Минатата недела американската вселенска агенција НАСА и компанијата Аксиом Спејс го претставија новиот прототип на вселенскиот костум што треба да го носат астронаутите кои ќе учествуваат во мисијата Артемида III, која како што повеќепати пишувавме (види тука), ќе биде првото слетување на човечки екипаж врз површината на Месечината по 1972 година.
Споредено со гломазните и нефлексибилни одела на мисијата Аполо, новите вселенски костуми се дизајнирани да бидат помобилни. Редизајнот на вселенскиот костум опфаќа сè – од глава до петици. Новата кацига нуди подобрена видливост, а чизмите се специјално дизајнирани за одење по Месечината, комплетирани со топлинска изолација погодна за јужниот пол на Месечината. Пред планираното слетување на Месечината во 2025 година, костумот ќе претрпи повеќе фини нагодувања и проценки при лабораториските тестови со неутрална пловност што ќе бидат спроведени во Вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, во базенот длабок 12 метри од којшто еден дел е трансформиран во лунарен пејзаж.
Како што појасни Лара Керни, која ја надгледува програмата во НАСА и соработува со Axiom за да ги исполни побарувањата на агенцијата, тестовите треба да ја покажат реалната мобилност што ја овозможува коситумот и каков замор ќе се чувствуваат членовите на екипажот по шест или седум часа работа во него. Костумите се мошне блиску до финалната верзија, со една значајна разлика – бојата. Имено, надворешниот слој на работните костуми за мисијата ќе биде бел и ќе биде изработен од милар и кевлар. Ова ќе им овозможи соодветна заштита на астронаутите на површината на Месечината дури и на местата во вечна сенка, во внатрешноста од некои од кратерите, кадешто се забележани некои од најстудените температури во Сончевиот систем.
По 15 години минати во развој на сопствен костум од следната генерација и по првата презентација на прототипите на вселенските костуми што се случи пред некој година (види НАСА претстави нови флексибилни вселенски костими), НАСА ѝ го довери проектот за изработка на нови вселенски костуми за месечевиот екипаж на компанијата Axiom. Компанијата адаптираше повеќе од половина од оригиналниот дизајн на НАСА. Според Пеги Витсон, еден од директорите на Axiom и поранешен астронаут, ова е прв тип на скафандер што е специјално дизајниран да одговара и за жените астронаути. Вселенскиот костум од 21 век е изработен со користење на напредна технологија, како ласерски секачи за прецизно кроење на различните ткаенини и 3-Д принтери за создавање на добар дел од од компонентите, што резултира со заштеда на трошоците и времето на изработка. Одредени компоненти сè уште се склопуваат со користење на традиционалните машини за шиење.
Во јуни минатата година, НАСА избра две компании, Axiom и Collins Aerospace, за изработка на идните вселенски костуми што ќе се користат за летови до Месечината и до Меѓународната вселенска станица. Обете компании ќе произведуваат костуми за астронаутите до 2034 година, а вкупната вредност на договорот е околу 3,5 милијарди американски долари.