Олеснетото печатење на електронски кола може да придонесе за зголемување на бројот на паметни поврзани уреди, од апарати за домаќинство што можат да комуницираат едни со други до медицински дијагностички сензори што можат да се постават на телото како замена за инвазивните процедури. Но, разновидноста од површини врз коишто треба да се печати претставува предизвик, бидејќи стандардните методи што се користат за печатење на рамна површина во голем дел се небезбедени за употреба на човечка кожа, на пример, или пак се неприменливи за дуректно исцртување на колото врз објекти со сложени текстури и неправилни форми.
Предводени од Пен Стејт Универзитетот, еден меѓународен тим истражувачи разви евтина техника, со низок пренос на топлина, со помош на којашто може да се печати биоразградлива електроника врз објекти со мноштво различни сложени геометриски облици и која има потенцијал за печатење и директно врз човечка кожа. Нивните наоди тимот ги објави во научното списание Materials Today.
Според истражувачите новата техника за изработка на (апла) печатени кола би нашла огромна примена во доменот на Интернетот на нештата овозможувајќи поголема поврзливост на уредите и нивна комуникација.
За да започнат со печатењето, истражувачите покриле тенок филм со мастило од наночестички од цинк. Овој филм бил прицврстен за подлогата каде колото треба да се најде. Потоа филмот бил изложен на импулси од високоенергетска ксенонска светлина, по што во рок од неколку милисекунди енергијата од светлинските импулси ги побудила честичките сосема доволно за тие да се пренесат на подлогата. Новата површина, при овој начин на печатење, може да биде со комплексен облик, на пример, истражувачите испечатиле електронско коло врз морска школка и стаклен сад. ‘Пресликаниот’ цинк формирал спроводно електронско коло коешто би можело да се прилагоди за употреба како сензор или антена, на пример.
Методот, во споредба со другите техники за печатење електроника, е многу побрз и економичен, бидејќи не користи скапа опрема како вакуумски комори за кои е потребно часови работа за да се постигне соодветен притисок. Исто така е и поодржлив – со сегашниот напредок електронските уредите застаруваат многу бргу со што се создава огромна количина на електронски отпад. Она што истражувачите се надеваат е дека во иднина, со примена на нови материјали, застарената електроника ќе биде биоразградлива и лесно ќе може да се отстрани од домаќинствата. Биоразградливоста би ја зголемила и безбедноста на овие уреди. Стандардната електроника заснована на силициумски чипови може да се обезбеди со шифриран софтвер, но биоразградливата електроника може да ја крене безбедноста на повисоко ниво на тој начин што уредот физички би се уништил па од него не би можеле да се преземат никакви податоци од сопственикот.
Тимот ја истражувал и можноста за претворање на биоразградливите кола од цинк во постојани кола. Истражувачите ја потопиле испечатената површина во раствор на соли од бакар или сребро. Со процес на хемиска замена, колата од цинк биле претворени во кола засновани на сребро или бакар, со што се овозможува подолго користење на колото.
Во иднина, тимот планира проучување на начините со којшто овој процес на печатење би можел да се прилагоди за примена во масовното фабричко производство.