Почитувана редакцијо,
Читател на Емитер сум повеќе години и многу сум задоволен од неговите содржини. Бидејќи следната година планирам надградба на куќата, многу ме заинтересираа написите за топлинската изолација во последните неколку броеви. Од нив дознав многу корисни работи. Секоја пофалба за авторот.
Секако имам и неколку дилеми и прашања:
1. Дијаграмите за пренос на температурата низ различни ѕидови (сл. 6 во Емитер 9/09 и сл.2 во Емитер 10/09) даваат навистина корисни сознанија. Но, дали тие дијаграми се само теоретски или се проверени и практично.
2. Ме интерсира какви особини имаат наведените топлински изолации во поглед на изолација од надворешна бучава (живеам близу прометна улица).
3. Од досегашните написи очигледна е предноста на изолацијата со стиропор од надвор. Какви предности би имале ако направиме двојна изолација, на пример, сендвич ѕид + надворешна изолација или ѕид од гас-бетон + надворешна изолација. Има ли смисла таква градба, однсно дали се исплати од аспект на заштедите што ќе се остварат. И дали со таква двојна изолација ѕидот ќе може да "диши", односно да не добијам полоша клима во внатрешноста?
Се надевам ќе ми одговорите на моите прашања и така ќе ми помогнете да донесам правилна одлука за градбата која ја планирам.
Поздрав и сè најдобро,
Стојан Милевски
1. Температурните дијаграми се апсолутно точни, бидејќи се пресметани со помош на софтвер верифициран во согласност со стандардот за топлински мостови МКС EN ISO 10211. Значи, соодветствуваат со реалноста на четирите варијанти, со влезни параметри: надворешна температура -15°C и внатрешна температура +20°C. Со промена на овие параметри се менуваат и изотермалните линии и внатрешните површински температури, но со пропорционален сооднос со цитираните параметри.
2. Во принцип, материјалите за топлинска изолација не мора истовремено да бидат ефектни и за звучна изолација. Проблемот на изолација од т.н. воздушен звук, каква што е надворешната бучава (бучава што се пренесува низ воздух, за разлика од бучава од ударен звук што се јавува и пренесува низ конструкциите внатре во објектот, на пример, удари врз подна конструкција), главно се решава според "законот на маса", т.е. материјали со поголема маса (на пример, бетон) имаат подобра изолациска моќ од воздушен звук во споредба со материјали со мала маса, какви што се топлинско-изолациските материјали. Кај надворешните фасадни ѕидови многу позначајно е, од аспект на звучна изолација, да се обрне внимание на квалитетот на прозорците и на балконските врати, кои се најслаба точка во одбраната од надворешна бучава. За среќа, денес на нашиот пазар може да се најдат квалитетни прозорци со двојно или дури тројно застаклување, со добро затнување помеѓу фиксните рамки и подвижните крила, со што главно се задоволуваат барањата за звучна изолација од надворешна бучава.
3. Комбинирана изолација (како што велите "двојна изолација") може да има оправдување само во случаите кога, веќе постоечкиот објект со т.н. "сендвич-ѕид", поради недостатоците кои ваква ѕидна конструкција ги носи (зголемени топлински загуби и, пред сè, појава на кондензација и мувла од внатрешната страна на топлинските мостови), треба да се санира со дополнителна изолација на фасадите. При градба или доградба/надградба на нови објекти треба да се применува топлинска изолација исклучително поставена од надворешна страна на фасадните ѕидови, со задоволителна дебелина на изолацискиот материјал. Комбинацијата "сендвич-ѕид" и надворешна изолација во финансиски поглед е поскапа (зголемена цена на работната рака, зголемена дебелина на ѕидот, а за сметка на тоа внатрешната нето подна површина е намалена). Друг адут во полза на единствената надворешна изолација е од аспект на градежна физика. Имено, при сендвич-ѕидот, топлинската изолација во средина на ѕидот не е континуирана: во вертикален правец таа е прекината со армирано-бетонски (АБ) серклажи на котата на меѓукатна конструкција, со АБ натпрозорски греди, АБ либажни слоеви и др. Во хоризонтален правец, прекините се случуваат кај вертикалните АБ серклажи, столбови. Сите овие прекини на изолацијата генерираат топлински мостови. Дополнителната надворешна изолација на топлинските мостови делумно ќе го намали нивното негативно влијание, но не во онаа мера ако целата дебелина на изолацискиот материјал (дебелина во сендвичот + дебелина однадвор) биде поставена од надворешна страна.
Вашиот страв од "полоша клима" и неможност ѕидот да "диши" е неоправдан. Ова "дишење", всушност, е дифузија на водена пареа во зимскиот период од внатрешноста на објектот кон надвор, којашто токму со надворешна изолација станува стационарна, односно без задржување на водената пареа во слоевите на ѕидната конструкција и без можност за нејзина кондензација. Наспроти тоа, при "сендвич-ѕидот" потребни се превентивни мерки (поставување на т.н. "парна брана" од внатрешната страна на топлинската изолација) за да не дојде до продор на водената пареа кон надворешните постудените слоеви, со можна кондензација и евентуално мрзнење.
Во секој случај, бидете внимателни при изборот на произведувачот на материјалите за системот за надворешна топлинска изолација, како и при изборот на изведувачот на самата изолација. Денеска на македонскиот пазар активни се многу нестручни фирми, фирмички и поединци ("мајстори") кои нудат сè и сешто.
Специфичен случај е ѕид од гас-бетон (кај нас познат под трговско име YTONG). Гас-бетонот има многу подобри топлинско-изолациски својства од, на пример, ѕид од полна или гитер тула или керамички блокови со шуплини. Но, заради постигнување уште подобри изолациски својства на ѕидот, а особено заради неутрализирање на влијанието на топлинските мостови (АБ елементите), препорачливо е и треба ваквите ѕидови да имаат дополнителна надворешна топлинска изолација.
За ваша информација, во наредните броеви на ЕМИТЕР ќе најдете многу повеќе информации за проблематиката што ве интересира.
д-р Петар Николовски, диа