги доведете до фреквенции кои се идентични со декларираните, слободно можете да извршите промена на вредностите на тример потенциометрите P1-P5. За подобра регулација, во тек на нагодувањето, можете да ставите во серија со потенциометарот друг потенциометар со вредност до 1/3 од неговата номинална вредност. Откако ќе го завршите нагодувањето, можете да го отстраните и неговата вкупна вредност да ја замените со класичен непроменлив отпорник. Вака ќе имате подобра температурна стабилност.
ж) Зголемена отпорност и неквалитет за високи фреквенции на преодните контакти на Function и Range селекторот. Исчистете ги нивните контакти или заменете ги со поквалитетни.
з) Остатоци од паста на ППК - високите фреквенции не се љубители на "паста за лемење".
Ако немате успех со предложените совети, обидете се за решавање на проблемот да направите измени во следниве компоненти: Отпорникот R1 да се намали на вредност од 4k7 или пониска. Отпорникот R3 во серија со напојувањето да се намали до вредност од 820Ω. Повеќето од овие макотрпни проверки и замени би ги избегнале со набавка на фамозниот BSX20. Посебно внимание да се обрне на потеклото на IC1, CD 40106. Ако е од Philips, можете мирно да спиете. Може да биде и од друга реномирана фирма, само да не е со ознака испишана од страна на продавачот по желба на купувачот. Ах пусти Турци...
3. Конкретен израз за насоченоста на хеликоидната антена немаме, освен тоа дека аксијален дијаграм на насоченост (слика 6.б) се добива кога обемот на една навивка "C" е приближно еднаков на брановата должина за која е наменета антената. Ова објаснување за параметарот "C" е веќе дадено во посочениот текст, па само би додал дека е C=π•D. Спомнатиот интервал за C (0,8<C<1,2) се однесува за неговите димензии во однос на брановата должина, па поточно може да се напише како: 0,8λ<C<1,2λ. Основата со димензија A е рефлектор и може да се изработи од полн алуминиумски лим, перфориран лим или метална мрежа, а самата намотка на антената, ако е за UHF подрачјето, обично се изработува од алуминиумски цевки или прачки. Спојот на намотката со рефлекторот треба да биде преку изолационен материјал (на пример пластична цевка) и на тоа место се приклучува коаксијалниот кабел - централниот проводник на намотката, а оклопот (ширмот) на рефлекторот. Во еден од следните броеви планираме да објавиме напис со нацрти за самоградба на ваква антена.
4. Интегрираното коло TA 8220H од Toshiba е стерео аудио засилувач наменет за употреба во автомобилите со напон за напојување од 9 до 18V. Со напојување од 14,4V на секој канал дава излезна моќност од 30W при f=1kHz, RL=2Ω и THD=10%. Има низок излезен шум (типично 0,3mVRMS) и мали изобличувања на помала моќност (типично 0,04% на f=1kHz, Pout=1W и RL=4Ω). TA 8220 е интегрирано коло од новата генерација и има вградена stand-by функција, коло за детекција а краток спој на излезот и коло за детекција на клипинг, како и неколку заштитни кола: од преголема температура, преголем напон и краток спој помеѓу излезот и Ucc, излезот и GND и помеѓу двата излези. Повеќе податоци за ова ИК како и шема за негова примена планираме да објавиме во следниот број.
В.Ф., П.А. и С.Т.
Почитувана редакцијо,
Не би сакал да давам лични оценки за тоа што е добро, а што му фали на вашето списание, но мислам дека ЕМИТЕР е апсолутно потребен, а со време ќе се менува и прилагодува на актуелните потреби. Ги читам скоро сите ваши статии, а посебно "Операциона Сала". Во врска со последново, имам забелешка кон мајскиот број. Статијата е во ред, земајќи ги предвид деталите кои се изнесени, но мислам дека можеле да бидат внесени и конкретните вредности на елементите кои ја сочинуваат свртницата, и тоа како првичната, така и подобрената. Исто така можеле да бидат објавени и преклопните фреквенции, како и димензиите на кутиите. Ова го пишувам од причина што и јас имам направено home-made звучни кутии со Dynaudio драјвери, па подобрувањата се секогаш добродојдени.
Доколку не сте во состојба да ги објавите во ЕМИТЕР, би ви бил благодарен ако е можно да ги добијам по e-mail.
Поздрав,
Кочо Диковски via e-mail
Ме радува Вашиот интерес за рубриката "Операциона сала", која и е замислена како простор на кој ќе бидат анализирани (на конкретни примери) звучници, звучни кутии и разни аспекти од таа област. Од почетокот на оваа година рубриката "Операциона сала" е посветена на анализа на звучниците направени од читателите, со цел не само да се научи нешто ново, туку и да се направи една бесплатна услуга на хобистите за мерење на тие звучници. Нескромно потенцирам дека никој друг во светот не прави таква услуга бесплатно.
Рубриката "Операциона сала - Звучници од нашите читатели" е замислена да содржи само мерења и анализа на звучниците од нашите читатели и совети за нивно подобрување, но не и да вршиме нивна модификација. Модифицирањето на свртниците е веќе сосема друга приказна. Конструирањето или подобрувањето (модифицирањето) на одредена свртница, за да се добие максимално рамна амплитудно-фреквентна карактеристика бара напорен ангажман, многу време и употреба на скапа професионална опрема, така што тие услуги нормално ги вршам за одредена (скромна) сума на пари (за ова погледнете во малите огласи). Исто така уште на почетокот одлучивме единствено првите тројца читатели кои ќе се пријават во оваа рубрика, како награда да добијат и бесплатни модификации, кои се и објавени во ЕМИТЕР 1, 2 и 3/99.
Во рубриката "Операциона Сала" во ЕМИТЕР 5/99 беше анализиран звучникот кој нашиот читател, господинот Петрејчин, го изработил врз база на проектот SBI Selektor 100 објавен во хрватското списание SAM 11/88. На барање на господинот Петрејчин направив подобрување на свртницата, но бидејќи тоа е приватна работа (надвор од она што ЕМИТЕР го нуди во оваа рубрика), модификацијата не е детално објавена. Едноставно не би било фер тоа што некој го платил останатите да го добијат бесплатно.
Од Вашето писмо не е јасно дали и Вие сте ги изработиле звучниците SBI Selektor 100, или некој друг SBI проект, или сте направиле звучници со Dynaudio драјвери според сопствен проект. Ако сте ги направиле звучниците според сопствен проект и ако сакате да бидат анализирани во "Операциона Сала", донесете ги во Редакцијата на ЕМИТЕР. Ако сте ги изработиле според проектот SBI Selektor 100, тогаш сè би требало да Ви биде јасно. Свртницата за звучникот SBI Selektor 100 е објавена во SAM 11/88, страна 44, а оригиналните вредностите на елементите се: L1=3,5 mH; R1=6,8Ω; C1=47 µF; C2=16 µF; L2=0,4 mH; R2=4,6Ω; L3=0,25 mH; C3=25 µF; R3=2,4Ω; C4=4,7 µF (според ознаките во ЕМИТЕР 5/99, страна 29, слика 1). Преклопните фреквенции се 780 Hz и 2580 Hz. Меѓутоа, како што веќе напишав во ЕМИТЕР 5/99, со оваа свртница се добива нерамна фреквентна карактеристика, со премногу потиснати средни тонови, така што воопшто не ми е јасно како овој звучник беше испофален толку многу (за премалиот волумен и да не зборуваме). Господинот Петрејчин, кој на слух исто така ги забележал овие проблеми, после телефонскиот разговор со SBI конструкторот Горан Ивас го послушал неговиот совет од свртницата да ја исфрли комбинацијата R2, L3, C3. На тој начин звукот многу се подобрил во среднотонското подрачје, а истото тоа и јас го измерив. Со оваа делумно модифицирана свртница се добиваат поинакви преклопни фреквенции: 700 Hz и 4000 Hz. Новата, оптимизирана свртница која ја направив (слика 4, страна 30 во ЕМИТЕР 5/99) во потполност го искористува расположливиот опсег на среднотонецот, така што преклопната фреквенција во овој случај е спуштена на 600 Hz.
Сите димензии за кутијата на SBI Selektor 100 се дадени на страна 43 во SAM 11/88. Напоменувам дека таа кутија има премногу мал волумен според мое мислење, а и според мислењето на господинот Петрејчин - кој направил поголема кутија со волумен од 140 литри (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 5/99). За тоновите под 300 Hz не се важни димензиите на кутијата, туку е важен само волуменот. За останатите тонови важност има само ширината на предната плоча, која кај SBI Selektor 100 изнесува 350 mm. За високите тонови извесно влијание има и растојанието на високотонецот од горниот раб на плочата.
Владимир Филевски
Во своите две писма нашиот читател Ратко Додевски од скопско Кадино Село помеѓу другото пишува:
Почитувана редакцијо,
Прво сакам да ви се заблагодарам што ми одговоривте на моето претходно писмо и што ги разрешивте моите проблеми. Исто така сакам и да ви честитам за досегашната успешна работа и да Ви посакам уште многу успешни години. Вашето списание го следам редовно од број 11/97 и можам да кажам дека навистина ме задоволува и се каам што не сум го купувал од првиот број, па затоа почнав и да купувам некои стари броеви Се надевам дека нема да ви бидам досаден, а вам нема да ви биде тешко да ми одговорите уште на неколку прашања бидејќи вие ми претставувате единствена врска со електрониката и немам на кого да му се обратам освен вам.
1. Дали во телефонската секретарка објавена во број 12/96 наместо дигитален мемориски модул може да се употреби уште еден касетофон соодветно поврзан?
2. Како може да се прошири капацитетот на бројачот на телефонски јавувања од 9 на 99 или пак на повеќе?
3. Во која од скопските продавници може да се набави дигиталниот мемориски модул DIGI-MEMO и по која цена?
4. Колку верна замена е BT 136 за KT 207 бидејќи во продавниците слушам дека тој веќе не се произведува и секаде ми го нудат BT 136.
5. На мене, а и на многу мои пријатели ни се допадна апликацијата за ултразвучен аларм објавена во ЕМИТЕР 3/99, но бидејќи ние сме почетници би сакале да објавите проект на овој уред.
6. Каде можат да се набават пиезо претворувачите за овој аларм и по која цена?
7. Имам идеја за еден проект, но не можам да ја реализирам поради недостиг на знаења. Можеби вие ќе успеете. Станува збор за уред кој ќе ни овозможи да го палиме и гасиме светлото во собата со помош на далечинскиот управувач од телевизор, видео или Hi-Fi систем. Ваков уред поседува еден мој пријател кој го набавил од еден негов пријател, кој пак ваквите уреди ги произведува, па затоа не сака да објави проект за него.
8. Убаво би било и да објавите проект на пригушувач на светлина, односно со вртење на потенциометар да можеме да ја менуваме јачината на собната светилка.
9. Во апликацијата "Тивок аларм" пишува дека се користи тиристор KT 207/400, кој и на шемата е означен како тристор, што е неточно бидејќи KT 207 е тријак. Јас мислам дека употребата на KT 207 е исправна но дека настанала некаква забуна и тој е наречен и означен како тиристор.
10. Кога сме веќе кај тријаците ме интересира која е нивната вистинска ознака и распоред бидејќи ги среќавам со различни ознаки. Ме интересира која е вистинската ознака и која конкретно е икористена во "Акустичен прекинувач" од Е4/98 за кој што веќе ви поставив прашања во моето претходно писмо.
За сега толку од мене но очекувајте ме повторно наскоро. Однапред ви упатувам благодарност, извинување и молба за што побрзо да ми одговорите.
Ви благодариме за пофалните зборови и упатените желби. Еве накратко одговор на Вашите прашања.
1. Одговорот е ДА, може. За таа намена потребен е касетофон со "бескрајна лента". На ваква лента со времетраење од дваесетина секунди, претходно се снима пораката која сакаме да му ја пренесеме на соговорникот, а потоа со доаѓањето на повикувачкиот сигнал, касетофонот се активира и ја отчитува снимената порака. Потребна е дополнителна електронска автоматика која по дваесетина секунди би ја прекинала работата на касетофонот за репродукција. Оваа автоматика би се активирала со активирањето на постоечкиот релеј, а временски би била лимитирана со времетраењето на бескрајната лента.
Немањето на ваква бескрајна лента ја отежнува изградбата. Во тој случај е потребно на класична лента последователно да се снимат повеќе пораки, со мало временско растојание меѓу нив. Посебен тајмер би го вклучувал касетофонот секој пат кога ќе се активира релејот активиран од T2 (BC 141), а би го исклучувал после временски интервал од десетина до дваесет секунди, т.е. онолку колку што трае должината на снимената порака. Паузата помеѓу снимените секвенци е одредена од прецизноста на тајмерот кој го вклучува касетофонот за репродукција, т.е. од времетраењето на квазистабилната состојба на моностабилот. Ако постојат варијации во времетраењето од на пр. 1sek, паузата помеѓу секвенците треба да биде поголема, неколку секунди. Наместо со два касетофони, еден за снимање и еден за репродукција, можна е варијанта со еден касетофон со "auto reverse глава" од кој едниот дел од главата се става во мод на снимање, а другиот во мод на репродукција. Касетофонот за репродукција, за отчитување на излезните пораки се активира со контаките P2 од релејот (види шема во Е12/96). Потребна е електроника која би го исклучила после еден одреден интервал. Сепак, заради поедноставност Ве советувам да го набавите дигиталниот модул.
2. Капацитетот на бројачот за телефонски јавувања може по желба да се прошири. Троцифрена индикација, сосема доволна за 999 јавувања, се постигнува со шема идентичната на дадената во проектот "Бројач на телефонските импулси" во ЕМИТЕР 1/99. Тригерирање на бројачот се врши на пин 14 од колото IC2 7490 (во шемата по грешка означен како 7447), од точката C, а во намената за бројач на телефонските јавувања, тригер импулс се зема од R11. Бројот на цифри може да се проширува до бескрај. Доволно е да се земе тригер импулс од претходната цифра (единици) од пин 11 (QD) на бројачот 7490 и со него да се тригерира колото за наредната цифра (десетки, стотки и.т.н.) на соодветниот бројач 7490 за десетки, стотки... и тоа на пин 14, односно на влезот за тригерирање.
3. Ние не го знаеме целосниот асортиман на домашните продавници за електронски материјали и немаме време да се јавуваме кај сите нив за да прашаме нешто што го интересира некој читател. Впрочем за да бидат достапни до читателите продавниците ги објавуваат своите реклами во ЕМИТЕР и за тоа плаќаат. Затоа слободно јавете се кај нив и прашајте што Ве интересира. Инаку Дигитални модули за снимање на синтетизиран говор можете да најдете и во некој вид на детски играчки кои го снимаат и повторуваат снимениот говор од децата (на пр. папагал, мече кое зборува...).
4. BT136 е понов тип на тријак предвиден за напони до 500V и струја до 4A. BT136 е добра замена за KT207, кој навистина повеќе не се произведува.
5. Она што е веќе објавено во ЕМИТЕР како апликација нема смисол повторно да биде објавено како проект. Уредот не е многу сложен, па пробајте да го реализирате со помош на некој поискусен електроничар.
6. Важи истиот одговор како под 3, со напомена дека вакви претворувачи има во скоро сите продавници за електронски материјали, како и во фирмите што произведуваат и монтираат алармна опрема (Zo & Co, Никаларм...).
