Би сакал да ве прашам едно деликатно прашање на кое мислам дека вие можете да ми дадете одговор. Како може од PC да се префрлат поголем број податоци, околу 35 GB, на лаптоп?
Однапред благодарам,
Ненад Јакимовски

Начин број 1 (најпаметно!) - поврзете ги PC-то и лаптопот во мрежа.
Начин број 2 (ако имате искуство со "чачкање" хардвер) - извадете го хардот од лаптопот и поврзете го со компјутерот преку соодветен 5.25/3.5 адаптер (види Емитер 7-8/07), или ставете го во екстерно куќиште, па тоа куќиште поврзете го со компјутерот преку USB/FireWire. Истата операција важи и за вадење на хардот од компјутерот и негово поврзување на лаптопот.
Начин број 3 (тотално непрактичен, бавен и пипав) - преку USB стикче. Што поголемо стикче, помалку зезанции.
Поздрав,
Зоран Ивановски


Здраво ЕМИТЕР,
Јас сум ваш редовен читател и имам едно прашање до вас. Го имам изработено дигиталниот термометар од Е 2/98, па ме интересира дали може да се преправи, наместо силициумски транзистор како сензор да се користи температурниот сензор LM35CZ или друг, а нагодувањето да се сведе на само еден тример.
Еве и една препорака. Не објавувајте проекти за испитувачи на далечински управувачи. Денес речиси секој електроничар има мобилен со каква таква камера. IR-светлината е невидлива за човечкото око, ама е видлива за камерата. Мобилниот телефон со камера е наједноставен испитувач на далечински :).
Благој Минчев

Изработката на термометар со LM35 не претставува проблем, затоа што самиот сензор "генерира" напон којшто е пропорционален со температурата на која е загреан. Овој сензор генерира излезен напон според следнава формула:
Uout = Tc • 10 [mV]
Така, ако сензорот е загреан на температура Tc=50oC на излез ќе има напон од 500mV. Овој напон се води на волтметар изработен со ICL7106 или ICL7107, на пример, како на дадената шема. На оваа шема напонот од сензорот се засилува за 10 пати за да се подобри стабилноста на прикажаниот напон и за да се приспособи кон влезната карактеристика на ICL7106/7.
Единствен недостаток на овој сензор е што не може да се користи за мерење на температури под нула. Ако имате потреба од мерење на температури под нула, треба да се употреби некој друг сензор, како, на пример LM335.
Благој Ќупев


Почитувани,
Ви пишувам во врска со написот за можноста водата да гори кога ќе се третира под одредени радиобранови (ЕМИТЕР 4/08).
Ме заинтригира вашето ценето мислење дека ова технологија не може да биде применлива. Според тоа што го читам на интернет, ова навистина може да биде замена за скапите и при крај фосилни горива, нормално доколку дозволуваат светските моќници, не мислам на тие политички туку тие финансиски. А друга опасност според мене на добивање на бесплатна енергија е и тоа што оној кој ја има енергијата во моментот има и моќ. Тоа се според мене причините, а не нешто друго.
Поздрав
Арбен Саити
Оддeление за Системско Инженерство, Министерство за Одбрана на РМ

Благодариме на Вашето јавување во врска со написот "Вода во пламен".
Вашето размислување за проблемите од примена на технологијата наведена во написот за продукција на гориво како замена на скапите и веќе речиси исцрпени ресурси на фосилните горива е логично. Навистина, на интернет има мноштво статии кои укажуваат на можноста водата да се користи како евтино или бесплатно гориво. Во спомнатиот текст ние пренесовме научна потврда на едно од можните решенија објавено во неколку странски научни списанија. За жал, оваа метода е неефикасна и тоа го изјавува самиот автор (John Kanzious, а тоа што Вие сте го прочитале на интернет, "дека водата може да биде замена за скапите фосилни горива", сигурно се однесува на продукција на гориво по некоја друга метода, што не беше тема на наведениот напис.
Со почит,
Петар Лагудин


Почитувани,
Почнав со изработка на метал детекторот од ЕМИТЕР 7-8/06, но променлив кондензатор 5-140 pF не можев да најдам никаде. Најблиску што најдов во Логин електроник е 7-105 pF. Дали може да се искористи овој кондензатор и ако не, каде може да се најде соодветен.
Благодарам,
Илија Ивановски.

Променливите кондензатори со капацитивност 5÷140pF имаат проѕирно пластично куќиште. Ги има во старите мали транзисторски приемници, но мислам дека ги има и во Е и П електроника. Променливиот кондензатор може да биде и со вредност 7÷105pF. Со тоа ќе се смени опсегот на фреквенции, но во начело и со него детекторот ќе работи. Ако со овој кондензатор не можете да ја постигнете саканата фреквенција, во паралела додајте му уште еден керамички кондензатор со вредност од 15 до 47 pF.
Георги Ефтимов


Здраво,
Имам едно прашање кое се однесува за "Дополнувачот за акумулатори" од ЕМИТЕР 11/07.
Дали на местото од трансформаторот од 6VA со напон на секундарот од 12V, може да се стави трансформатор од 10VA со напон на секундарот од 24 волти, па да се намали напонот и да се користи за дополнување на акумулатор од 75Ah?
Горан Велковски

Одговорот е потврден. Ова значи дека и со трансформатор од 24V колото ќе може да работи без никакви измени, само што ќе треба да ја нагодите струјата на 75mA со оглед на тоа што имате акумулатор од 75Ah. Поради повисокиот влезен напон, сепак во овој случај би препорачал регулатор 7805 да го замените со 7812, а тримерот наместо 220Ω да биде со вредност од 470Ω.
Дејан Трпески


Здраво ЕМИТЕР.
Имам прашање и се надевам ќе ми помогнете. Имам кондензатор со некој капацитет (не е битно кој) и со напон од 25 волти. Сакам напонот на неговите краеви да достигне 25 волти, а имам батерија од 1,5 волти. Па ме интересира која е наједноставната шема со која можам со батерија од 1,5 волти да го наполнам кондензаторот на 25 волти? Го приклучив кондензаторот со батеријата и тој се наполни онолку колку што е напонот на батеријата. Пробав и со друг кондензатор и пак истото. Ве молам за помош.
"јас јас" преку и-меил.

Иако потполно е нејасно зошто сакате да наполните 25-волтен кондензатор токму на 25 V, не би ви препорачал да го направите тоа од едноставна причина што можете да го оштетите истиот, а богами и да си истерате око. Претпоставувам дека кондензаторот е електролитски, бидејќи другите видови ретко се изработуваат за напони помали од 63V. Електролитските кондензатори знаат да експлодираат и тоа со доста голема моќност ако се приклучат на напони поголеми од специфираниот. Затоа кондензаторот смее да се приклучува само на напони кои се помали од нивниот номинален напон. Тоа значи кондензаторот кој го имате смеете да го приклучите на напон помал од 25V барем за 20% (значи до 20V), а ако сакате да го полните токму на 25V тогаш морате да земете друг со работен напон од 35V или повеќе.
Јас препоставувам дека вие сакате напонот на вашата батерија да го подигнете на некоја поголема вредност. Електронскиот уред кој ќе ви го овозможи тоа, се вика: е:Step-up конвертор. Електронски кола за таа намена има повеќе и дел од нив токму од само една 1,5 волтна батерија успеваат да генерираат 6, 9, 12 па и 100 волти. Во ЕМИТЕР повеќе пати имаме објавено електронски конструкции за таква намена (на пример, во броевите 3/99, 2/2000, 1/04...). За да ја задоволам вашата желба за експериментирање, која е очигледна од вашето писмо, јас ќе ви предложам едно многу попросто коло од мојата истражувачка младост.
Од само еден релеј и една батерија од 9 V, врзани како на сликата, можеме да добиеме наизменичен напон од 200 до 300 V. Како? Во почетната положба, контактот на релејот е врзан така што го затвора колото со батеријата, што несомнено ќе предизвика придвижување на котвата на релејот која ќе го исклучи колото. Кога ќе се исклучи колото, котвата ќе отпушти и повторно ќе го затвори колото. Значи, добиваме осцилаторно коло чија фреквенција првенствено е зависна од механичките својства на релејот. Бидејќи цела оваа механика е трома, добиваме осцилации кои се во чујното подрачје (50-400 Hz). Поради акумулираната енергија во навивката на релето, кога контактот ќе го исклучи колото се јавува пренапон во точката А со доста голема вредност. Вредноста на добиениот наизменичен напон е директно зависна од индуктивноста на навивката на релејот, така што со различни модели на релеи ќе добиеме различни напони.
Со 1,5-волтна батерија и со соодветен релеј ќе добиеме помали напони, но доволно големи (од 30 до 50V) за понатаму да можеме да ги "обработиме". Обработката оди вака: со диодата D вршиме исправување на наизменичниот напон, C го "пегла" напонот, а ZD го стабилизира. Колото е направено од елементи "од вашата домашна работилница", односно елементи кои лесно можат да се најдат. Единствен проблем би бил да се најде соодветен релеј кој би работел на 1,5V. Имено, индустриски изработените релеи се со најмал напон од номинални 3V, па само некои од нив ќе работат на 1,5V. Алтернатива би било да се употребат 2 батерии, односно напон од 3V. Тогаш треба да пазиме да не ни "истера око" кондензаторот C, односно треба да употребиме кондензатор со поголем максимален напон (на пример, 100 V).
Пријатни експерименти деца мои, и внимавајте на очите!
Емилијан Иљоски