Прашања за неколку проекти

Здраво,
Пред сѐ, ве поздравувам како долгогодишен ваш читател, и сакам да ви кажам дека сте супер!
Сакам да поставам неколку прашања:
1. Дали ќе се појави проблем доколку антенскиот засилувач од ЕМИТЕР 6/09 се напојува на акумулатор од 12V од автомобил, бидејќи овој засилувач сакам да го користам во мојот автомобил?
2. Во ЕМИТЕР 5/09, во написот "Hi-fi стереозасилувач Паганини" наведено е дека засилувачот може да работи во мостна врска. Би сакал да ми ги кажете соодветните модификации потребни за овој засилувач да работи во мостна врска?
3. Во мрежниот филтер од ЕМИТЕР 11/08, на излезот се поврзани фазата, нулата и заземјувањето. Доколку не се користи заземјувањето, дали ќе биде потребно дополнително филтрирање на шумот?
4. Исто би сакал да подискутирам околу биодизелот. Во текстот пишува "директно" може да се користи разреден во сооднос 20:80, што, според мене, не е некоја голема разлика, односно нема да имаме некој си голем ќар. Сфаќам дека проектот е повеќе од едукативен карактер, така што се надевам дека нема да ми замерите на мојата забелешка. Доколку се инвестира, до некој степен, повеќе во "реакторот" и се додаде или измени некој дел од него, дали би се добил поквалитетен биодизел кој би можел да се користи понеразреден, односно во поголема количина (да речеме во размер 70:30). И доколку е тоа можно, што точно треба да се промени или додаде?
Ви благодарам од напред, поздрав!
Горан Илиевски, преку и-меил

1. Веднаш на почеток сакам да напоменам дека овој антенски засилувач првенствено е наменет за стационарна употреба, но не гледам причина зошто не би можел да се употреби и во автомобил. Сепак, треба да се имаат предвид специфичните услови кои владеат во автомобилот. Тука, пред сѐ, мислам на квалитетот на напонот и присуството на електромагнетни пречки кои потекнуваат од искрењето на свеќичките. За заштита од електромагнетни пречки неопходно е засилувачот да го монтирате во метална кутија која треба да биде електрично поврзана со шасијата на автомобилот. Напонот за напојување од 9V треба да биде стабилизиран и добро исфилтриран без пречки и шумови. На слика1 е прикажана електричната шема на една можна верзија на изворот за напојување изведена со монолитниот стабилизатор 7809. Жиците со кои изворот на напон се поврзува со електричната инсталација на автомобилот треба да ги приклучите што е можно поблиску до акумулаторот. Дополнително филтрирање можете да постигнете ако плусот од акумулаторот го поврзете на влезот од стабилизаторот преку пригушница (калем) од 1 до 5mH.
2. Засилувачот изработен во овој проект (во оригинална форма) не е предвиден за поврзување во мостна конфигурација, пред сѐ, поради ограничената излезна струја што може да ја даде интегрираното коло TDA2030A. За да се задржи излезната струја во дозволените граници, потребно е напонот за напојување да се намали од ±20V на ±15V, а истовремено на излезот да се приклучи (исклучиво) звучник од 8 оми. Оваа измена доаѓа предвид доколку располагате со извор на напон од ±15V, бидејќи добивката во излезна моќност со оваа измена е минимална во споредба со вложувањата во втор засилувач.
Подетално за поврзувањето на засилувачите во моста конфигурација можете да прочитате во ЕМИТЕР 5/95 и во дата-шитот на TDA2030A.
Дејан Трпески

3. Кој шум сакате дополнително да го филтрирате? Мрежниот филтер е составен од два условно незвисни филтри. Притоа, филтерот за симетричен шум ги користи мрежниот и нултиот спроводник, а филтерот за несиметричен шум ги користи сите три спроводници. Значи, колото на струјата на симетричниот шум е секако затворено и за овој шум филтерот работи непречено. Доколку заземјувањето не го користите само на излезот, колото на струјата на несиметричниот шум се затвора низ самиот филтер. Филтерот за несиметричен шум е во функција, но металните делови на потрошувачот кои не се под напон може да се јават како дополнителни извори на шум.
Доколку заземјувањето не го користите и на влезот и на излезот, струјата на несиметричниот шум нема од каде да протече, а она што го нема не може да се филтрира. Во овој случај кондензаторите C5 и C6 стануваат дел од филтерот за симетричен шум, но нивната сериска врска има многу помала капацитивност од капацитивноста на кондензаторот C4 и не би требало да влијае врз работата на филтерот за симетричен шум.
Георги Ефтимов

4. Очигледно дека некои читатели не го читаат Емитер внимателно. Написот за преработката на прегорено прехранбено масло е подготвен врз основа на неколкугодишна практична примена и употреба, со забелешки и подобрувања како од пронајдената литература, така и од лично искуство, во најголем дел на сопственото возило. Тоа значи не е теоретски/едукативен, туку е практичен пример илустриран со голем број фотографии кои го покажуваат начинот и постапката како тоа се прави.
Во делот од текстот каде што пишува за употреба на биодизелот во однос 20:80 со стандардно дизел-гориво, ако продолжите да читате ќе забележите дека следува постапка на испирање на биодизелот која ќе биде објавена во следното продолжение на написот. Исто така, ако обрневте внимание на претходното ќе забележите дека тој однос на биодизел и обичен дизел нема да направи никакви проблеми на моторот низ целиот век на користење, а ќе го подобри многу подмачкувањето. Но, доколку се испере (темата на следниот напис), слободно ќе може да се користи и 100% биодизел, без проблеми по моторот.
Драган Јовановски