Емитер 10-12/2018.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Универзалните плочки со печатени кола овозможуваат евтина и брза изработка на електронски склопови, главно за едукација, експериментирање, прототипови и за поединечни финални уреди. Токму затоа дизајниравме три типа на универзални плочки, секоја со различно ниво на сложеност и со одредена намена. Во текстот кој следува, прво е дадена кратка теорија за универзалните печатени плочки, нивните видови, предности и недостатоци, а потоа се презентирани нашите три универзални плочки и нивната намена.
Универзалните плочки со печатени кола (ППК) се состојат од повеќе лемни точки (падови) и бакарни ленти распоредени по одреден редослед на плочката, овозможувајќи му на електроничарот на неа да склопува различни електронски кола. За разлика од експерименталните плочки за спојување на електронски кола без лемење (прото-плочка, протоборд, англ. – protoboard, breadboard), кај универзалните ППК колото се составува со лемење на елементите и соодветни спроводници за спојување, т.е. џампери (jumper – спојка, мост). Според ова, универзалните ППК, според намената се наоѓаат на средина помеѓу протобордот и посебно дизајнираната ППК за некое коло. Имено, протобордот е добар за изведување едукативни вежби од електрониката и за експериментирање при развој на некое електронско коло, но сериозен недостаток на протобордот е несигурноста на споевите, која може да настане од претходна употреба на елементи со подебели изводи. Од друга страна, специјално дизајнираните ППК се идеални за трајни решенија при изработка на електронски кола, особено при нивно сериско производство, но нерационално е да се дизајнира и да се изработува посебна ППК само за да се направи еден или неколку примероци од дадениот уред. Токму овој меѓупростор е идеалното поле за примена на универзалните печатени плочки:
• За изведување едукативни вежби во училиштата, на факултетите и на разни семинари и курсеви, каде што од една страна се развива способноста на кандидатот да испланира монтажна шема, а од друга страна, со лемењето се обезбедуваат сигурни споеви за работа на колото (се елиминираат дилемите дали колото не работи заради грешка во шемата или монтажата или заради лоши контакти на протобордот);
• За експериментирање при развој на некое електронско коло од страна на електроничар-конструктор, повторно со елиминирана можност за проблеми од разлабавените контакти на протобордот;
• За финална изработка на некој електронски склоп кој треба да се изработи брзо, и тоа во еден или во неколку примероци, па затоа е нерационално да се трошат време и пари за дизајн и изработка на посебна ППК.
******
Подолг период во Емитер имавме план да издизајнираме и да произведуваме неколку типови на универзални ППК, но многуте ангажмани и тековните проблеми во и околу Емитер нè спречија тоа да го реализираме порано. Пред неколку години дојде нов импулс, во форма на барање за универзални плочки за потребите на практичната настава во новото електротехничко училиште СОСУ “Илинден” во о. Илинден. Одлучивме, за почеток, тоа да бидат 3 верзии на универзални плочки, секоја со одредна намена. Секоја од нив во текот на 4 години помина низ повеќе дизајнирања, редизајнирања и практична примена за сега да можеме да ги прикажеме нивните конечни верзии, кои сметам, дека нудат најмногу можности. Идејата ни е овие универзални ППК да послужат како евтино, брзо и едноставно решение за неколку основни намени:
• Изработка на голем дел од практичните вежби во електротехничките училишта,
• Изработка на поедноставните електронски конструкции кои се објавени и ќе се објавуваат во Емитер и
• Изработка на поедноставни електронски конструкции по сопствена шема и замисла на секој електроничар.
Се надевам дека со овие универзални плочки значително ќе се олесни работењето и ќе се зголеми активноста на повеќе субјекти од сферата на електрониката – професорите и учениците од електротехничките училишта, професорите и студентите од електротехничките факултети, соработниците и читателите на Емитер и на сите електроничари во Македонија, било да се хобисти или професионалци. За таа цел, наведените универзални плочки ќе бидат достапни за набавка како од нашата електронска продавница, така и од продавниците за електронски материјали. Исто така, од веб-порталот на Емитер, од страницата за овој напис, секој заинтересиран електроничар ќе може да ги преземе цртежите на овие плочки на кои потоа ќе може да ги планира и да ги црта своите монтажни шеми. Во таа насока, добредојдени се и вашите коментари за овие универзални плочки, но и предлози за некои нови кои би можеле да ги понудиме во иднина.
Ви посакувам пријатна работа и многу успешни електронски конструкции!
За нарачки посетете ја нашата е-продавница во менито Печатени плочки.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10-12/2018. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.