Рубрика: Сеизмологија
Дали е можно да се предвиди земјотрес?
Автор: Душко Бонев
Објавено на 12.09.2016 - 23:15

Земјотресот е една од најстрашните природни појави. Пред оваа застрашувачка појава човек се чувствува целосно беспомошен и немоќен, што можат да го опишат само тие што преживеале катастрофален или барем посилен земјотрес. Овие два дена Скопје го потресоа серија земјотреси заради кои граѓаните се видно вознемирени. Користејќи го стравот на луѓето пред оваа страшна природна појава, се појавија разни предвидувања дека следува уште многу посилен земјотрес. Дали навистина е можно да се предвиди земјотрес? Во ЕМИТЕР бр. 2/2010 имавме опширен напис на оваа тема па го пренесуваме во целост.

Страшните земјотреси
Земјотресот е една од најстрашните природни појави. Пред оваа застрашувачка појава човек се чувствува целосно беспомошен и немоќен, што можат да го опишат само тие што преживеале катастрофален (како скопјани) или барем посилен земјотрес (како валандовчани). Во светски рамки, во изминатиот 20 век од земјотреси во светот загинаа повеќе од еден милион луѓе. Со зголемување на популацијата на Земјата (особено во критичните региони), оваа бројка за 21 век се предвидува да биде десет пати поголема. Пролетта 2009 год. се случија серија земјотреси во југоисточна Македонија, со епицентар во близина на Валандово. Во јануари 2010 год. главниот град на Хаити Порт-о-Пренс го погоди катастрофален земјотрес во кој имаше огромен број на загинати. Користејќи го стравот на луѓето пред оваа страшна природна појава, се појавија разни “експерти” кои предвидуваа многу појак земјотрес од дотогашните. Заинтригиран од овие предвидувања, направив мало истражување за да утврдам колку има вистина во истите. Од почеток е јасно дека ако има можност за предвидување на земјотреси тоа нема да дојде од нашата земја, која соодветно на својата економска моќ посветува многу малку внимание на оваа проблематика. Ситуацијата не е многу поинаква и во светски рамки, земајќи предвид дека најголем дел од земјите погодени со земјотреси главно се земји од третиот свет. Единствено сериозни испитувања од оваа област се вршат само во двете големи држави, кои, исто така, се едни од најпогодените од земјотреси, т.е. САД и Кина.

Експериментот во Паркфилд
Секако, најобемни и најдетални експерименти се вршат во најбогатата земја на светот – САД и тоа во најкритичното подрачја на земјата – јужна Калифорнија. Најобемниот експеримент во светот досега е изведен од американскиот оддел за геолошко истражување (US Geologocal Survey) воден од сеизмолозите д-р Сузан Хју (Susan Hough), д-р Луси Џонс (Lusi Jones), д-р Џон Ленгби (John Langbein), во период од 1987 год до 2004 год. Овие еминентни сеизмолози на база на своето 20-годишно анализирање на земјотреси направиле математичка теорија за предвидувања на земјотрес. За потврдување на оваа своја теорија во малото место Паркфилд во јужна Калифорнија (кое е наречено главен град на светот по земјотреси), има инсталирано опрема во вредност од над 5 милиони долари за следење на практично сите појави кои би можеле да навестат земјотрес. Се мереше сè, од набљудување на сите мали потреси со поставување на голем број на сеизмографи, анализа на евентуално испуштени подземни гасови на разни локации и длабочини, следење на поместување на фиксни точки преку сателит, па с до мерење на нивото на температурата и нивото на подземните води. Сите овие сензори беа поврзани во еден компјутерски центар за следење. На основа на нивната теорија, а поткрепена со анализата на податоците од сензорите, беше предвиден земјотрес со јачина од најмалку 6 степени магнитуда по Рихтер, во ноември 1993 година. Можете да замислите какво разочарување беше кога во 1993 год. не се случи ништо. Ништо не се случи ни во 1994, ни во 1995 итн., сè до 28 септември 2004 год. кога имаше послаб земјотрес со магнитуда од 3 степени. Предвидувањето беше големо промашување, како во временска рамка така и во интензитет. Едноставно самата појава на земјотресот е толку сложена и зависи од толку многу елементи и променливи што истите не беше можно да се стават во овој математички модел. Ова, секако, не значи крај на истражувањата, но, секако, значи крај на надежта дека во скоро време ќе се пронајде модел за предвидување на земјотреси. Во исто време, други научници кои не се сеизмолози, преку сосема други пристапи се обидуваат да направат успешен модел за предвидување на земјотреси. Најпознат од сите алтернативци е д-р Владимир Кејлис Борок (Keilis-Borok), физичар од руско потекло и професор при Универзитетот во Лос Анџелес (UCLA). Тој врши предвидувања на земјотреси по теоријата на хаос. Теоријата на хаос најгрубо објаснето значи да се најде правило и редослед во низа случајни настани. Професор Борок има точно предвидено 12 силни земјотреси, но, за жал, има доста и промашено. Имено, според неговите предвидувања неколкупати се има извршено евакуација на голем број на население и се нема случено ништо. Сепак, неговиот модел дава досега најголема точност од 35%.

Предвидување или предупредување
Од друга страна, системите за рано предупредување ветуваат многу повеќе. Да разграничиме. Системи и модели за предвидување се оние кои го предвидуваат земјотресот пред тој да се случи во длабочината на Земјината кора, што значи да се даде предупредување барем неколку дена порано за да се изврши евакуација. Системите и моделите за рано предупредување се оние кои ги детектираат знаците за почеток на земјотрес и даваат предупредување кое се движи од неколку секунди до половина час. Екипа на физичари, д-р Фридом и д-р Флојд, научници во НАСА, со сопствени финансиски средства (повеќе од еден милион долари), вршат анализа на феноменот на појава на свелосни ефекти пред земјотерсите. Имено, во голем број на земјотреси се има забележано појава на необјасниви светла на небото непосредно пред појавата на земјотресот. Последен пример е во градот Ченгду, провинција Сечуан – Кина, каде што 30 минути пред катастрофалниот земјотрес е документирана (на видеоснимка) појава на чудни светла на небото. Со своите лабораториски експерименти во текот на 2005 год. овие научници утврдиле дека при кршење на карпа се јавува пиезоелектричен ефект кој резултира со светлосни ефекти. Сепак, овие испитувања с# уште се далеку од практичен модел, од проста причина што анализата на еден ефект не дава прецизен модел. Можеби со понатамошни испитувања, со земање предвид и длабочина и вид на подземен карпест слој ќе се дојде до некој модел, но засега уште е многу рано. Секако, најчудни се истражувањата што ги врши Џијанг Вејсонг (Jiang Weisong), сеизмолог во провинцијата Гуан Чи (Guangxi) – југозападна Кина. Имено, овој сеизмолог има фарма на змии т.н. земјени змејови. Со набљудување на нивното однесување тој тврди дека може да предвиди земјотрес. Според него, во сооднос на јачината и растојанието на епицентарот овие животни различно се однесуваат. Пред појава на послаби земјотреси (или на поголемо растојание), змиите се движат во круг барајќи излез. Пред појава на појаки земјотреси, змиите со сета сила удараат во ѕидовите, обидувајќи се да излезат при што дури и загинуваат. Чудното однесување на животните пред земјотрес е забележано и докажано уште многу одамна и тоа не само во Кина. Проблем е во тоа што сите животни различно реагираат, како по однесување така и во време пред земјотресот. За оваа чудна метода да биде употреблива, треба да се постави цела мрежа на фарми со вакви змии меѓусебно комуникациски поврзани, така што однесувањето на овие животни се сведе на реално употребливо предупредување. Американскиот оддел за геолошко истражување (US Geologocal Survey) во август 2009 год. заврши тестирање на пилот-проект наречен “Калифорниска интегрирана сеизмичка мрежа – змиско предупредување” (CISN Snake Alert). Со меѓусебно поврзани сензори поставени длабоко во земјата, се добива сигурно предупредување со временска рамка од неколку секунди до неколку десетини секунди. Овој систем работи на принципот дека електричните сигнали се побрзи од сеизмичките бранови. Овој систем не овозможува да се евакуира население, но е поврзан со автоматско сопирање на возови, автоматско сопирање на лифтови и овозможува предвремена тревога за да се засолнат или да се подготват луѓето.

Заклучок
Досега во светот поради сложеноста на системот на појавата на земјотресите, не постои метод со кој може со доволно голема точност да се предвиди земјотрес. Во ризичните подрачја (и не само во нив) има стотици мали земјотреси кои воопшто не ги забележуваме. Суштината на моделот кој би бил корисен е во тоа не да предвиди дали ќе има земјотрес, туку да предвиди кога и каде ќе има земјотрес опасен за луѓето. Значи, да се определи јачина, време и местоположба на земјотресот, што засега го прави проблемот нерешлив. Досега предложените методи се премногу скапи, а премалку точни. Погрешно предвидување државата ја чини многу пари, научниците ги чини нивното реноме, а политичарите нивната политичка кариера. Знаејќи го ова, единствено што можеме да направиме не е да слушаме разни самонаречени експерти и пророци, туку да градиме објекти кои се сеизмички издржливи и отпорни. Сеизмички отпорните објекти реално не чинат многу повеќе во однос на обичните неотпорни објекти (2-3% повеќе), но се единствената заштита од земјотрес. Овој текст е оригинално објавен во списанието ЕМИТЕР бр, 2/2010 https://emiter.com.mk/napis/8775 

Термини и кратенки:
сеизмолог – стручњак од областа на земјотресите.
сеизмограф – апарат кој мери и бележи потреси на земјата.
магнитуда – јачина на потресот во местото на настанувањето.
пиезоелектричен ефект – присутен е кај некои кристали и претставува појава на електричен напон кога кристалот е изложен на механички притисок и обратно – кога на кристалот ќе се приклучи ел. напон тој трпи механички напрегања.

Клучни зборови: