Рубрика: Екологија
Декада на зголемено загадување и уништување на природата
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 22.04.2021 - 11:45

Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и уништување, а човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува “по старо”

Глобалното затоплување, загадување на водите, почвите и воздухот, сечата на шуми и претераното искористување на природните ресурси ги доведоа до работ на уништување голем број од скапоцените екосистеми и видови. Затоа, оваа година, темата на Денот на планетата Земја е “Обновена нашата Планета“ со цел да се подигне свеста дека ублажување и прилагодување кон климата не се единствени чекори кои можеме да ги преземеме – потребни се иновации во насока на зачувување и обнова на светските екосистеми, апелираат од здружението “Еко-свест“.

Од една страна, можеме да кажеме дека планетата ни возвраќа со пандемијата поради несовесниот и несоодветниот однос на човештвото кон природата и ресурсите, а од друга, гледаме дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува по старо“. Во периодите на воведените рестрикции за движење се забележија најголемите штети по природата, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест“.

Планетата Земја ја доживува декадата на загадување и на уништување, а нашите заштитени подрачја трпат сериозен притисок токму за време на пандемијата.
Во светот се прават напори за зачувување и унапредување на зелените површини во градовите за да се создадат сложени урбани екосистеми кои ќе вршат повеќе функции – намалување на загадувањето, фаќање и прочистување на дождовна вода, спас од поплави, како и големи зелени површини за инсекти и мали животни.


Тоа е всушност главната потреба во моментот светот да ја научи лекцијата од пандемијата и да го промени својот однос кон Планетата. Луѓето треба да разберат дека се интегрален дел од природата, а не нејзин господар. Без екосистемските услуги што ги дава природата чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат, согласно, заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет, посочува Лешоска.

Едукација на идните генерации е клучна. Идејата дека садење нови дрвја за сметка на уништување на екосистеми стари векови ќе ни помогне во борбата со глобалното затоплување е погрешна и се напушта на глобално ниво. Она што е потребно е полагање напори во зачувување на постојните заштитени подрачја и обнова каде е најпотребно.

 

--- промотивен напис ---

Клучни зборови: