Во списанието ЕМИТЕР во тек е серијата "Мистериите на науката". Според досега објавените написи, евидентно е дека се повторува истиот приод како во претходната серија на ЕМИТЕР - "Мистерија наречена НЛО", имено, се води дебата помеѓу истите два актера: трагачот по "мистерии" Стојмир Симјановски и полемичарот Владимир Филевски. Првиот актер упорно набројува "енигми" кои наводно "сè уште не се објаснети од страна на науката", и се обидува да им даде мистична компонента со препознатлива интенција за нивно вонземно потекло.
Вториот актер, г. Филевски, спротивставува на таквите мистични толкувања рационални објаснувања во својот текст, кои првиот актер редовно ги отфрла во својот завршен збор.
Така неупатените читатели се во дилема кому да му поверуваат? Па, еве ќе им помогнам. Најдобар патоказ за излез од наведената дилема се содржините застапени во современата угледна светска научна литература: Discover, Scientific American, Science & Vie, National Geographic… Како долгогодишен соработник на ЕМИТЕР од областа на физиката, перманентно ги следам содржините во наведените угледни научни списанија од каде што црпам теми за моите написи за ЕМИТЕР. При тоа, во наведените списанија досега не сум забележал заинтересираност на науката за некоја од "мистериите", кои г. Симјановски ги наведува. Очигледно дека тие "енигми" за современата науката или не постојат, како што тврди полемичарот г. Филевски, или немаат никакво значење во разоткривање на темелните начела на кои науката почива, па затоа таа воопшто не им обрнува внимание.
Истовремено, истата таа научна литература е преполна со теми за енигми од разни други области, особено од областа на астрофизиката, околу кои научниците перманентно дебатираат подолго време! Впрочем, зарем е толку важно кога и кој ги направил кристалните черепи во споредба со, на пр., незавршената прикаска за потеклото на универзумот од Биг Бенг во која нема објаснувања за некои клучни енигми, како, на пр., на кој начин универзумот "препознал" кога е време тој да стартува, и потоа неговата чудно правилна конфигурација со точна нагоденост на фундаменталните големини и физички закони, така што тие поддржуваат живот? Или, во споредба со потеклото на темната енергија, како причина за акцелерациската експанзија на универзумот, или со чудните појави во квантниот свет, проблемот со некомпатибилноста помеѓу квантната теорија и Теоријата за релативитетот, со откривање на "Теоријата за сè", … и така можеме да набројуваме во недоглед!
Гледаме дека енигми во науката има на претек, и дека таа перманентно ги истражува, но таа не бара решенија во мистични толкувања, туку вели: "решението сè уште не го знаеме". Тоа научно значи дека тука мора да се најде правото објаснување, но не и дека секое објаснување е вистинско.
Се сложувам и со тоа дека, сепак, "сè уште постојат недоволно истражени подрачја од страна на науката и теми за кои има различни ставови и толкувања", но евидентно е дека современата наука е насочена кон решавање на оние научни енигми, кои имаат некое значење во разоткривање на основните начела на кои науката се темели.
Петар Лагудин