7. И нас ни се познати некои електроничари што љубоморно го чуваат своето знаење и шемите кои ги имаат. Меѓутоа ЕМИТЕР овозможи голем дел од таквите "строго чувани шеми" да дојдат до сите заинтересирани. Таков е случајот и со уредот што го спомнувате - конструкција на еден далечински контролер на светло со помош на телекомандер од телевизор е објавена во бројот 9/96.
8. Класичен регулатор на светло (димер) објавивме уште во првиот број на ЕМИТЕР (1/95).
9. Правилна е забелешката дека во апликацијата "Тивок аларм", номинираната компонента претставува тријак, што сепак не ја менува нејзината улога во електричното коло.
10. Вистинската ознака на тријакот е прикажана на слика 1. Тријакот претставува управуван полупроводнички прекинувач на наизменични струи кој се доведува во состојба на проводност со помош на сигнали со мала моќност. Во принцип, може успешно да се замени со два антипаралелно врзани тиристори. За разлика од тиристорот, тријакот проведува во две насоки и може да се побудува со било кој поларитет на сигналот на управувачката електрода (G). Усвоено правило е поларитетот на побудниот импулс (на приклучокот G) да се смета секогаш во однос на приклучокот A1 кој одговара на K на тиристорот. Нешто повеќе за тиристорите и тријаците ќе има во следните написи од серијата "Почетен курс по практична електроника".
Оваа прилика ќе ја искористам да ви препорачам (и Вам и на сите читатели) во иднина кога ќе ни пишувате да се ограничете само на едно-две прашања, со цел одговорот да биде побрзо подготвен. Имајте на ум дека на различни прашања одговараат различни соработници, па ако има многу прашања одговорот може многу да доцни, како на пример во овој случај.
Петар Аврамовски, Коста Карпузовски и Слободан Таневски
Почитувана Редакцијо,
ЕМИТЕР го купувам од првиот број и доста сум задоволен од неговите содржини. Нема да ви одземам многу простор затоа веднаш ќе го презентирам мојот предлог.
Многу ми пречи кога го "уништувам" списанието сечејќи ги сликите со изгледот на ППК, а претходно морам да ја фотокопирам претходната страница. Затоа ве молам во иднина позадината од сликата на ППК да биде бела (без слика или печатен текст), како што е на пример во списанието SAM. Мислам дека ова нема да ви претставува посебен технички проблем со што ЕМИТЕР ќа биде во светскиот тренд, ќе ни ја олесни изработката на печатените кола и ќе овозможи истиот да го сочуваме во неговата целовитост.
За крај - една молба: Потребна ми е ППК од изворот API-1 од Е7-8/96, па затоа ве молам за телефонскиот број на авторот, г-динот Петар Аврамовски.
Со почит,
Љубомир Тодоров од Скопје
Ви благодарам за пофалните зборови за ЕМИТЕР.
Навистина не можам да разберам зошто мора да го сечете цртежот на ППК од ЕМИТЕР а да чувате фотокопија од страницата што ја сечете. Зошто не направите обратно - фотокопирајте го цртежот на ППК па од таа фотокопија пренесете го на пертинаксот. Ако работите на овој начин ЕМИТЕР-от ќе Ви остане неоштетен. Од друга страна цртежот на ППК со помош на индиго можете да го пренесете на пертинаксот директно од ЕМИТЕР, без да го сечете листот и без да предизвикате негово значајно оштетување. Според тоа не гледам некоја посебна причина во иднина цртежите на ППК да ги објавуваме на лист кој од другата страна ќе биде чист (бел). Така само би загубиле 0,5 од 2 страници (зависно од бројот и големината на плочките во тој број на ЕМИТЕР) што не е за занемарување - нели е подобро тој простор да биде пополнет со некој напис.
