На интернет мрежата ретко можат да се најдат едукативни видеа на македонски јазик, коишто би им помогнале на почетниците да ги направат првите чекори во некоја научна или техничка област. А уште помалку видеоматеријали може да се најдат, пак, од областа на електрониката.
На нашиот официјален YouTube канал ви го споделуваме видеото со наслов “Електронско јадро“ кое се однесува на изработка на плочка со печатено коло (ППК) со фотопостапка. Видеото е изработено во СЕТУ “Михајло Пупин” во Скопје, од страна на професорите Кирил Крстевски, Јелена Стојановиќ-Јосифовска и Софија Темкова со нивните ученици, а може да му користи на секој електроничар-почетник. Особено го препорачуваме за гледање од страна на учениците и на наставниците од електротехничките училишта.
Во видеото е презентиран целиот процес за изработката на еден електронски уред, во случајов “Ноќен јавач“ т.е. автомобилско пливачко стоп светло, објавен во Емитер бр. 6/2008. Опфатени се постапките за креирање на филм на паус од печатеното коло, нанесување на фото лакот, осветлување, развивање и нагризување на плочката, како и лемење на компонентите и тестирање на готовиот склоп.
Се надеваме дека ќе го споделите видеото до вашите познаници коишто ги прават првите чекори во областа на електрониката.