Што ако астероид или комета со пречник од десетина километри е на пат кон Земјата, и за само шест месеци удри во неа предизвикувајќи катастрофален удар во којшто ќе исчезне сиот живот на планетата? Токму вакво е сценариото во филмот “Не гледај нагоре” (Don’t Look Up) достапен на сервисот на Нетфликс. Филмот наведе многумина да се запрашаат дали во моментов располагаме со потребните ресурси и технологија за да избегнеме една ваква катастрофа?
За оние кои сè уште не го гледале филмот Don’t Look Up, да кажеме дека тој, всушност, претставува алегорија на она што ние (не) го правиме како одговор на климатските промени. Накратко заплетот, без некои поголеми спојлери, е следен: откако откриваат астероид кој за шест месеци ќе се удри во Земјата, двајца американски астрономи започнуваат трка со времето за да го спасат човештвото, обидувајќи се да ги натераат политичарите и луѓето да ја разберат сериозноста на ситуацијата.
Ако е за утеха, се чини дека веќе сме во таа точка од развојот на нашата цивилизација кога вакво нешто би било можеби возможно да се избегне. Имено, група научници од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, неодамна објави студија именувана како “Не заборавајте да погледнете нагоре” (Don't Forget To Look Up) којашто директно алудира на споменатиот филм и во која прават проценка на нашата техничка способност во моментов да одговориме на ваквите “закани од небесата”.
Сцена од филмот 'Не гледај горе!'
Ударот од астероид/комета со пречник од 10 километри кој патува со брзина од 40 километри во секунда би бил еквивалентен на истовремено активирање на 300 000 милијарди тони ТНТ. Ударот би ослободил 40 000 пати поголема енергија од онаа што би се ослободила при симултана активација на севкупниот нуклеарен арсенал во светот! Целосното уништување може да се спореди само со она што пред 66 милиони години го предизвикал ударот од астероид во близина на денешното гратче Чиксулуб (Chicxulub) на полуостровот Јукатан, Мексико, кој означил крај на ерата на диносаурите и придонел за помор на 75% од целиот жив свет на Земјата во тој момент (Емитер 12/2003 –“Причината за смртта на диносаурусите”; Емитер 12/2008 – “Идентификуван астероидот убиец на диносаурусите”; Емитер 5/2010 – “Уште еден убиец на диносаурусите?”; “Петте најголеми помори на живиот свет во историјата на Земјата”).
Пресметките велат дека дури и при предупредување дадено во мала временска рамка, шест месеци од откривањето на заканата до евентуалниот удар, планетата Земја има можност ако не да го уништи астероидот-убиец, тогаш барем да го ублажи неговото уништувачко дејство. Сепак, за ваков кус период истражувачите сметаат дека примарна цел би требало да биде уништување на заканата, односно дека не треба да се ограничуваме промена на траекторијата на астероидот/кометата. Во трудот, кој укажува на тоа дека веќе сме го преминале технолошкиот праг што ќе ни овозможи да ја избегнеме истата судба со диносаурусите, се разгледуваат неколку различни начини за уништување и/или пренасочување на астероидот/кометата. Воглавно авторите се фокусираат на примена различни експлозивни пенетратори и на методот “тотално уништување”(ТУ), односно како што тие велат “Pulverize It“ (PI). Најефективна метода за “тотално уништување” според нив би била употребата на мали нуклеарни експлозивни направи со пенетратори. Ова, во комбинација со веќе достапните средства за лансирање на тешки товари во вселената, но и со оние што ќе ги поседуваме во многу скоро време, како SLS системот за вселенско лансирање на НАСА или Starship на SpaceX (со полнење гориво во орбита), би било доволно за да се ублажи егзистенцијалната закана за човештвото.
Според истражувачите, за да се избегне катастрофа, 10 отсто од вкупниот светски нуклеарен арсенал би требало да се состави и да се испрати во вселената во супер ракета. Околу илјада продорен проектили вооружени со мали нуклеарни направи ќе бидат вметнати во ракетата, која, еден месец пред ударот, ќе влезе во астероидот предизвикувајќи тој да експлодира однадвор кон внатре.
Можно ли е да се одбраниме со користење на нуклеарно оружје? Можеби...
Методата не би го уништила целосно астероидот – ваков подвиг е практично невозможен за астероид со таа големина, но уништувањето на дел од површината на астероидот во комбинација со генерираниот експлозивен потисок, би довело до промена на брзината и на траекторијата на астероидот, со што веројатно би се избегнал ударот во нашата планета.
Дека веќе поседуваме технологија за избегнување на смртоносен удар од небесата сметаат и други, не само авторите на споменатиот труд. Еден од астронаутите од мисиите Аполо, Расти Швајкарт (Rusty Schweickart), кој помогнал за основањето на организацијата B612 за истражување на астероиди, во неговото интервју од октомври 2014 година за Universe Today исто така укажува дека технологијата за пренасочување на астероиди веќе постои, односно дека нема да има потреба од некоја голема модификација на постоечките вселенски летала за нива пренамена во оваа цел.
Мисијата DART на НАСА покажа дека можеме да ја промениме траекторијата на помал астероид
Кон крајот на минатата година, НАСА ја лансираше првата тест мисија за планетарна одбрана DART (Double Asteroid Redirection Test). Мисијата треба да покаже дека вселенското летало има можност со автономна навигација да изврши кинетичко влијание врз релативно мал одбран астероид. Со ова се тестира техниката би можела да се искористи за одбивање на вистински опасен астероид.
Катаклизмичките настани од типот “убијци на планета“ се мошне ретки, тие се случуваат еднаш во 100 милиони години, па прашањето не е дали ударот ќе се случи, туку кога тој ќе се случи. Хипотетичкото лансирање за заштита на Земјата, според пресметките, би требало да биде организирано во рок од само еден месец по нејзиното откривање, што значи пет месеци пред ударот. Овој кус временски интервал потребен за организиран одговор остава многумина да се сомневаат во способноста експресно да се надминат секојдневните политики и да се стават на располагање сите достапни нуклеарни арсенали на човештвото за заедничка одбрана. Од друга страна иако опасноста е реална, некои од астрономите велат дека сега и веднаш – барем во наредните стотина години, баш и не мора да се грижиме за спасување на планетата од удар на астероид или на комета. Што би се рекло, нека му ја мислат тогаш ;)