Со помош на адаптивната оптика на инструментот SPHERE на телескопот VLT (Very Large Telescope) при Јужната европска опсерваторија во Чиле, астрономите откриле дека астероидот Хигија може да се класифицира како џуџеста планета. Објектот, лоциран во астероидниот појас, е четвртиот по големина астероид по Церес, Веста и Палас. За првпат, астрономите биле во можност да ја набљудуваат Хигија во доволно висока резолуција којашто овозможува поблиско проучување на нејзината површина и утврдување на нејзината форма и големина. Набљудувањата откриваат дека Хигија има сферна форма, што би можело да ја класифицира како џуџеста планета. Ако ова се случи, титулата на најмала џуџеста планета во Сончевиот систем веќе нема да му припаѓа на Церес.