Кога помислуваме на шетање по површината на Месечината, си спомнуваме за малите потскокнувања на Нил Армстронг и Баз Олдрин. Но, новата генерација вселенски костими ќе значи поприродно движење на астронаутите насекаде, па дури и на површината на Месечината. Како бонус, новиот вид костими доаѓа без ограничувања во поглед на величината – истиот костим ќе може да го користат повеќе астронаути, независно од нивната висина и корпулентност.
Прототипот на костимите Орион наменети за новата генерација вселенски истражувања, има две верзии – едната верзија е наменета за носење при патувањето во внатрешноста на вселенскиот брод, а втората е наменета за користење при активности надвор од него, како во услови на вакуум, така и за шетање по површината на друго небесно тело. Промоцијата на костимите беше одржана во вторникот, во седиштето на НАСА во Вашингтон, а е дел од кампањата за враќање на човекот на Месечината до 2024 година.
На промоцијата, Кристин Дејвис, инженер за вселенска облека, беше облечена во xEMU костим (костим под притисок) со црвена, сина и бела боја, демонстрирајќи го прилично подобрениот опсег на движења овозможен од новиот тип зглобни системи на половината, рацете и на нозете. Токму овие системи овозможуваат и “истегнување” и смалување на костимот за тој да може да одговара на големината на кој било астронаут.
Друга клучна иновација на костимот претставува неограничениот капацитет на xEMU за апсорпција на јаглеродниот диоксид којшто се ослободува при процесот на дишење, а којшто е отровен во големи количини. Ова се постигнува со систем што го апсорбира јаглеродниот диоксид, а потоа го отстранува гасот од костимот ослободувајќи го надвор од него, за разлика од досега користените системи коишто само го апсорбираат, сè дури не се достигне точка на заситеност.
Костимот за преживување на екипажот е дизајниран да обезбеди целосна животна поддршка на астронаутот што го носи до шест дена, што многу ги зголемува шансите за негово преживување при удар на малечок метеоритот и формирање дупка во трупот на вселенското летало, на пример.
Мисијата на НАСА за обновено присуство на човекот на Месечината го носи името Артемида (Arthemis), сестра на Аполон во античката митологија. Мисијата планира слетување на Јужниот пол на Месечината, кадешто во 2009 година беа откриени поголеми количини на мраз, односно смрзната вода, којашто има потенцијал да се искористи како за одржување на живот, така и како суровина за ракетно гориво.
Ова е од неизмерна важност бидејќи, за НАСА, враќањето на Месечината значи користење на овој природен сателит како отскочна штица кон следната мисија – стапнување на човек на површината на Марс, потфат за којшто е предвидена временска рамка до 2030 година.