Здраво ЕМИТЕР,
Најнапред ви ја честитам новата 1998 год. и ви пожелувам уште многу години да излегува списанието. За македонски услови, мислам дека ЕМИТЕР е добар. Електрониката ми е хоби и задоволен сум што и во Македонија имаме вакво списание, бидејќи пред тоа имаше само "Техничке новине", кое сега е недостапно. Како што гледаме, компјутерите сè повеќе се во нашите домови. Заинтересиран сум за сè што се поврзува со компјутер. Во еден број имаше PC контрола на засилувач, но без многу други важни детали (порт за поврзување и др.). Би сакал истото да го објавите како проект со програмата, која секој би ја набавил посебно или, пак списанието нека ја даде како подарок.
Исто така би сакал да објавите комплет комуникациски уред - радио станица или рачно токи-воки со два или повеќе канали.
Го направив засилувачот 2x30W (Е10/96). Таму пишува дека интегралецот издржува 20V напојување. Кои промени се потребни и какви промени ќе има на звукот ако го напојувам со 19V?
Голем поздрав од Александар од Кавадарци
П.С. Мислам дека навистина е доста од засилувачи.
Благодарам за честитките и пофалбите. Во врска со PC контролата на засилувач Ве информирам дека објавената апликација е предвидена за користење со паралелниот порт на компјутерот. Инаку еден од нашите соработници подготвува проект на таа тема, па кога ќе биде готов ќе се најде на страниците на ЕМИТЕР. Иста информација имам и за проектот за популарниот воки-токи.
Ако засилувачот од бројот 10/96 го напојувате со малку помал напон од потребниот нема да треба да правите никакви измени, ниту пак ќе има некои промени во неговата работа. Единствено излезната моќност ќе биде за малку помала што воопшто нема да се забележи во репродуцираниот звук. Ова важи и за други засилувачи реализирани по друга шема.
Кога сме веќе кај засилувачот 2x30W од ЕМИТЕР 10/96 да Ве информирам (Вас и сите читатели) дека во плочката со печатено коло има мала грешка - недостасува еден вод. Конкретно, водот кој ги поврзува пиновите 2, 3 и 8 на ИК треба да биде поврзан со водот за масата што впрочем може да се види од електричната шема. Ако не сте го забележале овој пропуст, а веќе сте ја направиле плочката, корекција можете да направите со парче жица кое ќе го залемите на потребните точки (од долната страна на плочката).
Како што забележувате од претходното писмо има читатели на кои не им е доста од засилувачи. Засилувачот најверојатно е најчесто изработуваниот електронски уред во домашна изведба, па затоа интересот за него е најголем. И покрај тоа што до сега објавивме повеќе различни шеми за засилувачи планираме и во иднина повремено да објавуваме и други шеми. Така заинтересираните читатели ќе имаат поголема можност за избор зависно од бараната моќност, квалитет, сложеност, цена ...
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Списанието ви е супер, како за нас младите така и за оние постарите електроничари. Долго време чекавме да се појави на пазарот вакво списание. Јас и моите другари имаме неколку предлози и би сакале да објавите проекти за тоа:
1. Еквилајзер со опсег 60Hz до 16kHz (стерео).
2. Моќни засилувачи (300W - 450W) стерео.
3. Начин како се печати ППК со фото постапка.
4. FM предавател и приемник со пониска фреквенција од 70MHz.
5. Што е тоа LC метар и дали можете да објавите проект за него?
Однапред ви благодарам,
Мартин Спасовски од Скопје
Благодарам за пофалбите, а што се однесува до Вашите предлози можам да го кажам следното:
1. Во план ни е во некој од следните броеви да објавиме проект за еквилајзер.
2. Како што веројатно забележавте овој предлог го остваруваме во овој број.
3. Написот е веќе подготвен и ќе биде објавен во следниот број.
4. Можете да ги искористите веќе објавените проекти во Е4/95 и Е5/95 кои се за опсегот од 88 - 108MHz. Пониска работна фреквенција (70MHz) ќе добиете ако ги зголемите вредностите на калемот и кондензаторот во осцилаторното коло за приближно 40%.
5. LC метар е инструмент за мерење на вредноста на калеми (L) и кондензатори (C). Проект за една изведба на LC метар објавивме во бројот 7-8/96, а проект за дигитален C метар во броевите 12/97 и 1/98.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Редовен читател сум па би сакал да дадам два предлога со кои верувам ќе се зголеми, квалитетот, а со тоа и интересот за ова списание.
1. Имено би сакал да постои посебна рубрика РТВ механичарство кое би имало текстови за: принцип на работа на поедини степени кај различни РТВ апарати; шеми или делови од шеми за поретки ТВ; "финти" при испитувањето на РТВ апарати; специфични дефекти, причини за дефектите, манифестација на дефектите; искуства и сознанија на некои РТВ мехничари за однесувањето и дефекти на поедини РТВ апарати преку писма и барем во секое списание по една подарок шема од некој ТВ приемник, особено јапонски, кои тешко се наоѓаат.
Мислам дека оваа тема е најпрактична и ќе предизвика интерес кај сите електроничари од аматери до професионалци РТВ механичари.
2. Мислам дека текстовите во два дела го товарат списанието. Имено ова е списание што се чува, еден вид книга, па не е квалитетно пола текст во едно, пола текст во друго. Освен тоа некои мои другари едноставно ги интересира еден текст, но кога ќе видат дека е во два дела ни финансиски ни времено не можат да чекаат.
Зоран Ивановски, Битола
1. Идејата во ЕМИТЕР да има и написи за сервисирање на ТВ и други електронски уреди постои во редакцијата уште од самиот почеток, меѓутоа до сега не успеавме да ја реализираме поради немање на соодветен соработник. Иако во Македонија постојат многу добри сервисери сепак само малку од нив се способни своето знаење да го преточат во текст. Неколкумина од нив познавам и лично, но до сега не успеав да ги убедам да напишат серија написи од својата област за читателите на ЕМИТЕР. Оправдувањето е дека немаат време за таков ангажман. Поради тоа не можам да ветам кога ќе започнеме со серија написи за сервисирање на РТВ уреди.
2. Добар дел од темите што ги обработуваме не е возможно да бидат доволно објаснети на само неколку страници. Од друга страна ЕМИТЕР е списание, а не книга, па затоа во секој број треба да има повеќе различни написи за различни читатели. Поради овие причини неминовно е некои теми, кои треба да бидат поопширно објаснети, да бидат објавени во продолженија.
Слободан Таневски
Голем поздрав до вас, читателите и сите пријатели и љубители на електрониката. Списанието го следам од првиот број о општо гледано многу сум задоволен од него. Донекаде ми смета, иако знам дека е неопходно, што за подесување на некои уреди се потребни осцилоскопи, фреквенцметри и сл., кои (верувам и повеќето електроничари - хобисти) не ги поседувам. Исто така би било добро да има повеќе практични проекти, иако сметам дека и вака ги има доволно.
Би сакал, доколку сте во можност, да ми одговорите на некои мои прашања и предлози:
1. Во врска со 8-каналниот PC управувач објавен во бројот 1-2/96. Дали и како може побудниот склоп со триак објавен во бројот 4/97 на стр.28 да се употреби наместо релињата во PC управувачот, но така да пинот GND (масата, заземјувањето, односно металната шасија на PC-то) да не дојде во допир со мрежниот напон од 220V AC, т.е. како галвански да се оддели високонапонскиот круг на триакот од PC управувачот и PC-то. Конкретно триакот би поседувал сијалица, па дали филтерските компоненти се неопходни?
2. Постојат ли кај нас програми за електроника (освен PROTEL, AUTOTRAX и некои каталози) кои ќе работат на 286AT со Hercules графика и ако постојат, каде би можеле да се набават.
3. Би било убаво да објавите шема на засилувач со електронски цевки. Не мора да биде со голема моќност, битен е квалитетот на звукот. За ориентација, ваков проект на цевен засилувач своевремено беќе објавен во списанието “SAM”, броеви 12/89 и 1/90 (моќност 2x30W). Мислам дека со неколку модификации, би можеле да го презентирате пред читателите на ЕМИТЕР. Ако евентуално не можете да ги набавите овие броеви, со задоволство ќе ви пратам фотокопии.
Однапред благодарам и многу поздрави од
Иво Наумовски од Скопје
Одговорот на првото прашање би го започнале со предупредувањето дека мрежниот напон е многу опасен па ќе мора да примените соодветни заштитни мерки (видете во ЕМИТЕР 12/97) за да се заштитите себе при неговата изработка, но и идниот корисник на уредот. Заштитата на компјутерот лесно може да се направи со употреба на соодветни елементи како на пример релеи, оптокаплери и др.
За соодветниот 8 канален PC управувач во случајов не можеме да Ви го препорачаме решението од бројот 4/97. За оваа прилика би понудиле сосема ново решение со генерална употребна вредност. Доколку се погледне прикажаната шема лесно може да се увиди дека одвојувањето помеѓу персоналниот сметач и извршните елементи во високонапонското коло е направено со оптотријак. Ваквото решение нуди голем степен на заштита на персоналниот сметач кога ќе се јави проблем во високонапонското коло. Функционирањето на оптотријакот е мошне едноставно. Тријакот на излез проведува кога на влезот ќе се појави побуда на светлечката диода. Во случајот побудата се јавува кога во соодветниот бит на паралелниот порт ќе впишеме единица.
Филтрите кои се употребуваат во ваквите кола најмногу ја истакнуваат својата функција кога се управуваат индуктивни потрошувачи. Во случаите кога се управуваат чисто активни трошила разликата на колата со и без филтер е во векот на траењето на светилките и во пречките кои се јавуваат во мрежата. Се разбира и во двата случаја колото со филтер се однесува подобро од колото без филтер.
Кога веќе се навраќаме на прашањето на софтвер за електроника кај нас, во никој случај не би можеле да се пожалиме дека ни недостасува. Со оглед на ограничувањето кое вие го имате (286 со Hercules) навистина изборот се смалува но секако не на Protel ... и неколку каталози. Секако дека може да се набават и други програми како Tango, Protel Easytrax, PCAD, програми за пресметување на антени па дури и за симулација на електронски кола. Се разбира мора да се откажете од прекрасната позадина на денес веќе одомаќените windows апликации и од најновите трендови но сепак, на крајот, најважно е да го направите она што сте сакале. Што се однесува до набавката на софтверот можете да погледнете во малите огласи на крајот на списанието.
Секако дека планираме да објавиме проект на засилувач со електронски цевки. но во овој момент не би можеле да кажеме кога. Ќе се потрудиме да биде наскоро. Инаку шемата што ја нудите ја имаме (како и многу други). При конципирањето на нашето решение ќе ја имаме во предвид и таа шема, но основна намера, како и досега, ќе ни биде да направиме сопствен проект кој ќе одговара на повеќето наши читатели, но и на условите на нашиот електронски пазар.
Коста Карпузовски и Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Немам некои забелешки за списанието, но имам неколку проблеми за кои би сакал да ми помогнете:
Би сакал да ми објасните , како може да се пресмета индуктивноста на одреден калем.
Сакам да ми објасните како можам да ги изработем калемите од телефонскиот прислушкувач објавен во ЕМИТЕР 11/97.
Би сакал да објавите шема на L- метар заедно со изгледот на плочката со печатено коло.
Сакам да ми го објасните начинот за изработка на плочка со печатено коло со фотопостапка.
Владимир Лазановски од Битола
1. Формулата за пресметка на еднослојни цилиндрични калеми со воздушно јадро е прикажана подолу како формула 1. Во неа:
D - е средниот дијаметар на калемот во mm
N - е бројот на навивки
l - е корисната должината на калемот во mm
Средниот дијаметар на калемот D, се добива кога ќе се соберат диаметарот на телото и дебелината на жицата. Така на пример, ако телото на калемот има диаметар од 7mm, а за мотање се користи жицата со диаметар од 1mm, тогаш средниот диаметар на калемот ќе изнесува 8mm, односно D=8mm (погледнете ја сликата). Формулата важи само кога навивките се мотаат една до друга. Ако навивките се раширени индуктивноста ќе биде помала од пресметаната.
Еднослојните калеми со воздушно јадро најчесто се применуваат во ВФ електронски уреди поради малиот индуктивите (до неколку десетици µH). За поголеми индуктивности се користат повеќеслојни калеми со воздушно или феромагнетно јадро. Формулата и постапката за пресметка на повеќеслојни калеми со воздушно јадро е одјавена во ЕМИТЕР 11/97, со една исправка во ЕМИТЕР 12/97.
2. Калемите за телефонскиот прислушкувач можат да се изработат според претходно кажаната формула. Најнапред треба да се избере дебелината на жицата и диаметарот на телото за мотање на калемот, а потоа со помош на формулата да се одреди потребниот број на навивки.
3. Еден едноставен проект на LC-метар веќе е објавен во ЕМИТЕР 7-8/96. За негова изработка не е потребно големо искуство ниту пак некоја специјална опрема.
4. Написот за изработката на плочка со печатено коло со т.н. фотопостапка е во фаза на подготовка, па очекувајте го во еден од следните броеви на ЕМИТЕР.
Дејан Трпески
Здраво Емитерска редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател и си замам за право да станам и критичар. Во рубриката писма редовно ви пишуваат дека сте одлично списание. До некаде се сложувам (земајќи во обзир дека сте единствени), меѓутоа сакам да ви наведам некои, според мене, негативности.
1. Мислам дека претеравте со проектите и теориите за аудио засилувачите. Нема број во кој немате барем 5 страници за аудио техниката, кој и не е толку сложена за да и се обрне толкаво внимание.
2. Многу поинтересната VF техника е многу слабо застапена. Покрај неколкуте радио предавателчиња не објавивте ништо друго. Мислам оти недостасува теорија во врска со настанокот и формирањето на електро-магнетните бранови, нивното засилување, карактеристиките на предавателните антени и сл. Многу би било интересно ако објавите проект на ТВ предавател вклучувајќи го и модулаторот, нормално со многу детални теоретски објаснувања. Предлагам за почеток тоа да биде Video Sender-от кој иако во Бугарија и Турција го има по релативно ниска цена, би бил интересен за читателите.
3. Ќе го земам за пример бројот 11/97. Не знам зошто ги објавувате текстовите од 24-та до 30-та страница (рубрика "Прикази и тестови") кога нив, верувајте, не ги читаат ни 5% од читателите на ЕМИТЕР. Ниту ќе се научи нешто од нив, ниту ќе имаме некаква корист. Меѓу другото тоа се чисти преписи од некои други списанија со поинаква содржина.
4. "Списание за електроника, телекомуникации, аудио, видео и компјутерска техника". Мислам дека во овој поднаслов зборот видео е вишок бидејќи е застапен во содржината на списанието со 0%. Би било добро да го објасните сложениот видео сигнал во детали, од неговото "анализирање" во камерите, до неговото "светнување" на екранот (со графици).
5. Во врска со дигиталната техника немам никакви забелешки.
За на крај: Можеби морате да ме слушате, но не морате да ме послушате.
Поздрав,
Блаже, Кавадарци.
(Писмото го објавуваме во целост.)
Ако се иземат писмата во кои се поставува некое прашање во врска со некој објавен проект или напис, на овие страници многу почесто сме објавувале писма со слични предлози и критики во врска со концепцијата и содржината на ЕМИТЕР, отколку писма со пофалби. На дел од Вашите предлози и критики веќе имаме одговорено, но сепак за Вас и сите читатели кои слично размислуваат во оваа прилика ќе дадам поопширно образложение.
Сметам дека главните причини за ваквите критики од една страна е непознавањето (или неприфаќањето) на концепцијата на ЕМИТЕР, а од друга страна се личните афинитети и желби на читателот и немањето чувство за реалните потешкотии поврзани со издавањето на ваков вид списание.
Во врска со концепцијата на ЕМИТЕР сум пишувал во повеќе наврати, почнувајќи од уводникот за првиот број (Е1/95), па сè до одговорот на двете писма објавени во претходниот број (Е12/97). Сепак Вие тоа не го земате во предвид, па затоа морам уште еднаш да потенцирам дека ЕМИТЕР има (и мора да има) многу поширока концепција отколку што Вие посакувате. Поконкретно, моја намера, како негов издавач и уредник, е во ЕМИТЕР да има написи од различни области на електрониката, (аудио, видео, радио, напојувачка техника, автоматика, куќна електроника, компјутерска техника итн.), од различни видови (информации, проекти, прикази, тестови, теорија, апликации) и за различни читатели (почетници, хобисти, ученици, студенти, професионалци). Оваа концепција колку што е плод на мојата желба, уште повеќе е плод на реалноста во која егзистира списанието. Имено, Македонија е премногу мал пазар со неразвиена електронска и пратечка индустрија и со многу ниско ниво на техничка култура и култура на читање на своите граѓани. Токму поради овие причини невозможно е во Македонија да постојат (на пазарен принцип) тесно специјализирани списанија како што постојат во развиените западни држави. Дури и со вака широко поставена концепција на ЕМИТЕР ние сè уште немаме доволно спонзори и тираж кои би гарантирале редовно излегување на списанието и негов натамошен напредок во обем и квалитет. (За овие проблеми можете повеќе да дознаете од уводниците во ЕМИТЕР 5/97 и 6/97). Лошата финансиска ситуација е главна причина што и вака зацртаната концепција не можеме доследно да ја оствариме во секој број. Во организационен и технички смисол, освен мене, постојано се ангажирани само уште двајца студенти (секретарката и техничкиот уредник), меѓутоа никој од нас не е вработен во ЕМИТЕР бидејќи за тоа нема доволно средства. Написите ги подготвуваат хонорарни соработници кои согласно тој статус имаат слобода да одлучат што и кога ќе пишуваат. Се разбира присутно е договарање на релација уредник - редакцја - соработници, меѓутоа во вакви услови од тоа не може да произлезе цврста обврска за реализација на договореното. Дополнителен проблем претставува и немањето соработници за одделни области од електрониката и покрај тоа што ЕМИТЕР е секогаш отворен за соработка. Многумина квалитетни електроничари верувам немаат време и волја за вакво ангажирање меѓутоа сум забележал дека дел од нив едноставно своето знаење љубоморно го чуваат и не сакаат да го поделат со други. Со други зборови кажано, она што на запад го прават дваесетина, па и повеќе луѓе, и од тоа живееат, во ЕМИТЕР го прави мала група ентузијасти, кои вложуваат огромен труд и време, а при тоа многу малку заработуваат.
После овој опширен приказ на концепцијата и функционирањето на ЕМИТЕР само накратко ќе ги коментирам Вашите забелешки.
1. Аудио техниката зазема повеќе простор не затоа што е толку сложена, туку затоа што за неа има голем интерес, не само кај електроничарите конструктори, туку и кај читателите кои се само љубители на добриот звук и немаат намера да станат електроничари конструктори или сервисери. Затоа аудио техниката е присутна и преку конструкторски написи (проекти и апликации) и преку написи соодветни за Hi-Fi заљубениците (прикази и тестови). Впрочем за повеќе вакви написи, освен читателите, заинтересирани се и нашите спонзори - фирмите кои тргуваат со Hi-Fi опрема.
2. Освен "неколкуте предавателчиња" од областа на ВФ техниката до сега сме објавиле и цела серија написи за УКБ и ТВ антените, неколку шеми (проекти и апликации) за радиоприемници, видео засилувач, тестер на ВФ транзистори, како и неколку теоретски текстови за простирање на брановите и прикази на некои модели на радиостаници. Во скора иднина планираме да објавиме и проекти за FM предавател со поголема моќност, PLL синтетизатор на фреквенции, излезен ВФ засилувач за предавател и за спомнатиот Video Sender, како и неколку теоретски написи за најновите технологии во ВФ техниката. За сега не планираме серија написи за основната теорија од областа на радио техниката, па затоа Ве упатувам тие работи да ги побарате во некоја книга или учебник за радиотехника. За почеток би Ви ги препорачал книгите "Радио техника и електроника" од Светислав Шилер и "Радио приручник за аматере и техничаре" од Божо Метзгер.
3. Написите во рубриката "Прикази и тестови" се наменети за сите читатели кои сакаат да дознаат какви можности и квалитети имаат одделни електрински уреди. Процентот на оваа група читатели е далеку над Вашата претпоставка - ако не верувате погледнете ги резултатите од нашата анкета во ЕМИТЕР 9/96. Од дијаграмот за прашањето под број 15 јасно се гледа дека 52% од читателите се интересираат за прикази и тестови на електронски уреди. Во оваа рубрика во последно време имаме написи и за професионална аудио опрема поради тоа што не е мал бројот на читателите кои професионално работат со таква опрема (техничари и инженери во радио и ТВ станиците). Не се сложувам со тоа дека од вакви написи нема што да се научи, а уште помалку дека тоа се преписи од други списанија. Уште од почетокот моја определба, како и определба на редакцијата, беше и е "ЕМИТЕР да не биде преведувачки сервис" (цитат од уводникот за Е2/97) туку да биде простор за искажување на сопствените знаења и искуства на соработниците. Иако ваквата определба за нас значи многу повеќе работа и проблеми сепак немаме намера од неа да остапиме. Се разбира дека секој соработник користи списанија и книги но, барем колку што мене ми е познато, само како извор на информации, а не за комплетен препис. Во прилог на тоа говори и реномето на соработниците кои пишуваат написи во оваа рубрика. За почеток би го спомнал нашиот соработник од Хрватска - Милан Рупиќ, можеби најдобриот стручњак за Hi-Fi техниката од просторите на поранешна Југославија, кој има напишано неброено многу написи во списанијата "Сам свој мајстор", "Аудио-видео тренд", "Аудиофил" и каде уште не, и една обемна и ценета книга за Hi-Fi техниката. Тука е и колегата Владимир Филевски, електро инженер, кој со досегашните написи во ЕМИТЕР недвосмислено докажа дека многу добро го познава она за што пишува. Истото може да се каже и за Миле Серафимовски и Сашко Таневски, кои пишуваат за професионалната аудио техника - првиот е електро инженер во Македонската Телевизија со преку дваесетгодишно искуство на полето на студиската аудио техника и една објавена книга зад себе, а вториот е тон мајстор во Македонското радио со седумгодишно искуство на истата проблематика. Мислам дека доволно кажав за да сфатите дека авторските написи во ЕМИТЕР се правило, а не исклучок.
4. Ме зачудува како во бројот што го посочувате за пример (Е11/97) не забележавте дека еден од главните написи е посветен на најновата технологија во видео техниката - дигиталната телевизија. И покрај ова сепак се сложувам дека видео техниката е малку застапена во ЕМИТЕР, па ќе вложиме напори понатаму да не биде така. Инаку од поодамна ни е во план серија написи за ТВ техниката, но колегата на кој сметав никако да најде време за тоа. Во очекување на вакви написи Ве упатувам за основните работи од видео техниката да прочитате во некоја соодветна книга.
За крај: ЕМИТЕР е сè уште многу младо списание за да се очекува сè што сакаме (и Вие и ние) веќе да биде објавено на неговите страници. Впрочем тоа не го постигнале ни списанија што постојат десет пати подолго од ЕМИТЕР. Но да се надеваме дека ЕМИТЕР ќе постои уште долго и дека секој читател ќе најде во него многу од она што го интересира. Присуството на теми од многу области може да биде и предност - читајќи ги написите за кои имате посебен афинитет ќе прочитате написи и од други области и така ќе научите многу повеќе.
Слободан Таневски
Здраво,
Ја имам изработено кодираната брава со PIC16F628 од брошурата и ми се јави проблем со програмирањето на микроконтролерот.
Имам програматор којшто работи без проблем (ProPic2 на паралелна порта), меѓутоа кога пробав да го програмирам овој контролер, не успеав (hex документот со неговата програма ја имам од Вас). По програмирањето се јавува грешка при верификација, а потоа кога се исчитува како ништо да не е запишано. Веднаш потоа пробав да испрограмирам друг контролер и немаше проблем, па решив да го рекламирам од каде што беше купен. Кај нив се однесува поинаку, веројатно поради другиот вид програматор, нешто успева да запише но не како што треба. Од таму ми сугерираа дека самиот контролер може да има "некоја заштита" при програмирање.
Би Ве замолил да ми кажете како би можел да се испрограмира? Дали евентуално треба друг вид на програматор или нешто друго е во прашање?
Поздрав,
Дејан Милчевски,
Ако успеав добро да разберам, вие со вашиот програматор можете да програмирате друг 16F628, но не и оној за којшто програматорот ви јавува проблем. Ако е така, тогаш проблемот е во самиот микроконтролер. Доколку и по бришење на микроконтролерот имате проблем со впишување програма во него, тогаш микроконтролерот е неисправен и не би ви препорачал повеќе да се занимавате со него.
Што се однесува до заштитата за која ви кажале, онака како што ни пренесовте е заблуда. Заштита кај PIC микроконтролерите постои, но таа се врши со самото впишување на програма во нив. Имено, вие можете по впишувањето на која било програма во микроконтролерот истата да ја заштитите од читање. Тоа значи дека доколку некој се обиде да ја ископира програмата од микроконтролерот преку читање на содржината на меморијата на микроконтролерот, тоа нема да може да го наприви. Но, во секој случај МОЖЕ да го избрише микроконтролерот и да впише која било друга програма.
Се надевам дека ви појаснив,
Добре Блажевски
Има многу малку информации, но мислам дека може да е проблем ако се користи PIC16F628A кој не може да се програмира добро со ProPic2. PIC16F628 се програмира без проблем, но сите PIC-ови во додавка A не се програмираат добро со овој програматор. Пробајте со друг програматор.
Благој Ќупев
Здраво.
Јас сум ваш редовен читател. Потребна ми е шема и опис на принципот на работа на регулатор на вртежи на AC-мотор. Односно, конкретно ме интересира како да ја намалам брзината на вртежи кај моторот од перална за алишта.
Благодарам однапред,
Денис преку е-пошта
Бројот на вртежи на асихрониот AC-мотор може да се регулира со сложен електронски уред. Изработката на ваков уред во домашни услови не доаѓа предвид. А и кога би се изработил, уредот тој би чинел многу повеќе од самиот електромотор. Освен тоа, и да се изработи регулаторот се појавува друг проблем. Имено кај овие мотори со опаѓање на брзината, моментот кој се добива на осовината на моторот исто така опаѓа. Така би добиле мал број на вртежи и едновремено мал момент на осовината на моторот што најчесто е несакан случај за повеќето потреби. Затоа за електронска регулација на овој мотор може слободно да заборавите.
Инаку овој мотор е комбиниран. Може да работи и како мотор со четири пола, и тогаш е побавен, или како мотор со два пола, и тогаш е брз. Кога машината ги пере алиштата (врти повремено лево и десно) тогаш моторот работи како четворополен мотор, а кога центрифугира работи како двополов мотор.
Ако сакате мотор со електронска регулација тогаш треба да употребите колекторски AC-мотор или мотор со четкички. Ние веќе имаме објавено кола за електронска регулација на овие мотори.
Кирил Крстевски
Здраво Емитер
Потребен ми е засилувач за два 12-инчни басови со хорни. Кое е најдобро решение за домашна употреба? Како би било најдобро да се направи?
Благодарам однапред,
Филип Пановски
Недостасуваат основните податоци, без кои не може да се даде прецизен одговор. Колкава е ефикасноста на звучниците што ги имате? Колкава импеданса имаат? Колкава им е моќноста? Дали овие звучници се направени со самоградба од компоненти, или се готови -фабрички (која фирма, модел?)? Колкава е просторијата во која треба да свират? Колку гласно сакате да ја слушате музиката?
Во просек, може да се земе дека за просечно гласно слушање во просечно голема дневна соба, ако ефикасноста на звучниците е просечна, доволни се 20 W по канал. Бидејќи зборовите "просечно гласно" различни луѓе драстично различно ги сфаќаат, не можам да дадам прецизен одговор колкава моќност на засилувачот би ве задоволила. Сепак, кога ќе се земе предвид цената на засилувачот во однос на моќноста, "златна средина" е некаде меѓу 50 и 100 W. Во ЕМИТЕР се објавени голем број на проекти за самоградба на вакви засилувачи - прегледајте на напиот веб-портал www.emiter.com.mk.
Не претерувајте со ватажата - имајте предвид дека разликата во јачината на звукот меѓу засилувачи од 100 W и 200 W е само 3 dB, а тоа е прилично мала разлика.
Владимир Филевски
Здраво Емитер,
Да бидам попрецизен. Мене ми треба некоја идеја за домашен засилувач кој ќе има два излези по 200W за 4 или 8-омски басови со хорни. Потребно ми е некое прилично добро решение за овие басови некоја ваша идеја, за да знам што да правам понатаму конкретно некој добар засилувач кој вие би ми го препорачале за да го направам?
Благодарам Емитер
Филип Пановски
Повторно не ни дадовте ниту една дополнителна информација за да можеме најсоодветно да ви помогнеме. Како и да е, во ЕМИТЕР досега се објавени неколку проекти за засилувачи со по 200 W по канал: ЕМИТЕР 7-8/09, 7-8/07 и 2/06. Бидејќи не ни напишавте какво е вашето практично искуство со самоградба од областа на електрониката, не би можеле да знаеме што да ви препорачаме од овие проекти - дали поедноставните (наменети за почетници) или посложените (за поискусните електроничари). Во секој случај, ви пожелувам успех во самоградбата, а за повеќе информации разгледајте на www.emiter.mk
Владимир Филевски
Почитувани,
Во моето училиште го изработуваме проектот "Движечки рекламен текст" од ЕМИТЕР бр. 2/05 и 3/05. ПИК-от што го користиме е испрограмиран од страна на ЕМИТЕР, но панелот не ни функционира исправно. Проблемот е следниот:
Имаме 10 одделни плочки (исто така, набавени од ЕМИТЕР) на кои треба да се испишува текст и да се контролира од страна на ПИК-от. До 2 плочки дифолт текстот од ПИК-от (текстот со информации) почнува да се испишува, но од третата плочка па до крај нема синхронизација (вертикала/хоризонтала) и текстот се движи со голема брзина (од десно на лево) и е за една ЛЕД подолу. Исто така, и не е можно да се контролира текстот со помош на тастатура, т.е. тастатурата никако не проработува.
Од електронски аспект сите плочки се проверени како што треба и сите функционираат. Се сомневам во лош ПИК, затоа што го испитав сигналот од него до плочките со помош на осцилоскоп и увидов дека од третата плочка па до крај, без разлика колку плочки имам врзано, е хаотичен и многу брз, а на првите 2 плочки е стабилен и во нормална брзина.
Едното нешто што кај нашиот уред е различно од вашиот е кристалот кој е за 100 килохерци различен од оној во Емитер, но според сигналот од осцилоскопот ПИК-от и со тој кристал (кој е рамно 18 MHz) работи перфектно.
Би ве замолил авторот на проектот, г. Благој Ќупев, да ни помогне да го решиме проблемот затоа што е неопходно панелот да профункционира.
Ви благодарам однапред,
Александар Лазаревски
Според мене проблемот е во погрешно избраниот број на карактери кои треба да се прикажат на матриците. Изборот се изведува со краткоспојниците кои се поставуаат на портата C од микроконтролерот. Доколку поставите матрици за 16 знаци, а одберете дека треба да се прикажат помалку (на пример, 8), тогаш на плочките после осмиот знак ќе има нерегуларна содржина како што опишувате. Споменувате дека сте набавиле 10 плочки, што значи дека сакате да прикажете вкупно 40 знаци на матрицата. Треба да имате предвид дека програмата која ја имате набавено од ЕМИТЕР поддржува приказ до најмногу 16 знаци (4 плочки за матриците). За приказ на повеќе од 16 знаци програмата треба да се преработи и да се провери дали постоечкиот микроконтролер воопшто може да се користи за таква апликација.
Исто така, треба да се провери дали водовите кои ги носат сигналите за синхронизација се во ред (нема пукнатини во водовите и случајни куси врски помеѓу нив).
Благој Ќупев
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.