Здраво Емитер!
Пред сè сакам да ве поздравам.
Пред некој ден, обавувајќи ги секојдневните хигиенски обврски, добив идеја за искористување на топлата вода, која оди во одводот. Иако е загадена, сепак топлината од неа може да се искористи. Доколку имаме два метални сада, еден во друг; надворешниот сад поврзан со одводот, внатрешниот со водоводот, дел од таа топлина би требало да се пренесува во водата која ќе оди во бојлерот, па така стоплената вода ќе се разладува побавно. Но, ефикасноста на овој уред и неговите димензи би требало да се пресмета од страна на некој кој ја знае термодинамиката подобро од мене :).
Затоа, доколку оваа идеја е на место т.е. "држи вода" и би им била од корист на емитерџиите се надевам дека може да се погледне и да се реализира.
Горан од Кичево
Идејата држи вода, но едвај. Отпадната млака вода може да циркулира во топлотен изменувач во еден "предбојлер", на кој од другата страна ќе му влегува ладна вода, која малку ќе се потстопли пред да влезе во главниот бојлер. Дополнителна инсталација (плус пумпа, ако одводот е под нивото на изменувачот), предбојлер и топлотен изменувач се релативно скапа инестиција, иако едноставен изменувач може да се направи од една спирално извитакана цевка, или од мноштво паралелни прави цевки. Можеби би се исплатило за некои поголеми потрошувачи со специјална намена, но одводот не смее да содржи никакви отпадоци (храна, хартија, влакна, друго ;>), ...), бидејќи топлотниот изменувач ќе се затне. Сигурно дека не може да се гарантира дека одводната вода нема да содржи никакви отпадоци. Ако се направи едноставен изменувач со две рамни метални плочи (за да не му прачат отпадоците во водата), тогаш тешко дека ќе има доволна површина за измена на топлината.
Заклучок: неисплатливо, освен во некои специјални случаи. За домашни услови - дефинитивно неисплатливо и проблематично.
Владимир Филевски
Веќе постојат решенија за тоа каде цревата од системите со топлинска пумпа се ставаат во канализацијата - во големите цевки каде во просек секогаш има млака вода (заедно со отпадот и изметот :-))). Колку што се сеќавам некаде имам читано дека таква интервенција е забранета заради намалување на протокот и можноста за затнување на канализацијата.
Слободан Таневски
Многу идеи се добиени при посетата на санитарните јазли во текот на нивното 5 милениумско постоење. Па и топлата вода најверојатно таму е измислена и не треба да се обидуваме повторно да ја измислуваме. Идејата е интересна, но ве уверувам, милионската армија на научници и економисти нема да не чека нас да им дошепнеме што треба да прават за да се заштедат милионски суми. Со други зборови, идејата е интересна, но за жал не е профитабилна, па затоа никој не се зафатил да ја реализира. Ако веќе сакаме нешто "еколошки" да направиме, а притоа да има некаква смисла, да размислуваме на овој начин: На секој квадратен метар македонско тло, просечно секој ден паѓа од 5,5 до 6 KW сончева енергија, што е навистина една од највисоките вредности во Европа. Луѓето навистина остануваат со отворена уста кога ќе се соочат со оваа бројка - 5,5 до 6 KW е навистина импозантна вредност и што е најбитно, тоа е точна вредност! Но, од соларна енергија и соларни колектори, во Македонија го нема ни она "с"!
Затоа, кога ќе ни дојде на ум некоја брилијантна идеја за рециклирање на енергија од било каков вид, да се присетиме на оние 5,5 до 6 KW по квадратен метар кои неповратно се губат секој ден во загревањето на тлото, реките и потоците! Само за пример - ако ја прекриеме цела Македонија со соларни ќелии (30 000 km<sup>2</sup>), ќе можеме да ја покриеме целата светска потрошувачка на електрична енергија!
Емилијан Иљоски
Системи на изменувачи на топлина кои работат на овој принцип веќе се во употреба во САД, Канада и Англија. Во зависност од периодот на враќање на вложените финансиски средства (од 2 месеца до 5 години), нивната употреба е ограничена на одредена категорија објекти. На меѓународната научна конференција "Проектирање и изградба на згради и опрема" одржана во септември 2008 во Варна (Бугарија), имаше интересен труд на двајца автори (д-р Стојан Гашаров и M.A.Sc.,P.Eng. Gerald Van Deker) на оваа тема. Доколку уредништвото на ЕМИТЕР смета дека би било интересно да се претстави овој труд во некој од наредните броеви, тоа би можел да го реализирам во зависност од расположивото време кое ми е потребно за интерпретација на презентираниот материјал и изработка на графички прилози.
Петар Николовски
Веќе има такво нешто на база на топлинска пумпа. Во канализација се поставува ладилник (испарувач) кој ја лади оваа вода за сметка на тоа, на кондензаторот (кој е поставен дома како загревно тело или во бојлер) се добива топлинска енергија. Битно е да постои подигнување на температурата на таа топлина, а искористувањето на таа топлинска енергија со малата температура е неисплатлива инвестиција. А точно е тоа дека некаде е забрането поставувањето на ваква сонда - ладилник во канализацијата поради претходно наведените причини.
Кирил Крстевски
Почитувани господа,
Во весникот "Вечер" од 9-ти и 10-ти мај на стр. 33 објавен е купон за нарачка на минијатурна електронска антена за телевизор и радио. Порано истата антена ја продаваше претпријатието "ELDA" од Хрватска. За неа постоеше реклама во списанието "Majstor" од Загреб, број 12 од 1994 година. Кај нас антената ја продава "Регата Постмаркет", П. Ф. 8, од Скопје, по цена од 990 денари. Ве молам одговорете ми дали ви е позната оваа антена, како ја оценувате и дали ја препорачувате?
Дамче Зафиров од Велес
Рекламата за таа минијатурна антена со големи можности ја забележавме и ние и доста нè заинтригира бидејќи според теоријата и практиката што ни е позната во врска со антените толку добри карактеристики од толку мала антена е невозможно да се добијат. Меѓутоа напредокот на техниката можеби го овозможил и тоа. Затоа би сакале да ги чуеме искуствата на некои од читателите кои ја набавиле оваа антена или, уште подобро, некој читател или фирмата што ја продава да ни ја позајми на неколку дена за да можеме детално да ја тестираме.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Често го купувам ЕМИТЕР уште од првиот број и сметам дека поголемиот дел од написите се добро подготвени и интересни. Но, имам и некои забелешки и предлози:
1. Објавениот напис "Тајната на сјајниот диск" од 5/98 во најголем дел е превземен од хрватското списание BUG (Listopad 1995), при што тоа не е наведено. Користењето литература и списанија при подготовка на написите е разбирливо, но сметам дека не треба да се сведе на препишување од збор до збор, вклучувајќи ги и грешките (на пр. intertrack gap од 2s е карактеристика на DA формат на CD-R, но кај оригиналните CD-DA се движи од 0, па до десетина секунди).
2. Најголем дел од читателите се ученици или студенти од електротехничка струка, на кои содржините од "Мерења и мерна опрема во електрониката" и "Почетен курс по практична електроника" им се веќе познати. Во интерес на сите читатели, предлагам објавување и на серии написи со содржини кои не се опфатени во образованието или за кои тешко се доаѓа до литература. При тоа, ако е потребно, може дополнително да се зголеми бројот на страници, со соодветно зголемување и на цената.
3. Мислам дека е покорисно Z32KV да го замени "Радио аматерски информатор" со редовна рубрика за самата радио техника, ЕМ бранови, антени и сл. (за што веќе има пишувано во некои од минатите броеви).
4. Постоењето на "Операциона сала" како рубрика во суштина се сведува на повторување. Еден напис беше сосема доволен за пример.
5. Идејата на З. И. од Битола за подарок - шеми на ТВ приемници од Јапонски производители, може лесно да се реализира и ќе предизвика интерес кај читателите.
6. Им предлагам на дипломците на ЕТФ - читатели на ЕМИТЕР своите дипломски работи накратко да ги претставуваат во посебна рубрика (како во ЕЛФАСКО) со што мислам дека ќе се привлечат нови читатели.
Се надевам дека барем некои од предлозите ќе бидат прифатени со што ќе се зголеми квалитетот на списанието.
Горан Џамбазов, Велес
На почеток сакам да Ви се заблагодарам за писмото. Мислењата на читателите претставуваат приоритет за нас бидејќи ни укажуваат во која насока треба да се движиме за да бидеме подобри и поинтересни. Затоа сугестии, коментари и критики, позитивни и негативни, се секогаш добредојдени. Впрочем, една од основните функции на оваа рубрика е да ги дознаеме желбите и мислењата на читателите. Меѓутоа, верувам ќе се сложите, на дел од нив не е возможно позитивно да одговориме поради повеќе причини од кои ќе набројам само неколку: ограничениот простор во списанието, немањето соодветни технички услови, немањето соработници за одредени области, зацртаната концепција и нашите планови во врска со содржината на списанието, нашите сознанија за интересите на други групи читатели итн. Работиме на тоа и се надевам дека во иднина ќе успееме да исполниме поголем дел од предлозите на нашите читатели. А, сега конкретно за Вашите забелешки и предлози.
1. Една од ретките привилегии на новинарите е своите извори на информации да ги чуваат во тајност. Во текстот "Тајната на сјајниот диск" се изнесени факти кои лесно можат да се проверат, а самиот текст претставува новинарски напис, а не научен труд каде задолжително мора да се наведат изворите кои се користени, и врз основа на кои се дошло до нови сознанија и заклучоци. За овој напис се користени технички податоци од Интернет, неколку странски списанија и книги, а поради својата концизност и реноме на еден од најдобрите европски компјутерски магазини, и од списанието кое Вие го наведувате. Дури ни во таа елитна публикација не се наведени изворите на информации кои се користени во ниеден од текстовите, иако не верувам дека авторите на текстовите се и творци на сè она за што пишуваат, па да изнесуваат информации од "прва рака". Што се однесува до "сјајниот диск", се надевам дека со наша помош тој претставува помала тајна.
2. Нашите сознанија, кои потекнуваат од контакти со читателите, од претходната анкета (лето 1996) и од анкетата што е во тек, укажуваат дека околу половина од читателите не се и не биле ученици во електротехничко училиште. Од друга страна добро ни е познато што и колку се учи во средните електротехнички училишта и на ЕТФ и колкаво внимание се посветува на информации битни за практично работење во електрониката - општо е познато дека во нашиот образовен систем праксата е многу малку застапена. Токму поради тие причини објавувањето на спомнатите серии на написи е повеќе од оправдано за што сведочат и позитивните реакции на голем број читатели. Инаку, како што знаете, во тек е и серија написи под наслов "Курс за микроконтролери", а во план имаме и серии на други теми.
3. Првичните анализи на анкетните листови ни укажуваат дека рубриката "Радио аматерски информатор" вака конципирана побудува интерес само кај мал број на читатели. Поради тоа планираме некои промени токму во насоката што и Вие ја сугерирате, но тоа ќе ја почека есента.
4. Вашите забелешки дека "Постоењето на ОПЕРАЦИОНА САЛА како рубрика во суштина се сведува на повторување" и дека "Еден напис беше сосема доволен за пример" никако не можам да ги прифатам. Рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА во суштина се сведува на мерења на звучници, па навистина е парадоксално зошто не Ве интересира оваа рубрика, со оглед на тоа што во анкетниот лист сте напишале дека особено многу Ве интересираат мерни тестови на Hi-Fi уреди! Во Hi-Fi уреди се вбројуваат и звучниците (барем дел од нив). Не може да стане ни збор за некакво повторување, од проста причина што секогаш се мерат и анализираат различни модели на звучници. Единствено нешто што се повторува во рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА е тоа што редовно се употребува CLIO - професионалниот уред за мерење на звучници, единствен од таков вид во Македонија. Мислам дека никој не би требало да се жали заради тоа, напротив.
Анализите и резултатите од мерењата на звучниците Infinity Reference 1i (ОПЕРАЦИОНА САЛА во ЕМИТЕР 3/98) не знам како би можеле да бидат "сосема доволни за пример" на сопствениците на Videoton DC 2580 (ОПЕРАЦИОНА САЛА во ЕМИТЕР 5/98). Дали тоа значи дека некој би можел да направи модификација (подобрување) на Videoton DC 2580 само врз основа на мерењата на звучникот Infinity?
Верувам дека анализите на употребените техничките решенија, измерените карактеристики и графикони и предлозите за модификации на тестираните звучници им овозможуваат на читателите на рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА да добијат објективна слика за тие модели на звучници, а исто така и да стекнат многу нови сознанија од аудио техниката.
5. Таква идеја носиме уште од првиот број, но до сега не сме ја реализирале поради низа објективни причини, меѓу кои и поради технички проблеми поврзани со обезбедување на квалитетни оригинални шеми, скенирање и печатење на такви големи формати и слично. Како и да е, наскоро и оваа идеја ќе биде реализирана и тоа во склоп на серија написи за поправка на ТВ и видео уреди која планираме да стартува на есен.
6. Веднаш по излегувањето на првиот број истиот предлог го упативме и ние до професорите и асистентите од катедрата за електроника на ЕТФ со молба да ги упатуваат дипломците своите дипломски работи во скратена форма да ги објавуваат во ЕМИТЕР. До сега таква понуда не добивме од ниту еден иден инженер, па ова нека претставува и јавен повик до сите дипломци на ЕТФ, особено од насоките ЕТ и КТИА.
Уште еднаш Ви благодарам за писмото и се надевам дека и во иднина со интерес ќе нè следите и ќе ни давате корисни предлози и забелешки.
Слободан Таневски, Ристо Даскалов и Владимир Филевски
Почитувана редакцијо,
Редовен читател сум на ова единствено списание од овој вид во нашава земја, многу ми се допаѓа, но мислам дека треба да престанете со проекти за НФ засилувачи. Редно би било во некој од следните броеви да објавите шема за поквалитетен приемник, а и еквилајзер кои заедно со некој од засилувачите од предходните броеви би претставувал добар склоп.
И уште еден предлог. Хоби ми е музиката, па би сакал да имам и безжичен микрофон, но за жал такво нешто немам сретнато. Можеби би ми препорачале некој од мини предавателите, но гласот преку нив не е оној вистинскиот.
Синиша од Кичево
Најголемиот број од читателите на ова списание своите први чекори во светот на електрониката сигурно ги направиле со конструкцијата на некој НФ засилувач. НФ засилувачите како и другите степени од НФ ланецот сигурно се најпопуларни меѓу аматерите електроничари. Фактот дека кругот на читатели на списаниево е релативно широк и дека од број во број тој се зголемува со нови читатели што допрва запливуваат во водите на електрониката ја условува потребата од константно постоење на такви текстови. Од друга страна оние понапредните електроничари сигурно ги гледаат НФ засилувачите и од еден друг агол - како специфична електронска конструкција и решение, па така различните решенија на НФ засилувачите (посебно оние дискретните) се извор на различни знаења и идеи кои потоа можат да се аплицираат и при конструкција на други уреди. Што се однесува до конструкција на еквилајзер, истата очекувајте ја во некој од следните броеви.
Со оглед на цената на комерцијалните радио приемници (тјунери) и нивниот квалитет (денес и "најлошите" се сосема добри и со задоволувачки квалитет кој обично е недостижен за домашно изработените), доколку сакате радио приемник најдобро е истиот да го купите.
Безжичните микрофони (мини предавателите, шпиун бубите) сигурно се едни од најпопуларните конструкции меѓу младите електроничари. Повеќето се со едноставна, евтина и сигурна конструкција (неколку полупроводници и пасивни елементи) и обично без проблеми проработуваат "од прва" - за нивна градба не се неопходни големи познавања ниту пак некои специфични и скапи инструменти. Меѓутоа, предавател (безжичен микрофон) со поголема моќност и квалитет (што подразбира стабилна фреквенција, малку хармоници и мали изобличувања) е скоро невозможно да се изработи успешно во аматерски услови бидејќи за тоа се потребни големи теоретски знаења и практични искуства од електрониката (со акцент на ВФ техниката), соодветна литература и специфични мерни инструменти - ова последново е најголем проблем со оглед на нивната цена и недостапност. Поради овие причини до сега не сме објавиле проект за поквалитетен и помоќен предавател, но во иднина планираме да објавиме и таква конструкција. До тогаш Ви го препорачувам написот за мини ФМ предавателите (Е4/95) и ФМ приемникот со TDA7000 (Е5/95). Нивниот квалитет не е голем, но сепак е доволен за аматерска примена, меѓутоа најважно е тоа што со нивна градба ќе стекнете драгоцени знаења и искуства од областа на радио техниката.
Игор Николовски
Доколку вашата редакција е во можност би сакал во некој од следните броеви на ЕМИТЕР да објавите проект за изработка на шема за безжично (преку радио врска) поврзување на повеќе компјутери кои се на растојание и до 2-3km. Доколку имате некакви шеми за изработка на погоре наведеното, но не сте во можност да ги објавите во следниот број, би ве замолил да ми ги пратите шемите и потребните податоци за изработка.
Давид Јордановски од Велес
За поврзување на повеќе компјутери во безжична LAN мрежа, на секоја станица Ви е потребен примопредавател и соодветен модем. Сложеноста на овие уреди зависи од барањата кои ги поставувате пред нив. Во секој случај, за да се избегнат грешките при преносот потребно е примопредавателот да има исклучително стабилна фреквенција, што значи осцилаторот во него да е изведен со кристал. Како примопредавател може да се користи и рачна (радио-аматерска) станица, но поради ограничениот фреквентен опсег кај неа, 2,5kHz, не можат да се постигнат задоволителни брзини на битски пренос. Ќе се потрудиме во некој од следните броеви да презентираме неколку добри решенија на оваа тема, а сега заради едноставноста на решението Ви ја нудиме прикажаната шема.
BIM-433-F (433,95MHz) е готов модул кој можете да го набавите по цена од околу 50 фунти од Radiometrix Ltd. (UK), тел. 0181-810-8647, факс: 810-8648. Овој склоп за жал обезбедува домет само до 30m во зграда.
Игор Мазгански
Здраво,
... Би сакал да објавите напис за изработка на засилувач на телевизиски сигнал и да дадете кратко објаснение од што зависи приемната моќ на една антена и како истата да се зголеми.
Продолжете така и сè најубаво.
Горан Паликаров од Струмица.
Под засилувач на телевизиски сигнал претпоставувам подразбирате антенски засилувач. Напис за еден антенски засилувач (заедно со широкопојасна UHF антена) објавивме во бројот 3/98. Прикажаниот засилувач може да се користи и со други типови на ТВ антени - логаритамски или јаги. Доколку пак под засилувач на ТВ сигнал мислите на видео засилувач тогаш таков засилувач можете да најдете во броевите 6/98 и 12/96. Се разбира, во иднина планираме да објавиме и други проекти и апликации за вакви уреди.
Како ТВ антени денес најчесто се користат јаги или логаритамски антени. Нивното засилување најмногу зависи од бројот на елементите (повеќе елементи - поголемо засилување), но и од многу други фактори. За ТВ и УКБ антените повеќе можете да дознаете од серијата написи што ја објавивме во броевите 4/95, 5/95, 1-2/96 и 3-4/96.
Слободан Таневски
Поздрав до редакцискиот одбор, до г. С. Таневски и до г. В. Филевски!
Во секој број на ЕМИТЕР давате од сè по нешто, само што електрониката со ел. цевки воопшто не е застапена. Има само слики од такви засилувачи (Jolida, Nightingale, Cary …), но сеуште нема ништо од најавените шеми и проекти за засилувачи со електронски цевки. Би ве замолил да дадете шема за таков засилувач, без разлика на моќноста - од 50W па сè до 1kW.
Имате напишано дека засилувачите со електронски цевки можат да работат во две A класи: A1 и A2 класа. Тоа не ми е јасно, па ако сакате да ми објасните подетално.
Поздрав од
Гаврило од Тетово
Засилувачите со електронски цевки не се магично стапче со чија помош ќе добиете супер звук од вашиот Hi-Fi систем. Во повеќе наврати имаме напишано дека разликите во квалитетот на звукот меѓу засилувачите не се толку големи како што некои замислуваат (или им се слуша). Слепиот слушен тест на засилувачите Aura, Densen и Jolida и истражувањето "Моделирање на звукот на засилувачите" кои се објавени во ЕМИТЕР 6/97 јасно докажуваат дека треба да се прави разграничување помеѓу поимите разлика во звукот и разлика во квалитетот на звукот. Засилувачите со електронски цевки можат да дадат различен звук во однос на транзисторските, но тоа не значи дека мора да даваат и поквалитетен звук!
Треба да се напомене дека квалитетен звук се добива само ако сите уреди во Hi-Fi системот се квалитетни. Ова особено се однесува на звучниците. Добар звучник со просечен засилувач секогаш ќе дава поквалитен звук во однос на просечен звучник со добар засилувач.
Вашите апетити за засилувач со моќност од 1kW (!!!) се навистина претерани. На кои звучници би го приклучиле тој засилувач? Да не навлегувам во тоа колку би чинела изработката. Колку што ми е познато, постои само една компанија во светот која произведува засилувач со електронски цевки со толкава моќност: VTL (Vacuum Tube Logic). Нивниот моно-блок засилувач VTL MB-1250 дава 600W излезна моќност ако излезните електронски цевки се поврзат како триоди. Може да даде 1250W ако цевките се поврзат како тетроди, но тогаш изобличувањата се поголеми. Цената за еден пар моно-блокови VTL MB-1250 е 28.400 долари, а тежината е 150kg!!!
Ниедна друга фирма во светот не произведува засилувачи со електронски цевки со толкава моќност. Сигурно имаат добра причина за тоа – послушајте ги. За домашна употреба сосема доволна е моќност до 50W.
Цената на засилувачите со електронски цевки е многу висока, најмногу заради цената на излезните трансформатори. Повеќе странски специјализирани фирми нудат квалитетни излезни трансформатори, но нивната цена е поголема од 300 марки за еден пар (50W, push-pull). Кога ќе се додаде поштарината и царината, цената само на излезните трансформатори излегува поголема од 600 марки за еден пар. За тие пари можете да купите или самостојно да изработите многу добар транзисторски засилувач. Многу поевтино можете да пројдете ако се обидете сами да ги изработите излезните трансформатори, но во аматерски услови тоа е многу сложена работа, поврзана со многубројни проблеми (да не кажам скоро невозможна). Главен проблем се трансформаторските лимови, кои практично не можат да се најдат на слободниот пазар. Тоа се специјални лимови, потенки од оние кои се употребуваат во обичните мрежни трансформатори. Ако се употребат обични трансформаторски лимови, се зголемуваат изобличувањата и се влошува амплитудно-фреквентната карактеристика. Понатаму, примарот и секундарот кај излезните аудио трансформатори треба прецизно да се намотуваат испреплетено во повеќе секции (и до 20!), а тоа воопшто не е тривијална задача. Овие компликации се неопходни, бидејќи мрежните трансформатори се проектирани за добро пренесување само на "сигнал" од 50Hz, а излезните аудио трансформатори треба добро да го пренесуваат музичкиот сигнал од 20Hz до 20kHz.
Излезните трансформатори од некои стари гитарски засилувачи исто така не се добро решение. Тие трансформатори даваат премногу специфичен звук – одличен за гитара, но не вредат за ништо друго, бидејќи така се проектирани.
Ако и покрај наведениве проблеми не се откажавте од идејата за градба на засилувач со електронски цевки, ветуваме дека во најскоро време ќе објавиме шема на некој таков засилувач. Што се однесува до излезните трансформатори, снаоѓајте се сами.
Лично, имам во план да направам засилувач со електронски цевки, кој можеби би го објавил како проект во ЕМИТЕР, со комплетни информации за изработка на трансформаторите, но тоа ќе причека извесно (неодредено) време. Ако немате време за чекање, нарачајте го засилувачот Millennium 4-20 по цена од 170,2 англиски фунти ( order code: BJ36P, адреса: Maplin MPS, PO Box 777, Rayligh, Essex, SS6 8LU, United Kingdom). На оваа цена треба да се додаде поштарина, а на сето тоа и царина – очекувајте дека на крај ќе ве чини скоро двојно повеќе од наведената сума. Овој засилувач доаѓа во комлетна кит форма, со кутија и сите електронски цевки, и е многу лесен за составување. Во излезниот степен користи по две цевки EL 34 во push-pull спој и дава 20W синусна моќност по канал. Работи само со звучници од 8Ω и има само еден влез (доволно за CD плеер). Звукот е, велат, одличен за таа цена, но дизајнот е прилично грд за мој вкус.
Електронските цевки работат на следниов начин: Анодата е приклучена на позитивен напон, најчесто поголем од 350V. Катодата се наоѓа на нулти напон - ако се користи фиксен bias, односно на мал позитивен напон – ако се користи автоматски bias. Класата на работа, односно работната точка кај електронските цевки се поставува со доведување на фиксен еднонасочен напон на управувачката решетка (grid), кој кај класата A1 е негативен, а кај класата A2 е позитивен во однос на катодата. Катодата е зажарена и емитира електрони (негативно наелектризирани), кои се привлечени од позитивната анода, па патуваат накај неа - тоа е течење на струја. Управувачката решетка се однесува како вентил кој ја регулира таа струја. Колку што напонот на решетката расте (под дејство на влезниот сигнал), толку е поголема таа струја, и обратно. Таа струја преку излезниот трансформатор го побудува звучникот.
Ако има доволен број заинтересирани за засилувачите со електронски цевки, би можеле да започнаме серија написи на таа тема (принципи на работа, лампи, разни склопови, шеми, финти, проекти ...), па љубители на "лампашите", јавете се!
Владимир Филевски
Во своето подолго писмо нашиот читател Дарко Петрески од Кичево меѓу другото прашува:
"... Во вториот дел на курсот за микроконтролери е речено дека вториот комплемент се добива со инверзија на цифрите и додавање на 1. На пример за бројот 1210=00001100 направена е инверзија при што е добиено 11110011, но кога е додаден 1 се добило 11110100, а не како што секој би очекувал 11110010. Дали има некоја финта, како на пример 0 пишуваме, а 1 памтиме или пак нешто друго е во прашање?..."
Познавањето на основните аритметички операции со бинарните броеви е од големо значење за понатамошна успешна експлоатација на микроконтролерите. Особено важни се операциите собирање и одземање. Без нивно одлично владеење не е можно да се сфати работата на микроконтролерот. Го поздравувам Вашето интересирање, и со задоволство ќе се обидам да помогнам.
Во случајов проблемот се состои во операцијата собирање. Нека набљудуваме еден бројчаник од километража на автомобил, кој всушност е еден декаден броен систем. Првата цифра од нашата десна страна кога сме свртени кон бројчаникот, ги покажува единиците, втората десетките, третата стотките и.т.н. Нека ја именуваме првата цифра од десно која уште се нарекува и најмалку важна како прва.
Ако првата цифра има вредност девет, следниот километар таа ќе добие вредност нула. Но вредноста на втората цифра ќе се зголеми за еден затоа што претходната цифра повторно се вратила на нултата вредност. Изразено преку пример, ако вредноста на првите две цифри била 49, наредниот километар вредноста на цифрите ќе биде 50. Ова верувам е повеќе од јасно.
Нека бројчаникот ги покажува изминатите километри во бинарниот броен систем. Во овој случај цифрите ќе се состојат од единици и нули. Нека бројот на изминати километри е 000000112 односно 310. Следниот изминат километар првата цифра ќе дојде на нултата вредност (нула) и ќе ја зголеми за еден втората цифра. Втората цифра во случајов исто така ќе дојде на нултата вредност и ќе ја зголеми за еден третата цифра. Така бројот на поминати километри ќе биде 000001002, односно 410. Во продолжението на одговорот ќе ја наведам финтата при собирањето. Горенаведеното сликовито објаснување некои читатели може да го оценат како непотребно. Меѓутоа од искуството во давање часови од оваа област, дојдов до заклучок дека е од голема корист за нашата проблематика.
Сега да ги собереме броевите 00111101 и 11110100 преку најлесниот алгоритам на собирање од аспект на бинарните броеви. Рековме дека важи:
00111101
+11110100
__________
00110001
Одиме од десно кон лево. Збирот на првите две цифри е 1. Збирот на вторите две цифри е 0. Збирот на третите цифри е 0 (цифрата доаѓа на нулта вредност) и префрламе 1 на четвртите цифри односно памтиме 1. Збирот на четвртите цифри е 1, ја додаваме памтената 1 од претходните цифри, па добиваме 0, а 1 памтиме. Збирот на петтите цифри е 0, па со памтената 1 од претходните цифри добиваме 1. Значи за петтите цифри добиваме 1 и 1 памтиме. Случајот со шестите цифри е ист, значи пак пишуваме 1 и 1 памтиме. Збирот на седмите цифри е 1, со додавање на памтената 1, добиваме 0, а 1 памтиме. Збирот на осмите цифи е 1 што собрано со памтената 1 го дава резултатот 0.
Се надевам дека одговорот беше корисен и разбирлив.
Ивица Ѓорѓиев
Здраво ЕМИТЕР!
Списанието го следам неколку месеци и сметам дека е одлично. Имам неколку прашања и предлози до вас:
1. Во врска со 3Д-МАК очилата од бројот 7-8/98:
- Бидејќи не знам да програмирам дали можам овие очила да ги користам во готовите програми што имаат опција за нив без додатен драјвер?
- Доколку е потребен драјвер кажете ми нешто повеќе за него.
- Каде можам да го набавам степ моторот и под кое име?
2. Колкав е дометот на радио телекомандата од бројот 7-8/98?
3. Како можам од проектот "Бројач на вртежи" (1/97) да направам брзиномер за велосипед на тој начин што импулсите да ги генерира REED ампула и магнет поставени на тркалото и вилушката, како индикатор наместо LED диоди да користам аналоген инструмент со стрелка, а целиот уред да се напојува со 9-волтна батерија?
За крај моите предлози:
- Сакам да објавите проект на претворувач од 12V DC во 220V 50Hz.
- Проект на токи-воки и мал линеарен ВФ засилувач за него.
- Можете да отворите и рубрика каде читателите ќе добиваат одговори и совети за некои свои проблеми и желби од сите области на електрониката, кои верувам ќе бидат интересни и за останатите читатели.
Мартин од Скопје
1. 3Д-МАК очилата не можете да ги користите во готовите програми што имаат опција за 3D-MAX очила. За тоа ќе ви треба соодветна програма драјвер - една таква можете да добиете од редакцијата преку e-mail или на дискета. За набавка на степ моторот контактирајте со продавниците за електронски материјали.
2. На отворен простор дометот е околу 200 метри.
3. Бројачот на вртежи на автомобилскиот мотор кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 1/97 не може да се користи за мерење на мали брзини. За мерење брзина REED релејот треба да се поврзе помеѓу +12V и изводот Plat. При мерењето на брзината интегралното коло IC1 работи како претворувач на фреквенција во напон. Импулсите што ги прима од REED релејот на пинот 1, IC1 ги претвора во еднонасочен напон кој се добива на пинот 5, со што се побудува LED индикаторот. Бидејќи фреквенцијата на влезниот сигнал е многу мала и се движи до вредност од околу 10Hz при брзина од 50km/час, нивото на излезниот DC напон ќе биде многу мало и недоволно за побуда на LED индикаторот. Единствено може да се проба овој еднонасочен напон да се засили, односно да се вметне засилувач помеѓу излезот на IC1 и влезот на IC2 и да се стави електролитски кондензатор (1-100F) на влезот од IC2. Сепак препорачуваме да не се впуштате во овие експерименти бидејќи во некој од следните броеви планираме да објавиме едноставна конструкција на брзиномер за велосипед.
4. Апликација за DC/AC претворувач имаме објавено во броевите 9/96 и 5/98, а како што забележувате, уште едно решение нудиме и во овој број. Планираме во некој од следните броеви да објавиме и проект или апликација за токи-воки. За рубрика во која читателите ќе добиваат одговори и совети за свои проблеми и желби од сите области на електрониката сме размислувале повеќе пати, но заклучокот сè уште е дека тоа не можеме да го реализираме бидејќи бара големо ангажирање на соработниците што со оглед на нивниот релативно мал број и хонорарен статус е тешко изводливо. За сега во рубриката "Писма" можеме да одговараме само на прашања кои се во врска со објавените написи во списанието.
Од Редакцијата
Здраво ЕМИТЕР,
Имам неколку прашања и предлози кои верувам ќе им се допаднат на повеќето читатели:
1. Слушнав како звучи засилувач со интегралец од 8DM (LA4470). Кажете ми нешто повеќе за ова коло и, доколку сте во можност, објавете проект или апликација со него.
2. Каде треба да биде споен изводот mute/st.by од 60+60W (1/98) и каде го има TDA 2052 бидејќи повеќе од 3 месеци ги барам, но ги нема.
3. Како да направам стробо кое ќе блеска во ритамот на музиката и ќе може ли да се приклучи на light show-то од Е4/98 на високите фреквенции.
4. Звучници за 60+60W (Е1/98). Не мора да звучат како Tannoy Mercury M2 или Mission 750 LE, но барем да личат на нив.
5. Проект на еквилајзер со повеќе од стандардните 3 контроли.
6. Засилувач за FM подрачјето со антена.
Влатко од Кавадарци
1. Во овие неколку дена не успеавме да најдеме податоци за интегралното коло LA 4470 туку само за LA 4460 и LA 4475. И двете кола се аудио засилувачи предвидени да работат со максимален напон за напојување од 18V на звучник со импеданса од 4ΩПрвото коло е сместено во SILP куќиште со 10 изводи а максималната излезна моќност му е 12W, додека пак второто коло има DILP куќиште со 14 изводи и максимална излезна моќност од 20W. Кога ќе најдеме податоци за LA 4470 ќе ги објавиме заедно со шема за негова примена.
2. Изводот за mute/st.by треба да биде споен на напон -Us+2,5V = -25+2,5 = -22,5V кога сакате засилувачот да го "замолкнете" (mute), а на -Us+5V = -25+5 = -20V кога сакате засилувачот да работи. За таа цел на предната плоча можете да поставите преклопник со кој по желба ќе ја вклучувате или исклучувате оваа функција. Потребните напони можете да ги добиете од напонот -Us со помош на едноставен делител на напон.
Не знам каде сте го барале TDA 2052, но кога ние прашавме откривме дека го има во неколку продавници за електронски материјали во Скопје (погледнете во нивните реклами во списанието).
3. Апликација за еден едноставен стробоскоп објавивме во бројот 9/96. Тој не е предвиден да работи во ритам на музиката, но брзината на трепкање може да се регулира по желба со помош на потенциометар.
4. Повеќе пати сме објавиле проект за самоградба на Hi-Fi звучни кутии кои не само што личат туку и звучат како и комерцијалните ("фабрички") звучни кутии, а некои дури и подобро. При тоа нивната цена е значително помала од онаа на комерцијалните модели од иста класа. Погледнете ги проектите за звучните кутии TECHNO 8 (Е10/96), Beauty 5.5 (Е11/96), Mini monitor 5.5 (Е 6/97) и Yammy 5 (Е2/98).
5. Ако го прочитавте уводникот на стр. 4 сигурно забележавте дека проектот за еквилајзер е веќе договорен и е во фаза на подготовка па очекувајте го во некој од следните броеви. Ќе се потрудиме да објавиме и проект или апликација за антенски предзасилувач за УКБ радиодифузното подрачје, а за конструкција на соодветна антена погледнете во серијата написи "ТВ и УКБ антени" што ја објавивме во 4 продолженија почнувајќи од бројот 4/95.
Слободан Таневски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.