Емитер 4/2013.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Откако во првото продолжение се запознавме со основната теорија за природната реверберација и ехо, потребата за нивна вештачка симулација и постоечките решенија на едноставни ехо-реверб уреди, редно е да преминеме на конструкцијата на овој уред. Конструкцијата на ехо-реверб процесорот EERev-4 ќе биде презентирана детално – од идеја, разработка на концептот и симулација, до конструкција и детален опис на електричната шема. Проследете го ова продолжение и дознајте како со помош на четири интегрирани кола PT2399 е добиен евтин уред, кој дава прилично реалистична симулација на природната реверберација и ехо.
Идејата за овој проект дојде откако еден мој пријател ми побара ехо-реверб процесор кој би се користел на пробите на рок-бендот во кој свири гитара и пее неговиот син-тинејџер. Барањето беше тоа да биде релативно едноставен и евтин уред, но кој сепак ќе дава прилично реалистична симулација на природната реверберација и ехо, како за електрична гитара така и за вокал.
Од порано ми беа познати неколку ИК специјализирани за оваа намена, меѓу нив и најсовремените DSP кола FV-1 (на Spin Semiconductor) и AL3201 (на Alesis Semiconductors), но нивната употреба отпадна поради високата цена и недостапноста. Заради најдобриот однос квалитет/цена, како најлогичен избор се наметна ИК PT2399. Неговата поединечна цена на светските пазари е околу 1 долар, а кај нас во малопродажба се наоѓа за 60-80 денари (1-1,2 евра). Други значајни поволности на ова коло се неговиот сосема солиден квалитет и тоа што во себе ги содржи сите неопходни блокови за градба на едноставни ехо-ревербератори.
Токму поради сите овие поволности, ова ИК, од своето појавување пред околу 15 години до денес, е многу популарно, како меѓу самоградителите така и меѓу професионалците. Многу познати фирми, како Boss, Yamaha, Line 6, Vox и други, го користат ова коло во своите производи – гитарски ефекти, караоке-засилувачи, мали миксери и озвучувања, автомобилски засилувачи итн. По изборот на главниот елемент, требаше да одлучам во која конфигурација ќе го употребам. Првиот чекор, секако е проучување на data sheet-от на избраното ИК. Во сиромашниот data sheet производителот дал само една апликација за употреба на ИК PT2399 како едноставен ехо/ревербератор со рециркулација – тоа е онаа дадена на блок-шемата на слика 4 од првото продолжение.
Направив и мало истражување на интернет и низ странските списанија за електроника за да видам какви решенија има во практиката. Најдов десетина решенија и во сите нив се употребува едно PT2399 според наведената конфигурација. Но, како што беше објаснето, таа конфигурација е добра за симулација на ехо (со доцнења поголеми од 100 ms), а воопшто не задоволува како ревербератор. Наидов и на една апликација каде што се користат 5 ИК PT2399 во паралелна мрежа како на сликата 6, при што секое коло е поставено за различно доцнење и има своја повратна врска за да се обезбеди повеќекратно повторување со опаѓање на амплитудата. На тој начин, збирниот сигнал за реверберација е всушност збир на петте независни повторувачки низи. Со ова се добива побогата содржина на задоцнети сигнали. Но, јас не бев задоволен ни од ова решение затоа што таквиот уред веќе станува прилично сложен (и скап), а сепак нема да има добра симулација на реверберацијата, како што беше објаснето претходно.
Размислувајќи, дојдов на идеја за симулација на реверберацијата да употребам само 3 ИК PT2399 (поставени во т.н. delay mode, без сопствена повратна врска), а потоа сите 3 посебно задоцнети сигнали (секој со различно доцнење) да се соберат во еден сигнал и преку повратна врска (со одредено слабеење) да се вратат на влезовите на сите три delay кола. Така се добиваат најразлични комбинации на задоцнети сигнали – многу повеќе отколку кога секое коло би имало своја повратна врска за повторување на задоцнетите сигнали. На пример, ако трите ИК се постават со доцнења од 32, 37 и 49 ms на класичниот начин (во паралелна мрежа со посебни повратни врски), по 3 кружни циклуси ќе се добијат само 9 задоцнети сигнали на 32, 37, 49, 64, 74, 98, 96, 111, 147 ms, а во нашата конфигурација ќе се добијат 24 задоцнети компоненти: 32, 37, 49, 64, 69, 74, 81, 86, 96, 98, 101, 106, 111, 113, 118, 123, 128, 130, 133, 135, 138, 143, 145, 147 ms. Очигледно на овој начин се добиваат многу повеќе задоцнети компоненти, што е гаранција за подобра симулација на реверберацијата. Покрај трите delay-кола додадено е и четврто со кое ќе се обезбеди симулација на ехо, така што финалниот уред истовремено ќе може да даде и реверберација и ехо и да ги измеша во кој било сооднос.
За комплетирање на сите функции употребени се и 6 операциски засилувачи (три TL072) и 5 потенциометри за нагодување на одделни параметри: GAIN контрола (регулација на засилувањето) на влезниот сигнал (во комбинација со OVERLOAD индикатор), потенциометар за нагодување на времето на повторување на ехо-сигналот (ECHO DELAY), потенциометар за регулирање на соодносот меѓу реверберацијата и ехото (REVERB/ECHO), потенциометар за регулација на траењето (DECAY/REPEATS) на ефектот и потенциометар со кој ќе се одредува соодносот помеѓу чистиот и ефектираниот сигнал (DRY/EFFECT).
Засилување (Gain): -20...+6 dB
Изобличувања (THD): <0,5 %
Однос сигнал/шум (S/N): >80 dB
Доцнење на ехото (Delay echo): 85...500 ms
Контроли: Gain, Delay echo, Revreb/Echo, Decay, Dry/Effect
ИК: PT2399, TL072
Потенциометри: 100klog, 50klin, 22klin, 10klog
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 4/2013. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.