Рубрика: Астрономија и астронаутика
И покрај експлозивниот крај Маск задоволен од првиот пробен лет на Starship
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.04.2023 - 01:00

Starship штотуку доживеа  т.н. брзо непланирано расклопување [rapid unscheduled disassembly], или RUD, за време на искачувањето“, рече инженерот на SpaceX Џон Инспракер, кој  беше еден од коментаторите на преносот на лансирањето на веб-каналот на компанијата. „Ова сега беше развоен тест, ова беше прв пробен лет на Starship, а целта е да се соберат податоци и како што рековме, да се расчисти подлогата и да се подготвиме за повторен лет. Така што никогаш не знаеме точно што ќе се случи, но како што ветивме, возбудата е загарантирана! Starship ни даде прилично спектакуларен крај на она што беше навистина неверојатен тест“.

Во иста насока баше и твитот на основачот на SpaceX, Илон Маск, кој го надгледуваше лансирањето од контролниот центар на SpaceX во Бока Чика, Тексас: „Честитки за тимот на @SpaceX за возбудливото пробно лансирање на Starship! Научивме многу за следното пробно лансирање за неколку месеци“.

Вчерашното лансирање беше втор обид, откако во понеделникот одбројувањето беше прекинато поради замрзнат вентил. Илјадници жители на областа, туристи и новинари воодушевено го набљудуваа лансирањето од оближниот остров Јужен Падре, додека 33-те Raptor мотори напојувани со метан загрмеа во 9 часот и 30 минути по источно севеерноамериканско време (15 часот по средноевропско/македонско време), што беше две минути подоцна од планираното време на лансирање поради мали технички проблеми.

Моторите брзо овозможија до 16 милиони фунти потисок, двојно повеќе од моќноста на актуелниот рекордер, месечевата SLS-ракета, што овозможи величествената ракета да се крене од лансирната рампа Starbase на SpaceX. Ракетата првично се искачи право нагоре, за потоа грациозно да се упати по источната траекторија кон Теснецот на Флорида.

Во оваа фаза  графиката на екранот во веб-преносот на SpaceX покажа дека три од 33-те Raptor мотори или се исклучиле неколку моменти по полетување или воопшто не стартувале – два од нив се од надворешниот прстен што го формираат 20 фиксирани Raptor мотори додека еден бил од 13-те централно поставени мотори за управување. Во текот на следната минута и околу 20 секунди се исклучуваат уште три надворешни мотори.

На една минута и 55 секунди по подигнувањето, издувниот столб на ракетата ненадејно се промени, станувајќи јасно асиметричен, што укажува на некој вид на голем дефект. Наскоро се чинеше дека ракетата почна да се движи околу нејзината надолжна оска како играчка што забавува.

Се очекуваше моторите од првиот степен да се исклучат две минути и 45 секунди по лансирањето и можеше да се слушне контролорот на SpaceX кој ја потврдува командата за исклучување. Но, првата и втората фаза никогаш не се одвоија и неколку секунди пред истекот на четири минути, ракетата експлодираше.

За потсетување, ракетата Starship  е најголема ракета што била направена досега. Плановите се таа да послужи за превоз на луѓе во мисиите за повторно освојување на Месечината, но и подалеку кон подалечната цел – Марс, како и за носење на големи астрономски инструменти во навистина длабоката вселена. Повеќе за неа во SpaceX Starship: лансирањето на досега најголемата ракета заврши со експлозија 

Клучни зборови: