Стравот кој многумина го имаа, но кој можеби поради суеверие никој не се осмели да го изусти, официјално го искажа висок функционер на НАСА. Имено, постои голема загриженост дека тешкотиите во развојот на огромната нова ракета Starship од страна на SpaceX, би можеле да го доведат до одлагање на датумот на првото слетување на Месечината од програмата Артемида (Artemis). Станува збор за третата „епизода“ од мисијата, која моментално е закажана за крајот на 2025 година, во која НАСА треба да го искористи SpaceX Starship за да го превезе двочлениот екипаж од лунарната орбита до површината на сателитот.
Џим Фри, шеф на Дирекцијата за мисии за развој на системи за истражување во НАСА, потврди дека SpaceX има уште многу работа пред вселенското летало да добие дозвола за превоз на астронаути до Месечината. Тековниот распоред на НАСА предвидува првиот астронаут од Проектот Артемида да слета на Месечината со мисијата Артемида 3, кон крајот на 2025 година. „Но, со тешкотиите што ги имаше SpaceX, мислам дека тоа е речиси невозможно. Затоа, мораме да размислиме за поместување на лансирањето најмалку до 2026 година“, рече Фри на состанокот на Советот за аеронаутичко и вселенско инженерство при Националната академија.
Дали реосвојувањето на Месечината ќе мора да почека поради проблеми со Ѕвездениот брод?
Пред да добие зелено светло за лет до Месечината, SpaceX мора успешно да го лансира леталото во орбитата на Земјата. Првиот пробен лет на SpaceX на целото вселенско летало од космодромот Starbase во јужен Тексас беше на 20 април оваа година. Ракетата излезе од контрола по проблеми со моторот, по што се активираше системот за самоуништување. Но, и покрај ова, од SpaceX изјавија дека пробниот лет бил успешен, бидејќи инженерите сепак добија вредни податоци за перформансите на вселенскиот брод, кои се анализираат и пеглаат.
Во меѓувреме, тимот на SpaceX ја поправа и големата штета предизвикана на лансирната рампа и ја зајакнува инфраструктурата пред да се изврши вториот обид за пробно лансирање на парот Super Heavy (вистинската ракета) – Starship (вселенскиот брод). Основачот и извршен директор на SpaceX, Илон Маск, навести дека локацијата за лансирање би можела да биде подготвена за уште еден пробен лет до крајот на летото.
Со мисијата Артемида 3, вселенското летало Орион е планирано да ги однесе астронаутите блиску до Месечината, каде што веќе ќе чека лендерот Starship (Ѕвезден брод) на SpaceX. Всушност, вториот, откако ќе биде лансиран од новата ракета или засилувач Super Heavy, прво ќе достигне ниска орбита на Земјата неколку стотини километри над нашата планета, а потоа ќе се снабдува со течен метан и кислород (видете ја фотографијата погоре) користејќи серија “Ѕвездени танкери”, всушност вселенски бродови од истиот тип (Starship) преправени во цистерни.
Како би изгледало полнењето со гориво на Ѕвездениот брод во орбитата на Земјата
Откако ќе се наполни, лунарното вселенско летало ќе се движи кон Месечината, каде што ќе се спои со леталото Орион. Двајца од астронаутите ќе преминат во внатрешноста на Ѕвездениот брод за да се спуштат на местото планирано за слетување, во близина на лунарниот Јужен пол. Двајца астронаути ќе останат на орбитирачката капсула Орион. По неколку дена на површината, за време на кои ќе бидат изведени неколку „прошетки“, Starship ќе се врати во орбитата на Месечината и повторно ќе се соедини со вселенското летало Орион за повторно да го обедини екипажот. По ова Орион ќе ги врати астронаутите на Земјата.
Постои големо исчекување околу тоа како ќе се изврши полнењето со гориво на Starship во орбитата на Земјата, опасна и досега невидена операција, а која во текот на наредните две години ќе мора да се претвори во рутинска процедура. Во меѓувреме, сѐ уште не е познат точниот број на лансирања на танкери потребни за полнење гориво на лунарното летало.
Но, рака на срце, проблемите со лендерот Starship и не се единствениот елемент од мисијата Артемида што може да предизвика одложување на слетувањето на Месечината. Минатата година НАСА го избра Axiom Space за развој на нов вселенски костим за заштита на астронаутите кои ќе одат по површината на нашиот сателит. Новиот вселенски костим, чијшто прототип беше претставен во март, ќе биде пофлексибилен од сегашниот гломазен вселенски костим на НАСА, кој се користи за вселенски прошетки на Меѓународната вселенска станица и е подобро прилагоден за одење во средина со ниска гравитација на Месечината. Сепак, се чини дека неговиот развој сè уште не ги достигна безбедносните нивоа потребни за НАСА да даде конечно зелено светло за производство и употреба. Па затоа, сè уште се работи и на него.
Иако лунарните скафандери имаа промоција во март годинава, се чини дека работата на нив е далеку од завршена