Навистина во некои списанија цртежите на ППК се објавуваат на посебен лист кој од друга страна е бел со намера на читателите да им се олесни изработката на ППК со фото или сито постапка. Имено постои еден специјален спреј со кој ако се испрска листот тој станува проѕирен како паус хартија па така може да послужи како "филм" за изработка на ППК со фото или сито постапка. Меѓутоа таквиот спреј е скап и главно го нема кај нас, а за тој успешно да може да ја изврши својата функција потребно е листот да биде од друг тип хартија која се разбира е поскапа.
Кога сè ова ќе се земе во предвид јасно е зошто Вашиот предлог, барем во догледно време, нема потреба и не може да биде реализиран.
Во врска со Вашата молба можам да кажам дека г-нот П. Аврамовски не се занимава со производство и продажба на ППК за изворот API-1 од Е7-8/96. Исто така правило во ЕМИТЕР е да не ги даваме адресите и телефонските броеви на нашите соработници, а комуникацијата меѓу читателите и соработниците да оди преку Редакцијата. За ваква одлука има три причини: да обезбедиме стручни одговори на поставените прашања (а тоа не може да се добие во неколкуминутен телефонски разговор), да ја зачуваме приватноста на нашите соработници, и да овозможиме прашањата и одговорите во врска со написите во ЕМИТЕР да бидат достапни и за другите заинтересирани читатели. Затоа ако имате некое прашање во врска со спомнатиот напис слободно испратете го до Редакцијата (преку класично писмо или e-mail). Штом нашиот соработник ќе го подготви својот одговор ние веднаш ќе Ви ги испратиме, а ако заклучиме дека тоа е интересно и за други читатели ќе го објавиме и во ЕМИТЕР. Се надевам дека ја разбирате потребата за ваков начин на комуникација со нашите соработници (впрочем така работат скоро сите списанија) и дека нема да Ви биде проблем да се прилагодите на него.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо
Редовно го читам ЕМИТЕР, и задоволен сум што во него можат да се најдат интересни работи од разни области на електрониката. Имам изработено доста од вашите проекти и од нив сум многу задоволен. Сакам да ве замолам, ако сте во можност, да дадете електрични карактеристики за TDA 2050 и подетално објаснување и скица за трансформаторот со феритно лончесто јадро за дигиталното тиристорско палење од Е5/99.
Со срдечен поздрав,
Славко Стојковски од Скопје
Благодариме за пофалните зборови и Ви посакуваме уште многу успешно изработени проекти.
1. Интегралното коло TDA2050 претставува монолитен интегриран аудио засилувач во АВ класа кој на излез може да испорача максимална моќност од 50W. Главни карактеристики на овој аудио засилувач се: висок напон на напојување, многу мало изобличување, заштита од краток спој (кон масата), температурна заштита со исклучување и можност за работа со симетрично или еднострано напојување. Основни карактеристики на TDA2050 се: Ucc = ±4,5 до ±25V; Iccmax =5A; PRMS = 28W/4Ω (THD= 0,5%, Ucc= ±18V); PRMS = 25W/8Ω (THD= 0,5%, Ucc= ±22V); PMUSIC = 50W (RL= 4Ω, Ucc= ±22V, THD= 10%); SR = 8V/µs и Rin=500kΩ (min). Нешто повеќе за ова ИК и шема за негово поврзување планираме да дадеме во следниот број.
2. На слика 1 е прикажано расклопено феритно лонче. Во самото лонче се наоѓа макара на која се мота лакираната жица. Двете капачиња кои го претставуваат феритното лонче се поврзани со помош на навртка и матица. Макарата (сл. 2) може да биде дворедна или единечна. Без оглед на тоа каква е макарата земаме лакирана бакарна жица (CuL) со пречник 0,3 mm и го мотаме секундарот кој има 520 навивки. После тоа го мотаме примарот, со CuL-жица со пречник од 0,6 mm, двапати по 16 навивки. Доколку макарата е дворедна примарот го мотаме во другата преграда. При мотањето на примарот мораме да водиме сметка крајот од првата намотка од 16 навивки да го споиме со почетокот на втората намотка со исто така 16 навивки, и тоа е средниот извод (2). Секогаш намотувајте ги навивките во една насока, како би се запазила фазата. На пример во иста насока со стрелките на часовникот. Кога ќе се вметне макарата помеѓу двете капачиња на феритното лонче, изводите се провираат низ затоа наменетиот засек (сл. 3) како не би дошло до механичко оштетување на истите.
