Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 21.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 21.04.2021 - 22:30

Во денешниот времеплов ги славиме Перси Бриџмен, американски физичар познат по неговата работа во доменот на физиката на високи притисоци, и на Валтер Флеминг, германскиот биолог познат како зачетник на цитогенетиката. Покрај ова денес одбележуваме 49 години од слетувањето на петтата мисија со човечки екипаж, Аполо 16 на Месечината...

 

21.4.1882 – Роден е Перси Бриџмен

Перси Вилијамс Бриџмен е американски физичар, познат по неговата работа во доменот на физиката на високи притисоци. При една поправка на опремата, на Бриџмен му текнало како да го подобри заптивањето околу одделот за примероци. Неговата идеја многу ја подобрила ефикасноста на уредот, па така можел да ги изложи примероците на пристисоци до величини над 10 гига паскали.

Остварувањето вакви притисоци овозможило сосема нови текови во истражувањата. Тој ги каталогирал физичките својства како потисливоста, топлоспроводноста, еластичноста и вискозноста на преку 100 различни соединенија. Исто така, Бриџмен открил дека при протокот на струја низ кристали, на местата со различна ориентација на кристалот доаѓа до загревање, појава позната како Бриџманов ефект. Откритието на овој ефект и неговиот изум за подобрена преса во 1946 година ќе му ја донесат Нобеловата награда за физика.

Во компанијата Генерал електрик се заинтересирале за неговата работа и го најмиле како советник за нивниот проект за создавање вештачки дијаманти. Рецептот за создавање дијаманти вклучува изложување на материјалот на топлина и високи притисоци, нешто што Бриџмен и тоа како добро го владеел. Првичните обиди не дале резултати, па компанијата вклучила уште еден физичар во проектот, младиот Трејси Хол. Хол целосно ја редизајнирал пресата на Бриџмен и ја зголемил границата за остварување високи притисоци. Ова на крајот резултирало со создавањето на првиот вештачки дијамант на 16 декември 1954 година. Првите дијаманти биле мали и немале некоја јувелирска вредност, но нашле примена како индустриски абразиви. Компанијата го патентирала процесот и заработила многу пари, додека Хол за своите заслуги во проектот бил награден со бонус во вид на штедни обврзници во вредност од 10 американски долари.

Бриџмен ги продолжил истражувањата сè до моментот кога му бил дијагностициран метастазен рак на коските. Како што неговото здравје станувало сè полошо и полошо, тој решил да го заврши животот под свои услови, извршувајќи самоубиство со огнено оружје. Во својата порака, меѓу другото запишал: “Непристојно е едно општество да го тера човека самиот да го направи ова. Ова е можеби последниот ден кога ќе бидам способен да го изведам овој чин самиот.” Пораката честопати се цитира во расправите за потпомогнато самоубиство и евтаназија. (Н. С.)

 

21.4.1972 – Мисијата Аполо 16 слета на Месечината

Мисијата Аполо 16 беше петта мисија со човечки екипаж којашто успешно слета на површината на Месечината, а беше лансирана на 16 април од Вселенскиот центар Кенеди.

Месечевиот модул Орион со астронаутите Џон Јанг (John W. Young) и Чарлс Дјук (Charles M. Duke) слета во централните месечеви висорамнини со цел да се истражи сосема различен терен од оној што го истражуваа претходните мисии со човечки екишпаж. Екипажот успеа да измине пат од речиси 27 километри на површината на Месечината служејќи се со нивниот месечев ровер. За време на престојот на површината тие поставија или извршија вкупно девет научни експерименти, собраа месечев материјал од 11 места, и, се разбира, напавија мноштво фотографии. Вкупното време поминато на Месечината изнесуваше 71 час.

На 24 април астронаутите полетаа од Месечината за да се сретнат во орбитата со командниот модул Каспер во којшто остана третиот член од посадата Томас Метингли (Thomas K. Mattingly). Капсулата со сите тројца астронаути безбедно ќе се врати на Земјата на 27 Април.

Кон крајот на истата година, на 7 декември 1972 година, кон месечината ќе биде лансирана и последната мисија со човечки екипаж – Аполо 17. (Н. С.)

 

21.4.1843 – Роден е Валтер Флеминг

Валтер Флеминг (Walther Flemming) е германски биолог, познат по тоа што ја основа научната гранка за истражувања на цитогенетиката, односно на хромозомите во клетката.

Флеминг прв го опишал однесувањето на хромозомите за време на клеточната делба. Тој процесот го нарекол митоза, според грчкиот збор за влакно, коешто приближно го доловува изгледот на хромозомите набљудувани под микроскоп.

Интересно е што Флеминг не бил запознаен до работата на Грегор Мендел, па ќе поминат цели 20 години пред паралелите да бидат повлечени и да бидат воочени генетските импликации на работата на Флеминг. (Н. С.)

Клучни зборови:
Перси Бриџмен

Перси Бриџмен

Трејси Хол

Трејси Хол

Пресата во којашто се 'калат' вештачките дијаманти

Пресата во којашто се 'калат' вештачките дијаманти

Аполо 16 на Месечината

Аполо 16 на Месечината

Екипажот на мисијата Аполо 16

Екипажот на мисијата Аполо 16

Истражување е олеснето со месечевиот ровер, па астронаутите успеваат да изминат дотогаш најдолг пат на површината на Месечианта

Истражување е олеснето со месечевиот ровер, па астронаутите успеваат да изминат дотогаш најдолг пат на површината на Месечианта

Валтер Флеминг

Валтер Флеминг