Полнач за МП4 плеер во автомобил (Емитер 3/2011)

Здраво,
Имам едно прашање во врска со полнач за МП4 плеер објавен во рубриката "Писма" во Емитер 9/2008. Овој полнач сакам да го користам за полнење мобилен телефон Т-мобиле Пулс мини во автомобил. Тој телефон се полни преку USB порта на PC, па бидејќи вашиот полнач ми одговара сакам да го изработам. Дали треба да има и некаква дополнителна заштита од преголема струја или слично (бидејќи ќе го користам во автомобил) или е попаметно да си купам готов полнач од продавница?
Христијан преку е-маил

Посочената шема може да се искористи за од напонот на автомобилски акумулатор (номинални 12 Vdc) да добиеме 5 V, односно да погонуваме уред кои е предвиден да биде погонуван од USB порта.
Тука проблемот кој би можел да се појави би бил претераното загревање на интегрираното коло 7805 поради поголемата струја која му е потребна за полнење на вашиот мобилен телефон. Затоа 7805 треба да се монтира на ребрасто ладилно тело од алуминиум. Постојат прецизни пресметки колкав треба да биде овој ладилник. За да не ве оптоварувам со такви пресметки, ќе ви посочам дека колку е поголем ладилникот, толку е подобро – но, тоа е ограничено со расположливиот простор, како и со фактот дека тоа ладилно тело има некоја цена. За почеток употребете некое ладилно тело кое ви е при рака. Зашрафете го 7805 на него и следете ја температурата со прст во подолг период - ако е поголема од 60°C, нема да можете да го држите со рака. Дефинитивно тоа ќе биде показател дека треба да употребите поголемо ладилно тело. Овие тестирања вршете ги кога акумулаторската батерија на мобилниот телефон е празна – тогаш уредот ќе влече поголема струја од 7805, што ќе предизвика негово поголемо греење.
Инаку 7805 има интегрирано прекуструјна заштита која е нагодена на некои 1A и исто така има температурна заштита, па тој ќе се исклучи на температура повисока од 100°C и при струи поголеми од 1A. На тој начин се заштитува интегрираното коло, како и уредот кој е приклучен на него. Но, немојте да се обложувате на овие заштити, тие според Марфиевите закони ќе откажат "послушност" токму кога се најпотребни!
Со конструкција на ова навистина едноставно, но доверливо електронско коло, можете да научите многу од електрониката, а и да заштедите пари. Сепак едноставни мерки за предострожност се апсолутно задолжителни – како прво, тоа е стриктно придржување кон поларитетите на компонентите и мерење на излезниот напон со дигитален мултиметар пред каде било да го приклучите него!
Емилијан Иљоски


Проблем за напојување на сараунд засилувач (Емитер 3/2011)

Здраво емитерци,
Јас сум ваш редовен читател од Куманово и ви се јавувам за еден мал проблем. Имено, преправам аудиозасилувач од сабвуфер реализиран со TDA2030A. Сараунд системот е 5.1 и има 7 интегрални кола, 5 интегрирани кола за каналите за бас излезот, има 2 кои се во мостен (bridge) спој. Сè ми оди супер, само ако може една мала консултација. Напојувањето е +15V 0 -15V. На плочката (која е фабричка) има и излез +8 0 -8V, кој служи за напојување на друга плочка, ама таа не ми е потребна и е отстранета. Кога на тие +8 и 0 ќе приклучам кулер (DC вентилатор) тој работи, но ми прави неред со тоа што на звучниците се "слуша" вртењето на вентилаторот (брмчење). За да не додавам уште еден мал трансформатор специјално за вентилаторот, дали има решение како да се "украде" од веќе постоечкото напојување, дали ќе треба да се додадат некој кондензатор, диода... или слично за да би можело уредите да функционираат непречено еден од друг. Се надевам дека има решение.
Само да напомнам дека го имам изработено проектот "Стереоаудио засилувач Паганини" од Емитер 5/09, и тој е одличен, се разбира, за својата намена.
Имате голем поздрав од Куманово, стварно сте супер, неспоредливи... само така продолжете.
Горан (colgate_h_mocan@....)

Прво, да се обидеме со наједноставното решение - дали мора да има вентилатор? Ако ладилникот за TDA2030 е премал, најдобро е да се стави поголем ладилник. Дури и во случај вентилаторот да не индуцира брмчење во звучниците, тој сепак ќе шуми заради струењето на воздухот. Токму заради тие неизбежни шумови во hi-fi техниката се избегнуваат вентилатори за ладење на засилувачите.
Ако сепак мора да се користи вентилатор, треба да се испроба со друг вентилатор – можеби постојниот не е сосема исправен? Вентилаторот треба да се постави подалеку од електрониката за да се намалат индуцираните пречки. Ако и ова не помогне, можете да се обидете со сериска диода приклучена меѓу +8V и плусот на вентилаторот и електролитски кондензатор приклучен паралелно на изводите на вентилаторот. Кондензаторот треба да има вредност помеѓу 100 и 1000 µF и да се залеми што поблиску до вентилаторот.
Владимир Филевски

Наједноставно е да се искористи постоечкиот мрежен трансформатор за напојување на засилувачите и на вентилаторот. За таа цел неопходно е да се вгради еден дополнителен Грецов насочувач заедно со уште еден или два отпорника врзани во серија со вентилаторот (зависно од нивната моќност и потребниот напон за вентилаторот). На крајот добро е да се постави и еден кондензатор паралелно со вентилаторот. Тоа би требало да биде доволно за непречена работа на засилувачите и вентилаторот во исто време.
Дејан Трпески


Прашања за терморегулаторот за лемило TRB-V2.01 (Емитер 2/2011)

Сакам да го изработам терморегулаторот за лемило TRB-v2.01 oд Емитер 2/2002. Ме интересира со колкава моќност треба да биде трансформаторот бидејќи пишува дека треба да биде од 220V на 24V меѓутоа моќноста не ја пишува. Исто така, имам трафо од 19V па ме инетерсира дали ќе може да ми врши работа за овој уред. Што ќе изгубам? Дали ќе се продолжи само времето на греење?
Никола Николовски

Со оглед на тоа што грејачот на лемилото има моќност од 48W трафото треба да има 50W, а може и повеќе. Ако се употреби трафо за 19V сметам дека само ќе се зголеми времето потребно да се загрее лемниот врв, и со мала веројатност е дека нема да може да се достигне максималната температура од 480°C.
Благој Ќупев

Го изработив уредот со трафото од 19V но лемилото не може да ја постигне максималната температура од 450°C. Дали 17mV на J1 значат 450°C бидејќи со оваа вредност на врвот на лемилото со мултимер мерам околу 200°C и калајот едвај се топи. Со P1, P2 и P3 во крајна десна положба добивам некои 280°C и околу 19mV на J1. Претпоставувам дека ова значи дека не можам да го користам ова трафо?
Најдов и трафо од 24V но и со него моето лемило никако да се доближи до посакуваната температура од 450°C. Дали на тријакот TR1 треба да има ладилник? За P1 и P3 наместо вредностите што ги пишува ми дале за P1 од 47K оми, а за P3 од 470. Колку треба да биде вредноста на P3 бидејќи во Емитер пишува само 300?
Никола Николовски

Со трафо за 24 волти дефинитивно можете да ги добиете посакуваните 450°C па и повеќе (внимавајте да не го прегреете лемилото затоа што може да настане негово трајно оштетување).
Не можам да ви кажам колкав треба да биде напонот на сензорот при 450°C затоа што го немам лемилото кај мене, но сепак мерењето на температурата на врвот мултиметарот би требало да покаже добри вредности (максимална температура околу 450°C).
Вредноста на потенциометрите треба да бидат според шемата, но и мало отстапување не е проблем. Според правилата за означување во електронските шеми ознаката 300 значи 300 оми, но воопшто не е проблем тоа што имате вградено од 470 оми.
Тријакот не треба да биде поставен на ладилник иако се загрева при работа. Едно време се појавија тријаци со сомнителен квалитет кои не можеа да ги пропуштат двете полупериоди од напојувањето при побуда само од прв квадрант, па веројатно истиот проблем го има и кај вас – во овој случај лемилото се напојува со 50% од моќноста на трансформаторот и не може да ја достигне максималната температура.
Значи, за да проработи уредот како што треба, заменете го тријакот со нов (иста ознака како во шемата и не земајте замени за него) или побарајте т.н. logic level triac тип.
Благој Ќупев


Прекинувач за сабвуфер и 100W гитарски засилувач (Емитер 2/2011)

Здраво
1. Може ли да ми препорачате електрична шема на коло за вклучување и исклучување на уред во однос на влезен аудиосигнал? Имам woofer кој кога е вклучен има мал шум. Би сакал да направам проект каде што ќе се вклучува wooferot само кога ќе му дојде сигнал од засилувачот. Барав по проектите, но никако не можам да го најдам тој број на ЕМИТЕР каде што се наоѓа тој проект.
2. Се одлучив да го правам 100W гитарски засилувач објавен во '97 година и сакав да ве прашам дали се исплати и дали вреди да се направи тој проект и ако да, дали некој од читателите се пожалил или дал предлог за негово подобрување? Свирам гитара и голем ентузијаст сум, обожавам добар и квалитетен звук-со оглед на тоа што менувам жици секои 2 недели затоа што ми се допаѓа металниот остар звук на новите жици, јасно ќе ви стане колку обожавам добар звук.
Со почит, ваш редовен читател Бранислав

Уред за автоматско вклучување/исклучување на сабвуферот имаме објавено во бројот 6/2006.
Во 1997 година немаме објавено проект за гитарски засилувач, па веројатно мислите на проектот од 2007 година. Овој проект авторот го има изработено во неколку примероци, а имам сознанија дека го изработувале и многумина читатели и нивните искуства се главно позитивни. Некои дополнителни информации за овој проект можете да најдете во рубриката "Писма" во претходните броеви и на нашиот веб-сајт.
Колку за информација во подготовка е и можете да очекувате во наредните броеви на ЕМИТЕР нов комплетен проект за "Low COST" гитарски засилувач.
Слободан Таневски


ДВД-плеер на ТВ-приемник без скарт и пин приклучоци (Емитер 2/2011)

Здраво,
Сакам да ве прашам дали можам на ТВ-приемник кој нема SCART приклучок, а нема ниту пин приклучок да приклучам ДВД или друг уред со SCART излез?
Александар, преку е-пошта

Единствен прифатлив начин е да набавите некој стар половен видеорикордер кој има скарт приклучок. ДВД-то со видеорикордерот ќе го поврзете со кабел "скарт-скарт", а приклучокот за антена на телевизорот со антенскиот излез од видеорикордерот.
Дејан Трпески

На старите модели НА ТВ приемници, кои немаат SCART или RCA (популарно наречени: пин) приклучоци, можете да приклучите DVD само преку соодветен адаптер наречен ТВ-модулатор. Овој уред го претвора аудио / видеосигналот од SCART, односно RCA приклучоците во РФ-модулиран сигнал кој можете да го доведете на антенскиот влез на ТВ-приемникот и потоа да го бирате како и секоја друга ТВ-станица.
Во Скопје, во малопродажба можат да се најдат вакви ТВ-модулатори по цена од околу 10 евра. Но, ТВ-модулатор има и секој видеорикордер кој воедно има SCART и/или RCA конектори. Па вашето DVD можете, исто така, да го приклучите на ТВ-приемникот преку видеорикордерот за што е пишувано на повеќе наврати во Емитер.
Емилијан Иљоски


Колку полнења издржуваат акумулаторските батерии? (Емитер 2/2011)

Имам слушнато дека Li-Ion батериите не трпат повеќе од 200 полнења за разлика од NiCd кои издржуваат 1000 полнења. Моите искуства го кажуваат токму спротивното, Li-Ion батеријата од мобилниот ми трае без проблем 4 години и ветува деја може уште некоја година да е во функција, додека NiCd батериите од безжичниот телефон издржуваат едвај 2 години (понекогаш и помалку!). Зошто е така?
Петар преку е-маил.

Кога зборуваме за Li-Ion акумулатори и колку полнења тие издржуваат, тогаш производителите споменуваат една нова категорија: комплетен циклус (complete cycle). Комплетен циклус се смета цел циклус од празнење од некое ниско ниво, па полнење до максимум, па празнење до првобитното ниво. Li-Ion акумулаторите издржуваат 100 до 200 вакви циклуси без драстично намалување на капацитетот. Тие издржуваат многу повеке делумни полнења, за разлика од NiCd акумулаторите кои декларативно издржуваат 1000 делумни полнења (поради меморискиот ефект, сите полнења кај Ni-Cd се делумни!).
Со NiCd имам многу искуство, накратко тие "нит се водат, нит се тераат" па апсолутно е невозможно да се направи квалитетен алгоритам за автоматско полнење. Преведено во број на полненња, никогаш, ама баш никогаш не сум се приближил до фамозната цифра од 1000 полнења, се завршувало на пар стотини, некогаш и помалку, полнења! Затоа, уверен сум дека за NiCd, често споменуваната цифра од 1000 полнења е повеќе маркетиншки трик отколку проверен факт во реални услови на експлоатација.
Кај Li-Ion акумулаторите, состојбата е сосема поинаква. Тие имаат доста стабилен циклус полнење/празнење и не покажуваат т.н. "мемориски ефект" така што многу полесно може да се проектира квалитетена автоматика за нивно полнење. Второ, многу битно својство кај Li-Ion акумулаторите е: ако ниту ги празниме батериите до крај ниту ги полниме до крај, тогаш векот на траење може да се продолжи. На пример, ако никогаш не ги празниме под 20% од капацитетот, ниту пак полниме преку 80%, тие можат да траат доста подолго. Тоа е сосема спротивно одколку кај NiCd акумулаторите.
Производителите го знаат ова својство и делумно го применуваат при проектирање на автоматиката за полнење на Li-Ion акумулатори кај мобилни телефони (и други уреди). Сепак сите производители не го користат ова својство, некои одат на "картата" да добијат поени на "издржливост" на уредот која, всушност, не е резултат на намалената потрошувачка туку е резултат на повеке празнети и повеке полнети акумулатори, што, се разбира, резултира во нивниот пократок животен век.
Да ја илустрирам драстичната разлика во полза на Li-Ion акумулаторите, ќе го напоменам фактот дека мобилните телефони треба да работат 24 часа на ден додека безжичните работат само кога се вклучени со една состојба на чекање (stand-by) кај која работи само приемникот и троши многу малку струја. Мобилните телефони, во состојба на чекање, покрај активиран приемник, повремено испраќаат сигнали со кои се идентификуваат во мрежата и затоа трошат многу повеќе струја (предавателот на мобилниот телефон обично троши 200 до 500 пати поголема струја од неговиот приемник). Згора на сето ова, предавателите кај мобилните телефони се со поголема моќност (3 до 10 пати) отколку оние кај безжичните телефони. Сето ова преведено во број на полнења во одреден период, користејќи акумулатор со двојно поголем капацитет (700 mAh кај Li-Ion наспроти 360 mAh кај NiCd) мобилните телефони ќе бараат два пати повеќе полнења отколку безжичните телефони. И, проверено, пак издржуваат подолг период, волшебно зар не?
Кога ќе се спомене акумулаторска батерија, тоа веднаш асоцира на NiCd и лошите искуства со нив па можеби затоа преовладуваат доста предрасуди на кои може да наидеме во реалниот живот. Li-Ion акумулаторите нудат еден сосема поинаков пристап, па за нив може многу да се пишува.
Мислам дека, во главни црти ги образложив причините зошто вашата Li-Ion акумулаторска батерија, која има доста "комплетни циклуси" (полнета секој трет ден, за 3 години таа ќе има околу 400 делумни полнења), најверојатно сè уште има задржано половина од првобитниот капацитет. И во реалност тоа е добро, ако не и одлично, во секој случај многу подобро од искуствата со NiCd акумулаторите!
Емилијан Иљоски


Каде да набавам ултразвучни сензори (Емитер 2/2011)

Почитувани,
Имам проблем при изработка на проектот "Ултразвучен паркинг сензор" кој е објавен во списанието Емитер 1/2008. Проблемот е во тоа што не можам да ги најдам деловите: TX1 - водоотпорен ултразвучен предавател 40 kHz и RX1 - водоотпорен ултразвучен приемник 40 kHz. Дали е можно овие два дела да се заменат со некои други? Проблемот е што плочката е веќе залемена со сите делови и само овие два ми недостасуваат за да ја пуштам во употреба.
Се надевам дека ќе ми помогнете и однапред ви благодарам.
Стефан Рашиќ

Ултразвучните сензори не мора да бидат за 40KHz, може да бидат и за друга фреквенција но важно е и двата да бидат за иста фреквенција. Ако ги нема во другите продавници обидете се во македонското претставништво на Конрад во ГТЦ Скопје. Ако ги немаат на лагер, нудат можност да ги нарачаат од Германија.
Слободан Таневски


Каков адаптер да купам за рутерот Zuxel? (Емитер 2/2011)

Здраво.
Ми треба помош околу адаптер. Имам рутер Zyxel чиј адаптер не знам каде е. Проблемот е што не можам да најдам соодветен за него – потребен е за 12V / 10W / 830mA. Јас дома имам универзален адаптер за 12V но е 5W и 300mA. Кога го уклучувам рутерот на него наместо Power сијаличката да свети зелено, свети жолто и не работи ниедна функција. Дали е проблемот до адаптерот и ако е Ве молам за помош каде би можел да купам ваков адаптер и по која цена?
Поздрав,
Александар Руфовски

Адаптерот што го имате е слаб, може да даде струја до 300mA, што е недоволно за рутерот. Треба да купите некој адаптер што е предвиден за струја од 830mA или поголема. Таков адаптер можете да купите речиси секаде каде што се продаваат електронски производи. Важно е адаптерот да биде за напон од 12V, а струјата односно снагата може да биде и поголема - често се наоѓаат адаптери за максимална струја од 1000mA по цена од 150 до 300 денари.
Слободан Таневски


PIC и хибридни радиомодули (Емитер 1/2011)

Здраво,
За училишниот натпревар сакам да направам проект со хибридните радиомодули. Првпат работам со хибридни модули, користам PICBasic и работам во mikrocode студио, но не знам која команда да ја искористам за да пратам сигнал кој ќе побуди релеј! Затоа од вас барам помош за оваа работа.
Стефан Василевски

Деталите не ми се познати за конкретниот програмски јазик/компајлер што ќе го користите. Но, едноставно е. Погледајте која е командата во PIC Basic за сериска комуникација (искористете help) и како се користи таа. Имено, кои се командите за испраќање податоци преку сериска комуникација и за примање на податоци преку неа. Би требало да се две различни како на пример SERIALOUT и SERIAL IN или нешто слично. На самата наредба треба да и се даде брзината на пренос, број на бити, стоп бити, паритет и слично. Истото треба да го направите и на двете наредби.
Пробајте со два микроконтролера поставени еден до друг и поврзете ги соодветно да видите дали сериската комуникација ќе ви работи. Ако вака ви работи, со модулите нема да имате проблем. Тие само ќе го пренесат тоа што ќе дојде до нив. Потоа преминете на модулите практично.
Се надевам дека успеав барем малку да ве насочам.
Пред нешто да работите со микроконтролерот, односно да го испрограмирате, морате да ги познавате наредбите и да имате идеја како да решите одреден проблем. Морате да го прочитате упатството за програмскиот јазик и да знаете како и што прават наредбите што ви ги нуди тој.
Поздрав
Добре Блажевски

Голема благодарност до Добре Блажевски со тоа што ми помогна при програмирањето на PIC микроконтролерот и користењето на командата за RF врска. Јас сам пробав како што ми кажавте и ми успеа тоа што го сакав! На влезот од предавателниот модул пратив "1" и на излезот од приемниот модул добив "1".
Сега имам друг проблем: имам дома LED дисплеи и сакам да ги поврзам на PIC16F628, но имам пинови кои се искористени за други работи (сензори, релеи итн.), па јас ставив декодер CD4543 и поврзав 4 пина и уште 4 за транзисторите, но не знам како мултиплексирањето да го напишам во програмата. За пишување на програмата користам PICBasic. Дали можете да ми кажете која команда да ја искористам или пак некој пример?
Однапред Благодарам
Стефан Василевски

За жал, ова што го барате е веќе посложен процес и бара повеќе работа. Не ми е познато дали во PICBasic постои готова наредба за мултиплексирање. Досега такво нешто немам сретнато. Тоа ќе морате да го направите со останатите познати наредби, но претходно морате да имате познавање за тоа како се мултиплексира, односно како преку мултиплексирањето се прави движечки текст.
Побарајте на интернет податоци за тоа или обидете се со POV (Persistance of View) како клучен збор во вашиот пребарувач. Ќе добиете многу корисни информации.
Поздрав и среќни празници.
Добре Блажевски


Празен од и куса врска? (Емитер 1/2011)

Почитувани,
Што се подразбира под поимите "празен од" и куса врска"?
Поздрав,
Христијан

Добро е што прашувате, бидејќи никогаш не е предоцна да се осознаат основните поими. Краткото појаснување на овие технички термини е:
Празен од - Во електротехниката, машинството, електрониката и воопштено во техничките науки овој термин се користи да означи дека системот или уредот не е приклучен на некој товар или потрошувач. Односно, состојба кога системот или уредот не врши некакво дејствие или работа.
Куса врска - Превод од германскиот збор Kurzschluss (или куршлус) - поинаку преведен и како краток спој. Означува состојба кога активниот вод (односно, водот кој го пренесува сигналот или електричната енергија) е механички врзан за неутралниот вод (или повратниот вод).
Кусите врски во системите обично се непожели, бидејќи генерираат прекумерно и непотребно трошење на електрична енергија (или воопштено: енергија) кое може да му наштети на системот. Но, кусите врски често свесно се користат во мерната техника за да ги одредиме својствата на системот кога нема присуство на надворешна побуда (куса врска на влез) или тестирање на дејство на заштитен склоп (куса врска на излез).
Инаку, и двата термина често се користат и во слободниот, нетехничкиот говор за да се опишат состојби аналогни на техничките. Така, велиме: "Има празен од во мојот распоред" за да се означи дека има некое слободно, нераспределено време или "Нејзиното појавување предизвика куса врска во нашите односи", за да означиме некоја коренита промена - распад на системот.
Емилијан Иљоски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.