Рубрика: Информатика
Започна Collision – најголемата тек-конференција во Северна Америка
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.04.2021 - 14:15

Вчера, со официјално место на случување означено како Торонто, а всушност онлајн по вторпат поради пандемиските услови, започна тек-конференцијата Collision. Ова е осмо издание на Collision, нарекувана и антипод на CES.

Најнапред малку технички податоци. Оваа година на Collision учествуваат 1008 стартапи, 117 партнери, 850 инвеститори и вкупно се најавени 634 говорници. Настанот преку интернет ќе го следат повеќе од 32 000 учесници од 140 земји, од кои 45,2% се жени, а се пријавени да го покриваат вкупно 1143 новинари.  Конференцијата бележи пораст во поглед на глобалната покриеност, имено стартапите кои се претставуваат доаѓаат од 74 различни земји.

Официјалното отворање на конференцијата се случи во 4 часот попладне по македонско време, со обраќање на Педи Козгрејв којшто е соосновач на Collision како и на европската конференција за стартапи Веб Самит, а во разговорот, традиционално, му се придружи градоначалникот на градот Торонто, Џон Тори.

Но, на самото отворање му претходеше еден мошне интересен разговор со предавачот на Универзитетот Стенфорд и поранешен офицер за безбедност во компаниите Јаху и Фејсбук, Алекс Стамос, каде учесниците на конференцијата добија мошне издржани и образложени одговори, како и лични проценки на нивните прашања од повеќе IT области – вештачката интелигенција, блокчејн технологијата, НФС понудите, интернет приватноста, безбедноста на лозинките што ги употребуваме, безбедноста на интернет конверзациите итн.

Од мноштвото дискусии и претставувања ги издвојуваме претставувањата на неколку стартап компании. Холивудската ѕвезда Мајк Рафало како соосновач на The Solutions Project задно со директорот на компанијата, Глорија Волтон,  низ интервјуто со Радика Џонс од Венити Фер ги претставија заложбите на овој стартап чијашто примарна цел е поддршка на иноваторите, организациите, заедниците кои се залагаат за одржливи решенија, за еднаквост, за помагање на маргинализираните заедници.. Сево ова го работат преку грантови, логистичка поддршка, медиумска поддршка...

Разговорот воглавно се одвиваше во сенката на ланското социјално будење на американците и BLM движењето, па така не изненадува дека главен акцент беше ставен на општествената расна пристрасност во секој поглед, но исто така и на можностите за локално делување за забавување на ефектите на климатските промени, со што би се променило неефективното делување во изминативе триесетина години, како и промена во медиумската покриеност на овие теми.

Следен мошне интересен разговор беше со претставниците на швајцарскиот фармацевтски гигант Novartis, каде стана збор за вакцините за ковид, создавањето универзална вакцина којашто би штитела од сите варијанти на вирусот и можностите за нејзино брзо дистрибуирање.

Претставниците од Reddit и YouTube, Џен Вонг и Крис Џафи, разговараа за значењето на социјалните медиуми и платформи во ова време (невреме) на пандемија. Секако, Џен Вонг го истакна влијанието на нешто помалку популарната платформа кај нас, Редит, врз случувањата од секојдневието – од барањето совети на социјалните мрежи за купувањето на одредени производи, размената на искуства за одредени хоби активности, до активното учество на големите “бизнис-ѕверки” кои во обид за привлекување нови инвеститори имаат отворени сесии за време на коишто одговараат на прашања на луѓе од сите профили и од секаде во светот, па и организирација на испраќање пакети до примарните здравствени работници за за нега на нивните лица разранети од предолгото носење маски.

Првиот ден виде уште една холивуска ѕвезда, канадскиот актер Рајан Рејнолдс и сопственик на стартап компанијата за мобилни услуги Минт Мобајл. Се работи за компанија којашто на пазарот настапува со особен осврт на потребите и можностите на клиентите, нудејќи одржливи и пристапни решенија и понуди достапни за сите, без скриени трошоци и со особен акцент на одржливите решенија.

Голем дел од презентациите и разговорите видени вчера претежно ги отсликуваат современите општествени текови во американското и канадското општество – загриженоста за еднаква расна и родова застапеност во сите сегменти, отровноста на сексуалното вознемирување на работното место, и секако здравјето и достапноста на здравствената заштита. Но, имаше и разговори за моменталните текови и трендови на познатите стриминг платформи – АмазонПрајм, YouTube и социјални медиуми – Facebook, Reddit.
Денес е нов ден и нè очекуваат нови возбудливи моменти, за кои ќе известиме утре.

Клучни зборови: