Изработка на ППК со фотопостапка

Здраво емитерци, Сакам да ви поставам едно прашање во врска со УВ осветлувачот за плочки со печатени кола. Ме интересира филмот кој се користи за плочките, каде да го најдам и како се вика? И исто така дали и како треба плочката да ја отпечатам со ласерски печатач? Поздрав, Стефан Василевски Здраво редакцијо, Во нашето училиште наидов на апаратот за УВ осветлување, па ме интересира како можам да изработувам печатените плочки со УВ осветлување? Пошто не знам како се употребува, а вие имате големо искуство, ако е можно да ми помогнете. Со поздрав, Проф. Јусуф Хасани Објаснувањето што ќе го дадам нека биде краток одговор на прашањата кои беа поставени од повеќе читатели на ЕМИТЕР кои пројавиле интерес за процесот на фотопостапка при изработка на ППК. За успешен процес на фото постапка, најважно е да се обезбеди соодветен извор на УВ зраци за осветлување и ППК која е пресвлечена со фотоосетлив лак. За почетниците, предлагам тоа да биде ППК со фабрички нанесен слој на фотолак. За самостојно ослојување на ППК со фотоспреј (Positiv 20) потребно е поголемо искуство, па затоа не се препорачува за почетници. Откако распоредот на печатените врски ќе се нацрта рачно или на компјутер со некоја соодветна програма (Corel DRAW, Protel, Eagle...), сликата со печатените врски треба да се отпечати на термална (отпорна на топлина) проѕирна фолија со ласерски печатар нагоден на најголема резолуција и најголемо зацрнување. За подобрување на зацрнувањето, отпечатената фолија пожелно е потоа да се испрска со некој од графичките спрејови за зацрнување. Важно е при печатењето, сликата на врските да се отпечати на тој начин што ќе се обезбеди "контакт копија", т.е. честичките од тонерот да налегнуваат директно врз бакарниот слој на ППК, а при поглед низ фолијата кон бакарната страна на плочката да има правилен изглед на врските и текстуалните ознаки. Вака отпечатената фолија се отсекува според димензиите на ППК и со леплива проѕирна лента се залепува на бакарната страна на ППК. Се вклучува изворот на УВ светло и се мери времето. УВ светлото треба да поминува преку фолијата и незацрнетиот дел од проѕирната фолија и да паѓа на ослоената бакарна површина со фотолак. Времето на осветлување зависи од повеќе фактори: јачината на УВ изворот, неговата бранова должина и спектарот, времето на осветлување, староста и дебелината на фотолакот итн. Потребно е искуство за да се препознае бојата (светло кафеава до темно бакарна) на "добро осветлен" слој на фотолакот. Потоа плочката треба да се развие, да се отстрани осветлениот слој од фото лакот со помош на подготвен раствор на NaOH (измерете 2g NaOH и растворете го во 1L дестилирана вода). Неосветлените, зацрнетите линии и површини, се слој од фотолак кој понатаму, после нагризувањето, ќе ги претставуваат бакарните водови. Во кадичка во која растворот за неколку милиметри ја прекрива плочката, неколку минути вршиме придвижување на истата во повеќе правци. Кога ќе се истакне уште повеќе темнокафеавата боја на печатените врски, процесот го прекинуваме и плочката ја миеме со млаз на ладна вода. Понатаму, начинот на нагризување на плочката е идентичен како за плочките чиј нацрт е добиен на друг начин (водоотпорен фломастер, летрасет, тонер-трансфер...), со помош на хлороводордна киселина и водород пероксид. Поради големиот интерес, авторот на проектот "Осветлувач за ППК со ЛЕД диоди" од ЕМИТЕР 7-8/08 е во фаза на подготовка на опширен напис за фотопостапка со детално објаснување и изложување на сопствените искуства стекнати во тој процес, поранешни и новостекнати со изградениот осветлувач со лед диоди. Во меѓувреме, обезбедете УВ извор на светло и бидете трпеливи до објавувањето на написот за фотопостапка во еден од наредните броеви на вашето омилено списание. Ако не можете да чекате, тогаш набавете го ЕМИТЕР бр. 4/98 каде е објавен напис за изработка на ППК со фотопостапка. Петар Аврамовски