Благој Ќупев и Михајло Дуноски
Читателот Љупчо Талевски од Битола во своите чести обраќања до редакцијата (преку писма или e-mail) помеѓу другото пишува:
Здраво,
Ви се јавувам повторно, овој пат со прашање за безжичното лајт шоу објавено во ЕМИТЕР 3 или 4 оваа, 1999 г. (сигурно знаете за кој број станува збор). Тој проект го имам изработено по трет пат но никако да проработи. Го изработи и мојот другар за матура, но и тоа беше без успех. Сите три пати му ставав нови купени делови но никако и никако да проработи. Сите велат дека нешто не е во ред со шемата затоа што и искусни електроничари не можеа да го направат да проработи. Па ве молам, проверете да не има некоја грешка во ППК или шемата?
Имам и една примедба во врска со тајмерот од Е7-8/99. Имено лизгачот на потенциометарот P1, на плочката, е погрешно поврзан. Тој е врзан на спротивниот крај на потенциометарот од оној што е означен на шемата. Заради тоа кога P1 се врти во лево, се добива максимално време, а треба обратно.
Проектот за безжичен light-show е објавен во ЕМИТЕР 4/99 и како и сите наши проекти и тој е претходно изработен а текстот и цртежите неколку пати се проверени пред да се најдат на страниците на ЕМИТЕР. Поттикнати од Вашето прашање направивме уште една проверка и можам да кажам дека ниту во електричната шема ниту во решението на ППК нема никаква грешка. Впрочем овој уред успешно го изработиле многу читатели и ученици од електро-техничките училишта во Скопје и скоро сите проработеле "од прва". Затоа би Ви препорачал внимателно да го прочитате целиот текст и детално да го проверите целиот уред. Особено треба да се внимава на правилното поврзување на микрофонската капсула. На ова место сакам да нагласам дека во секој број на ЕМИТЕР во рубриката ИНФО оди текстот под наслов "Информации и упатства за конструкторите", каде на многу убав начин се објаснети постапките за успешно реализирање на еден проект.
Навистина не можам да разберам зошто три пати сте морале да ги купувате истите делови! Ако уредот што сте го направиле не работи, тогаш треба да се потрудите да ја најдете причината зошто не работи и со тоа да стекнете нови знаења и драгоцено искуство. Доколку постојано ја повторувате истата грешка нема да Ви бидат доволни сите делови што ги имаат продавниците.
Што се однесува до забелешката дека "нешто не е во ред со шемата затоа што и искусни електроничари не можеа да го направат да проработи" сама по себе е неодржлива. Имено, ако шемата има грешка, тогаш "искусните електроничари" многу лесно би требало да ја пронајдат. Во спротивно нивното искуство и знаење во најмала рака е доведено под знак на прашање.
Вашата забелешка во врска со Тајмерот од Е7-8/99 е само делумно исправна. Имено лизгачот на потенциометарот, на плочката е правилно поврзан, а обратно е поврзан на шемата. Меѓутоа кога потенциометарот е поврзан како реостат (како во овој случај) тоа и не е толку важно освен кога потенциометарот се леми директно на плочката со печатено коло. Тогаш, како што и Вие забележувате, насоката на регулацијата ќе биде обратна, но како што кажав, кај тајмерот тоа не е случај. Кога потенциометарот не е предвиден за директна монтажа на ППК (како што е кај овој уред) тогаш насоката на регулацијата може да се избере по желба, според сопствен вкус или соодветна потреба, со едноставна замена на проводниците од крајните изводи на потенциометарот.
Дејан Трпески и Коста Карпузовски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.