Рубрика: Сеизмологија
Земјотресот во Јапонија ја „помести“ земјата
Објавено на 04.01.2024 - 15:00

Земјотресот што ја погоди Јапонија на првиот ден од оваа година беше силен, со магнитуда од 7,5 степени според Рихтер. Но, највпечатливиот доказ за јачината на овој земјотрес е поместувањето на тлото што тој го предизвика. Имено, на некои места тлото се издигна и до 4 метри, а се помести странично за повеќе од еден метар! Како Јапонија успеа да го ограничи бројот на жртви при ваков разорен земјотрес? Еве што треба да научиме од јапонскиот систем...

Јапонија, која е една од земјите во светот со најмногу сеизмички настани, е опремена со ефикасен систем за следење на земјотресите во моментите додека тие се одвиваат, што овозможува исклучително прецизни мерења на настанот. Постои мрежа од ГПС станици поставени во стратешки точки низ целата земја, што им овозможуваат на научниците да измерат колку секоја од точките била поместена, а со овие податоци потоа тие можат прецизно да ги реконструираат деформациите на пејзажот. Благодарение на овој систем беше измерено поместување од 130 сантиметри кон запад во целата област што на 1 јанураи беше погодена од земјотресот. Ова е мошне висока вредност, па се проценува дека енергијата за развој  на феномен од оваа големина била огромна.

Геолозите ја следеа Јапонија и од вселената, споредувајќи ги сателитските снимки направени пред и по земјотресот. При последниот прелет, сателитот ALOS-2 забележал дека растојанието помеѓу него и тлото на земјата се намалило за околу 400 сантиметри, токму поради тоа што под дејство на земјотресот се подигнала површината на земјата. Истовремено земјиштето се поместило повеќе кон западната страна на полуостровот Ното. На извесно растојание од брегот, се поместило и дното на океанот, генерирајќи цунами бранови високи околу 80 сантиметри.

Во овој многу силен земјотрес загинаат неколку десетици луѓе. Меѓутоа, споредувајќи го овој настан со земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија помеѓу 5 и 6 февруари 2023 година (обата настани беа слични во однос на ослободената енергија), бројот на загинати е неспоредлив. На Блискиот Исток бројот на жртви се искачи на преку 50 илјади луѓе. Земјотресот, пак, што го погоди Хаити во 2010 година беше со помала магнитуда, од 7 степени, а сепак предизвика загуба на над 100 000 луѓе. Како е ова можно? Објаснувањето е едноставно – тајната е во превенцијата.

Јапонија е распослана на место каде се среќаваат четири главни тектонски плочи. Се работи за една од сеизмички најактивните области на Земјата. Околу 20% од глобалните земјотреси со јачина од 6 степени и повеќе се случуваат во оваа земја, а сеизмометрите во просек на секои пет минути регистрираат и снимаат сеизмички настани.

Токму затоа, Јапонија инвестираше многу за да ја направи својата инфраструктура и населението отпорни на овие природни непогоди. Градежните правила се спроведуваат строго, а граѓаните се добро обучени да се справуваат со земјотреси.

Јапонија има и еден од најнапредните системи за рано предупредување во светот. Научниците не можат да го предвидат времето и обемот на настанот, но штом ќе се активира земјотресот, се активираат низа алатки за испраќање пораки до телевизијата, радиото и мобилните мрежи. Доколку земјотресот е многу силен, предупредувањата стигнуваат до населението околу 10-20 секунди пред земјотресот да пристигне. Можеби ова време изгледа мошне кратко, но е доволно за оние кои се добро обучени да ја отворат вратата за бегство, да ги притиснат сопирачките на возовите што се движат  со голема брзина и секој “да падне, да се засолни и да издржи до моментот на спасување" .

Клучни зборови: