Здраво,
Веднаш со пофалби за написите во летниот двоброј за самоградба на звучници и засилувач за сабвуфер. Се надевам дека со новата фирма P.Audio ќе следуваат и други вакви теми во иднина. Правецот кој сте го зафатиле многу ме бендиса, звучниците се многу солидни, а со професионални компоненти можат да се постигнат добри перформанси за многу ниска цена. Едвај чекам да го видам остатокот од засилувачот за сабвуфер.
Досега го имав сабвуферот "Аквариум" од ЕМИТЕР 9/02 (без стакла) и филтер-засилувачот за сабвуфер 100 W (ЕМИТЕР 9/02), кои одлично си ја вршеа работата. Малку е разлеан басот, па сакав да ве прашам дали би било во ред да се дампира кутијата (и така нема стакла) за малку да се зацврсне басот. Ако се дампира, на кој начин да го изведам тоа? Како и да е, целокупниот систем ќе се пресели од соба со околу 50 кубика во салон со преку 300 кубика. Па, соодветно тој сабвуфер е мал, барем според мене.
Во написот од бројот 7-8/11 имате напомнато дека звучниците треба да се поддржани од уште поголем сабвуфер! Тука веќе го здобивте целото мое внимание. Ако следува таков проект, ќе го очекувам. А ако не, што би препорачале од P.Audio за самоградба на сабвуфер? Јас ги гледав звучниците на сајтот и тие одат најниско до 30 Hz, што според мене е апсолутно неприфатливо. А не знам и како е мерено тоа. Затоа и прашувам што би препорачале за додаток на звучниците од 7-8/11, со граница под 20 Hz, над 95 dB потисок во опсегот 20-120 Hz и секако, најстегнат бас. Дали тоа повлекува компресиона кутија зашто и така самите драјвери можат да испорачаат над 96 dB/1W и претпоставувам дека е изводливо од нив да се добие добар сабвуфер, со пристојна долна фреквенција која ќе е употреблива и во реалноста, а не само на професионални разгласни места.
Благодарам и продолжете со одличната работа.
Дејан Маликовски

Ви благодариме на пофалбите, планираме и други интересни проекти за звучници.
Ако во сабвуферот "Аквариум" сте го монтирале бас-звучникот US.Blaster USB2830 (како во проектот), тогаш басот не би требало да биде премногу разлеан (дали сте ги вкрутиле страниците од кутијата?). Дампирањето дефинитивно ќе помогне: ставете на сите внатрешни страници (освен на онаа каде што е звучникот) по еден слој обичен рамен сунѓер дебел 2 cm или слој "Лио" дебел околу 4 cm. Во оригиналниот проект "Аквариум" не е употребено дампирање само затоа за да се добие спектакуларен визуелен ефект – кутииште од 94 литри речиси е невидливо!
Цврстината, дефиницијата и резолуцијата на ниските тонови е во директна спротивност со желбата за што пониски фреквенции, па како и кај секој сабвуфер, така и кај сабвуферот "Аквариум" е направен одреден компромис со изборот на принцип на бас-рефлекс звучна кутија. Ако сакате квалитетни ниски тонови од истиот бас-звучник, тогаш тој треба да се стави во компресиона кутија со волумен од 50 до 60 литри, внатре речиси целосно исполнета со "Лио". Но, тогаш таа звучна кутија нема да може да репродуцира толку ниски фреквенции како "Аквариум", ниту толку гласно под 50 Hz, иако бас-звучникот ќе биде ист.
Салон со волумен 300 m3 е преголем за само еден сабвуфер, каков и да е. Неопходни се барем два сабвуфера, со засилувачи со многу поголема моќност од 100 W, на пример барем по 400 W. Исто така пожелно е ефикасноста на сабвуферот да биде повисока од онаа која ја имаат автомобилските 4-омски бас-звучници. Почнува да личи на нешто што може да го сработи само професионален бас-звучник, нели?
Професионалните сабвуфери најчесто користат бас-звучници со дијаметар од 18 инчи (46 cm), па дури и 21 инч (53 cm). Но, тие сабвуфери ретко кога можат да дадат 30 Hz бидејќи примарна задача им е високиот звучен потисок (SPL), а не длабочината. Но, со примена на електронска еквализација сè е можно. Морам да напомнам дека дури и многу скапите hi-fi сабвуфери најчесто не можат да постигнат долна гранична фреквенција од 20 Hz (на -3 dB), иако имаат помош од софистицирана електроника вградена во нив. Разумна вредност е 30 Hz, но во некои филмови има звучни ефекти кои одат и пониско. За аудиофилите/филмофилите кои не се задоволуваат со разумното, постојат испробани решенија, но за жал – скапи. На пример, пред неколку години за еден аудиофил изработив специјален сабвуфер кој има совршен импулсен одѕив (брзина и цврстина) и долна гранична фреквенција од 10 Hz (на -3 dB)! Не, не е печатна грешка, навистина се 10 Hz! Што е уште поинтересно, волуменот на кутијата е само 60 литри! Но, тоа решение е скапо – користи првокласен професионален бас-звучник од 18 инчи (46 cm), специјален еквилајзер што своерачно го конструирав и изработив, а се погонува со професионален стереозасилувач Crown поставен во мостен спој што испорачува чисти синусни 1200 W на бас-звучникот. Овој сабвуфер му го предадов на среќниот аудиофил со предупредување дека не одговарам за евентуалните штети во станот! Салонот во кој е поставен овој сабвуфер има околу 100 m3 волумен, што е многу помалку од Вашите 300 m3. Во Вашиот случај неопходни би биле барем два вакви сабвуфера, а препорачувам бас-звучниците да бидат од 21 инч (53 cm). Каква случајност :-)), во магацинот имам одлични сабвуферски бас-звучници од 21 инч, со намотка од 5 инчи (127 mm!) и синусна моќност од 1200 W. Ако сте заинтересирани да Ви направам комплетно решение со вакви сабвуфери, јавете ми се во АУДИО ЕКСПЕРТ (contact@audioexpert.com.mk).
Ако добро Ве разбрав, планирате како главни стерео звучници ("сателитски") да ги користите 10-инчните од проектот во ЕМИТЕР 7-8/2011. Со оглед на огромниот салон, мислам дека многу подобро решение би биле поголеми сателитски звучници, на пример со 15-инчен бас со повисока ефикасност (96 dB/1W/1m) и поголема високотонска хорна. Токму таков проект планирав за некој нареден број на ЕМИТЕР, па ако сте заинтересирани, можеме да ја забрзаме целата работа – Вие ќе ги добиете тие звучници пред да биде објавен проектот во ЕМИТЕР. Цената на овие звучници е само малку повисока во однос на оние од проектот со 10-инчни звучници.
Владимир Филевски


Поздрав дечки,

Решив веќе да не купувам ЕМИТЕР затоа што немате нацрт на плочките, па не можам да ги изработувам сам плочките и мора да ги порачувам од вас. Од списание за електроника станавте Политикин Забавник. Повторувате некои конструкции (читател сум од 1996), станавте арогантни и сезнајни кон читателите (примерот со HHO генераторот), од списание "направи сам" станавте "повикај број да се караме или да порачаме". Искрено ова ви го кажувам, сфатете како сакате, ЕМИТЕР беше поим за практично списание поради кое ја засакав електрониката и таа ми стана хоби (по струка сум транспортен инженер). Можете да ме нападнете, но сепак овде е ваш читател кој ви беше верен 16 години.

Правете како мислите, но немојте да сте алчни.

Поздрав, Starfool, преку и-мејл

 

Почитуван г. Старфул,

Многи сме среќни што ЕМИТЕР е причината за да ја засакате електрониката толку многу, што Ви станала хоби. Што повеќе може да посака едно списание за електроника? Mission acomplished! Од друга страна, жал ни е што понатаму нема да го купувате ЕМИТЕР, но причините кои ги наведовте за таа Ваша одлука едноставно не изгледаат логични. Зачудени сме како е можно наш редовен читател повторно да ги поставува истите стари неодржливи "тези" кои досега неколку пати сме ги објаснувале. За да не губиме време во пишување на исти и слични одговори Ве упатуваме одговорите на вашите тези да ги побарате во уводниците и во рубриката "Писма", во следните броеви на ЕМИТЕР:

1/2007 - https://emiter.com.mk/pisma/1674

12/2008 - https://emiter.com.mk/pisma/1671

1/2009 - https://emiter.com.mk/pisma/1656

9/2003 - https://emiter.com.mk/napis/9151.

На крај, ако и покрај овие наши објаснувања сепак останувате на Вашата одлука да не го купувате понатаму ЕМИТЕР, заради задржувањето на Вашиот интерес за електрониката, можеме да Ви препорачаме наместо ЕМИТЕР (по "алчна" цена од 130 денари) и наместо нашите плочки (по "алчна" цена од, најчесто, 30 до 100 денари) да го купувате светски познатото списание за електроника Elektor по неалчна цена од 720 денари и од нив да ги нарачувате нивните плочки по неалчна цена од минимум 350 денари, па сè до 1400 денари (цените се без поштарината од странство).

Владимир Филевски


Здраво,
Ме интересира дали од изворот за напојување 0-30V/3A (објавен во Емитер бр. 3/2005) ќе можам да добијам струја од 8-10A со додавање на 2-3 излезни транзистори. Дали освен ова ќе бидат потребни и други измени во шемата за да се достигне оваа струја?
Мене ми треба стабилизиран напон од 9V и константна струја од 10A. Дали споменатиот проект може да ги задоволи овие потреби или за оваа намена можам да користам попроста шема, на пример со LM723 или LM317?
Ви благодарам однапред,
Јовица Даниловски

За стабилизатор со фиксен напон и фиксна струја најдобро е да се искористи класичната изведба на напонски стабилизатор со LM723, во комбинација со најмалку 3 сериски транзистори со голема моќност монтирани на соодветен (масивен) ладилник. Како основа може да Ви послужи проектот "Стабилизиран исправувач за 3-30V" објавен во Емитер бр. 1/2008
Дејан Трпески