Според информацијата споделена од Jerusalem Post, група израелски научници открила метод за предвидување на земјотреси 48 часа однапред. Методот што се темели на проучување на промените во јоносферата на Земјата, според нив нуди 80% точност.
Целото истражување е детално опишано во рецензирана студија објавена во научното списание Remote Sensing во мај.
Дали катастрофалните земјотреси, како скопскиот од 1963, ќе можат наскоро да се предвидат како временска прогноза?
Како функционира “предвидувањето”? Со проучување на промените во јоносферата на Земјата, делот од атмосферата што се граничи со вакуумот на вселената. Јоносферата е регион од горната атмосфера на Земјата што се протега (приближно) помеѓу 60 и 1000 km, каде што екстремното високо-енергетско ултравиолетово (EUV) и сончевото зрачење со x-зраци ги јонизира атмосферските атоми и молекули, генерирајќи слој од слободни електрони. GNSS технологијата ја овозможува алатката за глобално следење на состојбата на јоносферата со помош на која може да се пресмета вкупната содржина на електрони (TEC) на глобалната јоносфера / плазмасфера до висина од околу 20 000 km. Методот развиен од тимот е изведен со имплементирање техника на векторска машина со поддршка за машинско учење (support vector machine – SVM). Техниката подразбира и примена на податоци од GPS мапата со вкупната содржина на електрони во јоносферата преку што била пресметувана густината на нејзиниот електронски полнеж.
Истражувачите ја користеле и податочнатата база за земјотреси од Геолошкиот институт на САД (USGS), која нуди најбрзи и најпрецизни информации за локацијата, магнитудата и длабочината на сите документирани земјотреси ширум светот.
Истражувачкиот тим на Универзитетот Ариел и Центарот за истражување и развој Источeн oгранoк успеа да ги процени потенцијалните претходници на неколку големи земјотреси што се случија во изминатите 20 години. Истражувачите ги дефинираа големите земјотреси како оние што надминуваат Mw 6 на Момент скалата на магнитуди. Оваа скала ја мери јачината на земјотресот врз основа на неговото сеизмичко движење.
Со оваа техника тимот успеал да открие дека земјотресот може прецизно да се предвиди со точност од 80% и тоа 48 часа однапред. Освен тоа, истражувачите можеле точно да предвидат и кога земјотрес нема да се случи во одредена област, со точност од 85,7%.
Целото истражување било финансирано од израелското Министерство за енергетика и Израелската научна фондација.