Почитувана редакцијо,
Читател на Емитер сум повеќе години и многу сум задоволен од неговите содржини. Бидејќи следната година планирам надградба на куќата, многу ме заинтересираа написите за топлинската изолација во последните неколку броеви. Од нив дознав многу корисни работи. Секоја пофалба за авторот.
Секако имам и неколку дилеми и прашања:
1. Дијаграмите за пренос на температурата низ различни ѕидови (сл. 6 во Емитер 9/09 и сл.2 во Емитер 10/09) даваат навистина корисни сознанија. Но, дали тие дијаграми се само теоретски или се проверени и практично.
2. Ме интерсира какви особини имаат наведените топлински изолации во поглед на изолација од надворешна бучава (живеам близу прометна улица).
3. Од досегашните написи очигледна е предноста на изолацијата со стиропор од надвор. Какви предности би имале ако направиме двојна изолација, на пример, сендвич ѕид + надворешна изолација или ѕид од гас-бетон + надворешна изолација. Има ли смисла таква градба, однсно дали се исплати од аспект на заштедите што ќе се остварат. И дали со таква двојна изолација ѕидот ќе може да "диши", односно да не добијам полоша клима во внатрешноста?
Се надевам ќе ми одговорите на моите прашања и така ќе ми помогнете да донесам правилна одлука за градбата која ја планирам.
Поздрав и сè најдобро,
Стојан Милевски

1. Температурните дијаграми се апсолутно точни, бидејќи се пресметани со помош на софтвер верифициран во согласност со стандардот за топлински мостови МКС EN ISO 10211. Значи, соодветствуваат со реалноста на четирите варијанти, со влезни параметри: надворешна температура -15°C и внатрешна температура +20°C. Со промена на овие параметри се менуваат и изотермалните линии и внатрешните површински температури, но со пропорционален сооднос со цитираните параметри.
2. Во принцип, материјалите за топлинска изолација не мора истовремено да бидат ефектни и за звучна изолација. Проблемот на изолација од т.н. воздушен звук, каква што е надворешната бучава (бучава што се пренесува низ воздух, за разлика од бучава од ударен звук што се јавува и пренесува низ конструкциите внатре во објектот, на пример, удари врз подна конструкција), главно се решава според "законот на маса", т.е. материјали со поголема маса (на пример, бетон) имаат подобра изолациска моќ од воздушен звук во споредба со материјали со мала маса, какви што се топлинско-изолациските материјали. Кај надворешните фасадни ѕидови многу позначајно е, од аспект на звучна изолација, да се обрне внимание на квалитетот на прозорците и на балконските врати, кои се најслаба точка во одбраната од надворешна бучава. За среќа, денес на нашиот пазар може да се најдат квалитетни прозорци со двојно или дури тројно застаклување, со добро затнување помеѓу фиксните рамки и подвижните крила, со што главно се задоволуваат барањата за звучна изолација од надворешна бучава.
3. Комбинирана изолација (како што велите "двојна изолација") може да има оправдување само во случаите кога, веќе постоечкиот објект со т.н. "сендвич-ѕид", поради недостатоците кои ваква ѕидна конструкција ги носи (зголемени топлински загуби и, пред сè, појава на кондензација и мувла од внатрешната страна на топлинските мостови), треба да се санира со дополнителна изолација на фасадите. При градба или доградба/надградба на нови објекти треба да се применува топлинска изолација исклучително поставена од надворешна страна на фасадните ѕидови, со задоволителна дебелина на изолацискиот материјал. Комбинацијата "сендвич-ѕид" и надворешна изолација во финансиски поглед е поскапа (зголемена цена на работната рака, зголемена дебелина на ѕидот, а за сметка на тоа внатрешната нето подна површина е намалена). Друг адут во полза на единствената надворешна изолација е од аспект на градежна физика. Имено, при сендвич-ѕидот, топлинската изолација во средина на ѕидот не е континуирана: во вертикален правец таа е прекината со армирано-бетонски (АБ) серклажи на котата на меѓукатна конструкција, со АБ натпрозорски греди, АБ либажни слоеви и др. Во хоризонтален правец, прекините се случуваат кај вертикалните АБ серклажи, столбови. Сите овие прекини на изолацијата генерираат топлински мостови. Дополнителната надворешна изолација на топлинските мостови делумно ќе го намали нивното негативно влијание, но не во онаа мера ако целата дебелина на изолацискиот материјал (дебелина во сендвичот + дебелина однадвор) биде поставена од надворешна страна.
Вашиот страв од "полоша клима" и неможност ѕидот да "диши" е неоправдан. Ова "дишење", всушност, е дифузија на водена пареа во зимскиот период од внатрешноста на објектот кон надвор, којашто токму со надворешна изолација станува стационарна, односно без задржување на водената пареа во слоевите на ѕидната конструкција и без можност за нејзина кондензација. Наспроти тоа, при "сендвич-ѕидот" потребни се превентивни мерки (поставување на т.н. "парна брана" од внатрешната страна на топлинската изолација) за да не дојде до продор на водената пареа кон надворешните постудените слоеви, со можна кондензација и евентуално мрзнење.
Во секој случај, бидете внимателни при изборот на произведувачот на материјалите за системот за надворешна топлинска изолација, како и при изборот на изведувачот на самата изолација. Денеска на македонскиот пазар активни се многу нестручни фирми, фирмички и поединци ("мајстори") кои нудат сè и сешто.
Специфичен случај е ѕид од гас-бетон (кај нас познат под трговско име YTONG). Гас-бетонот има многу подобри топлинско-изолациски својства од, на пример, ѕид од полна или гитер тула или керамички блокови со шуплини. Но, заради постигнување уште подобри изолациски својства на ѕидот, а особено заради неутрализирање на влијанието на топлинските мостови (АБ елементите), препорачливо е и треба ваквите ѕидови да имаат дополнителна надворешна топлинска изолација.
За ваша информација, во наредните броеви на ЕМИТЕР ќе најдете многу повеќе информации за проблематиката што ве интересира.
д-р Петар Николовски, диа


Здраво емитерци, Сакам да ви поставам едно прашање во врска со УВ осветлувачот за плочки со печатени кола. Ме интересира филмот кој се користи за плочките, каде да го најдам и како се вика? И исто така дали и како треба плочката да ја отпечатам со ласерски печатач? Поздрав, Стефан Василевски Здраво редакцијо, Во нашето училиште наидов на апаратот за УВ осветлување, па ме интересира како можам да изработувам печатените плочки со УВ осветлување? Пошто не знам како се употребува, а вие имате големо искуство, ако е можно да ми помогнете. Со поздрав, Проф. Јусуф Хасани Објаснувањето што ќе го дадам нека биде краток одговор на прашањата кои беа поставени од повеќе читатели на ЕМИТЕР кои пројавиле интерес за процесот на фотопостапка при изработка на ППК. За успешен процес на фото постапка, најважно е да се обезбеди соодветен извор на УВ зраци за осветлување и ППК која е пресвлечена со фотоосетлив лак. За почетниците, предлагам тоа да биде ППК со фабрички нанесен слој на фотолак. За самостојно ослојување на ППК со фотоспреј (Positiv 20) потребно е поголемо искуство, па затоа не се препорачува за почетници. Откако распоредот на печатените врски ќе се нацрта рачно или на компјутер со некоја соодветна програма (Corel DRAW, Protel, Eagle...), сликата со печатените врски треба да се отпечати на термална (отпорна на топлина) проѕирна фолија со ласерски печатар нагоден на најголема резолуција и најголемо зацрнување. За подобрување на зацрнувањето, отпечатената фолија пожелно е потоа да се испрска со некој од графичките спрејови за зацрнување. Важно е при печатењето, сликата на врските да се отпечати на тој начин што ќе се обезбеди "контакт копија", т.е. честичките од тонерот да налегнуваат директно врз бакарниот слој на ППК, а при поглед низ фолијата кон бакарната страна на плочката да има правилен изглед на врските и текстуалните ознаки. Вака отпечатената фолија се отсекува според димензиите на ППК и со леплива проѕирна лента се залепува на бакарната страна на ППК. Се вклучува изворот на УВ светло и се мери времето. УВ светлото треба да поминува преку фолијата и незацрнетиот дел од проѕирната фолија и да паѓа на ослоената бакарна површина со фотолак. Времето на осветлување зависи од повеќе фактори: јачината на УВ изворот, неговата бранова должина и спектарот, времето на осветлување, староста и дебелината на фотолакот итн. Потребно е искуство за да се препознае бојата (светло кафеава до темно бакарна) на "добро осветлен" слој на фотолакот. Потоа плочката треба да се развие, да се отстрани осветлениот слој од фото лакот со помош на подготвен раствор на NaOH (измерете 2g NaOH и растворете го во 1L дестилирана вода). Неосветлените, зацрнетите линии и површини, се слој од фотолак кој понатаму, после нагризувањето, ќе ги претставуваат бакарните водови. Во кадичка во која растворот за неколку милиметри ја прекрива плочката, неколку минути вршиме придвижување на истата во повеќе правци. Кога ќе се истакне уште повеќе темнокафеавата боја на печатените врски, процесот го прекинуваме и плочката ја миеме со млаз на ладна вода. Понатаму, начинот на нагризување на плочката е идентичен како за плочките чиј нацрт е добиен на друг начин (водоотпорен фломастер, летрасет, тонер-трансфер...), со помош на хлороводордна киселина и водород пероксид. Поради големиот интерес, авторот на проектот "Осветлувач за ППК со ЛЕД диоди" од ЕМИТЕР 7-8/08 е во фаза на подготовка на опширен напис за фотопостапка со детално објаснување и изложување на сопствените искуства стекнати во тој процес, поранешни и новостекнати со изградениот осветлувач со лед диоди. Во меѓувреме, обезбедете УВ извор на светло и бидете трпеливи до објавувањето на написот за фотопостапка во еден од наредните броеви на вашето омилено списание. Ако не можете да чекате, тогаш набавете го ЕМИТЕР бр. 4/98 каде е објавен напис за изработка на ППК со фотопостапка. Петар Аврамовски


Честито за сајтот и ви посакувам висока посетеност. Исто така, пофалби и за брошурата "Акустика на простории".
Ме интересира каде би можел да набавам моќни отпорници потребни за тестирање на моќноста на аудиозасилувачи? Станува збор за засилувачи до 500W (тука се и некои засилувачи од ЕМИТЕР). Значи 4 и 8-омски отпорници со моќност 600W. Се разбира, предвид доаѓа и самоградба на овие отпорници, доколку тоа е возможно и практично.
Поздрав,
Душко Јаневски

Ви благодарам за честитките и пофалбите. Јас лично не верувам дека можете да најдете отпорници со толку голема моќност, особено не кај нас. Дури и да ги најдете нивната цена сигурно ќе биде многу висока, бидејќи се работи за нестандарни елементи.
Со врзување на повеќе стандардни отпорници (сериски и паралелно) со голема моќност (поголема од 10W) и отпорност од 3,9 оми или 8,2 оми можете да ги добиете бараните вредности. На пример, со 32 отпорника од 17W можете да добиете еден отпорник со еквивалентна отпорност од 8 оми и моќност од 544W. Со врзување на два вакви "отпорника" во паралела ќе добиете отпорник со отпорност од 4 оми и моќност од 1088W. Бидејќи во овој случај се работи за стандарни елементи (кои можат да се набават кај нас), цената на чинење на вака добиениот отпорник ќе биде многу поприфатлива.
Дејан Трпески


Здраво,
Поздрав до тимот на Емитер.
Во Емитер бр. 2/2000 имаше објавено проект за комуникација преку 230V мрежа. Во денешно време доста актуелни се и видеокамерите, па ми се роди идеја дали може исто таков уред за комуникација да се изработи со аудио и видеосигнал да се испорачува преку постоечката мрежа на 230V.
Поздрав,
Васко Стојанов од Радовиш

Сега има безжични камери за 30 eвра, па не се исплати да се прават уреди за пренос на аудио/видеосигнали преку мрежата за 230 V. Исто така, дометот на модулираниот видеосигнал преку мрежа ќе биде многу мал поради потребата од високата фреквенција во која треба да се втисне основниот видеосигнал кој има спектар до 5MHz. Затоа подобро е преносот да го направите со кабел или безжично, отколку по мрежната инсталација.
Петар Аврамовски


Во списанието ЕМИТЕР во тек е серијата "Мистериите на науката". Според досега објавените написи, евидентно е дека се повторува истиот приод како во претходната серија на ЕМИТЕР - "Мистерија наречена НЛО", имено, се води дебата помеѓу истите два актера: трагачот по "мистерии" Стојмир Симјановски и полемичарот Владимир Филевски. Првиот актер упорно набројува "енигми" кои наводно "сè уште не се објаснети од страна на науката", и се обидува да им даде мистична компонента со препознатлива интенција за нивно вонземно потекло.
Вториот актер, г. Филевски, спротивставува на таквите мистични толкувања рационални објаснувања во својот текст, кои првиот актер редовно ги отфрла во својот завршен збор.
Така неупатените читатели се во дилема кому да му поверуваат? Па, еве ќе им помогнам. Најдобар патоказ за излез од наведената дилема се содржините застапени во современата угледна светска научна литература: Discover, Scientific American, Science & Vie, National Geographic… Како долгогодишен соработник на ЕМИТЕР од областа на физиката, перманентно ги следам содржините во наведените угледни научни списанија од каде што црпам теми за моите написи за ЕМИТЕР. При тоа, во наведените списанија досега не сум забележал заинтересираност на науката за некоја од "мистериите", кои г. Симјановски ги наведува. Очигледно дека тие "енигми" за современата науката или не постојат, како што тврди полемичарот г. Филевски, или немаат никакво значење во разоткривање на темелните начела на кои науката почива, па затоа таа воопшто не им обрнува внимание.
Истовремено, истата таа научна литература е преполна со теми за енигми од разни други области, особено од областа на астрофизиката, околу кои научниците перманентно дебатираат подолго време! Впрочем, зарем е толку важно кога и кој ги направил кристалните черепи во споредба со, на пр., незавршената прикаска за потеклото на универзумот од Биг Бенг во која нема објаснувања за некои клучни енигми, како, на пр., на кој начин универзумот "препознал" кога е време тој да стартува, и потоа неговата чудно правилна конфигурација со точна нагоденост на фундаменталните големини и физички закони, така што тие поддржуваат живот? Или, во споредба со потеклото на темната енергија, како причина за акцелерациската експанзија на универзумот, или со чудните појави во квантниот свет, проблемот со некомпатибилноста помеѓу квантната теорија и Теоријата за релативитетот, со откривање на "Теоријата за сè", … и така можеме да набројуваме во недоглед!
Гледаме дека енигми во науката има на претек, и дека таа перманентно ги истражува, но таа не бара решенија во мистични толкувања, туку вели: "решението сè уште не го знаеме". Тоа научно значи дека тука мора да се најде правото објаснување, но не и дека секое објаснување е вистинско.
Се сложувам и со тоа дека, сепак, "сè уште постојат недоволно истражени подрачја од страна на науката и теми за кои има различни ставови и толкувања", но евидентно е дека современата наука е насочена кон решавање на оние научни енигми, кои имаат некое значење во разоткривање на основните начела на кои науката се темели.
Петар Лагудин


Здравооо ... :)
Ако може да ми пратите шема за свртница за 250W звучник :)
Поздрав, благодарам однапред,
Оливер Коцев

Работите воопшто не се така едноставни... За правилно да се конструира свртница, прво мора да се знаат повеќе податоци - амплитудно-фреквенциската карактеристика на бас-звучникот и на високотонецот, нивната импеданса во зависност од фреквенцијата (не е доволно да се каже дека се 8-омски или 4-омски!), избличувањето во функција од фреквенцијата, итн. Повеќе за свртниците можете да прочитате во "Пасивни свртници за звучни кутии" објавени во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996. Овие два броја на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата.
Да знаете - ако некој ви понуди шема за свртница за 250 W звучник, а без да праша за горните податоци, веднаш откачете го, бидејќи тој нема никакви познавања од аудиотехниката!
Поздрав,
Владимир Филевски