Во минатото, Земјата доживеала повеќе масовни изумирања на живиот свет и притоа исчезнувале голем број различни видови, родови, дури и фамилии, од живите организми што тогаш постоеле . Да објасниме, според таксономијата, сиот жив свет е класифициран во неколку категории според нивната сродност. Основна категорија се т.н. видови (species), натаму, меѓусебно сродните видови се групирани во заедничка категорија т.н. род (genus), понатаму, сродните родови се групирани во категорија т.н. фамилија (familia), уште понатаму следи категоријата ред (ordo), па класа (classis), па коло (phylum) и на крајот класификацијата завршува со царство (regnum).
Под поимот масовно изумирање подразбираме масовно исчезнување или драстично намалување на одделни животни видови, родови, дури и фамилии, во релативно кус временски период. Со податоци за животот на Земјата пред појавата на човекот, вклучувајќи ги и масовните изумирања, нè снабдуваат многубројните фосилни остатоци, коишто како неми сведоци ја кажуваат историјата на живиот свет на Земјата. Врз основа на сите тие податоци, а зависно од критериумите што се земаат за репер, меѓу повеќето масовни изумирања што се случиле започнувајќи од пред 540 милиони години, па наваму, научниците издвоиле пет најголеми масовни изумирања!
Првото големо масовно изумирање се случило пред 450 – 440 милиони години, при преодот од геолошкиот период ордовик (Ordovician) кон периодот силур (Silurian), обата во состав на основната геолошка ера палеозоик (Paleozoic). Да објасниме, од геолошки аспект, историјата на Земјата е поделена на четири основни геолошки еони адеан (Hadean), архаик (Archean), протерозоик (Proterozoic) и фанерозоик (Phanerozoic), од кои првите три го сочинуваат супереонот преткамбриум (Precambium). Последниот од споменатите еони, фанерозоикот, се дели на неколку ери: палеозоик (Paleozoic) – старо доба, мезозоик (Mezozoic) – средно доба и кенозоик (Kenozoic) – ново доба. Секоја од овие ери содржи по неколку помали периоди, како што се наведените ордовик и силур во ерата на палеозоикот.
Во наведениот временски интервал, всушност се случиле два масовни помора, одвоени еден од друг за околу милион години. Имајќи предвид дека тогаш речиси сиот жив свет се наоѓал во океаните, при овие настани изумреле голем број живи организми коишто живееле во водата. Конкретно освен големиот број поединечни видови (species), тогаш изумреле и дури 57% поединечни родови (genus) и 27% фамилии (famiulia). Според неговиот обем, ова изумирање научниците го сметаат како второ по големина. Причината за овој масовен помор научниците ја поврзуваат со настапот на ново ледено доба, промена што хронолошки се совпаѓа со интервалот на наведениот масовен помор.
Второто големо масовно изумирање се случило пред околу 375 –360 милиони години, при преминот од геолошкиот период девон (Devonian) кон периодот карбон (Carboniferous), обата во ерата палеозоик. Според некои научници, во овој период не се случило само едно изумирање, туку серија од седум различни изумирања едноподруго, со временски период од околу 20 милиони години. Причините за ова изумирање научниците ги поврзуваат со геолошки фактори, како, на пример, прекумерната вулканска активност во тој период, што довела до прекумерно исфрлање на сулфур во атмосферата, а со тоа и до појава на т.н. кисели дождови, коишто ја уништиле вегетацијата. Резултатот бил изумирање на дури 70% од сите живи видови што тогаш постоеле.
Третото големо масовно изумирање се случило пред околу 252 милиони години, на преминот помеѓу геолошките периоди перм (Permian) и тријас (Trias), односно на преминот меѓу двете геолошки ери, палеозоик и мезозоик. Ова е најголемото масовно изумирање во историјата на нашата планета. Имено, тогаш во водените пространства изумреле 96% различни видови (species), 84% различни родови (genus), и дури 53% различни фамилии (familia), додека на копното изумреле околу 70% различни видови (species), главно 'рбетници, но и околу 83% родови (genus) и околу 57% фамилии од најмногубројната класа (classis), инсектите. Со тоа во голема мера била уништена биоразличноста на животот на Земјата, па опоравувањето на животот од овој настан траело многу подолго одошто кај другите масовни изумирања. Според проценките, опоравувањето на биосферата траело дури 10 милиони години. Теориите за причината на ова најголемо изумирање варираат помеѓу пад на метеор и глобално затоплување на климата што се случило тогаш. Меѓутоа, ова изумирање има и еволуциско значење. Имено, тоа создало можност за појава на најголемите рептили, диносаурусите, кои во наредниот геолошки период станале доминантни 'рбетници.
Четвртото големо масовно изумирање се случило пред околу 205-199 милиони години на преодот помеѓу геолошките периоди тријас и јура (Jurassic). Всушност, во последните 18 милиони години од геолошкиот период тријас се случиле две или три фази на изумирање коишто довеле до масовно изумирање на речиси половина од сите видови (species) што живееле тогаш. Причината за овој помор научниците ја поврзуваат со тогашното глобално затоплување. Но, диносаурусите преживеале и станале доминантна врста во наредниот геолошки период, јура.
Петото големо масовно изумирање, воедно и најпознато меѓу сите други изумирања. Тоа се случило пред околу 65 милиони години на преодот меѓу геолошките периоди креда (Cretaceous) и палеоген (Paleogen). Тогаш изумреле 75% од сите живи видови и 17% различни фамилии, меѓу кои и диносаурусите. За поморот на диносаурусите пишувавме неколку пати во минатите броеви на ЕМИТЕР, и тоа: Емитер 12/2003 (“Причината за смртта на диносаурусите”), Емитер 12/2008 (“Идентификуван астероидот убиец на диносаурусите”), Емитер 5/2010 (“Уште еден убиец на диносаурусите?”). Очигледно е дека причината за овој помор е точно утврдена – пад на голем метеор во Мексиканскиот залив. Од ударот во воздухот се кренало огромно количество отровна прашина којашто долготрајно се задржала во воздухот и наполно ја нарушила фотосинтезата на флората, па живите организми останале без храна. Но, поморот на диносаурусите имал и еволуциско значење, имено тој отворил пат за појава и развој на класата цицачи (mammalia), кои станале доминантна класа во колото (Phylum) 'рбетници.
За крај, ќе истакнеме дека сите овие пет наведени масовни изумирања се последица од природни фактори. Меѓутоа, според голем број научници, денешната ера е дел од најновото Шесто масовно изумирање, предизвикано исклучиво од човечки фактор и кое се заканува да збрише од лицето на Земјата речиси половина од сите животни видови во следните 100 години!
Quo vadis Homo sapiens (каде одиш разумен човеку)?!...?!