Интегрирани кола, засилувачи и еквилајзери (Емитер 3/1997)

Во своето писмо нашиот читател Горан Таневски од Прилеп меѓу другото пишува:
... Би сакал да има повеќе описи на интегрирани кола и да објавите проект на петканална миксета со минимални изобличувања...
... Дали се јавуваат изобличувања во колата за еквилизирање?...
... Дали излезните засилувачи со лампи имаат подобри карактеристики од оние со интегрирани кола?...

Желба и на редакцијата е во секој број на ЕМИТЕР да има опис на барем едно интегрирано коло, меѓутоа заради немање доволно простор и заради презафатеност на соработниците тоа не успеваме да го оствариме. Не ни останува ништо друго освен да се потрудиме во иднина да ја оствариме вашата (и наша) желба.
Проектот за петоканална миксета е во фаза на тестирање и финална доработка, па очекувајте го наскоро на страниците на ЕМИТЕР.
Што се однесува до Вашите прашања - одговор на нив можете да најдете во претходниот број на ЕМИТЕР во написот “Звукот на Hi-Fi уредите (прв дел)”, а и во овој број во написот “Засилувач”.
Слободан Таневски


Предаватели и звучници (Емитер 3/1997)

Почитувана редакцијо,
Заинтересиран сум за комуникационата техника и би сакал да објавите проекти за предавател и приемник кои би работеле на фреквенција под 80MHz. Исто така би сакал да објавите проект на бас-рефлекс звучна кутија до 30 литра.
Примете поздрави,
Александар Тефов од Кавадарци

Проектите за ФМ предавателите што ги објавивме во бројот 4/95 и ФМ приемникот од бројот 5/95 лесно може да се преправат така да работат на френквенција под 80MHz. Потребно е само да го зголемите капацитетот и/или индуктивитетот во осцилаторното коло со што ќе се добие пониска фреквенција на осцилирање (f0≈1/(2π√LC).
Во план ни е и проект за мала бас-рефлекс звучна кутија, па затоа следете го ЕМИТЕР и понатаму.
Слободан Таневски


Напојување за ADR-01 и Booster засилувач (Емитер 4/1997)

Како прво, голем поздрав до редакцијата, уредникот и читателите на ЕМИТЕР. Списанието е одлично, иако би можело да има и страници во боја. Имам 15 години и се занимавам со електроника од хоби. Сакам да поставам две прашања, кои мислам дека ќе бидат интересни и за останатите читатели на нашето и ваше списание ЕМИТЕР.
1. По изработката на предавателот ADR01 (ЕМИТЕР 4/95) го вклучив на батерија од 9V и се разбира добро работеше. Но, кога истиот предавател го вклучив на исправувач од 12V/500mA, тој работеше, но имаше неподнослив брум на приемникот. Ставив филтрирачки кондензатор од 4700µF/50V заедно со кондензатор за ВФ пречки од 100nF, но брумот се уште постои, иако малку намален. Какви решенија ми предлагате за комплетно отстранување на брумот при напојување од исправувач?
2. Откако го изработив BOOSTER засилувачот за автомобил (ЕМИТЕР 3/95) веднаш го вградив во нашиот автомобил за да го испробам. Веднаш проработи, а неговата моќност беше околу 2,5 пати поголема отколку самото радио без него. Но, тоа не беше (барем по мое мислење) 22W синусна моќност!
Уште еднаш ги прегледав елементите, и се беше во ред. Ми падна на памет да пробам со повисок напон на напојување, па засилувачот го приклучив на исправувач 24V/5A, но бидејќи колото не работи на тој напон, со помош на стабилизаторот µA78H12 и реостат поврзан од пинот 2 кон маса го наместив напонот на 20V со 5А струја. BOOSTER засилувачот проработе, а јачината на звукот беше 2 пати поголема отколку во автомобилот (сигурно околу 25W RMS).
Како можам во автомобил да добијам токлав напон (без дополнителен акумулатор)?
Борче Трајковски од Битола

На почетокот во името на целата редакција сакам да ви се заблагодарам за поволната оценка на списанието, и за Вашата доверба во него.
Што се однесува до воведувањето на страници во боја, веднаш сакам да кажам дека, за жал, во моментов е тешко остварливо. Основната причина за тоа се средствата. Во моментов главен приоритет на редакцијата е подигнувањето на квалитетот на текстовите и збогатувањето на содржините за кои очекуваме и поактивна соработка од нашите читатели. ЕМИТЕР е релативно младо списание и нереално е да се очекува за толку краток период од своето постоење да го достигне квалитетот на водечките светски списанија од оваа област, особено ако се имаат во предвид условите под кои опстојува.
Но да се навратам на поставените прашања.
1) Иако во писмото не е прецизно наведен типот на насочувачот, предпоставувам дека станува збор за насочувач кој обично се нарекува “адаптер”. Овој насочувач покрај трансформаторот најчесто содржи уште четири диоди (врзани во грецов спој) и еден електролит од 470µF. Стабилноста на излезниот напон кај овие насочувачи е премногу мала и далеку од потребата за напојување на предавателот ADR-01. За целосно елиминирање на брумот потребно е предавателот да се напојува со квалитетен извор за напојување. Наједноставно решение е самите да направите стабилизиран извор со фиксен напон со еден монолитен стабилизатор од серијата 78XX (на пример 7808). Подетално за карактеристиките и апликациите на овие стабилизатори можете да прочитате во текстот под наслов “Напонски стабилизатори од сериите 78XX и 79XX” објавен во ЕМИТЕР 5-6/96. Во него ќе ги најдете сите потребни упатства потребни за конструкција на коректен стабилизиран извор за напојување.
2) Единствен начин со постоечкиот акумулатор да добиете повисок напон за напојување на засилувачот е да набавите или самите да направите соодветен DC-DC конвертор. DC-DC конвертор е електронски уред кој служи за добивање на еднонасочен напон од еднонасочен напон со ист или различен поларитет и големина. Изработката на ваков уред бара одредени познавања од оваа проблематика и ви препорачувам самите да не го изработувате доколку немате некое предходно искуство. Како потсетување сакам да кажам дека максималниот напон за напојување на TDA1553Q изнесува 18V, што е само 4V повеќе од напонот на акумулаторот кога автомобилот е во погон. Тоа зачи дека добивката во моќност што ќе ја остварите со зголемување на напонот за напојување е релативно мала во споредба со вложувањето во соодветен DC-DC ковертор. Јас би ви препорачал да направите уште еден BOOSTER засилувач, и на него да приклучите уште еден пар на звучници со што ќе добиете дополнителни 40W синусна излезна мокност и поквалитетна репродукција поради помалото напрегање на звучниците.
Дејан Трпески


Звучници, засилувачи и CD плеери (Емитер 4/1997)

Здраво почитувана редакцијо!
Ја поздравувам целата редакција на списанието ЕМИТЕР. Вакво списание и порано и беше потребно на Македонија... Посебно го поздравувам Владимир Филевски. Секогаш прво ги читам неговите текстови... Од проектите од ЕМИТЕР досега ги направив засилувачите A-50 и 100 W, како и предзасилувачот V-96, и се беше успешно...
Имам неколку прашања за господинот Филевски:
1.) Поседувам Ѕамаха рисивер (2H55 W на 8 оми) со Technics компоненти и JAMO звучници модел Studio 140 и модел Студио 180. Звучниците JAMO Studio 140 имаат синусна моќност 50 W, а Studio 180 имаат синусна моќност 100 W. Ме интересира како е можно тоа, бидејќи и едните и другите имаат иста големина на магнетот, само што звучникот од Studio 180 има поголем пречник на мембраната...
2.) Ако рисиверот го пуштам со 50 - 60% од неговата максимална моќност (за да не дојде до клипинг), тогаш бас звучниците прават премногу големи движења и имам чувство дека не можат да ја издржат ниту таа моќност, иако на кутиите JAMO Studio 180 пишува 100 W синусна и 170 W музичка моќност. Напоменувам дека при тоа потенциометарот за ниските тонови е поставен на нула.
3.) Открив еден недостаток кај CD плеерот Technics SLPG 570 A, а потоа истиот го открив и кај моделите SLPG 370, SLPG 380 и SLPG 580. Недостатокот е мал и можеби неважен, но... Ако на почетокот на компакт дискот (во текот на првите педесет секунди) се притисне A-B REPEAT, тогаш тој интервал би требал веднаш да се повторува како една целина, но се повторува со доцнење од 2-3 секунди и дисплејот повремено се губи. Тоа не се случува на другите делови од дискот...
Благој Атанасовски од Битола

Ви се заблагодарувам на пофалбите и Ви честитам за успешно направените уреди според проектите од ЕМИТЕР. Вашето трето прашање (констатација) е надвор од концепцијата на рубриката "Писма", но сепак ќе се обидам да одговорам.
1.) Големината на магнетот на звучникот е еден од поважните фактори кои ја одредуваат моќноста на звучникот, но не е единствен. Моќноста на звучникот ќе биде поголема (при истиот магнет), ако поефикасно се ослободува топлината која се развива во подвижната намотка. Топлината полесно ќе се ослободува, ако пречникот на подвижната намотка е поголем (што претпоставувам е случајот со звучникот во JAMO Studio 180), ако телото на намотката е изработено од материјал кој добро ја проведува топлината - алуминиум (можеби и ова е употребено во Studio 180) или разни специјални пластики, ако има принудно струење на воздухот околу намотката и слично.
2.) Ако потенциометарот Volume од засилувачот (или рисиверот) е на половина (50% или на "петка"), тоа НЕ значи дека излезната моќност ќе биде половина од максималната. Оваа заблуда е многу раширена. Излезната моќност од засилувачот освен од положбата на потенциометарот Volume zависи И ОД ГОЛЕМИНАТА НА ВЛЕЗНИОТ СИГНАЛ. Тоа значи дека и при 50% отворен потенциометар Volume постои можност засилувачот длабоко да навлезе во клипинг. На пример, CD плеерите имаат максимален излезен (а влезен за засилувачот) напон од околу 2 до 3V, додека тјунерите и касетофоните имаат неколку пати помал. Единствен начин да се следи излезната моќност на засилувачот е VU метарот.
"Шетањето" на мембраната од звучникот секогаш се јавува кај бас-рефлекс звучниците, ако сигналот има пониска фреквенција од резонантната фреквенција на кутијата fb. Подетално за ова можете да прочитате во ЕМИТЕР 5-6/96 (проектот PA лоудспеакер TNT 10/200). Звучниците JAMO Studio се исто така бас-рефлекс, па и тие го имаат истиот проблем. Ако Вашиот рисивер има филтер за ниски тонови (low filter), вклучете го - тоа ќе го реши проблемот. Ако нема, можете тој филтер лесно да го направите со интегрираното коло TL 072 (НИКАКО LM 741 !). Долната гранична фреквенција на тој филтер треба да биде околу 45 до 50Hz.
3.) Во секој ЦД плеер има микропроцесор кој се грижи за сите управувачки функции. Каде има микропроцесор, таму има и софтвер (програм) за него, а каде има софтвер, таму мора да има грешка - баг (bug).
Владимир Филевски


Напојување на засилувач (Емитер 5/1997)

Во писмото што ни го испрати нашиот редовен читател Зоран Тасков од Штип меѓу другото пишува:
... Имам трансформатор од 250W кој заедно со насочувач дава напон од околу 2x40V. Дали истиот можам да го искористам за напојување на стерео засилувач со моќност од 2x70-80W?
... Би сакал да знам кој звучник од звучниците на Simsonik најмногу би одговарал за ваков засилувач.
... Колкава е импендансата на звучниците SW1023B и SW820B?

За да се одреди потребниот напон за напојување на еден засилувач, покрај излезна моќност неопходо е да се познава, неговата конструкција и импендансата на приклучениот звучникот.
Излезната моќност на засилувачот (моќноста што се предава на звучникот) може да се пресмета според следната релација:

Во оваа релација со Uo е означена амплитудата на излезниот(неизобличен) сигнал, а со RL импендансата на зучникот. Од неа лесно може да се одреди амплтудата на излезниот сигал, ако се познати излезната моќност и импендансата на звучникот. Вредноста на напонот Uo е појдовен податок за одредување на напонот за напојување.
Минималниот напон на изворот за напојување (Ucc) се пресметува со релацијата:

Со Ud е означен напонот на излезните транзистори низ кои тече излезната струја непосредно пред појавата на клипинг (отсекување на дел од амплитудата на сигналот) - слика1. Оваа релација е добиена под предпоставка дека напонот Ud е ист за двете полупериоди на излезниот сигнал. Напонот Ud зависи од самата конструкција на засилувачот и обично се движи од 3-10V.
Вредноста на Ucc се однесува на вкупниот напон за напојување. Кога засилувачот е предвиден за напојување со симетричен напон, минималната вредност изнесува ±(Ucc/2).
Во конкретен случај, кога Po=75W, RL=8оми и Ud=5V, за амплитудата на излезниот сигнал се добива:
Uo=35V
а за минималниот напон на напојување
Ucc=(2x35)=(2x5)=80V
или ±40V за засилувач со силметрично напојување.
Освен потребниот напон, изворот за напојување треба да има и доволно голема моќност. Потребната моќност најмногу зависи од работната класа на засилувачот и од неговата излезна моќност. За класичните засилувачи што работат во AB класа, моќноста на изворот за напојување се пресметува според релацијата:

Оваа релација лесно се изведува ако се предпостави дека напонот Ucc е константен.
Со замена на вредностите од конкретниот случај за Pcc се добива:
Pcc=112W
Со други зборови, моќноста на изворот за напојување треба да биде околу 1,5 пати поголема од излезната моќност на засилувачот.
Ако со ист извор се напојуваат два засилувача (случај на стерео засилувач) добиената вредност за Pcc треба да се помножи со 2.
Односот помеѓу излезната (корисна) моќност и вложената моќност од изворот за напојување го дефинира коефициентот на полезно дејсво (η на секој засилувач. Теоретски, максималната вредност на овој коефициент кај еден засилуч во B класа (приближно и за AB класа), изнесува 0,78 или во проценти 78%. Кај реалните засилувачи во AB класа овој коефициент најчесто се движи од 60-70%.
Разликата меѓу вложената и корисната моќност ја дава моќноста на дисипација или моќност со која дел од електричната енергија во засилувачот се претвара во топлина.
Од горе изнесеното, лесно може да се заклучи дека изворот за напојување со кој располагате совршено може да се искористи за напојување на стерео засилувач во AB класа со излезна моќност од 2x70-80W / 8оми.
Ако сеуште не сте се одлучиле за некое конкретно решение, би ви предложил да го разгледате проектот на излезниот засилувач GJ-150 објавен во претходниот број на ЕМИТЕР.
Што се однесува пак до изборот на најпогоден звучник од звучниците на Simsonik, веднаш да кажам дека покрај моќноста, поточно електричната моќност на звучникот, постојат и други фактори кои влијаат на конечниот избор. Тука пред се спаѓаат: намената, ефикасноста, импендасата, феквентниот опсег, големината, видот на звучната кутијата (компресиона,бас-рефлекс,..), изобличувањата и се разбира цената.
Од ова сигурно ви е јасно зошто било каква препорака практично е невозможна. Она што можам да кажам е дека од сите бас звучници на Simsonik најквалитени и најскапи (но не и прескапи) се звучниците од серијата кевлар. Останатите звучници се поефтини и за малку пари можат да ви причинат големо задоволство.
Конкретно за моделите SW 820B и SW1023B во каталогот стои дека се произведуваат и во двете стандарни верзии: 4-омска и 8-омска. Моделот SW 1023B има дијаметар од 10 инча (25cm), и потешко може да се вклопи во двопојасна кутија. За разлика од него, моделот SW 820B има дијаметар од 8 инча (20cm), и релативно лесно се вклопува во двопојасна кутија. Доколку немате намера самите многу да експериментирате со овој звучник, погледнете го проектот под наслов “TECHNO 8”, објавен во ЕМИТЕР 10/96.
Дејан Трпески


Предлози и STK050 (Емитер 6/1997)

Почитувана редакцијо,
Ја поздравувам редакцијата на списанието ЕМИТЕР. Досега немам никакви забелешки, но сепак имам неколку желби:
Јас, како и повеќето мои другари, сум вљубеник во техно музиката, па би сакал да објавите некои проекти за:
- светлосни ефекти (моќни блицови кои би реагирале на одреден тон, бас, среден, висок),
- моќни засилувачи (250W, 300W, 350W, па и повеќе),
- еквилајзери кои особено би ги нагласувале басовите.
Би било убаво доколку отворите рубрика во која практично би ни покажале како да ракуваме со различни мерни инструменти, бидејќи ова списание го читаат многу ученици кои не знаат како се мери (на пример со осцилоскоп) и во која би ни ги појасниле стручните изрази (на пример брум, дисторзија, хармонски изобличувања и др.).
Ме интересира и која е разликата помеѓу интегралните кола STK50, STK050 и STK0050 и каде би можел да го набавам интегралното коло STK50.
Душко Јаневски од Скопје

Според информациите со кои располагаме интегрираното коло СТК50 не постои, а за STK050 и STK0050 единствената нишка која ги поврзува е моќноста. Интегрираните кола STK050 и STK0050 и припаѓаат на класата на хибридни засилувачи на моќност. Оваа класа на засилувачи е изработена со единствена цел, да се постигнат што подобри карактеристики со што помалку елементи. Предноста на хибридните кола е и подобрата топлопроводност. Посебен прилог кон што помали изобличувања е фактот дека сите елементи од хибридното коло работат на иста температура. Хибридното коло STK050 е мошне популарно меѓу градителите аматери и морам да кажам дека досега покажаните резултати се извонредни. Се карактеризира со максимална моќност од 50W, при номинално напојување од +/- 35V (Ucc). Напојувањето е симетрично што значи дека вкупниот напон е 70V. Максималниот напон за напојување на ова коло е +/- 45V. Номиналното оптоварување е специфицирано на 8W. Како директна замена на ова коло може да се употреби СТК070 кое дава 70W при симетрично напојување од 42V. За ова коло максималниот напон е специфициран на +/- 55V, со номинално оптоварување од 8W. Електричната шема на засилувачот со овие хибридни кола е дадена на сликата. Набавката на овие интегрирани кола, како и сиот останат потребен матерјал, може да се изврши во скоро сите продавници за електронски матерјал кои се рекламираат во нашево списание.
Како што веќе забележавте еден од вашите предлози започнуваме да го реализираме веќе од овој број - тоа е серијата написи за мерењата и мерната опрема во електрониката. Што се однесува до другите ваши предлози за написи можеме да ве информираме дека се совпаѓаат со нашите планови па очекувајте ги во натамошните броеви на ЕМИТЕР.
Коста Карпузовски и
Слободан Таневски


Соработка и едукација (Емитер 6/1997)

Драга редакцијо
Уште на почетокот би сакал да истакнам дека до сега не бев ваш редовен читател. Списанието ЕМИТЕР го купувам редовно од пред неколку месеци, поточно од декември минатата година. Сепак успеав да ги набавам и поранешните броеви т.е. од првиот број, така што добро ми е позната досегашната содржина на ова единствено списание од ваков вид кај нас. Можам слободно да ви кажам, дека списанието е доста добро за еден ваков вид списание со оглед дека истото има сепак ограничен број читателски аудиториум и со тоа мал тираж. Секако дека уште многу треба да се работи на тоа содржините да бидат уште побогати и поразновидни како би привлекле поголем број читатели.
Мојата професија е поврзана со електротехниката, а посебно сум љубител на електрониката, па до сега на практичен план сум реализирал голем број склопови и уреди од електрониката кои успешно функционираат и наоѓаат корисна примена. Поттикнат од желбата ова наше, понатаму и мое омилено списание да го направиме што поинтересно и посодржајно еве ви испраќам и мој прилог со неколку шеми кои се надевам ќе побудат интерес кај читателите.
Иако списанието ЕМИТЕР е наменето претежно за тесен круг читатели, сметам дека во него не треба да се најдат само сложените склопови (овие претежно содржат голем број специфични делови, IC-кола и голем број додатни елементи), туку и релативно едноставни склопови корисни за секого, а чија што реализација ќе биде подостапна за поголем број читатели. Ова е посебно важно за оние читатели кои се со почетничко знаење од електрониката, бидејки сметам дека списанието треба да претставува и еден вид едукација за практична електроника. Во таа насока за почеток го нудам и мојот скромен прилог.
Би сакал исто така да истакнам дека не би било лошо ако ги објавувате и адресите на вашите надворешни соработници.
На крајот би замолил да не испраќате хонорар за овој мој напис па и за оние кои ќе следат - доволна награда ќе ми биде моите трудови да се најдат на страниците на ЕМИТЕР.
Со почит вашиот редовен читател:
Стојановски Зоран од Битола

Благодарам за позитивните оценки за списанието и за вашата желба за соработка со ЕМИТЕР. Се сложувам со тоа дека списанието, меѓу другото, треба да има и едукативна функција што во повеќе наврати на овие страници сум го истакнувал. Поради тоа во редакцијата се трудиме да имаме написи и шеми со различно ниво на сложеност, од почетнички до оние за професионалци, но при тоа секоја шема да биде придружена и со што е можно подетален опис. Написите што ги нудите се доста квалитетни и сосема одговараат на концепцијата на ЕМИТЕР па затоа се разбира, ќе најдат место на неговите страници. Веќе во овој број објавуваме еден од вашите написи за кои, и покрај вашата изјава, сепак ќе ви испратиме хонорар бидејки сакаме да имаме една потрајна и попрофесионална соработка.
Што се однесува до адресите на нашите соработници - нив не ги објавуваме со цел да ја заштитиме приватноста на нашите соработници. Една од функциите на ЕМИТЕР е да биде простор и сретство за размена на искуства и знаења од сите области на електрониката, па затоа сите прашања треба да бидат упатени до редакцијата. Одговорите на поставените прашања ќе бидат објавени на страниците на ЕМИТЕР (пред се во оваа рубрика), а со тоа ќе бидат корисни и за сите останати читатели. Впрочем, стручен одговор на некое прашање не е ни можно да се даде во неколку минутен телефонски разговор.
Слободан Таневски


Полнач за МП4 плеер во автомобил (Емитер 6/2011)

Здраво,
Имам едно прашање во врска со полнач за МП4 плеер објавен во рубриката "Писма" во Емитер 9/2008. Овој полнач сакам да го користам за полнење мобилен телефон Т-мобиле Пулс мини во автомобил. Тој телефон се полни преку USB порта на PC, па бидејќи вашиот полнач ми одговара сакам да го изработам. Дали треба да има и некаква дополнителна заштита од преголема струја или слично (бидејќи ќе го користам во автомобил) или е попаметно да си купам готов полнач од продавница?
Христијан преку е-маил

Посочената шема може да се искористи за од напонот на автомобилски акумулатор (номинални 12 Vdc) да добиеме 5 V, односно да погонуваме уред кои е предвиден да биде погонуван од USB порта.
Тука проблемот кој би можел да се појави би бил претераното загревање на интегрираното коло 7805 поради поголемата струја која му е потребна за полнење на вашиот мобилен телефон. Затоа 7805 треба да се монтира на ребрасто ладилно тело од алуминиум. Постојат прецизни пресметки колкав треба да биде овој ладилник. За да не ве оптоварувам со такви пресметки, ќе ви посочам дека колку е поголем ладилникот, толку е подобро – но, тоа е ограничено со расположливиот простор, како и со фактот дека тоа ладилно тело има некоја цена. За почеток употребете некое ладилно тело кое ви е при рака. Зашрафете го 7805 на него и следете ја температурата со прст во подолг период - ако е поголема од 60°C, нема да можете да го држите со рака. Дефинитивно тоа ќе биде показател дека треба да употребите поголемо ладилно тело. Овие тестирања вршете ги кога акумулаторската батерија на мобилниот телефон е празна – тогаш уредот ќе влече поголема струја од 7805, што ќе предизвика негово поголемо греење.
Инаку 7805 има интегрирано прекуструјна заштита која е нагодена на некои 1A и исто така има температурна заштита, па тој ќе се исклучи на температура повисока од 100°C и при струи поголеми од 1A. На тој начин се заштитува интегрираното коло, како и уредот кој е приклучен на него. Но, немојте да се обложувате на овие заштити, тие според Марфиевите закони ќе откажат "послушност" токму кога се најпотребни!
Со конструкција на ова навистина едноставно, но доверливо електронско коло, можете да научите многу од електрониката, а и да заштедите пари. Сепак едноставни мерки за предострожност се апсолутно задолжителни – како прво, тоа е стриктно придржување кон поларитетите на компонентите и мерење на излезниот напон со дигитален мултиметар пред каде било да го приклучите него!
Емилијан Иљоски


Проблем за напојување на сараунд засилувач (Емитер 6/2011)

Здраво емитерци,
Јас сум ваш редовен читател од Куманово и ви се јавувам за еден мал проблем. Имено, преправам аудиозасилувач од сабвуфер реализиран со TDA2030A. Сараунд системот е 5.1 и има 7 интегрални кола, 5 интегрирани кола за каналите за бас излезот, има 2 кои се во мостен (bridge) спој. Сè ми оди супер, само ако може една мала консултација. Напојувањето е +15V 0 -15V. На плочката (која е фабричка) има и излез +8 0 -8V, кој служи за напојување на друга плочка, ама таа не ми е потребна и е отстранета. Кога на тие +8 и 0 ќе приклучам кулер (DC вентилатор) тој работи, но ми прави неред со тоа што на звучниците се "слуша" вртењето на вентилаторот (брмчење). За да не додавам уште еден мал трансформатор специјално за вентилаторот, дали има решение како да се "украде" од веќе постоечкото напојување, дали ќе треба да се додадат некој кондензатор, диода... или слично за да би можело уредите да функционираат непречено еден од друг. Се надевам дека има решение.
Само да напомнам дека го имам изработено проектот "Стереоаудио засилувач Паганини" од Емитер 5/09, и тој е одличен, се разбира, за својата намена.
Имате голем поздрав од Куманово, стварно сте супер, неспоредливи... само така продолжете.
Горан (colgate_h_mocan@....)

Прво, да се обидеме со наједноставното решение - дали мора да има вентилатор? Ако ладилникот за TDA2030 е премал, најдобро е да се стави поголем ладилник. Дури и во случај вентилаторот да не индуцира брмчење во звучниците, тој сепак ќе шуми заради струењето на воздухот. Токму заради тие неизбежни шумови во hi-fi техниката се избегнуваат вентилатори за ладење на засилувачите.
Ако сепак мора да се користи вентилатор, треба да се испроба со друг вентилатор – можеби постојниот не е сосема исправен? Вентилаторот треба да се постави подалеку од електрониката за да се намалат индуцираните пречки. Ако и ова не помогне, можете да се обидете со сериска диода приклучена меѓу +8V и плусот на вентилаторот и електролитски кондензатор приклучен паралелно на изводите на вентилаторот. Кондензаторот треба да има вредност помеѓу 100 и 1000 µF и да се залеми што поблиску до вентилаторот.
Владимир Филевски

Наједноставно е да се искористи постоечкиот мрежен трансформатор за напојување на засилувачите и на вентилаторот. За таа цел неопходно е да се вгради еден дополнителен Грецов насочувач заедно со уште еден или два отпорника врзани во серија со вентилаторот (зависно од нивната моќност и потребниот напон за вентилаторот). На крајот добро е да се постави и еден кондензатор паралелно со вентилаторот. Тоа би требало да биде доволно за непречена работа на засилувачите и вентилаторот во исто време.
Дејан Трпески


Проблеми со засилувачот со LM3876 (Емитер 6/2011)

Здраво,
Го изработив засилувачот објавен во Емитер број 7-8/97, со LM3876, и ми се појави проблем, па би сакал да ве замолам за помош. При краткотрајно вклучување на напон, на излезот се појавуваат -7 волти негативен еднонасочен напон мерен од излезот за звучник. Исто така, на влезот за сигнал каде што сè уште немам приклучено кабел за сигналот ми дава 1,14 волти еднонасочен напон.
Да напомнам дека ППК е добро изработена, нема ладни лемови, интегрираното коло е електрично изолирано од ладилникот, напојувањето е во ред (±28 V, го тестирав со друг транзисторски засилувач и тој работи без проблеми), елементите R6 и C6 се изоставени по препорака на авторот на статијата. Пинот 5 од ИК првин беше споен со пин 1, но ми препорачаа да го одвојам од пин 1, но нема ефект, влезот за сигнал го споив со маса (куса врска) и сè уште добивам еднонасочен напон од 7 волти на излезот.
Потоа го одлемив другиот интегралец од другиот канал кој не беше тестиран под напон, и со омски отпор ги проверувам пин 1 (+) со пин 7 (маса), во овој случај нема омски отпор, пин 1 (+) со пин 4 (-) и во овој случај нема отпор, додека пин 4 (-) со пин 7 (маса) ми јавува отпор од 63 ома. Истиот отпор од минусот спрема маса го добивам и на засилувачот којшто го тестирав под напон.
Авторот препорачува C2 и C4 да бидат стирофлекс, но бидејки никаде нема такви ставив обични керамички кондензатори, се надевам дека проблемот не е до нив.
Се прашувам што би можел да биде проблемот?
Однапред благодарам,
Александар преку е-пошта

Постоењето на напон на излезот (пин 3 од ИК) не укажува на ништо добро. Тоа може да биде последица на неисправност на интегрираното коло или последица на неисправна или погрешно поврзана компонента во повратната врска (R3, R4, R5, C2, C3 и C4). Затоа препорачувам, пред Ро:да преземете какви било други дејности, прво да ги одлемите овие компоненти и секоја поединечно да ја измерите и да се уверите во нивната исправност ако тоа веќе не сте го сториле пред вградувањето на елементите. Притоа не само што треба да се измери капацитетот на C3, туку и неговата ефективна сериска отпорност со ЕСР метар.
Ако при повторно вградување на исправните компоненти добивате некој еднонасочен излезен напон поголем од 0,2 V на излезот (пин 3) при краткоспоен влез (INPUT), исклучете го уредот од напон, кратко спојте ги изводите 9 и 10 на ИК и повторно вклучете го. Напонот на излез сега МОРА да биде помал од 0,2 V! Ако тоа не е случај, неисправно е интегрираното коло.
Инаку, потполно нејасно е каде мерите напон од 1,14 V. Ако е тоа на влезот – како што велите – каде што го приклучувате влезниот кабел (точка INPUT на шемата), тогаш сигурно C1 е неисправен. Ако тој напон е на пин 10 од ИК, тогаш на пин 9 тој треба да биде поголем од 1,14 V за да добиеме -7 V на излезот без разлика каква е повратната врска. Ако тоа не е случај, ИК е неисправно.
Инаку со мерењата што сте ги извршиле на самото ИК не може да се одреди дали тоа е исправно – тоа е под претпоставка тоа што вие го нарекувате "нема омски отпор" всушност да е бесконечен отпор (односно мерниот инструмент покажува пречекорување). Обратно, ИК со "мирна душа" може да се прогласи за официјално мртво ако вашата изјава "нема омски отпор" означува отпорот е 0 или многу мал помеѓу изводите 1 и 7 или 9 и 7.
Инаку напонот од ±28 V е многу мал за ова интегрирано коло, особено ако него сте го мереле во "празен од", односно без оптоварување. LM3876 нема да сака воопшто да се вклучи при напони помали од ±24 V бидејќи во тој случај дејствува неговата вградена поднапонска заштита со цел да се елеминираат преодните појави присутни при вклучување. Од друга страна, LM3876 издржува без проблем напони до ±42 V. Но, општо земено напонот од ±28 V не е причина за неисправноста кај вас.
Тоа што пинот 5 од ИК првин беше споен со пин 1 воопшто нема никаква улога бидејќи пинот 5 не е никаде споен внатре во ИК. Исто така, тоа што C2 и C4 се керамички нема врска во случајот иако препорачувам да набавите соодветни стирофлекс или MKT (MKS, MKH) кондензатори кои во аудиоподрачјето имаат супериорни карактеристики во однос на керамичките.
Во однос на елементите R6 и C6, производителот National Semiconductor препорачува тие да имаат вредност од 2,7Ω и 100nF соодветно. Со ваква спрега и со MKT (MKS, MKH) кондензатор C6 (керамичкиот може да прави проблем како што е опишано во написот) вршиме компензација на големата индуктивност на звучникот и LM3876 ќе го гледа товарот (звучникот + R6, C6, L7 и R7) како претежно омски отпор и со тоа се намалува веројатноста од осцилирање на колото при повисоки фреквенции.
Инаку National Semiconductor има ексклузивно право да го произведува LM3876. Ако вашиот примерок ја нема специфичната ознака на овој реномиран производител или има ознака од некој друг производител, тоа е сигурен знак дека тој е фалсификуван! За жал, и вакви појави се присутни!
Емилијан Иљоски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.