Нашиот читател господинот Гаврило Јовановски повторно ни испрати писмо, во кое реагира на одговорите што беа дадени на неговото претходно писмо, објавено во рубриката Писма во ЕМИТЕР 9/98:
Здраво господине Филевски,
Ветивте шема за засилувач со електронски цевки, а јас предложив моќноста да биде од 50W до 1kW. Напишавте дека тоа е претерано, но не знам што толку се зафативте за оние 1kW. Засилувачот може да биде и од 2kW, а на што ќе го приклучам – тоа е мој проблем, може и на слушалки.
Велите дека се тешки за намотување излезните трансформатори, кои имаат дури и по 20 секции. Погледнете во книгата "Инструменти за ВИС" од Јосип Клобучар и во некои стари броеви на "Радио Аматер" : никаде нема трансформатор со толку многу секции – сите се со 2 до 4 секции примар и 1 до 2 секции секундар.
За A1 и A2 класа на работа на електронски цевки не е така – погледнете во "Радио Аматер" од 1951 за сите класи.
Поздрав,
Јовановски Гаврило
од Тетово
Вашето писмо го објавуваме скусено и лекторирано со цел да биде појасно, исто како и претходното Ваше писмо објавено во ЕМИТЕР 9/98. Причината за тоа, пред сè, се некои нејасни делови во Вашите писма, кои се обидов правилно да ги протолкувам. Судејќи според сегашното Ваше тврдење дека "За A1 и A2 класа не е така..." претпоставувам дека претходно не Ви биле јасни разликите меѓу A, AB и B класите на работа на засилувачите на моќност.
Во општ случај, класата на работа (A, AB или B) се одбира со големината на преднапонот на управувачката решетка и со големината на напонот на напојување (при дадено оптоварување). Со погодно избрана големина на напонот на напојување, во рамките на A класата можни се две класи на работа: A1 и A2. Во тој случај, како што веќе Ви одговорив, класата A1 се добива со негативен еднонасочен преднапон меѓу решетката и катодата, а класата A2 со позитивен преднапон. Оваа дефиниција е утврдена пред 70 години и поинаку не може да биде. Не знам што е напишано во "Радио Аматер" од 1951 година (ги немам тие броеви), но убеден сум дека истата дефиниција и таму стои.
Излезните трансформатори кои ги посочувате како пример, не се наменети за Hi-Fi засилувачи, туку се наменети за засилувачи за Вокално-Инструментални Состави (ВИС), како што кажува и самиот наслов на книгата од Јосип Клобучар. Во одговорот на Вашето претходно писмо веќе напишав дека ваквите излезни трансформатори (од гитарски засилувачи) не се доволно добри за еден Hi-Fi засилувач. Излезен трансформатор кој има само 2 секции во примарот и 1 во секундарот не е дораснат за Hi-Fi репродуција. Квалитетните Hi-Fi излезни трансформатори мораат да имаат повеќе од 6 секции, а следниов пример ќе го докаже тоа: во книгата "Инструменти за ВИС" (V издание, 1983 год.) авторот Јосип Клобучар презентира шеми на 10 засилувачи со електронски цевки, од кои само еден е деклариран како Hi-Fi засилувач. Нормално, само тој засилувач има излезен трансформатор со доволен број на секции: 4 на примар и 6 на секундар - вкупно 10 секции !
На што ќе приклучите засилувач од 2kW навистина е само Ваш проблем, кој нема да го решите со употреба на слушалки. Вториот Ваш проблем е во тоа што нема да најдете шема за засилувач со електронски цевки со моќност од 2kW, бидејќи такво нешто не постои, ниту било направено некогаш. Третиот проблем е што ниту јас, ниту останатите од редакцијата на ЕМИТЕР не располагаме со шема на "лампашки" засилувач од 1kW. Меѓутоа, ако добро ме служи помнењето, мислам дека во некое од изданијата на книгата "Инструменти за ВИС" треба да има шема на таков засилувач од 1kW, па Ве упатувам да се обидете да го најдете тоа издание.
Често се случува читателите во своите писма до ЕМИТЕР да ни бараат разни шеми, па затоа би кажал неколку збора за уредувачката политика на ЕМИТЕР, а исто така и за постојаните соработници кои се автори на најголемиот број на текстови. Наша определба е во ЕМИТЕР да се објавуваат проверени проекти и шеми, кои ќе бидат интересни, практични и релативно лесно остварливи за поширок круг на читатели. Засилувач со електронски цевки со моќност од 1kW и со тежина од 150kg дефинитивно не е практичен, ниту лесно остварлив. Слична е ситуацијата и со "лампашки" засилувач од 100 W. Секако дека ни се важни желбите на читателите и ние се обидуваме да ги исполниме, но сепак не можеме да ги исполниме сите желби. Треба да се има разбирање за редакцискиот колегиум и за соработниците на ЕМИТЕР: никој од нас не е вработен во ЕМИТЕР и не добива плата од таму, туку само скромен хонорар за објавените текстови. Текстовите и проектите во ЕМИТЕР ги подготвуваме од задоволство и хоби, во слободното време. Секој од нас има важни обврски (студирање или работа...), па затоа скоро се невозможни дополнителни ангажирања, како што е изнаоѓање на разновидни шеми, или решенија на некои специфични проблеми. Досега пристигнатите писма и резултатите од анкетата ни укажуваат дека постои зголемен интерес за засилувачи со електронски цевки, па затоа ќе се обидеме да направиме нешто на таа тема.
Подготвувам еден проект за "лампашки" бафер засилувач, кој се надевам дека ќе биде готов за следниот број на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Здраво!
Се викам Ајдар Абазовски и веднаш по запознавањето со вашето прекрасно списание решив да ви напишам едно писмо со кое сакам да ве пофалам бидејќи навистина многу ми се допаѓа.
Инаку учам во ЕМУЦ "Св. Наум Охридски" во Охрид во II година (автоматика и сметачка техника). Бидејќи сум почетник би ве замолил да ми кажете нешто повеќе во врска со конструирањето и напојувањето на ТВ UHF предзасилувачот од бројот 9/98.
Ајдар Абазовски од Струга
Благодарам за пофалбите и за Вашиот интерес за ЕМИТЕР. Ме радува што стекнавме уште еден читател и се надевам дека ЕМИТЕР во иднина ќе Ви биде редовен придружник во Вашето образование и работа во електрониката и автоматиката. Верувајте колку што тоа е во наша, уште повеќе е во Ваша полза бидејќи за да станете квалитетен стручњак во електрониката и автоматиката основните знаења што ќе ги стекнете во училиште ќе мора да ги надградите со уште многу теоретски и практични знаења и вештини. Затоа читајте го ЕМИТЕР и колку што Ви дозволуваат можностите читајте и други книги и списанија од областа на електрониката и автоматиката.
Што се однесува до желбата да го изградите ТВ UHF предзасилувачот и барањето на поопширни упатства за тоа морам да Ве предупредам дека секоја градба на електронски уред е поврзана со одредени ризици кои се толку помали колку што имате поголеми знаења од таа област. Градба на еден високофреквентен уред, каков што е спомнатиот предзасилувач, е посебно проблематична и за поискусни електроничари бидејќи на работата на таков уред влијаат многу фактори од кои добар дел не можат да бидат предвидени, а со тоа и објаснети однапред. Некои подетални упатства за градба на ТВ UHF предзасилувачот во овој момент не би можел да Ви понудам бидејќи тоа би требало да биде многу опширен напис за чија подготовка е потребно многу време. Ве упатувам внимателно да го проучите написот за предзасилувачот и упатставата за конструкторите (на стр. 4), а кон тоа ги додавам и следните забелешки:
- Сите кондензатори треба да бидат керамички (зошто - видете во ЕМИТЕР бр. 6/98, стр. 33-37),
- Внимателно изработете ги калемите бидејќи и навидум мали отстапувања можат да предизвикаат големи проблеми во работата,
- Елементите лемете ги што пониско на плочката за да немаат долги изводи бидејќи тие внесуваат дополнителна капацитивност и индуктивност кои, иако се мали, на вака високи фреквенции можат да имаат големо влијание,
- За напојување користете стабилизиран извор на напон (за конструкција на едноставни, а квалитетни стабилизирани извори на напон видете во Е5-6/96).
Не знам дали ова ќе Ви биде доволно бидејќи според Вашето писмо претпоставувам дека имате скромни теоретски и практични знаења од електрониката. Затоа Ви препорачувам да го следите нашиот "Почетен курс по практична електроника" и да се испробате прво во градба на некој поедноставен нискофреквентен уред и тоа со помош на некој Ваш професор или поискусен другар.
Слободан Таневски
Здраво ЕМИТЕР !
Поздрав до редакцијата и до сите теоретичари и практичари - читатели на ЕМИТЕР.
Имам една идеја и неколку прашања, што мислам дека се интересни.
1. Повторно за "појачалата": напишавте дека Bob Carver за засилувачот Sunfire конструирал систем за напојување, кој дава таман толкав напон, колкав им е потребен на излезните транзистори. Имам една идеја. Досега со потенциометар го менувавме нивото на влезниот сигнал, а со тоа и на излезниот. Наместо тоа, дали може излезниот сигнал (излезната моќност) на засилувачот да се регулира со потенциометар кој ќе го менува напонот на напојување на излезните транзистори?
2. Доколку некоја фирма се заинтересира за масовно производство на некој уред кој е објавен во ЕМИТЕР (проект или апликација), која е постапката за тоа – дали се потпишува лиценца или нешто друго?
3. Кога веќе има само еден лист во боја, зошто на него има ¾ реклами, а сосема малку фотографии од уредите и проектите? Некои од нив се и со лош квалитет – на пример во минатиот број има две супер фотографии (контролерот и компресор/лимитерот), но нејасната фотографија на плочата од засилувачот ја руши хармонијата, а позадината "реже". Предлагам на корицата да има повеќе фотографии од уредите, со што ќе се збогати изгледот, а така може да се заинтересира и некој кој прв пат ќе го види ЕМИТЕР.
Поздрави од
Александар Тефов
од Кавадарци
Ви благодариме за поздравите и за Вашите размислувања во врска со дизајнот на ЕМИТЕР.
1. Не може! Промената на напонот на напојувањето не влијае на величината на излезниот сигнал туку само на максималната моќност што може да се добие! Засилувачите кои користат променлив напон на напојување (кој го следи музичкиот сигнал) само го одржуваат коефициентот на искористување блиску до максималната теоретска вредност (независно од големината на сигналот), односно го намалуваат на минимум непотребното греење на излезните транзистори.
2. Сите објавени проекти и апликации можат слободно да се изработуваат но само за лична (некомерцијална) употреба. Било какво комерцијално користење на објавените проекти, апликации и написи (производство и продажба на ППК, китови, модули и готови уреди) подлежи на заштита на авторските и издавачките права, што значи дека за тоа е потребно претходно писмено одобрение од ЕМИТЕР. Околу условите за ваков договор и соработка со ЕМИТЕР заинтересираните фирми можат да се обратат во редакцијата.
3.) Реклами мора да има – објаснување за тоа не е потребно.
Навистина, понекогаш некои од фотографиите на проектите не се најквалитетни, но тоа не е наша грешка – тоа се фотографии кои сме ги добиле од страна на авторите на написите. За тоа дали е подобро на насловната страница да има една или повеќе фотографии стручњаците за дизајн и маркетинг сè уште не се сложиле така што, како и сите списанија, и ние подеднакво ги применуваме и двете варијанти. Некогаш одлуката за тоа зависи и од тоа колку квалитетни фотографии имаме за поглавните написи од тој број. Навистина позадината на претходниот број (како и на некои пред тоа) како што велите "реже", но така не ни изгледаше на мониторот на компјутерот и на пробниот (црно-бел) отпечаток. Како и да е, останува во иднина повеќе да внимаваме на квалитетот на фотографиите и на неутралноста на позадината.
В. Филевски и С. Таневски
1. Дали е можно дигиталниот термометар од Е2/98 да се преправи и наместо до 100°C да мери до 500°C.
2. Дали можете да објавите шеми за моно, стерео, high/low и loudness контрола? За loudness контролата слушнав дека е објавена во ЕМИТЕР 3/95, но не можам да стигнам до тој број.
Поздрав,
Ристо Гулев од Гевгелија
1. Како температурен сензор кај дигиталниот термометар од Е2/98 се користи полупроводнички елемент. Тоа значи дека таквиот температуртн сензор покажува линерни карактеристики до 100°C, а над 150°C настанува негово разорување и уништување. За мерење на темпертури поголеми од 100°C најдобро е да се користат термопарови кои можат да се имплементираат на местото од температурниот сензор од Е2/98 но со значителни предимензионирања на вредностите на елементите и со делумна промена на електричното коло. Но за тоа во некој нареден текст.
2. Вакви шеми сме објавиле во повеќе наврати - "Loudness корекција на бојата на тонот" (Е3/95), "Hi-Fi стерео предзасилувач" (Е5-6/96), "Линиски предзасилувач со тонска контрола" (Е9/96), "Напонско контролиран стерео предзасилувач" (Е2/98) и "Електронска комутација и регулација" (Е7-8/98 и Е9/98). Спомнатите броеви можете да ги набавите од редакцијата (видете на стр. 4).
Игор Николовски
1. Во проектот за 100W транзисторски засилувач од Е11/98 пишува дека за еден канал е потребен трансформатор од 350VA. Ова моќност ми изгледа премногу голема за еден засилувач од 100W па ве молам одговорете ми дали овој податок е точен?
2. Дали транзисторот T3 од 100W засилувач објавен во Е11/98 треба да биде поставен на ладилникот на излезните транзистори како што е вообичаено за ваквите шеми?
Марјан Димевски од Скопје
1. Добро сте забележале дека моќноста на трансформаторот од 350VA за еден засилувач од 100W е претерана иако од многу зијан нема. Шегата на страна, при чукањето на текстот направена е грешка па наместо 2 отчукано е 3 што значи дека моќноста на трансформаторот треба да биде 250VA. Ако и ова ви изгледа премногу еве објаснување како е дојдено до оваа бројка:
Засилувачот работи во AB класа со коефициент на корисно дејство од околу 50%. Грубо кажано 50% одат во звучникот, а 50% се дисипираат од ладилниците на засилувачот. Според законот за запазување на енергија изворот на напојување треба да ги покрие тие "две енергии" односно да дава најмалку 200W моќност на својот излез. Бидејќи имам релативно големо искуство во конструирањето на уреди овде во "македонски услови", често пати ми се случило кога од некои од локалните "винклери" ќе нарачам да ми изработат трансформатор од 200W, практично заради слабиот квалитет на изработката да добијам трансформатор со значително помала моќност. Од тука доѓаат и тие 50W резерва со кои се доаѓа до вредноста од 250W. Засилувачот сосема добро ќе работи и со трансформатор од 150W, но имајте го на ум она што веќе го кажав во текстот "ЗАСИЛУВАЧОТ Е ДОБАР КОЛКУ ШТО Е ДОБАР ИЗВОРОТ НА НАПОЈУВАЊЕ". Затоа ако сакате најдобар квалитет употребете трансформатор од 250W за еден канал на засилувачот.
2. Од T3 зависи преднапонот на излезните транзистор односно мирната струја. Знаејќи дека излезните транзистори се дарлингтон транзистори со напон на поларизација на спојот база емитер поголем од кај класичните биполарни транзистори, преднапонот на базите на излезните транзистори односно напонот меѓу колекторот и емитерот на транзисторот T3 е релативно голем. Доколку истиот се постави на ладилниците кај што се прицврстени излезните транзистори неговата задача би била да обезбеди намалување на преднапонот односно мирната струја на излезните транзистори со зголемување на температурата на ладилниците, со тоа што ќе се намалува напонот меѓу колекторот и емитерот а воедно и преднапонот на излезните транзистори односно мирната струја. Но промената на напонот помеѓу колекторт и емитерот на T3 е незначителна во однос на преднапонот на базите на излезните транзистори. Од друга страна R18 и R19 имаат релативно голема вредност така што истите обезбедуваат сосем доволна стабилизација на мирната струја. Затоа во оваа конструкција тој транзистор (T3) не е потребно да биде прицврстен на ладилникот на излезните транзистори.
Игор Николовски
Почитувана редакцијо,
Јас сум редовен читател на вашето списание и сметам дека поголемиот број од написите се доволно објаснети, но сепак при реализирање на некој уред се наидува и на проблеми. Конкретно, јас наидов на проблем со пуштањето во погон на радио телекомандниот предавател објавен во ЕМИТЕР бр. 7-8/98. Сметам дека ВФ техниката е покомплицирана од она што на прв поглед ни изгледа, па затоа имам и повеќе прашања во врска со овој уред:
1. Колкава е дебелината на Cu жицата за пригушниците кај предавателот?
2. Колкава е должината на предавателната антена?
3. Колкава е излезната моќност т.е. дометот на предавателот?
4. Како се подесува саканата фреквенција (ве молам објаснете на експериментален начин и со мерни уреди достапни за еден аматер)?
5. Зошто T2 кај предавателот се загрева многу (мислам дека има преголема базна струја)?
А кога сме кај желбите, верувам дека и за многу други е интересна предавателната техника, па ве молам во иднина да објавите проекти кои ќе имаат релативно поголема моќ.
За крај ве поздравувам и ви пожелувам многу успех во тоа што го работите.
Со почит,
Г. Ефремов од Штип
ВФ техниката пред сè бара добра теоретска основа како и практично искуство проследено со многу експериментирања при што се прошируваат хоризонтите во таа област. Секако дека се потребни и некои поспецифични инструменти и помагала освен неизбежниот унимер. Но, овој проект е замислен да проработи од прва, без употреба на специфични мерни инструменти и со минимум знаење.
Во текстот не беше подетално објаснето подесувањето на предавателот што за читателите кои прв пат се среќаваат со ВФ техниката можеби претставува проблем. Затоа ќе се потрудам малку поопширно да одговорам на Вашите прашања онолку колку што дозволува местото во оваа рубрика.
1. ВФ пригушниците обично се градат на отпорници од 1MΩ ½W и имаат околу 200 навивки Cul жица со Ø0,2mm, или пак на феритни стапчиња со Ø3mm при што треба да се намотаат 30-40 навивки Cul жица со Ø0,2mm.
2. Како антена може да послужи обична PVC-жица со Ø1,5 - 2mm и должина од 80 - 170cm. Напомена: кај еднаш подесениот приемник или предавател со промена на должината на антената потребно е повторно да се подесат влезните односно излезните осцилаторни кола или филтри поради промена на импедансата. Ова е потребно доколку сакаме да извадиме максимум од самиот уред.
3. Дометот од 200m не би требало да претставува никаков проблем, но со добро подесен систем предавател - приемник може да се очекува домет и до 1km.
4. Фреквенцијата е одредена со самиот кварц, додека осцилаторното коло L2-C8 се подесува на истата фреквенција. Тоа најдобро се прави со DIP-метар, уред за испитување на резонантната фреквенција на осцилаторните кола. Ова мерење се врши додека предавателот не е под напојување.
Во аматерски услови во овој конкретен случај за подесување може да се употреби VF индикатор (на сликата). Калемот L е самоносечки, изработен од PVC-жица со Ø0,75mm и има 4 навивки, диодата D е германиумска, серија AA... или слична. Како инструмент може да ни послужи унимер поставен на µA-ско подрачје. Подесувањето се прави додека предавателот е активен. Навивката L ја поставуваме над навивката L2 и го вртиме феритното јадро со завртка од немагнетен материјал (пр. бакелит, пертинакс,...), сè додека на инструментот од индикаторот не добиеме максимален отклон. Истата постапка важи и за филтерот L1-C4-C3, но овојпат го вртиме тример кондензаторот C4 па C3 додека не се добие максимален отклон.
5. Точна е вашата констатација дека се работи за преголема базна струја. Доволно е само да ги замение местата на отпорите R4 и R5, кои се погрешно специфицирани. Исто така на T1 е потребно да се постави мал ладилник во форма на ѕвезда, кој може да се набави во продавниците за електронски материјали.
Михајло Дуноски
Почитувана редакцијо,
Дозволете најпрвин да Ви ги честитам новогодишните празници и да Ви посакам успех во оваа година. Јас сум голем љубител на аудио техниката, особено на акустиката, т.е. на звучниците. Би ја искористил оваа прилика да му се заблагодарам на г-динот Филевски за неговиот благ и воздржан коментар во рубриката "Операциона Сала" во врска со моите звучници, бидејќи очекував дека ќе пројдам многу полошо. Исто така, се заблагодарувам на мојот другар Илчо за неговата несебична помош, а и на неговиот татко Станко, кој ми ја всади љубовта кон електрониката.
Мојата молба и желба е, ако сте во можност, да извршите комплетни мерења на звучници кои имаат THX лиценца, со еден текстуален дел во кој би било објаснето кои услови би требало да ги исполнат, за да добијат THX лиценца.
За крај: списанието е одлично, не е скапо и – само напред!
Со почит,
Александар Љушиќ
од Прилеп
Од мое име и од името на редакцијата Ви се заблагодарувам на убавите зборови. Пријатно е да се чујат пофални зборови за сите оние кои придонеле за задоволството од Вашето хоби.
Во некој од наредните броеви сигурно ќе биде извршено тестирање на некои THX звучници, заедно со поопширни објаснувања. За сега, можам да Ви одговорам дека не е некој голем проблем да се конструираат звучници кои би добиле THX лиценца. Проблемот е, нормално, во парите – секој уред кој конкурира за THX лиценца мора да се тестира во лабораториите на Lucas Film Ltd., а тоа чини пари, се разбира. Истакнувањето на стекнатото лого "THX" повторно се плаќа. Заради тоа, голем дел од уредите кои се со одличен квалитет (сè уште) немаат побарано THX лиценца. Од друга страна, сосема просечни звучници имаат добиено THX лиценца. Пред некое време ги измерив бас-звучниците од THX сабвуферот Jamo Sub One и воопшто не сум воодушевен од резултатите.
Владимир Филевски
Почитувана редакцијо,
Ви посакувам среќна нова 1999 година, многу успех во работата и остварување на сите ваши желби и планови.
Повод за ова мое прво писмо е моето незадоволство од вашиот ЕМИТЕР. Читател сум точно една година. Во првите броеви имаше многу интересни проекти: дигитален термометар, регулатор на напон, светлосен прекинувач и други. Од бројот 7-8/98 па наваму немате објавено некој добар проект - сите тие проекти за некои засилувачи, миксети, метрономи, логички сонди, милиомметри, за мене се неинтересни. Милиомметарот, на пример, е неинтересен бидејќи кај нас во Битола ретко има отпорници помали од 1Ω, кои ќе можат да се испитуваат со овој инструмент, а дисторзијата за гитара е непотребна бидејќи ретко кој од читателите на ЕМИТЕР, според мене, се занимава со музика. Јас повеќе сум наклонет кон забавната електроника и имам изработено многу проекти од списанието "SAM" и од книгата "Радиотехника и електроника" од Светислав Шилер (на пример - електронски рулет, канаринец и сл.) Секој број на ЕМИТЕР го очекував со нетрпение со надеж дека ќе има некој интересен проект или напис, но последниве неколку броеви сè повеќе се разочарувам од сите содржини. Од овие причини некои мои другари веќе се откажале од ЕМИТЕР, но јас сè уште се надевам дека ќе ги промените содржините барем делумно. Толку многу сакам да изработувам проекти што понекогаш останувам цел ден на работната маса. Но веќе неколку месеци немам изработено ништо - прво поради тоа што објавените проекти не се од мојот домен, а второ што кај нас нема толку специфични делови, па морам да ги порачувам од поединци или од фирми од Скопје. Понекогаш порачаните делови не ми стигнуваат, како на пример плочката за термометарот што ја порачав од ЕМИТЕР во февруари 1998 г. Еве, во овој број (12/98) имате објавено шема за електронски тропкач, кој за мене е интересен, но повторно имам проблем со набавка на компонентите - калемот од 10µH и звучникот од 45Ω ги нема во цела Битола, а прашав и во некои фирми што се рекламираат во списанието. Така и овој уред нема да можам да го изработам.
За крај: можеби претерав со моите жалби и барања, но морав да го напишам ова писмо, кое го планирав уште пред два месеци со надеж дека нешто ќе се смени.
Поздрави од Љупчо Талевски од Битола
Благодарам за честитките. Примете ги и Вие нашите желби за успех и среќа во новата 1999 година.
Жалам што главна причина за ова писмо е Вашето незадоволство од ЕМИТЕР, меѓутоа морам да констатирам дека Вашето незадоволство главно се должи на тоа што премногу субјективно гледате на содржините на ЕМИТЕР.
Јасно ми е дека секој читател очекува во списанието да го има само она што најмногу го интересира, меѓутоа секој мора да сфати дека тоа е невозможно. Не затоа што ние не сакаме или не го слушаме гласот на читателите туку, баш напротив, затоа што треба да ги задоволиме интересите на различни групи читатели. А интересите на читателите ни се многу добро познати - ги дознаваме преку писмата што ги добиваме, преку анкетата што ја спроведовме летоска и чии резултати ги објавивме во бројот 10/98, а во последно време и преку порачките на плочките со печатено коло за објавените проекти и апликации. И без некоја посебна анализа јасно е дека интересите и желбите се различни, на моменти и спротивни - некои најмногу сакаат аудио техника, некои забавна електроника, некои дигитална, некои комуникациона техника, некои не ги интересира електрониката од практичен аспект туку само од кориснички (Hi-Fi и видео техника), некои ни забележуваат дека имаме многу малку за најновите ИК и технологии, некои пак обратно бараат поедноставни проекти со одамна познати елементи, некои сакаат... Набројувањево може да продолжи во недоглед, но сметам дека е доволно и ова за да сфатите дека е невозможно да бидат целосно задоволени сите барања и очекувања па макар ЕМИТЕР да има и 100 страници. Ние се трудиме, а верувам во голема мера и успеваме во тоа, во ЕМИТЕР да има написи од сите рубрики и области и тоа од почетничко до професионално ниво, се разбира пропорционално на интересот на читателите, но и на соработниците и спонзорите. Затоа нереално е да очекувате ЕМИТЕР (или кое било друго списание) да го содржи само она што Вас Ве интересира во овој момент. Впрочем интересот за одредена област е променлива категорија - ако продолжите да се занимавате со електроника сигурно е дека многу од оние написи што денес ги сметате за тотално неинтересни и непотребни ќе Ви станат интересни и потребни. Како и да е ќе се потрудиме во секој од следните броеви да има по некој едноставен проект или апликација (пред сè од забавната електроника) кој ќе биде интересен и лесен за изработка за секој почетник.
Што се однесува до проблемите со набавка на некои елементи за објавените проекти и апликации можам да го кажам следното. Во ЕМИТЕР посебно внимание посветуваме на тоа да објавуваме проекти и апликации со елементи кои се достапни на нашиот пазар. Впрочем, покрај ниската цена, тоа можеби е главната предност на ЕМИТЕР во споредба со сличните странски списанија. Меѓутоа наша задача е и следење на развојот на електрониката во светот и поттикнување на таков развој и во Македонија. Затоа мораме да објавуваме и шеми со понови ИК и други делови кои во овој момент во Македонија се потешко достапни. За тоа да не биде така, ние инсистираме кај македонските трговци со електронски материјали да ги набавуваат и тие елементи. Во последниве неколку години ситуацијата во таа насока е многу подобрена, за што сигурно голема заслуга има и ЕМИТЕР. Впрочем објавените проекти и апликации и интересот на читателите за нивна градба е тој што треба да ги натера и ги тера трговците со електронски материјали да го прошират својот асортиман.
Инаку калемот за тропкачот од Е12/98 го има во неколку продавници во Скопје, а него можете и самите да го изработите според формулите и упатствата објавени во текстот "Почетен курс по практична електроника - седми дел" во Е7-8/98. Исто така и калемот и звучничето можете да ги извадите од некој стар џепен транзисторски радио приемник, а нивната вредност воопшто не е критична - може да биде дури и два пати поголема или помала.
Плочката за термометарот која не сте ја добиле сигурно не сте ја порачале од ЕМИТЕР бидејќи во тоа време (февруари '98) ЕМИТЕР не продаваше ППК - таа услуга почнавме да ја нудиме дури во јуни '98. Нарачаните плочки од нашиот ППК сервис ги испраќаме веднаш (или најдоцна во рок од 3 дена) така што читателите од кој било дел на Македонија би требало да ги добијат најдоцна за 7 дена. Единствено може да доцни испораката на плочки што во тој момент ги немаме и чекаме испорака на нова количина од производителот.
За крај срдечно Ве поздравувам и Ви посакувам уште многу успешни конструкции.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо!
Уште на самиот почеток големи пофалби за вашето списание, а посебно за конкурсот за најдобар проект на звучна кутија во "самовска" режија. А сега нешто конкретно. Го барам вашето мислење за следнава комбинација, а исто така и потенцијалните карактеристики на готовата кутија:
Бас-звучник: 3D 0175, производство на "RIZ" Загреб,
Високотонец: AZSK 25/8, производство на "Ei" Ниш.
Кутијата ќе биде изработена од мермер со дебелина од 15mm, а како материјал за дампирање ќе се користи чиста волна. Басот ќе биде прицврстен на плочата преку гумен амортизер. По моја пресметка, свртницата би била како на приложениот цртеж. Би ве замолил за Thiele-Small параметрите на бас-звучникот.
На крајот ви посакувам голем успех во работата и да продолжите со уште поголеми резултати.
Поздрав,
Ѓоко Каракашоски
од Прилеп
Ви се заблагодарувам за пофалбите и за убавите желби. Ја поздравувам Вашата иницијатива за градба на звучна кутија од мермер, што сигурно ќе биде визуелна атракција. Уште повеќе, ја поздравувам Вашата намера да ја проектирате звучната кутија врз основа на Thiele-Small параметрите, што е единствениот правилен начин. За жал, досега ги немам мерено тие два звучника, ниту ми се познати Thiele-Small параметрите на бас-звучникот. Ќе мора да се јавите директно во Загреб во "RIZ" и од нив да ги побарате Thiele-Small параметрите, или погледнете во малите огласи во ЕМИТЕР за мерење на параметрите.
Бидејќи не ми се познати карактеристиките на звучниците, не можам ништо поконкретно да кажам за оваа комбинација, но послушајте ги следниве совети. Откако ќе ги дознаете Thiele-Small параметрите, направете ја кутијата и вградете ја Вашата свртница. Пуштете музика (по можност класика или џез) и сите евентуални проблеми (поголеми) веднаш ќе се чујат. За да бидете сосема сигурни, мора да направите некои мерења. Наједноставно и најевтино е ако употребите тест CD, а особено внимание посветете на фреквенциите од 500Hz до 10kHz. Многу корисни се модулираните warble тонови со опсег од 1/3 октава.
Кога ќе бидете задоволни од звукот, донесете ги Вашите звучници во ЕМИТЕР на тестирање. Можеби токму Вашиот звучник ќе ја освои наградата – едногодишна претплата на ЕМИТЕР!
Владимир Филевски
Почитувана Редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател уште од првиот број и за досегашните броеви немам некои поголеми забелешки. Мислам дека напорите би требало да се насочат кон зголемување на бројот на страниците, додека воведување страници во боја не е неопходно - списанието и вака изгледа одлично...
... Имам идеја за неколку кратки апликации и проекти, па ве молам да ми испратите упатство за техничка подготовка на написи според вашите стандарди...
... Исто така би побарал одговор на едно мое прашање во врска со звучниците Beauty 5.5 (Е11/96). Дали може како материјал за дампирање да се употреби синтетичко влакно malon (на изглед многу личи на памук)? Ако не, каде може да се најде полиестерскиот материјал, кој се спомнува во текстот и како се поставува - залепен за страниците или целата кутија се полни (погусто во долниот дел)?
Поздрави и желби за успешна работа од
Иво Наумовски, Скопје
Благодарам за Вашите предлози и за позитивното мислење за ЕМИТЕР.
Упатството за техничка подготовка на написите ќе го добиете по пошта, а еве го одговорот на Вашето прашање.
Синтетичкото влакно malon не е добар материјал за дампирање на звучници, бидејќи тој не е доволно еластичен, па вибрациите на воздухот во кутијата ќе го спуштат на дното од кутијата. Полиестерот се користи како материјал за полнење на перници (популарно наречени "лио") и за постава на палта. Можете да го најдете кај јорганџиите, во продавниците за перници и сл. Најдобро е еден слој од материјалот за дампирање да се залепи на внатрешните страници, а остатокот од волуменот на кутијата да се пополни како што е објаснето во проектот. Уште една препорака - употребете ја свртницата објавена во Е6/97 во проектот Mini Monitor 5.5.
Владимир Филевски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.