Кон крајот на мај новата моќна вселенска опсерваторија на НАСА, вселенскиот телескоп Џејмс Веб, беше погоден од нешто поголем микрометеороид од предвиденото. Ударот предизвика забележлива штета на еден од 18-те примарни огледални сегменти на вселенското летало. Иако ударот значи дека тимот на мисијата ќе мора да го поправи изобличувањето создадено од него, од НАСА велат дека телескопот „сè уште работи на ниво што ги надминува сите барања за мисијата“.
Како што веќе повеќепати пишувавме и истакнавме (види тука, тука, тука, тука и тука) вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) е неверојатно моќен – дизајниран е за истражување на надалечените делови од Универзумот и поглед назад во времето на формирање на првите ѕвезди и галаксии непосредно по Биг Бенгот. Изградбата на телескопот ја чинеше НАСА речиси 10 милијарди американски долари, а потребни беа повеќе од две децении за негово комплетирање.
Како што открива еден блог пост на НАСА, од неговото лансирање досега JWST веќе бил погоден од најмалку четири различни микрометеороиди, но сите тие биле мали и приближно со големина каква што во НАСА и очекувале да дојде во контакт со телесопот. Микрометеороидот е типично мал фрагмент од астероид, вообичаено помал од зрно песок. Но оној што во мај го погоди JWST, сепак бил поголем од предвиденото, иако агенцијата не ја прецизирала неговата точна големина. Според НАСА, ударот што се случил помеѓу 23 и 25 мај, предизвикал „маргинално забележлив ефект во податоците“ и инженерите продолжуваат да ги анализираат ефектите од ударот.
Уметничка визија на вселенскиот телескоп Џејмс Веб во длабоката вселена
Во НАСА очекуваа дека JWST повремено ќе биде мета на ситни вселенски честички за време на неговиот живот, впрочем ова е неизбежно да се случи во длабоката вселена. Имајќи го ова предвид НАСА ги конструираше огледалата на телескопот така што ќе можат да издржат удари од ситни вселенски отпадоци со текот на времето. Покрај ова, во периодот пред лансирањето беа извршени повеќе симулации и тестирања на огледалата за да се одреди како тие најдобро да се зајакнат за да можат да ги издржат ударите од микрометеороиди. Но, како што откриваат од НАСА, во ниту една од овие симулации изведени на земја не бил предвиден удар со толку голем микрометеороид.
Инженерите можат да маневрираат со огледалото и инструментите на JWST подалеку од дождовите од вселенски отпад, се разбира ако тие навремено бидат забележани. Проблемот е што овој микрометеороид не бил дел од ваков метеорски рој, па НАСА го смета за „неизбежен случајен настан“. Сега агенцијата формираше инженерски тим за да изнајде начини како потенцијално да се избегнат или намалат ефектите од удари од микрометеории од оваа големина. За подобро да разберат колку микрометеори има во опкружувањето на длабоката вселена НАСА ќе ги користи сензорите на самиот JWST.
И покрај претрпениот удар, НАСА останува оптимист во поглед на иднината на JWST. Нејзините инженери можат да го приспособат удреното огледало за да се минимизира и отстрани изобличувањето на податоците. Тимот на мисијата веќе го направи тоа и продолжува да манипулира со огледалото за да може да ги оствари најдобрите резултати. Се работи за процес што постојано ќе се одвива во текот на планираните 5 до 10 години живот на JWST додека се прават нови набљудувања и се случуваат нови настани. Сепак, од НАСА предупредуваат дека инженерите нема да можат во целост да го анулираат влијанието од ударот.
Тестирање на огледалата при градбата на вселенскиот телескоп
Со оглед на тоа што JWST е сам во вселената, неговиот дизајн е планирано издржлив. На него нема да можат да се направат никакви интервентни поправки и преправки како што тоа е можно со вселенскиот телескоп Хабл. Во моментов нема можност да се испратат луѓе или роботско вселенско летало за да се поправи JWST. Тоа значи дека JWST ќе мора да опстои понатаму со малку оштетеното огледало до крајот на неговата мисија.
Во меѓувреме, се чини дека ударот не влијаеше врз распоредот на работа на JWST. Всушност, откако ги поминаа последните неколку месеци во фино калибрирање на инструментите и деликатно порамнување на огледалата, тимот на мисијата треба да ги претстави првите снимки во боја од JWST на 12 јули. Од НАСА сè уште не откриваат какви ќе бидат сликите, но како и да е, според досега прикажаното (види тука и тука) очекуваме тие да бидат спектакуларни.
П.С. Дали “малите зелени“ сакаат да нè спречат да ги набљудуваме?