Ракетата на SpaceX само делумно го помина својот прв целосен тест. Од неа се очекува да донесе промени во астрофизиката и астрономијата, како и да се користи како превоз до Месечината, а потоа и до Марс. Но, огромниот „Ѕвезден брод“ што денес се отисна од лансирната рампа во јужен Тексас експлодираше пред да ја достигне вселената, завршувајќи го неславно првиот голем пробен лет на најголемата ракета што некогаш е направена.
Starship и бустер ракетата имаа глатко полетување од лансирната рампа и се искачија до височина од 39 километри, а потоа неконтролирано се ротираа по што уследи експлозија, на само четири минути изминати во лет, непосредно пред да дојде до разделување на двата сегмента како што беше планирано. Сепак, фактот што ракетата полета од лансирната рампа, погонувана од 33 мотори кои синхронизирано се вклучија, претставува значителен исчекор во однос на тоа што SpaceX можеше да го направи досега со својата најамбициозна ракета.
Идните летови на Starship имаат за цел да започнат нова ера на истражување на вселената, вклучително и испраќање луѓе на Месечината и на Марс, и би можеле да овозможат развој на нови видови на астрофизика и планетарна наука. При овој прв тест-лет ракетата, сосема разбирливо, беше лансирана без екипаж.
Starship е речиси двојно помоќнa од новата ракета на НАСА наменета за лансирање во длабока вселена, SLS ракетата, којашто беше употребена при лансирањето на мисијата Артемида во ноември. Пред денешното лансирање, Starship имаше само неколку пробни летови на релативно мала височина коишто беа изведени над локацијата на космодромот на SpaceX во Бока Чика, Тексас. Целта на денешниот лет беше да се достигне вселената, да се направи речиси цел еден круг околу Земјата по што ракетата требаше да се спушти во водите на Тихиот Океан во близина на Хаваите.
SpaceX сака да го користи Starship за колонизација на Марс. Но пред овие долгорочни планови, НАСА сака да ја искористи оваа ракета за превоз на астронаутите до површината на Месечината во наредните години, за потребите на мисиите Артемида чијашто крајна цел е да обезбедат трајно присуство на човекот на нашиот најголем природен сателит. И научниците сонуваат за тоа како би можеле да ја искористат големината на Starship за превоз на големи телескопи или изведба на планетарни мисии во длабоката вселена.
Ракетата Starship наликува на џиновски метален цилиндар, нешто што како да излегло од страниците на стрипот Флеш Гордон. Висока е 120 метри, кога поставена врз ракетниот бустер Super Heavy. Леталото може да носи до 150 тони опрема во вселената и е дизајнирано како транспортен систем за целосно повеќекратна употреба. SpaceX планира да ги поврати и да ги реупотребува речиси сите делови од оваа ракета со цел да ги намали трошоците за патување до вселената и назад.
Флотата спејс-шатлови на НАСА, која оствари 135 лета до ниската земјина орбита и назад во периодот од 1981 до 2011 година, исто така требаше да обезбеди редовен пристап до вселената. Но, на крај НАСА го повлече шатлот од употреба и се насочи кон развој на помоќниот SLS систем којшто треба да овозможи патување подалеку од Земјата.
SpaceX веќе има развиено помали и делумно реупотребливи ракети, како што се сериите Falcon 9 и Falcon Heavy, кои веќе рутински лансираат сателити за потребите на влади, компании и други клиенти. Од SpaceX предвидуваат користење на Starship за распоредување на уште поголеми објекти, како што е следната генерација на комуникациските сателити Starlink, кои некои астрономи ги критикуваа за пореметување на условите за набљудување на ноќното небо.
Прерано е да се каже дали SpaceX ќе може да ги исполни своите ветувања за редовно и евтино летање со Starship. Но, тоа што покажа дека може да го направи со помали ракети и фактот што НАСА го поддржува проектот Starship како клучен дел од нејзината програма за истражување на Месечината, одат во прилог на развојот на Starship. Сепак, како што покажа денешниот лет, развојот на која било нова ракета претставува предизвик. SpaceX има изградено повеќе Starships модели и може да очекуваме нови тестови во мошне блиска иднина.