Здраво ЕМИТЕР.
Имам прашање и се надевам ќе ми помогнете. Имам кондензатор со некој капацитет (не е битно кој) и со напон од 25 волти. Сакам напонот на неговите краеви да достигне 25 волти, а имам батерија од 1,5 волти. Па ме интересира која е наједноставната шема со која можам со батерија од 1,5 волти да го наполнам кондензаторот на 25 волти? Го приклучив кондензаторот со батеријата и тој се наполни онолку колку што е напонот на батеријата. Пробав и со друг кондензатор и пак истото. Ве молам за помош.
"јас јас" преку и-меил.
Иако потполно е нејасно зошто сакате да наполните 25-волтен кондензатор токму на 25 V, не би ви препорачал да го направите тоа од едноставна причина што можете да го оштетите истиот, а богами и да си истерате око. Претпоставувам дека кондензаторот е електролитски, бидејќи другите видови ретко се изработуваат за напони помали од 63V. Електролитските кондензатори знаат да експлодираат и тоа со доста голема моќност ако се приклучат на напони поголеми од специфираниот. Затоа кондензаторот смее да се приклучува само на напони кои се помали од нивниот номинален напон. Тоа значи кондензаторот кој го имате смеете да го приклучите на напон помал од 25V барем за 20% (значи до 20V), а ако сакате да го полните токму на 25V тогаш морате да земете друг со работен напон од 35V или повеќе.
Јас препоставувам дека вие сакате напонот на вашата батерија да го подигнете на некоја поголема вредност. Електронскиот уред кој ќе ви го овозможи тоа, се вика: е:Step-up конвертор. Електронски кола за таа намена има повеќе и дел од нив токму од само една 1,5 волтна батерија успеваат да генерираат 6, 9, 12 па и 100 волти. Во ЕМИТЕР повеќе пати имаме објавено електронски конструкции за таква намена (на пример, во броевите 3/99, 2/2000, 1/04...). За да ја задоволам вашата желба за експериментирање, која е очигледна од вашето писмо, јас ќе ви предложам едно многу попросто коло од мојата истражувачка младост.
Од само еден релеј и една батерија од 9 V, врзани како на сликата, можеме да добиеме наизменичен напон од 200 до 300 V. Како? Во почетната положба, контактот на релејот е врзан така што го затвора колото со батеријата, што несомнено ќе предизвика придвижување на котвата на релејот која ќе го исклучи колото. Кога ќе се исклучи колото, котвата ќе отпушти и повторно ќе го затвори колото. Значи, добиваме осцилаторно коло чија фреквенција првенствено е зависна од механичките својства на релејот. Бидејќи цела оваа механика е трома, добиваме осцилации кои се во чујното подрачје (50-400 Hz). Поради акумулираната енергија во навивката на релето, кога контактот ќе го исклучи колото се јавува пренапон во точката А со доста голема вредност. Вредноста на добиениот наизменичен напон е директно зависна од индуктивноста на навивката на релејот, така што со различни модели на релеи ќе добиеме различни напони.
Со 1,5-волтна батерија и со соодветен релеј ќе добиеме помали напони, но доволно големи (од 30 до 50V) за понатаму да можеме да ги "обработиме". Обработката оди вака: со диодата D вршиме исправување на наизменичниот напон, C го "пегла" напонот, а ZD го стабилизира. Колото е направено од елементи "од вашата домашна работилница", односно елементи кои лесно можат да се најдат. Единствен проблем би бил да се најде соодветен релеј кој би работел на 1,5V. Имено, индустриски изработените релеи се со најмал напон од номинални 3V, па само некои од нив ќе работат на 1,5V. Алтернатива би било да се употребат 2 батерии, односно напон од 3V. Тогаш треба да пазиме да не ни "истера око" кондензаторот C, односно треба да употребиме кондензатор со поголем максимален напон (на пример, 100 V).
Пријатни експерименти деца мои, и внимавајте на очите!
Емилијан Иљоски