Рубрика: Астрономија и астронаутика
Можеме ли да ја спасиме Земјата од удар на астероид што бил откриен неколку дена порано?
Објавено на 04.12.2023 - 16:45

Кон крајот на јули оваа година, астероидот 2023 NT1 со пречник од околу 30-60 метри пролета крај нашата планета, поминувајќи на една четвртина од растојанието помеѓу Земјата и Месечината, т.е. на приближно 95 000 километри. Ако нѐ погодеше, експлозијата на астероидот ќе беше околу три пати посилна од онаа што се случи во Челјабинск, Русија, во 2013 година, настан во кој имаше околу илјада повредени и кој нанесе значителна штета на инфраструктурата (види тука, тука и тука). Имаме ли можност да се одбраниме и од вакви закани?

Научниците го забележаа астероидот 2023 NT1 два дена откако тој помина крај нас. Ова е јасен пример за тоа како астрономите сѐ уште не се во можност да ги забележат и откријат ваквите објекти со значителна големина што се приближуваат кон Земјата. А случајот не е осамен. Оваа година имавме и уште една “блиска средба” со астероид со слична големина во март, иако конкретно тој објект беше забележан “со време”. Сепак...

Рака на срце, ваквите објекти не се доволно големи за да предизвикаат истребување на речиси сиот живот на планетата, но сепак со нивните димензии тие претставуваат голема опасност за животот на повеќе милиони луѓе на површината на Земјата. Се поставува прашањето дали би можеле да се одбраниме од астероид со вакви пропорции ако тој биде откриен на само неколку дена пред да удри во Земјата?

Одговорот го нуди една неодамнешна студија објавена на arXiv. Истражувањето започнува со разгледување на постоењето на астероид сличен на 2023 NT1 и проценува дали можеме да се справиме со него употребувајќи ја методата Pulverize It (PI) – да предизвикаме експлозија и распаѓање на објектот така што материјалот од распаѓањето да биде безопасен за животот на Земјата. Малку потсетува на приказна извадена од филмското платно, во која херојот или хероите го во последен момент го разнесуваат астероидот, пред тој да удри во Земјата. За жал, ако забележиме објект на пат кон Земјата, на само неколку дена пред да пристигне до нас, ова е навистина единствениот начин да се справиме со него. Всушност, промена на траекторијата на астероидот може да направиме само ако имаме долго време до ударот, ако астероидот е оддалечен десетици милиони километри од нас.

Прашањето што го поставува Брин Бејли, авторот на студијата, е навистина важно за да разбереме дали сме во состојба навреме да започнеме контраофанзива и дали таа контраофанзива е доволна за да го фрагментира астероидот на безопасни парчиња. Изненадувачки, одговорот на двете прашања се чини дека е „да“. „Со оглед на сегашната технологија за лансирање, би можеле да испратиме одбранбена ракета до астероидот во рок од еден ден, под претпоставка – и ова е мошне важно – да имаме една во состојба на  готовност“, објаснува Бејли.

За астероидот да го “претвориме во прашина”, авторите предлагаат да се користи комбинација од кинетички удари, способни да го фрагментираат астероидот по удар во него, и експлозиви. Споменатата ракета би ослободила облак од уреди со голема брзина кон астероидот, распарчувајќи го негвот тело на парчиња со пречник не поголем од 10 метри.

Објектите од овој тип би изгореле целосно при навлегување и движење низ атмосферата, предизвикувајќи многу ограничени или никакви оштетувања. Симулациите покажуваат дека ова би бил ефикасен начин да се уништи астероид што со густина и состав е сличен на 2023 NT1. Но, во моментов баш и немаме ракети што стојат на лансирната рампа и што во секој момент се подготвени за лансирање. Ако утре детектираме астероид со карактеристики налик на 2023 NT1 којшто е на пат да удри во Земјата, денес баш и немаме начин да му се спротивставиме. Иако имаме можност да создадеме планетарна одбранбена за итни случаи, со ракета во состојба на готвносто, останува прашањето дали имаме волја да ја изградиме? Друго прашање е и дали и колку вложуваме воопшто во нашата планетарна одрана, дури и против објекти што би биле забележани со месеци пред да удрат во Земјата. За вториов проблем одговорите ги баравме во Веќе поседуваме технологија за избегнување на удар од астероид убиец?! 

Клучни зборови: