Здраво ЕМИТЕР,
Поздрав до сите вработени во вашата редакција. Се занимавам со свирење на клавијатури (синтисајзер), па ми стана здодевно веке постојано да ги откачувам звучниците од системот и да ги приклучувам на синтисајзерот и потоа повторно сѐ да враќам, па се одлучив да изработам звучници. Ви пишувам вам како најупатени да ми дадете некој совет повеќе за да не се каам после откако ќе потрошам некое евро. Сакам да изработам звучници за разглас и знам дека ке се соочам со низа проблеми и компликации при дизајнирањето но ќе бидам упорен. Сакам да ми дадете некој совет на што треба да внимавам. Имам напис за компресивни звучни кутии кој сте го објавиле уште во декември 1995 г. Го прочитав текстот и јасно ми е, сепак, имам и некои нејасни работи:
1. Дали басот и високотонецот треба да бидат со иста импедансна пр., со по 4 ома, 8 ома.
2. Дали "ако ги направам" звучниците треба да се приклучат само на 8-омски или 4-омски засилувач или пак може на друг, дали мора засилувачот да биде со иста омска вредност како и звучниците.
3. Бидејки мислам да изработам звучници со моќност од прилика стотина вати дали и басот и високотонецот треба да ја имаат таа моќност?
4. Како да ја добијам преклопната фреквенција при дизајнирање на кутијата, што треба да знам???
Ви благодарам за посветеното време.
Со почит, еден од многуте читатели на вашето списание,
Иван Лилиќ.
Како што веќе имам напишано порано, не препорачувам аматерска изработка на звучници за професионална употреба (зборовите аматерска и професионална кажуваат сe). Единствено ако имате намера да ги користите звучниците само за своја душа или во мал круг на пријатели, тогаш можеме да го поздравиме вашиот ентузијазам и да ви дадеме некои совети. За конструирање на звучни кутии, многу ќе ви помогнат текстовите "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96, серијалот "Бас-рефлекс звучни кутии" во ЕМИТЕР 1998 година и серијалот "Како до квалитетни звучници" во ЕМИТЕР 1/2007 до 7-8/2007. Таму ќе ги најдете одговорите на вашите прашања:
- Басот и високотонецот не мора да се со иста импеданса. Ако кој било од нив е 4-омски, тогаш и целата звучна кутија ќе биде 4-омска.
- Не постојат транзисторски засилувачи кои се 4 или 8-омски (освен некои ретки егзотични егземплари, со астрономска цена). Ознаката "4-16 ohm" на задната страна од засилувачот означува дека на тој засилувач може да се приклучат и звучници од 4 ома, додека ознаката "8-16 ohm" означува дека засилувачот не може да напојува 4-омски звучници, туку само 8-омски (или со повисока импеданса). Кај лампашките засилувачи навистина постојат изводи за 4 или 8 ома.
- Моќноста на високотонецот природно е неколку пати помала од бас-звучникот, но тоа не пречи бидејќи моќноста на високите тонови и онака е многу помала од ниските тонови. Во просек, високотонска хорна со намотка од 25 mm има моќност до 25 вати, но кога ќе се поврзе со добра свртница, може да се употреби со бас звучник до 200 вати.
- Преклопната фреквенција се одредува така да биде доволно висока за да нема преголеми изобличувања од високотонецот, но притоа да може да се добие рамна фреквенциска карактеристика на целата звучна кутија. Фабриките редовно препорачуваат таква фреквенција за своите високотонци, но моето искуство говори дека фабриките се премногу оптимистично расположени.
Формулите за свртниците објавени во ЕМИТЕР (или на кое било друго место во светот) се однесуваат само на идеални звучници - а такви не постојат! Тие формули служат само како појдовна основа за одредување на елементите од свртницата.
Владимир Филевски
Почитувана редакцијо на Емитер.
Имам проблем со дигиталниот часовник со термометар и време (проект од ЕМИТЕР 5/05). Вашиот фајл со програмата за PIC-от го добив и го снимив PIC-от со мојот програматор, го наместив на плочката и не покажа никакви бројки. Што се однесува до лемењето и распоредот на компонентите, мислам дека нема грешка – за контрола ви испраќам фотографии од мојата плочка.
Барам ваш совет во врска со програмирањето на PIC-от и некој слични проблеми доколку сте имале да ми ги кажете.
Дејан Стојкоски
од Кичево
Од она што го пишувате, проблемот може да е секаде. Се надевам дека сѐ добро сте поврзале, односно поставиле.
Проверете дали на микроконтролерот постои напон на напојување. Мерете директно помеѓу пин 20 и пин 19, а потоа помеѓу пин 20 и пин 8. На пинот 20 треба да постои +5V, додека пак пиновите 19 и 8 се GND. Потоа проверете дали на пин 1 постои +5V (мерете помеѓу пин 1 и GND). Внимавајте исто така какви LED-дисплеи имате употребено (со заедничка катода или, пак, со заедничка анода).
Ако сето ова е во ред и сѐ сте поврзале како што треба, со соодветните елементи како што е наведено во електричната шема, тогаш останува дека проблемот е во микроконтролерот. Или е тој неисправен, или, пак, не е програмиран како што треба.
Добре Блажевски
Здраво,
Пред сѐ, ве поздравувам како долгогодишен ваш читател, и сакам да ви кажам дека сте супер!
Сакам да поставам неколку прашања:
1. Дали ќе се појави проблем доколку антенскиот засилувач од ЕМИТЕР 6/09 се напојува на акумулатор од 12V од автомобил, бидејќи овој засилувач сакам да го користам во мојот автомобил?
2. Во ЕМИТЕР 5/09, во написот "Hi-fi стереозасилувач Паганини" наведено е дека засилувачот може да работи во мостна врска. Би сакал да ми ги кажете соодветните модификации потребни за овој засилувач да работи во мостна врска?
3. Во мрежниот филтер од ЕМИТЕР 11/08, на излезот се поврзани фазата, нулата и заземјувањето. Доколку не се користи заземјувањето, дали ќе биде потребно дополнително филтрирање на шумот?
4. Исто би сакал да подискутирам околу биодизелот. Во текстот пишува "директно" може да се користи разреден во сооднос 20:80, што, според мене, не е некоја голема разлика, односно нема да имаме некој си голем ќар. Сфаќам дека проектот е повеќе од едукативен карактер, така што се надевам дека нема да ми замерите на мојата забелешка. Доколку се инвестира, до некој степен, повеќе во "реакторот" и се додаде или измени некој дел од него, дали би се добил поквалитетен биодизел кој би можел да се користи понеразреден, односно во поголема количина (да речеме во размер 70:30). И доколку е тоа можно, што точно треба да се промени или додаде?
Ви благодарам од напред, поздрав!
Горан Илиевски, преку и-меил
1. Веднаш на почеток сакам да напоменам дека овој антенски засилувач првенствено е наменет за стационарна употреба, но не гледам причина зошто не би можел да се употреби и во автомобил. Сепак, треба да се имаат предвид специфичните услови кои владеат во автомобилот. Тука, пред сѐ, мислам на квалитетот на напонот и присуството на електромагнетни пречки кои потекнуваат од искрењето на свеќичките. За заштита од електромагнетни пречки неопходно е засилувачот да го монтирате во метална кутија која треба да биде електрично поврзана со шасијата на автомобилот. Напонот за напојување од 9V треба да биде стабилизиран и добро исфилтриран без пречки и шумови. На слика1 е прикажана електричната шема на една можна верзија на изворот за напојување изведена со монолитниот стабилизатор 7809. Жиците со кои изворот на напон се поврзува со електричната инсталација на автомобилот треба да ги приклучите што е можно поблиску до акумулаторот. Дополнително филтрирање можете да постигнете ако плусот од акумулаторот го поврзете на влезот од стабилизаторот преку пригушница (калем) од 1 до 5mH.
2. Засилувачот изработен во овој проект (во оригинална форма) не е предвиден за поврзување во мостна конфигурација, пред сѐ, поради ограничената излезна струја што може да ја даде интегрираното коло TDA2030A. За да се задржи излезната струја во дозволените граници, потребно е напонот за напојување да се намали од ±20V на ±15V, а истовремено на излезот да се приклучи (исклучиво) звучник од 8 оми. Оваа измена доаѓа предвид доколку располагате со извор на напон од ±15V, бидејќи добивката во излезна моќност со оваа измена е минимална во споредба со вложувањата во втор засилувач.
Подетално за поврзувањето на засилувачите во моста конфигурација можете да прочитате во ЕМИТЕР 5/95 и во дата-шитот на TDA2030A.
Дејан Трпески
3. Кој шум сакате дополнително да го филтрирате? Мрежниот филтер е составен од два условно незвисни филтри. Притоа, филтерот за симетричен шум ги користи мрежниот и нултиот спроводник, а филтерот за несиметричен шум ги користи сите три спроводници. Значи, колото на струјата на симетричниот шум е секако затворено и за овој шум филтерот работи непречено. Доколку заземјувањето не го користите само на излезот, колото на струјата на несиметричниот шум се затвора низ самиот филтер. Филтерот за несиметричен шум е во функција, но металните делови на потрошувачот кои не се под напон може да се јават како дополнителни извори на шум.
Доколку заземјувањето не го користите и на влезот и на излезот, струјата на несиметричниот шум нема од каде да протече, а она што го нема не може да се филтрира. Во овој случај кондензаторите C5 и C6 стануваат дел од филтерот за симетричен шум, но нивната сериска врска има многу помала капацитивност од капацитивноста на кондензаторот C4 и не би требало да влијае врз работата на филтерот за симетричен шум.
Георги Ефтимов
4. Очигледно дека некои читатели не го читаат Емитер внимателно. Написот за преработката на прегорено прехранбено масло е подготвен врз основа на неколкугодишна практична примена и употреба, со забелешки и подобрувања како од пронајдената литература, така и од лично искуство, во најголем дел на сопственото возило. Тоа значи не е теоретски/едукативен, туку е практичен пример илустриран со голем број фотографии кои го покажуваат начинот и постапката како тоа се прави.
Во делот од текстот каде што пишува за употреба на биодизелот во однос 20:80 со стандардно дизел-гориво, ако продолжите да читате ќе забележите дека следува постапка на испирање на биодизелот која ќе биде објавена во следното продолжение на написот. Исто така, ако обрневте внимание на претходното ќе забележите дека тој однос на биодизел и обичен дизел нема да направи никакви проблеми на моторот низ целиот век на користење, а ќе го подобри многу подмачкувањето. Но, доколку се испере (темата на следниот напис), слободно ќе може да се користи и 100% биодизел, без проблеми по моторот.
Драган Јовановски
Ја направив електронската брава од ЕМИТЕР 2/09, арно ама не функционира!!! Проверив дали има ладни лемови или некои кратки споеви и сѐ е во ред... Интегралците не можеле да изгорат, бидејќи се поставени на подножје...
Бидејќи сам не можам да го поправам уредот, ве молам авторот г. Георги Ефтимов да ја разгледа шемата и да ми ги соопшти можните грешки или проблеми!!!
Со почит,
Адис Тахири.
Бидејќи не давате прецизна информација што не функционира, најмногу што можам е да ги посочам напоните што треба да ги измерите на излезите на интегрираните кола во секој поединечен чекор. Прво проверете дали двете интегрирани кола имат напојување еднакво на приклучениот напон (приклучете волтметар помеѓу изводите 14 и 7 на секое интегрирано коло). Почекајте неколку минити, кратотрајно притиснете еден од "лажните" тастери, па измерете го напонот на секој од излезите на логичките кола. Напонот на излезите на сите И-кола и на излезот на НИЛИ-колото IC2b треба да биде еднаков на нула волти, а напонот на излезите на преостанатите три НИЛИ-кола треба да биде еднаков на напонот на позитивниот пол на напојувањето (Udd). Внимавајте, не приближно еднаков туку точно еднаков на нула или Udd. Краткотрајно притиснете го тастерот A, па повторно измерете го напонот на излезот на И-колото IC1a. Тој треба да биде еднаков на позитивниот пол на напојувањето, а сите други излези треба да ја задржат претходно измерената напонска состојба. Повторете ја истата постапка со тастерите B и C, редоследно. По истиот редослед напоните на излезите на И-колата IC1b и IC1c треба да се сменат од нула на Udd, а сите други излези треба да ја задржат претходно измерената напонска состојба. Приклучете го сега волтметарот на излезот на НИЛИ-колото IC2d и краткотрајно притиснете го тастерот D. Напонот на излез на ова НИЛИ-коло треба од Udd да падне на нула и после неколку секунди повторно да се врати на Udd. Верувам дека на овој начин лесно ќе утврдите каде е проблемот во склопот што сте го изработиле.
Сигурен сум дека нема никакво влијание врз работата на склопот, но да ви ја дадам и таа информација. Напонските состојби кои ги посочив погоре измерени се на склоп во кој наместо CMOS-кола од серијата CD, се употребени CMOS-кола од серијата HCF. Бравата се активира со релеј од 5Vdc, па и самиот склоп се напојува со истиот напон. Не заборавајте дека напонот за напојување треба да биде добро стабилизиран.
Георги Ефтимов
Здраво Емитер!
Поздрав до Вас, благодарам за одговорите на сите писма до сега со кои ми имате помогнато многу. Имам уште едно прашање. Имам стерео засилувач за во автомобил, 2x90W. Бидејќи нема вградено инвертор за мостно поврзување, како можам да го поврзам сам мостно, на 8-омски бас звучник, и ако е можно да се надогради со бас-филтер. Однапред благодарам.
Горан Илиевски, преку и-меил
Прво треба да дојде филтерот за сабвуфер, после него сигналот треба да се раздвои на две линии, па на едната да се стави едноставен инвертор, па потоа тие две линии да се приклучат на стерео засилувачот. Деталниот начин на поврзување на стерео засилувач во мостна врска е прикажан во ЕМИТЕР 12/2002, во рубриката Писма. Проектот Активен филтер за сабвуфер е објавен во ЕМИТЕР бр. 7-8/2004.
Владимир Филевски