Рубрика: Електроника
200W Hi-Fi засилувач во класа Д (1)
Автор: Емилијан Иљоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 3/2014.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Конструирањето квалитетни аудиозасилувачи на моќност во класа Д долго време претставуваше вистински предизвик и за најподготвените самоградители-ентузијасти. Ситуацијата битно се измени во последните 6-7 години со појавата на нови серии интегрирани кола во кои успешно се решени најголемиот број тешкотии врзани со оваа проблематика. Затоа цениме дека сега е вистинскиот момент да прикажеме детално разработен проект за самоградба на моќен засилувач во класа Д, на задоволство на сите љубители на електрониката и на квалитетниот звук.

Како што веќе имам нагласено во моите претходни написи на оваа тема (види во Е11/13: “Аудиозасилувачи од класа Д” и Е5/13 “SG3524 – Доајен на ИШМ”), најголемите предизвици при градба на еден аудиозасилувач на моќност во класа Д се:
• За да се намалат изобличувањата, потребно е да се изработи уред со многу мало “мртво време” на излезните транзистори. Да постои мртво време кога извршните елементи не се активни е потребно кај уредите кои работат во импулсен режим за да се намалат (или потполно да се елиминираат) преодните појави при преклопување на извршните елементи од закочена состојба во состојба на спроведување, и обратно. Појавата на нови генерации МОСФЕТ транзистори со многу мали капацитивности меѓу нивните изводи (Cdsoff), кратко време на опоравување (trr) и многу мал отпор при спроведување (Rdson), во голема мера придонесе за намалување на ова мртво време, па дури и негово потполно елиминирање. А со тоа и намалување на изобличувањата кај засилувачите во класа Д.
• Воспоставување негативна повратна врска којашто би го стабилизирала засилувањето, би го намалила изобличувањето и би го проширила фреквентниот опсег не е воопшо едноставна работа кај засилувачите кои работат во класата Д. Во новите генерации ИК наменети за засилувачи на моќност во класа Д, повратната врска редовно се применува на ниво на чип, што ја прави постабилна и, што е најбитно – ги ослободува градителите-ентузијасти од многу главоболки врзани со овој проблем! Се разбира, ваквиот приод има и свој недостаток: одреденото ИК има фиксно (и непроменливо) засилување.
• Појава на “пумпање” на напојувањето (bus pumping), односно осцилирање на енергијата од едниот извор на напојување кон другиот во преодните состојби на извршните елементи. Тоа, се разбира, предизвикува осцилации на напонот на напојувањето. А, поради природата на работите, и осцилации на засилувањето на излезниот засилувач. Тоа е опасна ситуација која треба да се елиминира час поскоро, не само поради тоа што предизвикува модулација на излезниот сигнал со некоја ниска фреквенција од редот на 30 Hz, туку може и да предизвика ситуации опасни по засилувачот, звучникот и напојувањето. Овој проблем се решава со примена на мерки кои би ја намалиле внатрешната отпорност на напојувањето, и со тоа би ја зголемиле неговата моќ да ги “апсорбира” пренапоните кои се појавуваат со преодните појави. Тоа не е ни малку лесна работа и бара добро познавање на карактеристиките на филтерските кондензатори во напојувањето, па затоа сè почесто се применува еден поинаков концепт: Мостна конфигурација на засилувачот (BTL), која во голема мера ја намалува можноста за појава на “пумпање”.
Како сето ова е решено во нашата конструкција прочитајте во овој прв дел од проектот за 200W Hi-Fi засилувач во класа Д.

Исправки и дополнувања:
Грешка во потребниот материјал

Во списокот на потребен материјал објавен во Емитер 3/14 на стр. 45, кондензаторите C16 и C18 погрешно се специфицирани како керамички кондензатори. На овие позиции треба да се користат MKT кондензатори од 100nF/63V. Исто така погрешно е специфицирана ППК - таа треба да има ознака ППК1417.


Технички карактеристики:

Излезна моќност: 210W RMS на 6 оми
Засилување: 36dB Напојување: ±25V
Мирна струја: 50mA
Ефикасност: >90%

 
Главни елементи и материјали:

ИК: TDA8920BJ

ППК: ЕМИТЕР ППК1417

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.