Како што неодамна објавија научниците, силниот земјотрес што пред две години го погоди Нов Зеланд, ги приближи неговите два главни острова, а еден од градовите во оваа островска држава почна да тоне. Но, нема место за паника. Поместувањата се минимални, јазот помеѓу севериот и јужниот остров се стеснил само 35 сантиметри, додека градот Нелсон сместен на јужниот остров се спуштил до 20 милиметри.
Земјотресот со интензитет од 7,8 степени, којшто се случи на 14 ноември 2016 година, првично ги турна двата острова неколку метри поблиску, а несталожените раседни линии оттогаш го туркаат јужното копно понатаму кон север. Сепак, океанскиот теснец помеѓу Кејп Кемпбел на Јужниот Остров, каде што завршуваше најголемото напукнување на земјиштето вдолж една раседна линија, и главниот град на Нов Зеланд, Велингтон, сместен на Северниот Остров, сè уште е широк повеќе од 50 километри.
При земјотресот од 2016 година беа активни дури 25 раседни линии, по чија должина се забележани засеци и пукнатини во земјиштето. Ова значи дека се работи за еден од најсложените земјотреси забележани во светот, како што вели земјотресниот геолог Роб Лангриџ, од новозеландската владина организација за научни геолошки истражувања GNS Science. Сигрун Хрaјнсдотир, од истата организација, вели дека огромниот број раседи вклучени во земјотресот го отежнале лоцирањето на раседот одговорен за последователните мини-потреси, кои следувале по големиот настан. По земјотресот, градот Нелсон, лоциран при “врвот” на Јужниот Остров, забележал помало тонење на почвата. Целата област потонала за околу 10 до 20 милиметри, што не е некоја голема бројка, но како што велат научниците, настанот бил забележан на локациите за геолошки набљудувања и мерења.
Во врска со откритијата, главниот научник при ГНС, Кевин Беримен, изјавил дека иако сите земјотреси од 7,5 и повеќе степени се многу сложени, сепак истовременото активирање на дури 25 раседни линии секако е невообичаен настан.
Земјотресот Каикура се случи веднаш по полноќ и се движеше во правец од југ кон север, од средината на Јужниот Остров, кон Теснецот Кук, зафаќајќи област во должина од 170 километри, за околу 74 секунди.
Нов Зеланд се наоѓа во област кадешто се среќаваат индо-австралиската и пацифичката тектонска плоча и е дел од зоната на Пацифичкиот Огнен прстен. Како последица на ова, тлото во овој реон се тресе повеќе од 15000 пати во годината, но само 100 до 150 од земјотреси се доволно силни за да ги почувстуваат и жителите на островите.