Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 24/25.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.04.2021 - 23:00

Во овој викенд-времеплов ги славиме родендените на швајцарскиот хемичар Жан Шарл Галисар де Марињак, швајварски хемичар, како и на Гуљелмо Маркони, италијански пронаоѓач татко на радиото, но и на вселенскиот телескоп Хабл. Овој викенд се навршуваат и 54 години од погибијата на космонаутот Владимир Комаров, 162 години од почетокот на конструкцијата на Суецкиот канал, и 25 години од првата агресивна рекламна кампања на Јаху со којашто сите дознаа за овој пребарувач...

24.4.1817 – Роден е Жан Шарл Галисар де Марињак

Жан Шарл Галисар д Марињак (Jean Charles Galissard de Marignac) е швајцарски хемичар, познат по неговите истражувања во доменот на атомската тежина. Истражувањата на Марињак укажале на можноста за постоењето изотопи на елементите и популациската распределеност во јадрото. Неговите истражувања на ретките елементи беа крунисани со откривањето на елементот итербиум во 1878 година и неговото учество во откривањето на елементот гадолиниум во 1880 година.

Жан Шарл Галисар де Марињак се смета за “еден од големите хемичари на 19 век”, особено во доменот на неорганската хемија. На 13 септември 2011 година, Швајцарија го прогласи местото на коешто се наоѓала неговата хемиска лабораторија на Универзитетот во Женева за место со историско значење од областа на хемијата. (Н. С.)

 

24.4.1967 – Загина Владимир Комаров

Советскиот космонаут Владимир Комаров е првиот човек кој загина за време на една вселенска мисија. До несреќата дојде поради заплеткување на падобранот при обидот за безбедно слетување на капсулата Сојуз 1.

Комаров бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.

Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност, покрај одличните вештини и знаења како инженер, му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути, тој придонел во дизајнирањето на вселенски летала, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Бил назначен да раководи со првата советска мисија со повеќечлена посада “Восход 1“, a потоа и со мисија “Сојуз 1“.

Со неговиот лет во “Сојуз 1“ Комаров стана првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш. За жал, при враќањето на од вселената, на 24 април 1967 година, доаѓа до проблеми со падобранот на капсулата и нејзин неконтролиран пад. Неговото тело е крмирано и погребано во ѕидот на Кремлин. (Н. С.)

 

25.4.1874 Роден е Гуљелмо Маркони, италијански пронаоѓач, добитник на Нобелова награда за физика

Гуљелмо Маркони (Guglielmo Marconi) бил италијански пронаоѓач и електроинженер, познат по својата пионерска работа во доменот на радиопреносот на долги растојанија, развојот на законот на Маркони (којшто го дефинира односот помеѓу должината на антената и максималниот домет на преносот) и радиотелеграфскиот систем.

Заслужен е за пронаоѓањето на радиото. Успеал да направи инженерски и комерцијален успех на радиото со иновации и надградба  на работата на претходните експериментатори и физичари. Во 1909 година  ја споделил Нобеловата награда за физика со Карл Фердинанд Браун (Karl Ferdinand Braun) „како признание за нивниот придонес во развојот на безжичната телеграфија“.

Роден е во италијанско благородничко смејство во Болоња (Bologna) на 25 април 1874 година. Маркони не посетувал училиште како дете и не продолжил со формално високо образование. Наместо тоа, тој учел хемија, математика и физика дома, од низа приватни тутори ангажирани од неговите родители. На 18-годишна возраст се запознал со физичарот од Универзитетот во Болоња, Августо Риги (Augusto Righi), кој направил истражување за работата на Хајнрих Херц (Heinrich Herz). Риги му дозволил на Маркони да присуствува на предавањата на универзитетот и да ја користи лабораторијата и библиотеката. Во раните 1890-ти, тој започнал да работи на идејата за безжична телеграфија“ т.е. пренос на телеграфски пораки без поврзување со жици како што користел електричниот телеграф. Ова не било нова идеја, повеќе истражувачи и пронаоѓачи се обиделе на полето на безжичните телеграфски технологии, дури граделе и системи, но ниту еден од нив не се покажал како технички и комерцијално успешен. Нов момент претставувало откритието на Хајнрих Херц, засновано врз делото на Максвел (Maxwell) – тој во 1888 година покажал дека може да се произведе и открие електромагнетно зрачење. Во тоа време, ова зрачење обично било нарекувано и
Херцови“ бранови. Маркони успеал да развие уреди, предаватели за емитување и системи на приемници, кои можеле да работат на големи растојанија, добивајќи ефикасен и корисен систем за комуникација. Маркони му пишал на Министерството за пошта и телеграф, објаснувајќи ја својата безжична телеграфска машина и барајќи финансирање, но одговор на неговото писмо никогаш не пристигнал. Наоѓајќи малку интерес или почит за неговата работа во Италија, Маркони отпатувал во Лондон на почетокот на 1896 година, за да побара поддршка за неговата работа. Додека бил таму, Маркони добил голема поддршка од сер Вилијам Приси (Ser William Preece), главниот електроинженер на Британската пошта. Во тоа време, Маркони одлучил да го патентира својот систем, за што аплицирал на 2 јуни 1896 година. Британскиот патент број 12039 со наслов „Подобрувања во преносот на електрични импулси и сигнали и во нивните уреди“, што ќе стане прв патент за комуникациски систем заснован на радио бранови. Маркони ја направил првата демонстрација на својот систем за британската влада во јули 1896 година. Следувала понатамошна серија демонстрации за Британците и, до март 1897 година, Маркони пренесувал сигнали со морзеова азбука на растојание од околу 6 километри. Следувале бројни дополнителни демонстрации и Маркони почнал да привлекува меѓународно внимание, дури и во неговата родна Италија.

Маркони исто така бил претприемач, бизнисмен и основач на компанијата Безжичен телеграф и сигнал’ во Велика Британија во 1897 година (подоцна позната како  Компанија Маркони).

На крајот на 19, век, Маркони започнал испитувања за безжичен пренос преку Атлантикот за да се натпреварува со трансатлантските телеграфски кабли. За таа цел основал повеќе станици за безжичен пренос. На 17 декември 1902 година, преносот од станицата ,,Маркони’’ во заливот Глас, Нова Шкотска, Канада станала првата радио порака во светот што го преминала Атлантикот од Северна Америка. Во 1901 година, Маркони изградил станица во близина на Саут Велфлит, Масачусетс,преку која на 18 јануари 1903 година испратил честитка претседателот на САД Теодор Рузвелт до кралот Едвард VII од Велика Британија.

Улогата што ја играла неговата компанија во поморските спасувања ја подигнала јавната свест за вредноста на радиото и му донела слава на Маркони, особено по потонувањето на бродовите Титаник на 15 април 1912 година и Лузитанија на 7 мај 1915 година. Генералниот директор на поштата  во Велика Британија резимирал, осврнувајќи се на катастрофата со Титаник: „Оние што беа спасени, беа спасени преку еден човек, г-динот Маркони ... и неговиот прекрасен изум“.

Со текот на годините, компаниите Маркони добиле репутација дека се технички конзервативни, особено со тоа што продолжиле да користат неефикасна технологија на предаватели со искра, што може да се користат само за радио-телеграфски операции. Нешто задоцнето, компанијата започнала значителна работа со опрема со континуиран бран, започнувајќи во 1915 година, по воведувањето на осцилирачката вакуумска ламба (вентил). Во 1922 година, започнале редовни аудио преноси од истражувачкиот центар ,,Маркони’’ во Грејт Бадоу, формирајќи ја увертирата на Би-Би-Си.

Во 1914 година, Маркони бил поставен за сенатор во Сенатот на Кралството Италија и бил назначен за Почесен витез со Голем крст на Кралскиот викторијански ред во Велика Британија. За време на Првата светска војна, Италија се приклучила на сојузничката страна на конфликтот, а Маркони бил ставен на чело на радио услугата на италијанската војска. Тој достигнал чин поручник во Кралската италијанска армија, а во 1929 година, од страна на кралот Виктор Емануел Трети бил промовиран за маркиз.

Маркони се приклучил на италијанската фашистичка партија во 1923 година. Во 1924 година, компанијата ,,Маркони’’ ја основала Unione Radiofonica Italiana (сегашна РАИ). Во 1930 година, италијанскиот диктатор Бенито Мусолини го назначил за претседател на Кралската академија на Италија, што го направил Маркони член на Фашистичкиот голем совет.

Додека помагал во развојот на технологијата за микробранови, Маркони претрпел девет срцеви удари во период од три години пред неговата смрт. Починал во Рим на 20 јули 1937 година на 63-годишна возраст, по деветтиот, фатален, срцев удар. Како почит, Италија одржала државен погреб за него. Покрај Нобеловата награда многубројни се признанијата и почестите што ги има добиено во текот на животот. (Д.М.)

 

25.4.1990 – Вселенскиот телескоп Хабл поставен во орбита

Екипажот од спејс-шатлот Диксовери на денешен ден го пушта во употреба вселенскиот телескоп Хабл. Хабл е првата оптичка опсерваторија којашто е поставена во орбитата на Земјата.

Хабл за првпат им овозможи на астрономите чист поглед кон небесните објекти и вселената без замаглувањата и аберациите предизвикани од Земјината атмосфера. Телескопот сместен во вселената овозможува поглед кон небеските објекти со многу поголема осветленост, јасност и детали отколку телескопите со слични или исти карактеристики на Земјината површина.

Потребно е да се каже дека пуштањето на Хабл, сепак, не помина без проблеми. Имено, првата слика добиена од овој објект беше матна, со изместен фокус. Ова се должеше на една многу глупава грешка (човечка!) во текот на проверката на обликот на примарното огледало при неговата изработка. Техничарот задолжен за проверка на огледалото, во брзање го оштетил врвот на многу прецизниот механички систем (прачка од invar легура, со „капа“ на крајот) и поради тоа погрешно го фокусирал оптичкиот систем за калибрација. Тоа довело до „совршено изработено огледало со погрешна површина“. Во декември беше вградена корективна оптика, мисија којашто ја изведе екипажот на спејс-шатлот Ендевор. Оттогаш, до денес, со неколку сервиси за одржување и надградба, Хабл испраќа беспрекорно остри слики коишто овозможија низа важни откритија од областа на астрономијата. (Н. С.)

 

25.4.1859 – Започнаа работите на изградбата на Суецкиот канал

Суецки Канал е вештачки канал којшто ги поврзува Средоземното и Црвеното море. Каналот долг 163 клометри овозможува кратка поморска рута од Европа кон Азија. Големата стратешка важност на Суецкиот Канал за Западот станува уште појасна ако се има предвид дека каналот е најважниот танкерски воден пат за снабдување на Европа со нафта од Блискиот Исток.

Суецкиот Канал го името добил по градот Суец, пристанишен град со околу 497000 жители, сместен во Египет.

Историјата на Суецкиот канал е многу стара, датира од античко време, од древниот Египет. Од ова време е документирано постоењето на два каналашто го олеснувале патувањето меѓу Нил и Црвеното Море. Едниот од каналите бил завршен во целост а другиот делумно од страна на египетските фараони. Вториот канал во целост е завршен од страна на персискиот крал Дариј I. Според Херодот, овој голем проект одзел околу 120 000 човечки животи. Птоломеите го одржувале и продолжиле да го подобруваат овој проект.

Но, веќе за времето на владеењето на Клеопатра, каналот бил делумно покриен со песок, а изворите не споменуваат ништо значајно за каналот за време на владеењето на Римјаните. По арапското освојување на Египет, каналот бил повторно изграден и се користел првенствено за пренесување жито, за во 8 век повторно да биде запустен и да стане неупотреблив. Денес, само мали траги укажуваат на античко дело.

Идејата за каналот опстанала низ средниот век пренесувајќи се во новите времиња, добивајќи нов полет во 19 век. Првите сериозни работи во оваа насока ги презема Наполеон, којшто увидел дека каналот би му овозможил стратегиска предност при неговите походи кон Далечниот исток. Првите резултати од геодетските мерења покажале висинска разлика од 10 метри помеѓу нивоата на Средоземното и Црвеното море, а дополнително и Наполеон набрзо го напуштил Египет.

Барометриските мерење од 1841 година како и истражувањата направени од група Французи, Британци и Австријци во 1846 година докажува дека разликата во морското ниво сепак е занемарлива. Во 1856 година Фердинанд Лесепс добива концесија за градба и го основа акционерското друшво коешто ги добива правата за користење на каналот за следните 99 години, по истекувањето на коишто каналот станува своина на Египет.

Работите за копање на каналот започнале на 25 април 1859 година во Порт Саид, а биле завршени десет години подоцна, на 15 август 1869 година. Целиот материјал, алат, машини и сировини биле донесени од Европа. Градбата ја следеле низа потешкотии, од прекини во работењето од финансиски причини до појавата на колера меѓу работнивите. Од вкупно 1,5 милиони работници, колку што учествувале во изградбата на каналот, околу 125 000 умреле како последица на колера. (Н. С.)

 

25.4.1996 – Дали употребувате Yahoo?

Yahoo! започна да ја рекламира својата веб услуга за пребарување на американска национална телевизија. Кампањата се одвива под слоганот ”Дали употребувате Yahoo?“. Рекламите за првпат се емитувале за време на емисијата Late Night со Дејвид Летерман, во паузите на ТВ-шоуто Saturday Night Live и серијата Star Trek. Ова е ран пример за моментите кога интернетот започнува да навлегува во мејнстримот. (И. З.)

Клучни зборови:
Жан Шарл Галисар д Марињак

Жан Шарл Галисар де Марињак

Таблата којашто ги обавестува намерниците дека се наоѓаат на историско место од доменот на хемијата

Таблата којашто ги обавестува намерниците дека се наоѓаат на историско место од доменот на хемијата – местото на коешто некогаш се наоѓала лабораторијата на Марињак

Владимир Комаров

Владимир Комаров

Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Сè што остана од капсулата Сојуз 1 по несреќата во која погина Комаров

Сè што остана од капсулата Сојуз 1 по несреќата во која погина Комаров

Уредите за демонстрирање на Маркони што ги користел во своите први радио-преноси на далечина во 1890-тите. Предавателот е десно, приемникот со магнетофон од лево

Уредите за демонстрирање на Маркони што ги користел во своите први радио-преноси на далечина во 1890-тите. Предавателот е десно, приемникот со магнетофон од лево

Гуљелмо Маркони

Гуљелмо Маркони

Сателитска снимка на Суецкиот канал

Сателитска снимка на Суецкиот канал

Бродови чекаат на влез во Суецкиот канал во Порт Саид, снимено 1880 година

Бродови чекаат на влез во Суецкиот канал во Порт Саид, снимено 1880 година

Мост над Суецкиот канал

Мост над Суецкиот канал