Нашата планета е динамична и постојано се менува, но ретко кога нејзината внатрешна моќ се манифестира со таква брутална и застрашувачка синхронизација како на 24 јуни во северна Венецуела. Во сеизмичка секвенца што ги шокираше и граѓаните и геолозите, земјата беше погодена од два разорни земјотреси во период помал од една минута. Првиот потрес, со магнитуда од 7.2, беше само морничава увертира. Точно 39 секунди подоцна, уследи главниот удар со магнитуда од 7.5.
Оваа двојна игра на природата предизвика хаос, претворајќи ги зградите во главниот град Каракас во урнатини и принудувајќи илјадници преплашени жители да ја поминат ноќта под отворено небо. Но, што точно се случи под површината на Земјата?
За да разбереме како дојде до овој геолошки настан, мора да ѕирнеме длабоко под површината, во Земјината кора. Според Геолошкиот институт на САД (U.S. Geological Survey – USGS), вината лежи во комплексниот раседен систем Боконо-Морон-Ел Пилар. Оваа огромна геолошка лузна се протега на околу 1300 километри вдолж целото северно крајбрежје на Венецуела, сè до островот Тринидад.
За разлика од зоните каде што тектонските плочи се судираат фронтално или се подвлекуваат една под друга, тука станува збор за еден специфичен феномен, таканаречен трансформен расед (strike-slip fault).

Претставете си две џиновски карпести маси што се обидуваат да се разминат лизгајќи се хоризонтално една крај друга, налик на два огромни воза на паралелни шини кои се движат во спротивни насоки. Со децении раседот ја задржува енергијата од триењето, сè дури притисокот не стане преголем. Кога притисокот станнува преголем, пукнатината ќе попушти при што кората буквално се „сече“ странично, ослободувајќи застрашувачка количина на енергија без значително да го подигне или спушти тлото.
Првиот удар започнал на длабочина од само 13 километри, релативно плитко, што дополнително ја максимизирало деструктивната моќ на површината. Имено, оваа релативно мала длабочина е клучната причина зошто деструктивната моќ на површината беше толку голема.
Веднаш по ударите, се активираше меѓународен протокол за вонредни состојби. Системот за предупредување на САД (US Tsunami Warning System) Издаде предупредување за цунами за Порторико и Девствените Острови, кое подоцна беше укинато.
Сепак, она што ги загрижи експертите беше реакцијата на PAGER – напредниот систем на USGS за автоматска проценка на човечкото и економското влијание на земјотресите. Системот издаде два „црвени аларми“ за двата последователни потреса, нешто што мошне ретко се случува. Имено, ваквото ниво на предупредување (црвен аларм) историски се активира само еднаш до двапати во годината во целиот свет. Текстот на алармот беше суров и недвосмислен: „Постои голема веројатност за висок број на жртви и екстензивна материјална штета од широки размери.“

Во населбата Алтамира во источен Каракас, ова црно сценарио стана реалност. Извештаите сведочат за зграда од 22 ката која била целосно уништена, додека луѓето очајно ги извикувале имињата на своите најблиски, а доброволците и спасувачките тимови водат трка со времето извлекувајќи ги луѓето од под урнатините.
Иако Латинска Америка е позната по својата сеизмичка активност, Венецуела најчесто е поштедена од вакви екстремни настани. Нејзината специфична позиција на границата помеѓу Јужноамериканската и Карипската тектонска плоча ја прави значително помалку подложна на чести катастрофи во споредба со земјите распослани на Пацифичкиот огнен прстен, како Чиле или Мексико.
Токму затоа, овој двоен земјотрес се смета за еден од најсилните што ја погодиле земјата во повеќе од еден век. Последниот сличен настан се случил во август 2018 година (со магнитуда 7.3), при што исто така било издадено предупредување за цунами а потресот предизвикал и прекини во снабдувањето со струја во соседните Тринидад и Тобаго. Но, тогаш последиците беа далеку поблаги и без човечки жртви во Венецуела.
Интересно е што истиот ден, планетата силно се тресеше и на други места. Во Јапонија беше регистриран земјотрес со магнитуда 6.9, а во Калифорнија (САД) земјотрес со магнитуда од 5.6. Оваа низа на настани наведе многумина на социјалните мрежи да се запрашаат – дали Земјата испраќа координиран сигнал и дали овие земјотреси се поврзани?
Науката има јасен одговор. Познатиот сеизмолог од институтот Калтек, Луси Џонс, ја отфрла оваа теорија, нудејќи краток и јасен научен одговор – Не.
„Земјотресите се случија на целосно различни раседни системи и тектонски граници. Ниту еден од нив не ги предизвика другите“, вели таа, додавајќи дека станува збор за чиста временска случајност, а не за механизам на „сеизмичко активирање на далечина“.
Во деновите што следат, најголемиот предизвик за Каракас ќе бидат последователните потреси (афтершокови). Десетици помали земјотреси веќе се регистрирани во часовите по главниот удар, а сеизмолозите предупредуваат дека тлото нема да мирува во деновите што следат. Додека Венецуела се обидува да ја процени вистинската големина на катастрофата и додека спасувачките мисии се прошируваат со пристигнување на помош од сите страни на светот, овој настан останува врежана лекција за непредвидливата и фасцинантна моќ на планетата на која живееме.
Повеќе за механиката на земјотресите и можноста за предвидување можете да прочитате и во:
Дали е можно да се предвиди земјотрес?
Предвидување земјотреси со радиобранови
Земјотрес предизвикан од човечка активност
Oткриен начин како да предвидат земјотреси со 80% точност
Земјотресот во Јапонија ја „помести“ земјата
Земјотреси ја направиле ерупцијата на Везув уште покатастрофална за Помпеја
Земјотресот што приближи два острова
120 години од земјотресот во Пехчево-Кресна од 4 април 1904 година